Безжична локална мрежа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Пример за безжична локална мрежа. Сметачот и рутерот се поврзани и комуницираат.

Безжична локална мрежа (БЛМ или WLAN, од англ. wireless local area network) е сметачка мрежа која користи безжичен медиум за пренос за поврзување на два или повеќе уреди. Најчесто се користи за обезбедување на пристап до интернет за сите поврзани уреди на мрежата. Обезбедува можност за мобилност на корисникот и непречен пристап до мрежата во рамки на локалната покриена област.

До скоро, безжичните локални мрежи беа ретко користени поради високите цени, малите податочни брзини, малата безбедност и потребата од лиценци.[1] Со надминување на овие проблеми, популарноста на овие мрежи многу брзо се зголеми и полека станаа неизбежен дел од секоја компанија, дом, па дури и плоштадите и парковите низ многу градови.

Историја[уреди]

Безжичната локална мрежа е дел од едно од најголемите технолошки откритија за 19ти век, а тоа е безжичната мрежа. Во 1970 година на универизтетот во Хаваи, под водство на Norman Abramson била развиена првата безжична сметачка мрежа наречена ALOHAnet. Станувало збор за ѕвездеста топологија од седум сметачи распоространети на четири острови коишто комуницирале со еден централен сметач без користење на телефонски линии.[2] Во годините коишто следувале биле направени најразлични истражувања и најголемите биле поврзани со IEEE. Имено, оваа институција основала своја работилница за развивање на безжично локално вмрежување (LAN) и стандарди за користење на истите [3]. На почетокот на 80тите години од минатиот век бие произведени првите безжични рутери. Првите безжични локални мрежни производи за комерцијална употреба се појавиле во доцните 1980-ти години и биле рекламирани како замена за традиционалните жичени локални мрежи. Безжичната локална мрежа не бара инсталација на кабли и го олеснува преместувањето и другите модификации на мрежната структура. Сепак, оваа мотивација наскоро го загубила значењето. Пораснала свеста за потребата од локални мрежи, но со веќе постоечката технологија. Новите згради биле проектирани со пообемно вжичување за потребите на податочните комуникации. Мрежите веќе масовно се потпирале на каблирање со бакрани жици, а особено со незаштитентие бакрани жици од Категорија 3 и Категорија 5. Затоа, употребата на безжични локални мрежи како замена за жичените локални мрежни системи, не се случила во голема мера. Пресвртот настанува кон крајот на 1990-тите години кога цената за безжичната мрежа, уредите и имплементацијата драстично се намалува. Ова доведува до зголемување на употребата, но и развитокот на оваа технологија.

Примена на безжичните LAN мрежи[уреди]

Во многу средини како големи згради и фабрики, безжичната локална мрежа е ефикасна и поатрактивна метода за имплементирање - наспроти жичената мрежа. Во повеќето случаи, организацијата исто така ќе има и жичена локална мрежа за да ги поддржува серверите и некои неподвижни работни станици. Затоа, безжичната локална мрежа вообичаено ќе биде поврзана со жичената, односно ќе настане проширување на локалната мрежа. Постојат безжични локални мрежи со една ќелија и со повеќе ќелии. [4]

Пример за ад-хок мрежа помеѓу четири сметачи

Безжичните локални мрежи со една ќелија се типични за повеќе средини. Постои т.н. контролен модул кој е интерфејс меѓу жичената и безжичната мрежа. Жичената мрежа често е Етернет мрежа која поддржува сервери, работни станици и мостови или упатувачи за поврзување со останатите мрежи.

Безжичните локални мрежи со повеќе ќелии се мрежи кадешто постојат повеќе контролни модули поврзани со жичената мрежа. Секој контролен модул поддржува повеќе безжични крајни системи кои се наоѓаат во неговиот досег.[5]

Меѓуповрзување на згради е друга примена на безжичната локална мрежа. Овој принцип често се користи без разлика дали внатре во зградата имаме жичен или безжична локална мрежа. Се извршува точка-точка поврзување и иако ова не претставува локана мрежа сама по себе, обично оваа примена спаѓа под поимот безжична локална мрежа.

Ад-хок вмрежување е поим кој претставува теме-теме мрежа и нема централен сервер. Овој вид на мрежа се поставува привремено за да задоволи некоја моментална потреба. Се поврзуваат неколку сметачи или било кои други уреди и комуницираат меѓу себе. [6] [7]

Технологии на безжичните локални мрежи[уреди]

Една од главните поделби кои можат да се направат на безжичните локални мрежи е поделбата според техниката за пренос којашто ја користат. Инфрацрвени локални мрежи се еднни од техниките и тие овозможуваат користење на инфрацрвениот дел од спектарот. Овие бранови се речиси неограничени што нуди можност за пренос со екстремно големи брзини. Иако првин се користени во секој дом за разни уреди со далечински управувач, поради дел од своите карактеристики стануваат се повеќе атрактивни за користење при одредени типови на распоредување на локалните мрежни системи.[8] Инфрацрвената светлина не поминува низ ѕидови и други непроѕирни објекти, па затоа овие бранови може лесно за да заштитат од прислушкување. Друга силна страна на инфрацрвената светлина е тоа што опремата е релативно ефтина и едноставна. [9]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]