Гостиварски дијалект или горнополошки дијалект — дијалект што спаѓа во подгрупата на западни и северозападни дијалекти на западното наречје на македонскиот јазик. Дијалектот се зборува во областа Горни Полог, односно во градот Гостивар со околните села, во соседната област Горна Река и во селата покрај брегот на Мавровското Езеро. Гостиварскиот дијалект е близок дијалект со кичевско-поречкиот дијалект и со реканскиот дијалект. Дијалектот е карактеристичен по тоа што нема поделба на машки и женски директен и индиректен објект.
Употреба на дативната кратка заменска форма за машки род во индиректен објект и за женски род : Дај му ја топкава на Тони / Дај му ја топкава на Ивона.
Скратување на наставката -ови во -ој кај едносложните именки од машки род: столови-столој, волови-волој.
Употреба на трите членови : човеков, човекон, човекот.
Се чува наставката -т кај глаголите во трето лице еднина: одит, јадет, гледат, спиет…
Употреба на глаголските форми со има/нема + глаголска придавка во среден род : Имам носено, немам јадено.
Жива употреба на формите на минатото неопределено свршено и несвршено време што е одлика во стандардниот македонски јазик: сум одел, не сум гледал, сум ја прочитал оваа книга.