Тарабука (македонска)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Тарабуката е македонски народен ударен инструмент со арапско потекло, изработен од глина во форма на вазна, затворена со штавена кожа, по широката кружна површина. Египетскиот назив за овој инструмент е дарабуке, а арапскиот дарабуках.

Во Македонија корпусот на тарабуката се изработува од глина. Тарабуката се состои од два дела: горниот дел во форма на тимпан, со кружен отвор, затворен со штавена кожа, поставен на празна цевка проширена при крајот. Вкупната височина на тарабуката варира меѓу 200 и 450 мм. Корпусот на тарабуката може да биде украсен со шари или без нив (еднобоен). Тонот се произведува со удирање по распнатата кожа, наизменично со левата и десната рака. Тарабуката најчесто при свирењето се држи под левата мишка, врзана со врвца префрлена преку рамото. Денес тарабуката често се користи како ритмички инструмент во различни состави на народните оркестри. Денешните истражувања упатуваат на заклучокот дека во Македонија тарабуката ја пренесле патувачките турски ансамбли.