Парабола за бисерот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Доменико Фети, Бисер со голема вредност, 17 век

Парабола за бисерот — една од кратките алегориски приказни на Исус, која ја споредува големата вредност на Небесното Царство со бисер.

Запишана е во канонското Евангелие според Матеј и во неканонското Евангелие според Тома. Овие две верзии донекаде се разликуваат. Кај Матеј, параболата за бисерот веднаш ја следи параболата за скриеното богатство, која има слична тема.

Парабола[уреди | уреди извор]

Според Матеј[уреди | уреди извор]

Евангелието според Матеј ги цитира следниве Исусови зборови:

45. Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери;

46. па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сè што има и го купува.

— Евангелие според Матеј, 13:45-46 [1]

Според Тома[уреди | уреди извор]

Евангелието според Тома ги цитира следниве Исусови зборови:

Царството на Отецот е како трговец кој имал залиха стока и наишол на бисер. Трговецот беше мудар. Ја продаде целата стока, и го купи само бисерот. Барајте го и вие богатството кое не пропаѓа и кое е трајно, таму каде што молецот не доаѓа да јаде, ниту црвот да уништува. — Евангелие според Тома, изрека 76

Толкувања[уреди | уреди извор]

Оваа парабола обично се толкува како илустрација за големата вредност на Небесното Царство (бисерите во тоа време имале многу поголема вредност од денес ), и затоа има заедничка тема со параболата за скриеното богатство.

Скапоцениот бисер е „животна зделка“ за трговецот во параболата. Меѓутоа, неговата трговија подразбира откажување од сите други добра. Затоа, оние кои не веруваат доволно во небесното царство за да ја стават целата своја иднина на него, не се достојни за царството. Во апокрифните Дела на Петар и дванаесетте апостоли, пронајдени заедно со Евангелието по Тома во библиотеката Наг Хамади, постои приказна за патувачкиот трговец со бисери за кој на крајот се открива дека е Исус.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Свето евангелие според Матеј“. Свето писмо. Посетено на 16 јули 2022.