Никола Велички

Од Википедија — слободната енциклопедија

Епископот Велички г. Никола е роден на 12.06.1974 г. во Скопје, во православно македонско семејство. Дипломира на Катедрата за општа и компаративна книжевност, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Остварува двогодишен студиски престој на Катедрата по византологија на Карловиот универзитет во Прага, каде се образува во областа на средновековната литература.

           Монашкиот живот го започнува во манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе. Замонашен е на 18.12.1998 г., а следниот ден е ракоположен во ѓаконски чин. Во свештенички чин е ракоположен во октомври 1999 г.

Ракопроизведен е во игуменско достоинство на 19.08.2006 г. и поставен е за старешина на древниот манастир „Свети Никола“ во Мариово. Од почетокот на 2008 г. активно се посветува на ревитализацијата на речиси разурнатиот манастир во Мариово, а првенствено се возобновува манастирскиот комплекс, се прават редица конзерваторско-реставраторски зафати во црквата, се обновува богослужбениот и духовниот поредок, се развива манастирската економија. Денешното братство на манастирот е составено од тројца монаси. На предлог на митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар САС на МПЦ-ОА во 2012 г. го бира за архимандрит, а ракопроизведен е на храмовиот празник во соборната црква „Свети великомаченик Димитриј“ во Битола.

           Со титулата магистер по богословски науки се стекнува на Богословскиот факултет на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Софија, каде со успех ја брани темата „Придонесот на руското духовништво за црковниот живот во Македонија во 20-иот век“. Овој труд е објавен на македонски и руски јазик. Докторанд е на истиот факултет. Објавува текстови и учествува на научни собири и конференции во Македонија и вон државата на теми од областа на средновековна и понова црковна историја, агиографија и црковна книжевност. Член е на повеќе значајни архиепископски и епархиски црковни тела и органи.

           На 24.12.2023 г., по предлог на неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, едногласно е избран од членовите на САС на МПЦ-ОА за викарен архиереј на Преспанско-пелагониската епархија, со титулата епископ Велички. Хиротонисан е во епископски чин на 21.01.2024 г. во соборниот храм „Свети великомаченик Димитриј“ во Битола.