Невидливи љубови

Од Википедија — слободната енциклопедија

Невидливи љубови - книга на македонскиот писател Владимир Јанковски од 2015 година, објавена од издавачката куќа „Антолог“.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во книгата се содржани три посебни приказни: првата се однесува на Мила и Марко, втората на Андреј и Марија и третата на Филип Алексовски, Емил и Лидија.
Во првиот дел од книгата, Марко открива дека има необична способност - да се преобразува во предмети. Притоа, сакајќи да ѝ се приближи на Мила, тој се претвора во предметите од нејзината близина, а најесктремниот пример е кога се претвора во бодеж со кој ѝ задава рани по телото. На тој начин, низ болката, тој стапува во контакт со Мила. Во втората приказна, Андреј ја набљудува непознатата сосетка, сакајќи да го открие нејзиниот свет, да дознае сè за неа и за нејзините тајни, за да може, кога ќе се запознае со неа, да се претстави себеси како совршен маж. Сепак, откако ќе успее да воспостави контакт со неа, Андреј повторно се повлекува во своето дувло и продолжува да ја набљудува. Во третата приказна, Емил добива идеја како повторно да го почне заедничкиот живот со Лидија, откако за време на неколкугодишниот брак нивниот брак и љубовта се распаѓаат. Затоа, тој го замолува својот пријател, лекарот Филип, да ја убеди Лидија дека Емил има амнезија и дека, за да му се врати сеќавањето, таа треба да му раскажува заеднички настани од нивниот живот. Измамата успева, но притоа некои од случките Емил ги доживува сосема спротивно од раскажаното.[1]

Критички осврт врз делото[уреди | уреди извор]

Книгата „Невидливи љубови“ претставува хиперреалистичка слика на Скопје. Тој ги разработува машко-женските односи во кои главните ликови преку андрогената споеност сакаат да се поврзат со самиот извор на постоењето. Користејќи излитени љубовни приказни, Јанковски ги фрла на шармантен начин сите дилеми на современиот живот, како што се: отуѓувањето, воајеризмот, неможноста да се оствари нормален однос итн.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Роберт Алаѓозовски, „Боење на градското сивило“, Економија и бизнис, год. 18, бр. 210/211, декември 2015/јануари 2016, стр. 133-135.
  2. Роберт Алаѓозовски, „Боење на градското сивило“, Економија и бизнис, год. 18, бр. 210/211, декември 2015/јануари 2016, стр. 133-135.