Античка Македонија
Македонија во античко време била кралство кое во својот зародиш ја опфаќало територијата на денешна Република Македонија и Беломорска или Егејска Македонија, во северниот дел на денешна Грција, на запад се граничело со Илирија, на југозапад граници на кралството допирале до кралството Епир, на север во почетокот кралството се граничело со Трибалите, а подоцна со Дарданија, додека пак на исток кралството се граничело со Тракија.[1] Подоцна Кралството Македонија станало најмоќната држава на светот кога Александар Македонски го освоил речиси целиот познат свет во тоа време и со тоа го започнал македонскиот период на светската историја.
Содржина |
[уреди] Историја
[уреди] Рана историја
Античките Македонци живееле во јужната област на денешна Македонија уште од архаичното време. Првата македонска држава се јавува во VIII или раниот VII век п.н.е. под водството на династијата Аргеади, кога Македонците мигрирале таму од позападните краишта. Првиот крал за кој има пишани извори е Пердика I. Во времето на кралот Александар I, македонската територија почнала да се шири во земјите населени со тракиски племиња: Еордаја, Ботиаја, Пиерија, Мигдонија и Алмопија. Близу денешниот град Воден, Пердика I (или поверојатно неговиот син Аргеј I) ја изградил првата престолнина Ајга (Кутлеш).
По краток период на персиска власт под водство на кралот Дариј I, државата ја вратила својата независност под водство на кралот Александар I (495–450 п.н.е. п.н.е.). Пред IV век п.н.е. кралството покривало територија по големина еднаква на денешната област Македонија во Грција. Аминта III (околу 393–370 п.н.е.) за прв пат ја централизирал власта во Македонија, иако контрастот помеѓу сточарскиот рамничарски регион и изолираната задгрбнина бил голем. Овие се врзувале за кралот со семејни врски. Родовските заедници во задгрбнината ги контролирале приодите низ кои поминувале илирските војски во напад на Македонија северно и северозападно. Аминта имал три сина; првите два, Александар II и Пердика III владееле само кратко. Премладиот син на Пердика III бил заменет со третиот син на Аминта, Филип II Македонски кој се прогласил за крал и подоцна ја завладеал и Грција.
[уреди] Проширување
За време на кралот Филип II, (359–336 п.н.е.) Македонија се проширила на територијата на Пајонците, Тракијците и Илирите.
Македонија станала политички активна со нејзините односи со јужно-централните грчки полиси, но исто така задржала и некои архаични културни и општествени елементи како централизација на градот околу кралската палата (прво во Ајга, а потоа и во Пела) повеќе слична на микенската култура, отколку на хеленските полиси, како и други архаични обичаи, како повеќето жени на Филип како додаток на постоечкиот брак со епирската кралицата Олимпија, мајка на Александар Македонски.
Друг архаичен елемент била истрајноста на системот на наследна монархија која значела голема, а понекогаш и апсолутна власт, иако понекогаш кралот бил проверуван и модериран од страна на аристократијата. Затоа меѓусемејните борби за власт не биле реткост. Ова претставувало голем контраст со хеленските полиси јужно каде владеела демократија; де факто -монархијата на тираните, во која наследноста била повеќе амбиција отколку фактички остварлива; и ограничената, највеќе војна и свештеничка моќ на спартанската дијархија. Истото ова важи за феудалните институции како крепосништвото, кое веројатно опстојале во Македонија многу години низ историјата. Ваквите институции биле укинати во грчките полиси во времето на Солон.
Синот на Филип, Александар Македонски (336–323 п.н.е.) за релативно краток период успеал да ја наметне македонската власт не само врз Грција, туку и врз Персиското царство, вклучувајќи го и Египет, блискиот, средниот исток и Индија. Александар ги прифатил политичките системи на освоените земји. Иако царството се распаднало кратко по неговата смрт, неговите освојувања оставиле траен печат во регионите.
И покрај распадот на царството во помали кралства раководени од генералите на Александар, Mакедонија останала многу атрактивна територија. За кратко време била владеена од страна на Деметриј I Опсадникот (294–288 п.н.е.), но потоа започнала граѓанска војна. Антипатар и неговиот син Касандар ја зазеле власта, но ја изгубиле по смррта на Касандар во 297 п.н.е..
Синот на Деметриј I Опсадникот, Антигон II (277–239 п.н.е.) успешно го вратил мирот и просперитетот и успешно ја одбранил Македонија од галациската инвазија, но изгубил контрола врз многу грчки полиси. Тој сепак воспоставил стабилна монархија и благодарение на него, новата династија Антигониди. Неговиот наследник Антигон II (239–221 п.н.е.) ги искористил овие предности и ја проширил власта на Македонија ширум регионот.
[уреди] Пропаста на царството
Под водство на кралот Филип V (221–179 п.н.е.) и неговиот син Персеј (179–168 п.н.е.) Македонија се соочила со експанзионизмот на Римската република. За време на II век п.н.е. и I век п.н.е. Македонија била во неколку војни со Рим. Ова резултирало со пораз на Македонија, отстранувањето на Антигонидите и распадот на македонското кралство. Андриск успеал накратко да ја врати монархијата во 149 п.н.е., но бил поразен следната година и Македонија потпаднала под директна римска власт како Римска провинција Македонија.
[уреди] Институции
Политичката огранизација на македонското краство наликувало на пирамида со три нивоа: на врвот биле кралот и народот, при основата биле државните служби, а по средината биле покраините. Денес разните институции можат да се проучуваат благодарение на епиграфијата, со која се читаат разните извори како Тит Ливиј и Полибиј. Тие укажуваат на фактот дека македонските институции биле слични на грчките, нешто како Етолската и Ајахската лига, над чие заедништво претседавал кралот.
[уреди] Кралот
Кралот бил глава на централната администрација: тој го водел кралството од престолнината Пела и државната ризница се наоѓала во неговиот дворец. Кралот бил потпомоган од страна на Кралскиот секретар, чија функција била од голема важност, и од страна на Советот.
Кралот бил врховен водач на војската, глава на македонската религија, управувал со дипломатијата (само тој можел да склучува меѓународни договори) и само тој го имал правото на издавање на пари.
Бројот на државните службеници бил ограничен: кралот управувал на индиректен начин, главно преку локалните управители, епистатите со кои одржувал редовни контакти.
[уреди] Наследување
Наследништвото на тронот во Македонија заземало облик на најстари машки наследници. Исто така постоел и изборен елемент: кога кралот умирал, назначениот престолонаследник, генерално, но не секогаш неговиот најстар син, морал најпрвин да биде прифатен од страна на Советот и потоа претставен пред Генералното собрание за да биде прогласен за крал и да се заколне на верност.
Но во практиката во многу случаи кралевите умирале предвремено во борбите за власт пред да успеат да назначат наследници. Ова е случај со Пердика III кој бил убиен од Илирите, Филип II Македонски, кој бил убиен од атентаторот Павзаниј, Александар Македонски кој ненадејно умрел во болест итн. Ваквите кризи за наследноста биле чести до IV век п.н.е., кога магнатите од Горна Македонија сѐ уште култивирале амбиции за елиминација на Аргеадите и преземање на тронот.
[уреди] Финансии
Кралот бил заштитник и администратор на македонската ризница и кралските приходи кои му припаѓале на македонскиот народ: даноците од освоените народи исто така оделе за македонскиот народ, а не за кралот. Дури ако кралот не бил одговорен за дадени финансии, тој се чувствувал морално одговорен да интервенира: на пример Аријан кажува дека при бунтот на војската на Александар кај Опис во 324 п.н.е., Александар морал да ги прикаже сметките од неговото наследство при смртта на неговиот татко за да покаже дека нема направено никаква финансиска злоупотреба.
Од Ливиј и Полибиј знаеме дека државата се снабдувала со финансии од следниве извори:
- Рудниците за злато и сребро (како Пангај), на пример, кои биле во сопственост на кралот и од чија руда се правеле парите. Правата за ковање на поситни пари од бронза и сл. потоа се предавале на регионалните власти.
- Шумите, чие дрво било високоценето од страна на грците за бродоградба: Атина склучувала трговски договори со Македонија во V п.н.е. за увоз на дрво за бродоградба.
- Кралските поседи кои биле земја здобиена по пат на освојување и била исползувана директно или со помош на работната сила на војни затвореници, како и индиретно преку даночен систем.
- Царина на пристаништата која се однесувала на трговијата (давачки за увоз и извоз).
Најчестиот извор на приход било давањето под наем: Аминта III (или можеби Филип II) ги удвоил пригодите на пристаништата со помош на Калистрат, кој избегал во Македонија и донел 20 до 40 теленти за една година. За да се постигне ова правата на собирањето на пристанишни давачки биле доделувани на оној што ќе наддадел највеќе на лицитација. Ливиј кажува дека рудниците и шумите исто така се давале под наем.
Со исклучок на поседите на кралот, земјата во Македонија била бесплатна: сите македонци биле слободни граѓани и никој не плаќал давачки никому за користење на туѓа земја. Дури и даноците во кризни ситуации кои биле нормални насекаде не постоеле во Македонија. На пример економските кризи на Александар Македонски во 334 п.н.е. и Персеј во 168 п.н.е. не резултирале со воведување на данок, туку кризите се решавале по пат на заеми или покачување на наемнини.
Кралот исто така повремено ги ослободувал некои луѓе од било какви давачки како на пример во случајот на семејствата на загинатите борци во битката кај Граник во мај 334 год кои биле ослободени од плаќање наемнина за користење на кралски имот, како и други стопански давачки.
[уреди] Видете исто така
- Историја на Македонија
- Антички Македонци
- Античка македонска војска
- Антички македонски календар
- Кралеви на Античка Македонија
- Александар Македонски
- Дијадоси
- Антигониди
- Пајонија
- Пелагонија
- Птолемаиди
- Селевкиди
[уреди] Белешки
- ↑ "Macedonia" - Britannica 2006
[уреди] Извори
- Eugene N. Borza: Before Alexander: constructing early Macedonia. Claremont, CA: Regina Books, 1999. Pp. 89. ISBN 0-941690-96-0 (pb)
- Robin Lane Fox, Alexander the Great, 1973.
- Nicholas G. L. Hammond, The Macedonian State, Oxford University Press, 1989, ISBN 0-19-814883-6. Pg. 12-13.

