Лажичести црви

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Echiura
Женка од зелениот лажичест црв Bonellia viridis
Научна класификација
Царство: Животни
Натколено: Lophotrochozoa
Колено: Echiura

Лажичестите црви или Echiura се мала група на морски црвовидни без‘рбетници кои покажуваат афинитети кон прстенестите црви. Распространети се од тропските до поларните мориња, живеејќи закопани во морското дно од литоралот па до длабочини од 9000 m.

Морфологија и анатомија[уреди]

Телото е билатерално симетрично, несегментирано, цилиндрично и често живописно обоено. На антериорниот крај се наоѓа неретрактибилна рилка (пробосцис) која може да биде многу долга и рассечена на врвот (како кај Bonellidae), или да биде кратка и зарамнета (кај Echiuridae). Рилката обично се свива на вентралната површина од телото. По ова следува подебелиот труп на кој има пар на четинки сместени антеро-вентрално. Тој може да биде мазен или да поседува папили кои излачуваат лигава материја. Бојата на телото потекнува од пигментните клетки во субепидермалното сврзно ткиво.

Усниот отвор се наоѓа во основата на рилката и води во црево кое е диференцирано на повеќе различни региони, а завршува со анус. На рилката постои трепчеста бразда која ја спроведува храната до усниот отвор. На постериорниот крај од телото постојат две многу карактеристични структури означени како анални везикули, за кои се мисли дека имаат екскреторна функција. Со исклучок на еден, сите останати видови имаат затворен циркулаторен систем.

Половите се одделни и слични кај Echiuridae. Кај Bonellidae тие се одделни и многу различни, така што мажјакот е ситен и живее паразитски на или во женката.

Систематика[уреди]

Класификацијата на лажичестите црви отсекогаш задавала потешкотии. Во класификацијата на В. Фишер се наведуваат три реда - Echiuroinea, Xenopneusta (со 4 вида) и Heteromyota (1 вид). Сепак, најголемиот број на видови се вклучени во редот Echiuroinea, каде спаѓаат двете најпознати фамилии Bonellidae (21 род со 35 вида) и Echiuridae (8 рода и повеќе од 70 вида).