Криптобиоза

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Криптобиозата претставува етапа од животот на некои организми при која степенот на метаболичката активност е редуциран до немерливо ниво, со цел опстојување на организмот при неповолни услови на средината. Ова суспендирање на метаболизмот е повратно. Постојат неколку облици на криптобиоза:

  • анхидробиоза
  • криобиоза
  • осмобиоза
  • аноксибиоза
  • хемобиоза.

Оваа појава се среќава кај сите царства на организми. Од животните, во криптобиоза влегуваат само без‘рбетниците (Tardigrada, Arthropoda, Rotifera, Nematoda, Brachiopoda).

Облици на криптобиоза[уреди]

Анхидробиоза[уреди]

Механизам кој се активира при недостаток на вода во животната средина. Морфолошки промени кои настануваат кај тардиградите: инвагинација на екстремитетите, лонгитудинална контракција на телото, вовлекување на интерсегментна кутикула, што резултира во стеснето тело. Се забележува и препокривање со восочна материја, што доведува до намалување на транспирацијата (испарување на вода од растенијата). За морфолошкиот процес треба мал активен метаболизам. Оживување во зависност од тоа колку долго тардиградот бил во анхидробиотичка состојба. Пример: тардигради на мовови од еден ботанички музеј се вратиле во живот по 120 години.

Се покажало дека јаглехидратот трехалоза игра голема улога при спречувањето на анхидробиозата. Доколку клетките дехидрираат без присуство на трехалоза, тогаш клеточната мембрана се собира и станува пропуслива за многу важни јони (гел состојба). При дехидрирање во присуство на трехалоза, овој шеќер реагира со молекулите на клеточната мембрана и го спречува собирањето на истата. Ова го спречува јонскиот изнес, со што штетните ефекти за клетката се елиминираат. Со други зборови, клетката останува во сол состојба, исто како што била и во нормалната состојба.

Криобиоза[уреди]

Криобиозата е предизвикана од намалувањето на температурата до оној степен при кој водата во клетките замрзнува. Фатални ефекти од замрзнувањето на водата во клетката се рекристализација или појава на раст на кристали од мраз во клетката (што може да предизвика внатреклеточна повреда). Меѓутоа, различни организми развиле различни методи на заштита. Така на пример, антарктичката нематода Panagrolaimus davidi произведува супстанца (веројатно протеин) која делува криопротектантски. Инсектите за оваа намена создаваат антифриз-протеини.

Одредени видови тардигради можат да преживеат температури ниски и до -272 за време од неколку минути, што е блиску до апсолутната нула (поладна средина и од онаа во вселената). Исто така, тие преживеале и температури ниски и до -200 степени за повеќе од 20 денови. Други, пак, одат до нагорни екстреми и преживуваат температури високи до 125 степени, нешто повеќе од точката на вриење на водата.

Осмобиоза[уреди]

Причинета од намалениот потенцијал на водата како резултат на зголемена концентрација на јоните (или други материи) во околниот раствор. Тардиградите го заземаат обликот како при анхидробиозата. Но ова не е обавезно, бидејќи активните животни можат да преживеат висока соленост.

Аноксибиоза[уреди]

Се јавува како недостаток на кислород; сепак, ова не е вистински облик на криптобиоза. Животните во оваа состојба остануваат издолжени, подуени и неподвижни. Тардиградите се многу чувствителни на промени во парцијалниот притисок на кислородот, така што пролонгирана промена на истиот доведува до осморегулациски колапс. Аноксибиозата опфаќа внес на вода, при што животното станува надуено. Времето на оживување е директно пропорционално со времетраењето на дормантниот период. Истражувањата направени од страна на Џон Кроув (1975) покажуваат дека примероците биле вијабилни само околу 3-4 дена, додека Kristensen и Hallas (1980) забележале преживување за дури до шест месеци во затворен систем.