Внатрешна шега

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тетратка со белешки со внатрешни шеги.

Внатрешна шега е шега чиј хумор е јасен само на оние кои се (внатре) во некоја општествена група, занимање или друга заедница со заеднички сфаќања. Смешна е само на оние кои ја познаваат ситуацијата од којашто произлегла шегата. Внатрешни шеги може да постојат меѓу членови на потесно друштво, како група од пријатели, или да важат за поширока група, како луѓе со одредено занимање (на пример, програмерски шеги) или место на живеење (на пример, шегите на групата К-15 најчесто се смешни во полна мера само на луѓе кои живеат или живееле во Македонија).

Внатрешните шеги понекогаш помагаат да се дефинира некоја заедница, најчесто врз основа на тоа дека луѓе надвор од неа не ги разбираат. Дел од моќта (или убавината) на внатрешните шеги е тоа што вмешаните знаат дека постојат луѓе кои не ја разбираат шегата.[1] Внатрешните шеги се прикриени алузии на некоја заедничка основа (како искуство) кои служат за да го разбудат заедничкото чувство во заедницата. Само оние што ја имаат таа заедничка основа можат соодветно да реагираат на шегата.[2] Внатрешните шеги можат да бидат подтекст, каде што некој одеднаш ќе почне да се смее за нешто неприкажано (и понекогаш потоа ќе се извини, кажувајќи дека се смеел на внатрешна шега).[3]

Внатрешни шеги понекогаш се користат во творечки дела, како уметност, литература, телевизиски емисии или видеоигри. Во такви ситуации, присуството на некоја внатрешна шега може да не е приметливо на обичната публика, но очигледно за пријателите или соработниците на авторите. Ваквите внатрешни шеги се викаат уште и Велигденски јајца, затоа што претставуваат „скриени“ шеги што можат да се откријат од најзаинтересираните (или на случајно, на среќа).

Типови[уреди | уреди извор]

Компјутери[уреди | уреди извор]

Во компјутерската индустрија некои програмери вметнуваат внатрешни шеги во кодот во форма на „Велигденски јајца“, кои претставуваат скриена содржина што може да се открие со внесување на одредени вредности во одреден редослед.

Поп-култура[уреди | уреди извор]

Некои телевизиски емисии, како Симпсонови и Фемили гај, содржат внатрешни шеги во речиси секоја епизода, понекогаш и во врска други емисии или филмови. На пример, во филмот Ѕвездени патеки од 2009 година често се споменуваат некои работи од серијата Ѕвездени патеки од 1960-тите, што за љубителите на серијата претставува еден вид на внатрешни шеги.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Paul Brooks Duff (2001). Who Rides the Beast?: Prophetic Rivalry and the Rhetoric of Crisis in the Churches of the Apocalypse. Oxford University Press. стр. 81. ISBN 0-19-513835-X.
  2. Randy Y. Hirokawa and Marshall Scott Poole (1996). Communication and Group Decision Making. Sage Publications Inc. стр. 96. ISBN 0-7619-0462-X.
  3. Ben Tousey (2003). Acting Your Dreams: Use Acting Techniques to Interpret Your Dreams. Ben Tousey. стр. 118–119. ISBN 1414005423.