Васил Попангелев

Од Википедија — слободната енциклопедија

Васил Попангелев — македонски национален деец, револуционер од тнр. „илинденски период“, и свештено лице. Старешина на манастирот „Сите Светии“ во селото Лешани.

Животопис[уреди | уреди извор]

Поп Васил e pоден во 1861 година, во с. Лешани, Охридско, во областа Дебрца. бил првиот член на МРО од село Лешани, но потоа во името на Организацијата, заколнал многу луѓе од овој крај (ги покрстил пред евангелие и крст). Главно, соработката со МРО одела преку Христо Узунов. Во манастирот „Си Свети“ (Сите Светии) во 1901 тој го организирал формирањето на првата вооружена чета во овој крај.[1]

Првите покрстеници згрижени од поп Васил, биле Дејан и Милош од село Лактиње и Миладин, исто така дебрчанец – повратник од Бугарија. Лично Христо Узунов дошол во манастирот „Си Свети“ за да ги запознае новодојдените, па потоа да ги одобри нивните револуционерни активности. Откако ги запознал, тој ги понел идните тројца комити во манастирот „Света Петка“ кај Велгошти, каде што е изведено покрстување со Комитската заклетва, со кама и кубур. Тоа се случило на празникот Иванден, 7 јули 1901 г. Веднаш потоа тројцата покрстени биле вратени „во Лешанската планина“, т.е. во реонот на манастирот „Сите Светии“.

Како водач на македонското национал-револуционерно движење во Дебрца, поп Васил бил и еден од организаторите на Илинденското Востание во овој регион. Во 1903 г. бил претседател на Комисијата за обезбедување на потегот Српница.

На 5 август, кај селото Кратица, тој го осветил Охридското востаничко знаме. На тој свечен чин присуствувало цело горско началство, на чело со Христо Узунов, како и претставници од селата во областа Дебрца.

Како одмазда за улогата која ја имал во Илинденското Востание, на 7 август турскиот аскер го ограбиле и запалиле манастирот, а притоа убиле и двајца од манастирските слуги. Потоа и селото Лешани било запалено.

Поп Васил загинал во битка, на 27 септември 1903 година, на Крстовден. Кога го пронашле мртов, Турците му ја отсекле главата и му ја однеле на својот старешина. Тој пак, според кажувањата и месните преданија, ги прекорил турските војници:

- „Да бевте јунаци, ќе беше добро жив да го фатите, ова не чини. Со ова само лошо му носите на нашиот Султан.“

Семејство[уреди | уреди извор]

Поп Васил е закопан од соселаните во својата кошара во месноста Српница, во којашто тој период, меѓу другото, била спалена и неговата мајка. Кратко потоа неговите мошти биле преместени во семејниот гроб, каде што претходно веќе бил закопан неговиот татко, поп Ангел, близу манастирот „Сите Светии“.

Синот на поп Васил се викал Ангел Попангелев – Попвасилев. Со сопругата Костадинка, тие имале една ќерка – Аспасика…

По повод стогодишнината од храбрата смрт на Васил Попангелев, борец за црковна и национална слобода на Македонија и на македонскиот народ, а под чиноначалствувањето на Неговото Високопреосвештенство, митрополитот г. Тимотеј, бил возобновен надгробниот споменик на овој голем македонски син. Осветувањето го изврши митрополитот г. Тимотеј, во сослужение на други шестмина црковнослужители, на празникот Си Свети (Сите Светии), 22 јуни 2003 година.

Верзии за неговата смрт[уреди | уреди извор]

Свештеникот Васил Попангелев, трагично го заврши својот живот за време на Илинденското Востание.

Лешанскиот свештеник пред Илинденското востание бил старешина на манастирот „Си Свети", прв човек на ВМРО и организатор на населението во Долна Дебрца за кревање востание. Тој за време на Востанието раководел со снабдувањето на збегот „Српница". Загинал бранејќи го збегот со другите востаници од силниот турски аскер.

Постојат неколку верзии за неговата смрт. Според Лазар Димитров, бил прострелан од непријателски куршум, а пак, Андон Кецкаров вели дека поп Васил бил заробен и обезглавен.

Илинденката Петкана Мандоска, во 1973 година, непосредно пред нејзината смрт, на д-р Стојан Ристески му раскажала трета, исто толку потресна приказна за трагичниот крај на овој свештеник. Според неа, Попангелев не бил фатен жив, туку откако ги истрошил сите куршуми, се самоубил, а Турците му ја пресекле главата и на кол ја носеле низ неговото родно Лешани и другите села во Дебрца за да влеат страв кај населението.

За време на Илинденското востание од семејството Попангелеви не настрадал само Васил, туку и неговата мајка, која била запалена од Турците во нивната кошара во местото наречено Српница.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Извор: „Македонско Сонце“, 2003