Бановиќ Страхиња (филм од 1981)
„Бановиќ Страхиња“ (српски: Banović Strahinja) — југословенско-германски филм од 1981 година, во режија на Ватрослав Мимица (неговиот последен филм) по сценариото на Александар Петровиќ. Филмот е заснован на истоимената епска песна. Во главните улоги настапуваат: Франко Неро, Драган Николиќ, Сања Вејновиќ, Фолкер Прехтел, Коле Ангеловски, Столе Аранѓеловиќ, Герт Фребе, Радош Бајиќ, Јанез Врховец и Раде Шербеџија. Музиката за филмот е дело на Алфи Кабиљо, кој за неа ја добил „Златната арена“ на Пулскиот филмски фестивал, а со „Златна арена“ се закитил и Драган Николиќ.[1][2]
Синопсис
[уреди | уреди извор]Есента, 1388 година, Османлиите почнуваат да ја загрозуваат српската средновековна држава. На имотот на Бановиќ Страхиња (го игра Неро) пристигнува одметникот Абдула (го игра Шербеџија), преправен во просјак. Утредента, Страхиња заминува на лов, а неговиот имот, со помош на Абдула, го напаѓа бандата на разбојникот Алија (го игра Николиќ). Притоа, разбојниците ги убиваат сите жители и го палат имотот, а Алија ја грабнува Анѓа (ја игра Вејновиќ), сопругата на Страхиња. Здогледувајќи го чадот, тој набрзина се враќа на својот имот, но таму затекнува само пустош. Од заробениот Абдула дознава дека Алија му ја грабнал Анѓа. Страхиња оди кај татко ѝ на Анѓа, кнезот Југ Богдан (го игра Фребе), но тој не сака да му помогне, сметајќи ја Анѓа за неверна жена која треба да биде казнета. Тогаш, Страхиња решава самиот да ја најде Анѓа и се заколнува дека ќе го убие Алија.[2] За тоа време, Алија се вљубува во Анѓа и не сака присилно да ја обесчести. Барајќи го Алија, Страхиња паѓа во заседа, но Абдула го спасува како знак на благодарност за милоста што Страхиња ја покажал кон него. Меѓутоа, Алија ја открива измамата на Абдула и го казнува со страшна смрт. Тогаш, Анѓа не може повеќе да издржи и му се подава на Алија. Страхиња, врзан и посрамен, се враќа во дворецот на Југ Богдан, но не се откажува од намерата да ја спаси Анѓа. Бидејќи Југ Богдан повторно одбива да му даде помош, Страхиња купува од него десетина робови и со нив заминува во потрага по Алија. Најпосле, тој го пронаоѓа логорот на Алија, кој навреме успева да побегне со Анѓа во шумата. Страхиња и неговите робови водат борба со луѓето на Алија и успеваат да победат, а потоа Страхиња ги ослободува робовите. Потоа, тој заминува во потрага по Алија кого го убива во двобој и заедно со Анѓа се враќа во својот опустошен замок. Уморен, тој заспива, а Анѓа бега од срам. Сепак, воден од својата голема љубов кон неа, Страхиња повторно тргнува во потрага по неа. На крајот од филмот, Југ-Богдан, наредува Анѓа да стане калуѓерка, но претходно да се казни така што ќе биде ослепена. Тогаш, во црвата влегува Страхиња, кој ѝ простува на Анѓа и ја носи на својот имот.
Наводи
[уреди | уреди извор]- Југословенски филмови
- Хрватски филмови
- Српски филмови
- Филмови од 1981 година
- Филмови на српски јазик
- Филмови на Ватрослав Мимица
- Филмови со Франко Неро
- Филмови со Драган Николиќ
- Филмови со Раде Шербеџија
- Филмови со Коле Ангеловски
- Филмови со Сања Вејновиќ
- Филмови со Столе Аранѓеловиќ
- Филмови со Герт Фребе
- Филмови со Радош Бајиќ
- Филмови со Јанез Врховец
- Филмови со Џемаил Максут
- Филмови со Катина Иванова
- Филмови на Јадран филм
- Филмови на Авала филм
- Филмови чие дејствие се одвива во Србија
- Историски филмови