Античка македонска култура

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Култови и религија[уреди]

Македонците негувале повеќе култови, кои биле поврзани со почитувањето на природните сили. Најраспространет бил култот на сонцето. Затоа сонцето го прикажувале на накитот, оружјето, особено на штитот. Тоа се среќава и на некои од монетите на македонските кралеви. Го почитувале култот на водата. Кон реките се однесувале како кон божества и им принесувале жртви. Македонците посебно ги почитувале лавот, јарецот, волкот и кучето. Нивни претстави можат да се сретнат на монетите од некои владетели или на други предмети.

Македонците верувале во повеќе богови. Врховно божество бил богот Диос, господар на небото. Покрај него ги почитувале Зејрена, божица на убавината, Дионис, бог на пролетта и други. Го почитувале и Херакле, кого го сметале за свој митски предок и родоначалник на кралската куќа.

Македонците имале свој свет град. Тоа бил градот Дион, којшто се наоѓал на северните падини на планината Олимп. Во Дион се одржувале македонските олимписки игри.

Начин на живеење[уреди]

Македонците говореле на посебен јазик, кој бил сроден со јазиците на соседните народи – Хелените, Илирите и Тракијците. Го користеле хеленското писмо. Од јазикот на античките Македонци останале само траги: зачувани се само околу 150 одделни зборови, како и имиња на луѓе, места и реки.

Македонците имале календар од 12 месеци. Според него, годината започнувала во октомври. Со освојувањата на Александар III Македонски во Азија, овој календар почнал да се користи и таму. Македонците се разликувале од другите народи по начинот на облекување, по војувањето и по симболите што ги употребувале.

Македонците носеле посебна капа, наречена кавсија; македонските кралеви носеле врз неа и бела лента, или пак кралска дијадема. Тие имале и прстен- печатник и кралски жезол. Кралевите имале обичај да се прикажуваат со кожа од лав, по примерот на митскиот предок Херакле.

Остатоци од материјалната култура[уреди]

Македонските кралеви ковале свои монети. Тие биле изработувани од бронза, од сребро и од злато. На нив биле претставувани ликовите на владетелите, но имало и претстави од митологијата, од растителниот и од животинскиот свет во Македонија.

Во Македонија било развиено занаетчиството. Со искористување на рудниците се овозможил развој на повеќе занаети. Се изработувале украсни предмети(накит) од сребро и злато и предмети за секојдневна употреба (облека, садови, оружје).

Била развиена и градежната дејност. Се граделе раскошни палати на кралевите и убави куќи за благородниците, украсени со ѕидни слики и скулптури. Нивните подови биле украсени со прекрасни мозаици. Остатоците од материјалната култура и архео- лошките наоѓалишта покажуваат дека културата кај Македонците била високо развиена. Значајно археолошко наоѓалиште од тоа време е престолнината Пела, како и кралските гробници од Кутлеш. Многу остатоци од материјалната култура од тоа време се пронајдени во Требениште (кај Охрид), Марвинци (кај Валандово), Вардарски Рид (кај Гевгелија) и на други места.