Јаболкоцветни
| Maloideae Јаболкоцветни |
|
|---|---|
| Јаболко, Malus domestica | |
| Научна класификација | |
| Царство: | Plantae |
| Оддел: | Magnoliophyta |
| Класа: | Magnoliopsida |
| Ред: | Rosales |
| Фамилија: | Rosaceae |
| Потфамилија: | Maloideae |
| Родови | |
|
Amelanchier |
|
Групата Maloideae (подфамилија на јаболкоцветните растенија) е голема подфамилија од фамилијата розоцветни, со близу 1100 видови распространети низ целиот свет, но најголем дел од видовите се среќаваат во умерената северна хемисфера. Некои автори, оваа група ја рангираат и како посебна фамилија - Malaceae[1].
Оваа подфамилија се состои од грмушки и мали дрвја кои се карактеризираат по присуството на плод наречен пом (типично јаболко), вид на придружен плод, како и по основниот хромозомски број кој изнесува 17 (наместо 7, 8 или 9 како во другите подфамилии). Цветовите кај членовите на оваа група се најчесто синкарпни (со сраснати плодни листови) и имаат два до пет плодни листа. Освен што се сраснати меѓусебно, тие се сраснати и со хипанциумот (цветната чашка). Плодникот е речиси потцветен и созрева во јаболков плод (пом).
Овие одлики делумно ја одделуваат оваа подфамилија од останатите подфамилии на розоцветните растенија, каде плодните листови се слободни (несраснати) или солитарни, а плодникот е натцветен. Но, и во оваа група се среќаваат видови со апокарпни цветови (со несраснати плодни листови), како оние од родовите Cotoneaster, Heteromeles и Pyracantha (каде тие се целосно одделни), додека родот Dichotomanthes е перигински (венечните и чашкините ливчиња и прашниците се наоѓаат околу работ на плодникот) и има натцветен плодник.
Пом е плод единствен за оваа подфамилија. Тој расте по пат на отекување на аднатниот хипанциум. Листовите на растенијата во оваа подфамилија се зимзелени или едногодишни. Доаѓаат во различни форми, од прости листови со целосен, назабен или перест раб, до пересто насечен раб. Тие може да бидат тенки и мембранозни или со кожеста текстура.
Скорешните таксономски проучувања предлагаат проширување на оваа подфамилија со четири родови на тревести растенија кои се поблиску поврзани со традиционалната група Maloideae отколку со другите видови на Rosaceae. Овие родови се Kageneckia, Lindleya и Vauquelinia, кои имаат хаплоиден хромозомски број од 15 или 17, но носат плодови кои се капсули (кутијки), и родот Gillenia, со хаплоиден хромозомски број од 9.
Родот Sorbus s.l. е полифилетски и е разделен на пет нови родови: Sorbus sens. str., Cormus, Chamaemespilus, Aria и Torminalis. Eriolobus и Docyniopsis се одделни од Malus. Од друга страна, Micromeles е вклучен во Aria, а Stranvaesia и Aronia се вклучени во Photinia.[2]
Оваа група се состои од одреден број на растенија кои се комерцијално важни овошја, како јаболките и крушите, додека останатите се одгледуваат како украсни растенија.
[уреди] Забелешки
- ↑ GRIN Таксономија на растенија
- ↑ Kenneth R. Robinson, James B. Phipps, Josdeph R. Rohrer (1992). „Summary of the leaves in the genera of Maloideae (Rosaceae)“. „Annals if the Missouri Botanical Garden“ 79 (1): 81–94. doi:.
[уреди] Наводи
- Joseph R. Rohrer, Kenneth R. Robinson, James B. Phipps - Floral Morphology of Maloideae (Rosaceae) and its systematic Relevance; American Journal of Botany, 81 (5), стр. 574-581; 1994