Христо Зарезанков

Од Википедија — слободната енциклопедија
Христо Зарезанков

Христо Зарезанков (Велес, 1 јануари 1890 - Минусинск, 4 мај 1938) — македонски револуционер, анархокомунист. По избувнувањето на Октомвриската револуција во 1917 година заминува за Русија и зема учество во револуционерните борби. Настрадува за време на Сталиновите чистки.

Први години[уреди | уреди извор]

Зарезанков е роден во занаетчиско семејство. Основно училиште и прогимназија завршува во родниот град, а педагошко училиште во Скопје. Со социјалистичките идеи се запознава уште во времето на своето школување во Велес. За нивното ширење помеѓу учениците особено придонесува Андон Шулев, кој на часовите по историја, меѓу другото, им зборува на учениците и за научниот социјализам и за работничкото движење во Европа. Своите социјалистички идеи Зарезанков ќе ги продлабочи во скопското педагошко училиште, каде во декември 1905 година учествува во ученичкиот бунт.

Активност по Младотурската револуција[уреди | уреди извор]

По завршувањето на педагошкото училиште е назначен за учител во Велес. Неговото учителствување во Велес е во годините по Младотурската револуција, од 1908 до 1913 година. Во Велес во тоа време свои ограноци формираат социјалистите, врховистите и Народната федеративна партија. Зарезанков, иако по убедување е анархокомунист, е активен член на работничкото друштво „Класно единство“ во 1910 година. Приврзаник е на федералистичкото крило на ВМОРО, на групата околу Јане Сандански. Жесток противник е на врховистите, меѓу другото, и поради тоа што тие подло го убиваат неговиот другар од Педагошкото училиште Јордан Иванов од Куманово, кога со мала чета, во 1911 година, доаѓа од Бугарија за да се бори за независност на Македонија.[1]

Учествува и во активностите на работничкото друштво „Класно единство“. Особено е активен како член на театарската група при овој клуб и се истакнува како глумец, играјќи улоги во драмите: „На дното“, „Малограѓани“, Нора“, „Воскресение“ и други.[2]

Преку Западна Европа во Русија[уреди | уреди извор]

Христо Зарезанков

По избувнувањето на Првата балканска војна, а пред падот на Одрин, кај Зарезанков пребегнуваат од Источна Македонија двајца учители, Стојмен Трајков од Радовишко и Мануш Стојменов од Струмичко. Тие бегаат од бугарските власти, плашејќи се да не бидат уапсени поради напад со цел да се експроприра банката Јуда В. Израел во Софија. Во нападот бил замешан и Зарезанков. По предлог на Мануш, кој претходно бил во Швајцарија, решаваат да заминат таму.

Од 1913 до 1917 година Зарезанков живее и работи во Швајцарија и Франција, како физички работник. Таму се запознава со руските револуционери емигранти и по избувнувањето на Октомвриската револуција, во декември 1917 година, заедно со некои руски емигранти заминува за Русија и зема учество во револуционерните борби. Се настанува во Москва, каде набрзо се запознава и се оженува со учителката Екатерина Виноградова.

До април 1918 година е во партизански одред во Украина, а од мај 1918 до март 1919 година е доставувач на литература на фронтот и во фронтовската позадина при Воената експедиција. Од мај 1919 година до август 1922 година работи како службеник во Полтава. Таму служи и во Црвената армија и се бори против белогардејските единици на генералот Врангел.

Во 1922 година се враќа во Москва и работи како помошник раководител на книжарницата на Сојузот за анархосиндикалистичка пропаганда „Глас на трудот“.[3] На оваа должност останува до 1929 година, кога оваа анархистичка група е конечно репресирана од сталинистичкиот режим.

Жртва на сталинизмот[уреди | уреди извор]

Зарезанков во затвор, 1930

Првото апсење на Зарезанков се случува во 1930 година, кога поминува месец и половина во бутирскиот затвор. Откако напишал писмо во весникот „Правда“ дека се откажува од анархизмот – го пуштиле.

Во 1930-1931 година работи во Државната издавачка куќа на РСФСР како селектор на статии. Од мај 1931 година до мај 1932 година е раководител на книжарница, а потоа до 1933 година помошник раководител на книжарница.

На 17 февруари 1933 година, поради тоа што не го спречил купувањето и продажбата на книги од Михаил Бакунин, Зарезанков е уапсен и на 10 април истата година е казнет со три години на егзил. Интерниран е во Кустанај, Казахстан.[4] Во интернација работи како книговодител, а како општествено задолжение му е функцијата претседател на другарскиот суд. Во интернација поминал три години.

Само што се вратил од егзил, на 28 октомври 1935 година повторно е осуден на три години лишување од слобода. Соопштението за новото прогонство психички толку го потресува што ја губи способноста на говорот, а косата му побелува. Со втората пресуда е интерниран во градот Минусинск, Краснојарски крај, каде повторно работи како книговодител. Уапсен е на 6 ноември 1937 година. На 11 април 1938 година, како бивш анархист и член на антисоветска организација, е осуден на смрт со конфискација на имотот. Стрелан е по неполн месец, на 4 мај 1938 година во Минусинск.[5] Неговото семејство во 1943 година е известено дека Зарезанков починал од рак во стомакот.

Рехабилитиран е на 1 септември 1958 година.[5]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Tодор Зографски и Димче Зографски „КПЈ и ВМРО (Обединета) во Вардарска Македонија во периодот 1920-1930”, ИНИ, Скопје, 1974, 15-16 стр.
  2. „Вардарски глас“, 1 јули 1985, 11 стр.
  3. Список социалистов и анархистов - участников сопротивления большевистскому режиму
  4. „Книга Памяти Жертв Коммунистического Террора“[мртва врска]
  5. 5,0 5,1 „„Книга памяти жертв политических репрессий Красноярского края. Том 3 (Д-И)". Архивирано од изворникот на 2007-12-26. Посетено на 2010-05-30.