Црква „Св. Илија“ - Стар Дојран

Координати: 41°13′9″N 22°42′23″E / 41.21917° СГШ; 22.70639° ИГД / 41.21917; 22.70639
Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Илија

Воздушен поглед на црквата

македонска православна црква
Епархија Струмичка
Архијерејско намесништво Струмичко
Парохија Дојранска
Местоположба

Карта

Координати 41°13′9″N 22°42′23″E / 41.21917° СГШ; 22.70639° ИГД / 41.21917; 22.70639
Место Стар Дојран
Општина Дојран
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Илија
Изградба 1848
Зограф Ѓорѓи Новаков
Рушење 1916
Изгорена 1916
Архитектонски опис
Површина 600 м2

Свети Илија — главна селска црква во дојранското село Стар Дојран, Македонија.[1]

Таа претставувала катедрална црква на разрушениот град Дојран, подигната во 1848 година од дојранските верници, а била срушена за време на Првата светска војна во 1916 година. Дури во 2003 година започнала нејзината реконструкција.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Црквата се наоѓа над регионалниот пат 1105, кој минува низ селото Стар Дојран. Таа е сместена на високо зарамнето плато наречено „Мечкина Скала“ над северниот дел од некогашниот град, во непосредна близина на Дојранското Езеро.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Поглед на црквата (лево) и црквата „Св. Ѓорѓи“ (десно) на почетокот на XX век

Црквата е изградена во 1848 година година со доброволни прилози од дојранските верници. Требала да им служи на сите дојрански христијани, но место тоа, станала јаболко на раздорот. По самата изградба, турскиот султан со указ ја дава на користење на грчките попови, односно на грчката патријаршија. Бидејќи дојранските верници не го разбирале грчкиот јазик побарале од султанот да им ја даде на управа ним, односно богослужбата да се врши на словенски јазик. Султанот гледајќи ја желбата на 2/3 од христијанските семејства во Дојран, со посебен указ црквата ја дава на Егзархијата како бугарска црква. Бугарскиот јазик како словенски јазик бил поразбирлив и поприфатлив за верниците, но не било реткост поповите богослужбите да ги служат и на македонски јазик. Губејки ја црквата, грчката патријаршија за потребите на своите верници, западно од таа црква, преку рекичката, изградиле нова црква „Св. Ѓорѓи“ во 1911 година која меѓу народот се нарекува „Грчка црква". Духовната поделеност на дојранчани ќе живее сè до рушењето на градот за време на Првата светска војна поточно до 1916 година, кога и црквата е комплетно разрушена. Со горењето на црквата изгорел голем дел покуќнина и богатство на дојранчани.

Археолошките испитувања во 2009 година пронашле остатоци од постари сакрални објекти под постојната црква што го потврдува значењето на местото.[2]

Во 2022 година при одржување на Д Фестивал во црквата била организирана техно-журка, која покренала бурни реакции во јавноста за сквернавење на храмот.[3]

Реставрација[уреди | уреди извор]

Во 2003 година започната е комплетна реконструкција на црквата со цел да се врати некогашниот сјај на истата, а и самите жители на Стар Дојран и туристите да имаат можност да посетат достоен храм.[4] Се предвидува обновата да заврши во 2016 година, на стогодишнината од нејзиното бомбардирање.

Од 2008 година започнале конзерваторско-реставраторските интервенции каде главната цел била санација на постојната градба, но и изработка и реконструкција на внатрешната структура и кровна покривка. Покровител на реконструкцијата била МПЦ, а проектот бил изработен од Митко Пренџов, за чиј проект добил и признание.[2]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Главен архитект бил Ѓорѓи Новаков од велешкото село Папрадиште. Таа е изградена во екот на преродбеничкиот период на сакралната архитектура во XIX век.[2]

По бомбардирањето во Првата светска војна, поголемиот дел од архитектурата е оштетена и останале само надворешните ѕидови и камбанаријата.[2]

Црквата е подигната како трибродна базилика со должина од 30 метри и широчина од 20 метри, зафаќајќи површина од 600 м2. Со својата висона од 10 метри претставува вистинска архитектонска убавица на овие простори во Македонија. На западната страна од наосот постоел галериски простор кој се простира и на дел од северната и јужната страна од наосот. На сите овие делови, црквата можеле да собере околу 600 верници.[2] Градителите ја удостоиле со „акустични" стомни кои се гледаат во самите ѕидови од црквата, симетрично подредени како по висина така и по должина.

За разлика од катедралната црква „Св. Никола“ во Штип која ја подигнал исто така Ѓорѓи Новаков (во 1867 г.), надворешните куполи на наосот биле изземени.[2]

Надворешната обработка и декорација на храмот е едноставна. Како основен градежен материјал е користен обработен и кршен камен (делумно варовник) ѕидан со варов малтер и со употреба на либажни слоеви од два реда печена тула. Расчленувањето на фасадата е преку прозорските отвори кои се поставени во долги ниши кои одат се до кровниот венец, а започнуваат на висина на парапетот. Црквата била малтерисана со потенцирање на отворите и нишите. Поизразена обработка добива само апсидата каде имаме расчленување на ѕидовите со мрежи на колонети, ниши, слепи арки итн.[2]

Оригиналната кровна обработка била од камени шкрилци која денеска може само да се забележи кај покривката на камбанаријата.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Внатрешноста
Надворешноста

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 „Црква „Св. Илија" – Стар Дојран“. МАРХ. Посетено на 2024-05-02.
  3. „(ВИДЕО) Техно-журка во црква во Дојран“. Радио Лидер. Посетено на 2024-05-02.
  4. „Донација за соборниот храм во Стар Дојран“. Посетено на 2013-05-16.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]