Христофор Жефарович

Од Википедија — слободната енциклопедија
Христофор Жефарович
Роден 1690
Дојран
Починал 18 септември 1753
Москва, Русија

Христофор Жефарович (1690 - 18 септември 1753) — македонски уметник и хералдичар еден од раните претставници на панславизмот.

Биографија[уреди | уреди извор]

Роден веројатно во крајот на 1690 г. во Дојран, со родители Димитрија и Ѓурѓица. Роденото име не му се знае, туку познат е по неговото монашко и писателско име. Веројатно е дека бил од родот Џефаровци, и дека додал наставка на презимето за да делува црковнословенски.[1] Жефарович се школувал во грчки училишта и поради тоа на своите трудови често се потпишувал грчки. Уметнички бил формиран во македонските културни центри (Солун и Охрид), каде што веќе биле навлезени елементите на западната уметност. Со ваква ликовна ориентација и со несомнена надареност овој јероѓакон, со некои свои роднини, тргнал од Дојран, каде останале неговите родители, и дошол во Војводина, во Карловачката митрополија, во средината која за него била духовно зрела. Но до крајот на својот живот одржувал тесни врски со својот роден крај.[2]

Прогонување од рајот, Манастир Боѓани

За првпат неговото име се спомнува во Белград во 1734 година, каде бил веќе бил прочуен како зограф (сликар). Бил истовремено трговец на книги и богослужбени предмети и уметник. Во Војводина Жефарович прво се ориентирал кон сликарството и живописот. Ниту еден труд од неговиот ран период не е зачуван, но се знае дека имал голем углед штом во 1737 година му било доверено зографирањето на црквата во манастирот Боѓани во Бачка. Во овој живопис покажал големи уметнички квалитети. Ликовните проблеми тој ги решавал речиси на ист начин како што ги решавале италијанските сликари на треченто и кватроченто и поради тоа може да се рече дека Жефарович е прв уметник од црковните редови кој настојувал да се ослободи од зографската традиција и да ги прифати тековите на новата уметност со која почнува ренесансата во Војводина. Таму се насликани огромни композиции кои го илустрираат стварањето на светот, потопот и разни други библиски сцени. Овие микелангеловски теми Жефарович ги претставил на еден сосем нов начин дотогаш непознат на Балканот и без многу траги од некогашните византиски формули. Жефарович покажува смисла за живи покрети во просторот, чувство за голо тело и анатомија, љубов кон природата, а сето тоа е несомнено западно влијание. По својот стил Жефарович се смета за еден од последите зографи на Балканскиот Полуостров со кој завршува епохата на стариот живопис. На овој начин Жефарович излегол од традиционалните византиски оквири и балканската уметност ja приближил кон западноевропската и тоа во она време кога модерната балканска уметност туку што почнувала, додека во Западна Европа била во завршна етапа.[3]

Друга голема работа на Жефарович во областа на живописот се ѕидните слики во православната црква во Шиклош од 1739 год. Во текот на една деценија Жефарович работел за повеќе поглавари на српската православна црква. Работел во Печ, Белград и во Пешта било како иконописец било како живописец.[4]

По 1740 претежно работил по создавањето на книги во соработка со српскиот патријарх Арсениј IV. Жефаровиќ сликал и портрети, а дотогаш во балканската уметност тоа не било вообичаено. Се знае дека го сликал портретот на Иван Стратимировиќ во 1745 година и на неговиот брат Богиќ. Во 1745 година Жефарович оди на поклонение во Ерусалим, заедно со свештеникот и книжевник Силвестер Попович, а потоа во Виена го издава делото „Описание на светиот Божји град Ерусалим“.

Жефарович од Виена дошол во Москва на 5 август 1753 г. Во Москва се сместил во Богојавленскиот манастир каде ненадејно умрел на 18 септември истата година. Toj оставил многу пари, како и повеќе икони, книги, црковен вез и разни графики. Својот имот го завештал на својот внук Данило за да го заврши школувањето и да се запише на Виенската уметничка академија.[5]

Свети Сава со српските светители од домот на Немањиќ, бакрорез на Христофор Жефарович изработен во работилницата на Томас Месмер во Виена во 1741. Нарачател на бакрорезот бил патријархот Арсениј IV, како своевидна честитка по повод стапувањето на Марија Терезија на престолот.

Стематографија[уреди | уреди извор]

Делото „Стематографија“ од Христофор Жефарович

Како монах и свештеник ја превел и насликал прочуената „Стематографија“ (грбовник) од оригиналот на хрватскиот илирски хералдичар Павле Ритер Витезовиќ (1652-1713), издадена во Виена во 1741 година. „Стематографија“ содржи галерија со ликови на балкански цареви и светии, грбовник на земјите од Источна Европа и белешки кон грбовникот. Кон секој грб има и по една стихотворба, која ги опишува нивните историја и симболи, исто така превод од делото на Витезовиќ.

„Стематографија“ имала многу значаjна улога во создавањето на симболите на модерните балкански нации и посебно на грбот на Бугарија, кој е директен наследник на бугарскиот грб на Жефарович.[6]

Национална припадност[уреди | уреди извор]

Зборови на Павле Ненадовиќ, посветени на Христофор Жефарович во „Стематографија“

Жефарович бил припадник на идеологијата на јужнословенскиот илиризам, но со неисправна свест за идентитетот, несомнено под влијанија. Бил нарекуван „ревнитель отечества болгарскаго“, но исто така и „любителъ царства иллирическаго“, а самиот зборувал и за „отечество сербско наше“ и се потпишувал како „иллирïко рассïанскïи общïй зографъ“. Во своето завештание го опишал својот род како „булгарской нации... въ православной архiепископiи Салонской въ городѣ Догрiанѣ братъ родной свящтеникъ и протчiя сродники“. Умрел во Москва на 18 септември 1753.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Душан Попов, Ђорђе Башић: "Енциклопедија Новог Сада", Нови Сад 1997. године
  2. Матковски 1972, стр. 143.
  3. Матковски 1972, стр. 146.
  4. Матковски 1972, стр. 147.
  5. Матковски 1972, стр. 145.
  6. Иван Войников, „История на българските държавни символи“ Архивирано на 22 јуни 2017 г., дял IV Гербовете на Третата българска държава, глава 1 Държавни гербове (Иван Воjников, „Историја на бугарските државни симболи“, дел IV Грбовите на Третата бугарска држава, глава 1 Државни грбови). (бугарски)

Литература[уреди | уреди извор]

  • Матковски, Александар (1972), „Христофор Жефарович“, Историја: Списание на сојузот на историските друштва на СР Македонија, Сојуз на историските друштва на СР Македонија

Надворешни врски[уреди | уреди извор]