Соборна црква

Од Википедија — слободната енциклопедија
Соборниот архиепископски храм на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Скопје е најголем и соборен храм на Македонската православна црква денес.
Катедралата на Скопската бискупија

Соборна црква, соборен храм или катедрален храм, во западното христијанство почесто катедрала (грчки: καθέδρα - катедра = „долна столица“) — посебен назив на црквата, што вообичаено го добива одредена црква поради некоја особеност. Денес, соборна црква обично се нарекува престолната (главната) црква на архиепископот или епископот (епископ, митрополит, односно бискуп, надбискуп), каде што чинодејствува самиот архиепископ.[1][2] Затоа, соборните цркви се непосредно до или во близина на епископијата (митрополијата, бискупијата).

Соборната црква обично не е обична црква по изглед и уредување, но потребата за величественост, големина, висина и сила на впечатливост е нагласена во случајот со соборните цркви. Црквите со функција на „соборен храм“ обично се специфични за оние христијански деноминации со епископска хиерархија, како што се католичките, источноправославните, англиканските и некои лутерански цркви.[2] Црковните градби кои ги отелотворуваат функциите на соборниот храм првпат се појавиле во Италија, Галија, Шпанија и Северна Африка во 4 век, но соборните храмови станале сеопшти во рамките на западната католичка црква до 12 век, до кога развиле архитектонски облици, институционални структури и правни особености различни од парохиските цркви, манастирските цркви и епископските резиденции. Соборната црква е поважна во хиерархијата отколку обичната црква бидејќи од соборната црква епископот управува со областа под негова административна власт.[3][4][5]

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Поимот соборна црква е поврзан со поимот соборност или католичност (грчки: καθολικη = „универзалност“, „васеленство“), како една од четирите обележја на Црквата и ја претставува васеленската особеност на црквата.

Поимот катедрален храм или катедрала потекнува од грчката сложенка катедра (= „долна столица“), од зборот ката (= „долу“) + хедра (= „седиште“, „стол“, „престол“). Првично, тоа е исто така поврзано со соборноста или католичноста. Зборот е изведен од грчкиот збор за архијерејски престол, кој првично ја означувал улогата на епископот како учител.

Источно христијанство[уреди | уреди извор]

Митрополитска црква во Атина

Во случајот со православните цркви, бидејќи има автокефални помесни цркви, може да се случи да има две или повеќе соборни цркви во ист град, но тие да припаѓаат на различни помесни цркви. Ова е обично случај со заедниците во дијаспората, но може да се случи и во земјите со матични цркви. Пример за тоа е Темишвар, каде што има романскиа и српска соборна црква.

Грчка црква[уреди | уреди извор]

Грчката православна црква прави разлика меѓу поимите за пониски и повисоко рангирани соборни цркви. Во првиот случај, тоа се т.н. „соборни светилишта“ (грчки: καθεδρικό ναό) и се поврзани со престолните цркви на епископии и „долни“ на митрополии. Во вториот случај, тоа се митрополиски цркви, кои се однесуваат на престолни цркви на многу значајни митрополити (грчки: μητρόπολη).

Словенски православни цркви[уреди | уреди извор]

Во словенските православни цркви, главно се користи поимот собор. Во Руската православна црква, звањето на соборот припаѓа на престолната црква на епископите, сегашни и поранешни. Главните манастирски цркви (католикони) овде можат да се наречат и соборни, без разлика дали тие се и седиште на епископ или не.

Западно христијанство[уреди | уреди извор]

Богородичната катедрала во Ремс

Римокатоличка црква[уреди | уреди извор]

Во римокатолицизмот се користи името катедрала (латински: cathedra) и тоа е престолна црква на бискупот или надбискупот. Покрај тоа, постојат голем број сродни црковни градби:

Кај словенските католички народи преовладува името катедрала, освен во случајот кај Словенците, каде што се негува името столница, столна црква.

Протестантски цркви[уреди | уреди извор]

Вестминстерската опатија
Соборната црква во Белград

Во повеќето протестантски цркви, поимот катедрала е зачуван во секојдневниот говор, но често се среќаваат и други поими: опатија, минстер, дом.

Во англосаксонските земји за такви „цркви“ често се користи зборот опатија (англиски: abbey). Пример е Вестминстерската опатија.

Во земјите од германското говорно подрачје, без разлика дали се работи за римокатолицизам или протестантизам, некои од најважните катедрали се нарекуваат минстери (Eng. Minster, German Münster). Ова име потекнува од зборот манастир, бидејќи овие цркви првично биле во рамките на манастир. Примери се минстрите во Јорк или Келн.

Во скандинавските земји се користи името дом (на пример: на дански е Domkirke).

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Shorter Oxford English Dictionary, 0-19-860575-7.
  2. 2,0 2,1 New Standard Encyclopedia, 1998 by Standard Educational Corporation, Chicago, Illinois; page B-262c.
  3. „What's the Difference Between a Church, Chapel, Cathedral, and Basilica?“. What's the Difference? (англиски). 2019-04-23. Посетено на 2022-04-18.
  4. „What is the difference between a church, a cathedral and a basilica?“. Bit of trivia (англиски). 2022-04-10. Посетено на 2022-04-18.
  5. „What is the difference between a church and a cathedral?“ (англиски). May 13, 2006. Посетено на 2022-04-18.

Литература[уреди | уреди извор]