Прејди на содржината

Острово (Трубарево)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Острово
МестоТрубарево, Скопско
Прогласено1976
Карта

Острово — заштитено подрачје и споменик на природата коешто се наоѓа околу течението на реката Вардар во близина на селото Трубарево. Подрачјето зафаќа површина од околу 30 ха и се состои од три наоѓалишта: Езерце, Арборетум и Острово.[1][2]

Опис[уреди | уреди извор]

Големиот Трубаревски Остров

Денес на теренот се сочувани фосилните корита на двата ракавци на реката, но се покриени со хумусен слој, лисја и се обраснати со тревеста и грмушеста вегетација. Затоа и остовото од научен аспект се третира како фосилен остров на река Вардар. Во окружувањето на наоѓалиштето карактеристично е високото ниво на подземните води кај наоѓалиштето Езерце. Југоисточно од наоѓалиштето Острово (околу 500 м) протекува реката Вардар. Таа е основен хидрографски систем за поширокото окружување на наоѓалиштето. По течението на Вардар се наоѓаат еден поголем и неколку помали речни острови.

Растителен и животински свет[уреди | уреди извор]

Во наоѓалиштето се издвоени два типа на биотопи: тревест и арбореален тип. Покрај нивното вештачко оформување се одвива и процес на природно обновување на дел од дендро-флората. Во приземниот кат има доста тревести видови од семејството на бесените (Poaceae), а од другите флорни елементи се застапени уште: сапунче, волчјо јаболко, вратика, змиско грозје. Од дрвенестите растенија и грмушките во наоѓалиштето се застапени: црн јасен, бозел, шипинка, брест, јавор, багрем, бела топола, црна топола, врес, бела врба, хмељ и други.

Пеперутките за ова место досега се слабо проучени. Со истражувањата во летото 2008 година регистрирани се 10 видови пеперутки и два вида вилински коњчиња. Од другите инсекти чести се: големиот жегач и 22 вида стакулци. Од мекотелите застапени се 3 вида копнени полжави, од кое еден вид е балкански ендемит. Херпетофауната (водоземци и влекачи) во наоѓалиштето е застапена со 6 вида. Орнитофауната во наоѓалиштето е претставена со 55 вида птици кои се застапени преку целата година, но има и преселни видови птици (во пролетниот, есенскиот и зимскиот миграциски период). Цицачите во наоѓалиштето се застапени со 20 вида од кои 14 вида се мали цицачи (лилаци потковичари, ноќници, вечерници) и 5 вида големи цицачи (шарена куна, јазовец, дива мачка, куна белка, верверичка и еж).

Според меѓународниот статус на видовата разновидност констатирано е дека на наоѓалиштето Острово постојат фаунистички видови кои се значајни за биоразновидноста на Македонија, но и пошироко, на европско и светско ниво. Имено, од херпетофауната 6 вида се со статус на заштитени видови во европски рамки. Во прилог II на Бернската конвенција се 4 вида; во прилог III на истата конвенција се 2 вида, а во списокот на КОРИНЕ биотопи се 3 вида. Од терофауната во наоѓалиштето се издвоени 14 видови со меѓународно значење, од кои во светската список на загрозени диви животински видови се 11 вида, во прилог II на Бернската конвенција се 3 вида, во прилог III се 4 вида, а во КОРИНЕ се 11 вида. Имено, со статус на загрозеност, односно ранливост се 9 вида лилјаци и 2 вида други цицачи. Од орнитофауната во наоѓалиштето се издвоени 27 вида птици со меѓународно значење. Во СПЕЦ. Категорија 2 се 6 вида, во СПЕЦ. Категорија 3 се 10 вида, а во СПЕЦ. Категорија 4 се 9 вида.

Заштита[уреди | уреди извор]

Наоѓалиштето се одликува и со значајни образовни вредности поради кои во 1976 година бил прогласен како заштитено подрачје во категоријата споменик на природата.[3][4]

Поврзано[уреди | уреди извор]

  • Трубаревски Острови — речни острови во заштитеното подрачје;
  • Дендропарк — арборетум кој постои од 1953 година; и
  • Езерце — од 1994 година прогласено како заштитено подрачје во категоријата споменик на природата.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Острово – заборавеното богатство на Скопје“. Дома. 5 август 2022.
  2. ИЗВЕШТАЈ ЗА САМОЕВАЛУАЦИЈА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ СВ. „КИРИЛ И МЕТОДИЈ’’ ВО СКОПЈЕ ШУМАРСКИ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ 2013
  3. Острово, Езерце и Арборетум-споменици на природата[мртва врска]
  4. МИНИСТЕРСТВО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И ПРОСТОРНО ПЛАНИРАЊЕ УПРАВА ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА; НАЦИОНАЛЕН СИСТЕМ НА ЗАШТИТЕНИ ПОДРАЧЈА. м-р Сашко Јорданов; 23-24.04.2009, Дојран