Прејди на содржината

Меморијален комплекс на паднатите борци на револуцијата

Координати: 41°44′18″N 22°11′15″E / 41.73831188944276° СГШ; 22.18747174165778° ИГД / 41.73831188944276; 22.18747174165778
Од Википедија — слободната енциклопедија
Меморијален комплекс на паднатите борци на револуцијата
Координати41°44′18″N 22°11′15″E / 41.73831188944276° СГШ; 22.18747174165778° ИГД / 41.73831188944276; 22.18747174165778
МестоШтип, Македонија
ПроектантБогдан Богдановиќ
Започнат1969
Завршен1974
Посветен наЗагинатите партизани во НОБ

Меморијален комплекс на паднатите борци на револуцијата во Штип — спомен комплекс кој се наоѓа на источната страна од Штипската тврдина и е посветен на партизаните кои загинале за време на НОБ.

Историја[уреди | уреди извор]

Архитект на комплексот е Богдан Богдановиќ, кој победил на отворениот конкурс. Изградбата започнала во 1969 година и била завршена во 1974 година.[1]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Спомен комплексот го сочинуваат монолити со висина од приближно 2 метри, изработени од бел прилепски мермер. Спомен комплексот висински се простира на две нивоа. Првото ниво започнува со три монолити на кои се изрезбани ниши налик брановидна драперија. Висински одвоените нивоа се поврзани со церемонијални скали кои се потенцирани со вкупно 92 помали мермерни кенотафи на кои се изгравирани имињата на паднати борци при НОБ и различни геометриски симболи. Вториот сегмент го сочинуваат 12 мермерни монолити. Секој од нив е издлабен и изгравиран со различни геометриски мотиви. Притоа како мала подробност, на нивната позадина се изгравирани апликации налик на афион, цветови, сонце, симболи карактеристични во Македонија. Врвовите на монолитните парчиња завршуваат со обработка многу слична на рогови, под влијание од минојската цивилизација, како физички симбол за света земја, свето место во сакралната архитектура каде се погребани останки на загинатите во војна. Еден од овие мермерни блокови се издвојува поради изгравираните стихови на поетот и мештанин Ацо Шопов.[1]

„Тука е тој оган под овие улави води,

под овој бигор животот што го плоди.


Под овој венец со сончеви глави,

под оваа далга со карпи што се дави.


Со него за убост поубав е цветот,

без него за цел свет посиромав светот.


Крстот ни е лесен, пепелта не ни е лесна

мртвите живеат со нас и со нашата песна“.


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Борис Јурмовски (9 декември 2021). „Меморијален Комплекс на Паднатите Борци на Револуцијата – Штип“. marh.mk. Архивирано од изворникот на 11 декември 2021. Посетено на 11 мај 2024.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]