Барешани

Координати: 40°57′59″N 21°21′0″E / 40.96639° СГШ; 21.35000° ИГД / 40.96639; 21.35000
Од Википедија — слободната енциклопедија
Барешани

Воздушен поглед на селото Барешани

Барешани во рамките на Македонија
Барешани
Местоположба на Барешани во Македонија
Барешани на карта

Карта

Координати 40°57′59″N 21°21′0″E / 40.96639° СГШ; 21.35000° ИГД / 40.96639; 21.35000
Регион  Пелагониски
Општина  Битола
Област Пелагонија
Население 146 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7221
Повик. бр. 047
Шифра на КО 02004
Надм. вис. 640 м
Слава Спасовден
Барешани на општинската карта

Атарот на Барешани во рамките на општината
Барешани на Ризницата

Барешани — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Името на селото првпат е забележано во турски документи од XV век (1468 г.). Се поврзува со топонимот Бареш што доаѓа од бара, односно место со застоена вода, локва или блато и со додавање на -ани кое означува „луѓе дојдени од Бареш“. Како друга варијанта се споменува и личното име Бареш или Барех.[2]

Според легенда, првите доселеници во ова село биле од полето, односно од место каде имало бари. Поради тоа, жителите на ова село почнале да ги викаат барешани, како и самото село.[3]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Сретселото

Селото се наоѓа во Пелагонија, во јужниот дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, под источната страна на планината Баба.[4] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 640 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 11,5 километри во јужна насока.[4] Селото се наоѓа под источната падина на Баба Планина, на јужната страна од Битолското Поле.[3]

До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2333.

Барешани претставува поголемо потпланинско село, кое се наоѓа помеѓу пространи површини, кои понекогаш се поплавуваат. Околни села се: од југ Канино, од север Олевени, од исток Жабени и од запад Злокуќани. Во минатото, селото со вода за пиење се снабдувало од шест селски чешми, чија вода доаѓа од оддалечен пелистерски извор. Изворот го спровеле француски војници за време на Првата светска војна. Претходно, мештаните со вода за пиење се снабдувале од долови и бунари.[5]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Дага Межда, Прогон, Азмак, Мало Патче, Кушинец, Крушичко, Десково, Премка, Драгуша, Рамниште, Горни Ливади, Селиште, Спас, Думаноец, Липи и Милова Глајца.[5]

Селото има збиен тип, поделено на четири маала, а нивното растојание е незначително. На сретсело се наоѓа поголем празен простор. Маалата во селото се Шешкоско, Горно, Отадно и Долно.[5]

Историја[уреди | уреди извор]

Барешани во февруари 1917 година

Најстариот помен за Барешани потекнува од првата половина на XVII век. И според народното предание се смета дека Барешани е старо село во битолскиот крај. Селото најпрвин се наоѓало на повисок терен, околу еден километар западно од денешната местоположба. Денес, таму се наоѓа месноста Селиште, каде се сретнуваат остатоци од куќи, гробови и цркви.[5]

Кај месноста Селиште се наоѓа црквиштето „Св. Спас“, за која се верува дека била најстарата барешанска црква. Од нејзе има останато само некакви „грамади“, а околу нејзе имало гробови на најстарото село. Поради оваа црква, во селото се слави Спасовден. На местото Думаноец, во близина на Селиште, се наоѓала црквата „Св. Дух“, од која при истражувањата на Јован Трифуноски во 1951 година се забележувал олтарот на црквата. Недалеку од нејзе се наоѓа и црквиштето „Св. Варвара“. На месноста Липи над селото се наоѓала црквата „Св. Филип“. И на самата атарска граница со Злокуќани се наоѓа Црквиште, каде исто така остатоци од стар храм.[5]

Мештаните од Селиште на денешното место дошле за време на отоманскиот период, бидејќи истото било поблиску до полето и до патиштата. Од тие мештани потекнуваат родовите кои слава Митровден, додека останатите жители се доселеници.[5]

Кон крајот на турското ропство плодната земја од ова село припаѓала на чифликсајбиите Асан Афтар и Емин-ага од Битола, а жителите биле сопственици на мал број неплодни ниви. Во селото дел од земјата припаѓала и на Арбанаси од планинското село Злокуќани. Македонското население ја откупила целата земја во периодот од 1912 до 1924 година.[5]

Во полето, источно од селото, се наоѓаат воени гробишта со околу 90 гробови, кои потекнуваат од Првата светска војна. Таму се закопани заробени Бугари.[5]

Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[6]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа простор од 6,9 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 375,9 хектари, на пасиштата отпаѓаат 159,3 хектари, а на шумите 124,1 хектар.[4]

Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото работат продавници и угостителски објекти.[4]

Отсекогаш, сточарството во селото не било развиено.

Население[уреди | уреди извор]

Жена од Барешани за време на Првата светска војна
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948516—    
1953520+0.8%
1961498−4.2%
1971451−9.4%
1981303−32.8%
ГодинаНас.±%
1991436+43.9%
1994212−51.4%
2002205−3.3%
2021146−28.8%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Барешани живееле 360 жители, сите Македонци.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Барешани се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 49 куќи.[8]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Барешани имало 360 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[10]

Селото е средно по големина, без значителни промени во населеноста. Во 1961 година селото броело 498 жители, а во 1994 година 212 жители, од кои 209 биле Македонци, а тројца жители - други.[4]

Според пописот од 2002 селото брои 205 жители, од кои 204 Македонци и 1 останат.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 146 жители, од кои 115 Македонци, 1 Албанец и 30 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 360 360 516 520 498 451 303 436 212 205 146
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови[уреди | уреди извор]

Барешани е чисто македонско православно село, во кое живее староседелско и доселеничко население.[5]

Според истражувањата од 1951 година, родови во селото:

  • Староседелци: Трајковци (10 к.), Мирчевци (8 к.), Тунузовци (6 к.), Љатовци (4 к.), Огњановци (2 к.) и Јовчевци (1 к.). За Трајковци и Јовчевци се мисли дека се деленици од родот Мирчевци. Сите родови слават Митровден.
  • Доселеници: Чешковци (9 к.), Ќирговци (4 к.), Илковци (4 к.), Лукаревци (4 к.), Туфековци (3 к.), Рендевци (2 к.), Тасевци (2 к.), Чалевци (2 к.), Коњовци (2 к.), Чинга (1 к.), Јуруковци (1 к.), Размовци (4 к.), Славковци (3 к.), Павлевци (3 к.), Карафиловци (1 к.), Веловци (7 к.), Зердевци (1 к.), Чучуковци (1 к.), Бендеревци (1 к.) и Бојчевци (1 к.). Родот Бојчевци потекнува од домазет, родовите Лукаревци и Чешковци некогаш биле еден род, додека родовите Размовци, Славковци, Павлевци и Карафиловци потекнуваат од ист предок. Сите овие родови се доселенички со непозната старина; Прчевци (6 к.), потекнуваат од браќата Митре и Тодор, кои се доселиле од селото Породин, во Породин биле староседелци.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Постари иселеници има во селата Бистрица, таму е родот Мирчевци (2 к.). Родовите Трпковци (4 к.), Пујовци (3 к.), Тодоровци (3 к.), Димовци (2 к.) и Шамалевци (1 к.), иселени се во Олевени. Иселеници после Втората светска војна има на многу места, пред сè Битола и Австралија, каде што се иселува најчесто населението од битолските села.[5]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Поранешно основно училиште
  • Задружен дом

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

На крајот од XIX век, Барешани било чисто македонско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Бистрица.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Велушина, во која покрај селото Барешани се наоѓале селата Велушина, Граешница, Драгош, Жабени, Канино, Кишава, Лажец, Олевени, Острец и Породин. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Породин, во која влегувале селата Барешани, Жабени, Канино, Лажец и Породин.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0153 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 151 гласач.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 153 гласачи.[19]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[20]
  • Отажна Маала — населба од римско и доцноантичко време;
  • Селиште — населба и некропола од хеленистичко, римско време и среден век;
  • Слатина — населба од римско време; и
  • Тумба — населба од бронзено време.
Цркви[21]
Манастири
Споменици
  • Спомен-плоча од НОБ на Задружниот дом
  • Спомен-чешма на сретсело

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави[5]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во или по потекло од Барешани

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 37–38.
  3. 3,0 3,1 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Посетено на 2024-21-05. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 20. Посетено на 5 октомври 2019.
  5. 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 209-210. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  6. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  7. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 13.
  9. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 166-167.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 21 мај 2024.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 21 мај 2024.
  20. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 17. ISBN 9989-649-28-6.
  21. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  22. Спомени на Георги Попхристов

Надворешни врски[уреди | уреди извор]