Прејди на содржината

Транс-Атлантик (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Транс-Атлантик“ (полски: Trans-Atlantyk) — роман од полскиот писател Витолд Гомбрович, првобитно објавен во 1953 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот, кој има автобиографски елементи, го опишува животот на авторот во емиграцијата. На 21 август 1939 година, непосредно пред Втората светска војна, тој пристигнува со брод во Буенос Аирес, а кога бродот се подготвува да исплови кон Европа, тој решава да остане. Бидејќи има малку пари, тој оди кај земјакот Ќечишовски, кој го советува да се обрати во полската амбасада. Амбасадорот му нуди одредена месечна плата, но под услов тој да ја слави полската култура, меѓутоа Витолд ја одбива понудата. Потоа, тој се запознава со тројца Полјаци, сопственици на акционерско друштво и таму добива работа како службеник. Во меѓувреме, полската амбасада му укажува големи почести. Така, тој е поканет на свечен бал, каде, соочен со еден голем аргентински писател, целосно се посрамотува и мора набрзина да си замине, следен од Гонсало, богат хомосексуалец кој постојано е во потрага по млади мажи. Бидејќи Гонсало е вљубен во едно момче, двајцата го следат момчето до паркот, а таму пристигнуваат и тројцата работодавци на Гомбрович, кои му даваат голема сума пари за да ги запознае со богатиот Гонсало. Од друга страна, Гонсало му дава многу пари за да го запознае со саканото момче (Игнаци), откако претходно дознава дека и тој е Полјак. Гомбрович му кажува на таткото на момчето (пензионираниот мајор Томаш) дека Гонсало е вљубен во неговиот син и Томаш го предизвикува Гонсало, кој пак го погаѓа со чаша во челото.

Поради претрпениот срам, Томаш го испраќа Гомбрович кај Гонсало, канејќи го на двобој. Сакајќи да го спаси Гонсало, Гомбрович се нафаќа да го организира двобојот, но средува тој да се одржи без куршуми. За двобојот дознава и полскиот амбасадор, кој организира лажен лов на зајци, со цел, божем случајно, да присуствува на двобојот. Во меѓувреме, една ноќ, Гомбрович го посетува амбасадорот кој е потполно растревожен и од тоа сфаќа дека Полска ја изгубила војната. Од тој миг, тој е потполно празен и за него повеќе ништо нема смисла. На денот на двобојот, Томаш и Гонсало неколкупати пукаат во себе, но попусто, а двобојот се прекинува кога ловечките кучиња на амбасадорот се нафрлаат врз Игнаци, кој скирен во една грмушка го набљудува двобојот. Тогаш, Гонсало се фрла меѓу разбеснетите кучиња и го спасува саканиот Игнаци и, така, Гонсало и Томаш стануваат пријатели.

Гонсало ги кани сите да му бидат гости во неговата резиденција, а таму, Гомбрович му признава на Томаш дека го изневерил така што ги извадил куршумите од пиштолите. Побеснетиот Томаш се заколнува дека мора да падне крв, заканувајќи се дека ќе го убие својот син, Игнаци. Меѓутоа, разговорот го слуша Гонсало, кој му кажува на Гомбрович дека смислил план како Игнаци да си го убие таткото. За таа цел, Гонсало средува Игнаци да се зближи со неговиот слуга Хорацио. Во меѓувреме, Гомбрович ги здогледува своите работодавачи, а потоа, заедно со нив паѓа во стапица, т.е. неколку дена е заробен во едне подрум. Најпосле, тој успева да побегне и се враќа на имотот на Гонсало. Таму, доаѓа голема група Полјаци, предводени од полскиот амбасадор, кои пеат и играат, како ништо да не се случило со нивната татковина. За време на прославата, Томаш зема нож за да го убие синот, но нему му се приближува Хорацио и Томаш паѓа на подот. Тогаш, Игнациј го прескокнува телото и почнува да се смее, по што сите присутни прснуваат во непрекината смеа.[1]

За романот[уреди | уреди извор]

Опишувајќи ги историските и личните околности во кои настанал романот, Гомбрович вели: „Јас во 1939 година, во Буенос Аирес, исфрлен од Полска и од мојот дотогашен живот, се најдов во необично опасна ситуација. Банкротирано минато. Сегашност како ноќ. Иднина невозможна за одгатнување. Без никаква потпора. Се крши и се распукнува Формата од ударите на општото Станување...Што е одамнешно, тоа веќе е само импотенција, што е ново и надоаѓачко, тоа е силување. Јас, на тие беспаќа на анархијата, среде отфрлените богови, предаден сам на себе. Што сакате да чувствувам во таков миг? Да го уништам минатото во себе?... Да $ се оддадам на иднината?“[2]

Во предговорот на романот, Гомбрович истакнува: „... морам да се борам за подлабоко и посестрано читање на текстот“ којшто полската критика го нарекувала „памфлет за шовинистичка баналност“, „сатира за предвоена Полска“, „народно испитување на совеста“ или „критика на нашите народни маани“. Притоа, тој не порекнува дека „Транс-Атлантик“ е сатира, па дури и интензивна пресметка со слабата Полска и го споредува романот со „пиратски брод којшто шверцува голема количина динамит за да ги разнесе нашите досегашни народни чувства“.[3]

Понатаму, тој истакнува дека основниот постулат на романот е „да се победи полскоста“, т.е. романот претставува радикална ревизија на односот кон народот, „ревизија којашто најнепосредно се поврзува со целата современа проблематика“ при што неговата цел е „збогатувањето на поединечниот живот, усилбата да се направи поотпорен на разурнувачката надмоќ на масата“. Според неговите зборови, романот „нема никаква тема освен приказната којашто ја раскажува... тоа е само приказна, тоа не е ништо повеќе од некој раскажан свет“, односно „Транс-Атлантик“ е по малку „сатира, критика, трактат, забава, апсурд, драма... тој е само јас, моја вибрација, мое слетување, моја егистенција“.[4]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Издание на „Бегемот“ од 2013 година[уреди | уреди извор]

Книгата, издадена во склоп на библиотеката „Арс Магна“, има 154 страници, во мек повез, со обем од 18 сантиметри. Преводот од полски јазик го направил Филип Димевски, ликовното уредување го извршил Бојан Димитриевиќ, јазичната редакција е дело на Кристина Димкова, а компјутерската обработка на текстот е извршена во „Бегемот“. Книгата е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје, со меѓународна ознака ISBN 978-608-4718-02-4. Книгата е испечатена во печатницата „Темпора веритас“ од Скопје. Издавањето на книгата било финансиски поддржано од Министерството за култура на Македонија и од Институтот за литература во Краков - преведувачка програма.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Витолд Гомбрович, Транс-Атлантик. Скопје: Бегемот, 2013.
  2. Витолд Гомбрович, Транс-Атлантик. Скопје: Бегемот, 2013, стр. 8.
  3. Витолд Гомбрович, Транс-Атлантик. Скопје: Бегемот, 2013, стр. 5-6.
  4. Витолд Гомбрович, Транс-Атлантик. Скопје: Бегемот, 2013, стр. 6-7.