Славко Матовски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Славко Матовски
Роден 17 ноември 1927
Скопје, Кралство Југославија
Националност Македонец
Занимање ракометар
професор

Славко Матовски (роден на 17 ноември 1927 година во Скопје) — македонски ракометар и универзитетски професор.[1]Најголемиот дел од животот го поминал занимавајќи се со спортски активности во повеќе дисциплини, како натпреварувач, тренер, судија и спортски работник, вршејќи често одговорни функции во градските, републичките и сојузните спортски организации и сојузи.

Животопис[уреди | уреди извор]

Славко Матовски дипломирал на Државниот институт за физичка култура во Белград во 1960 година. Магистрирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1977 година на тема: „Местото на Спортското друштво Работнички во Скопје во нашето напредно работничко движење и неговата улога во развојот на спортскиот живот во СР Македонија“. Докторирал на Факултетот за физичка култура во Скопје во 1982 година на тема: „Напредното работничко спортско движење во Вардарска Македонија од неговата појава до 1944 г. со осврт на синдикалното спортско движење во НР Македонија (1944–1947)“.

Објавил повеќе стручни и научни трудови. Како стручњак и раководител работел во неколку институции, а на Факултетот за физичка култура како виш предавач и редовен професор на предметот Спортски игри (од 1978–1987). Во атлетиката поставил осум републички рекорди. Тој е сестран спортист, репрезентативец во ракометот, успешен тренер, истакнат спортски работник и функционер и е еден од основоположниците на ракометот во Македонија. Активно учествувал и во обновување на активностите на СД „Работнички“ и е еден од основачите на неговите клубови за одбојка, ракомет, кошарка и атлетика. Припаѓал на генерацијата која ги поставила првите македонски атлетски рекорди и на првата генерација која почнала да игра кошарка во Скопје. Најдолга активност имал во ракометот, како активен играч и тренер на РК Работнички.

Повремено играл и фудбал, а се занимавал и со скијање, бил напреварувач во скијачко трчање. 7 години бил претседател на Смучарскиот сојуз на Македонија. Бил стручно лице и функционер и дал значаен придонес во организација на првите сојузни и меѓународни манифестации и на територијата на Република Македонија. Објавил и голем број на стручни и научни трудови. Во текот на својата долгогодишна спортска и општествена активност, добитник е на повеќе од 40 плакети и споменици, одликуван е со Орден на трудот со сребрен венец и Орден за заслуги за народ со сребрен венец[2].

Славко Матовски е член на Клубот на великаните на Македонскиот Олимписки Комитет.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Матовски“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 930. Text "series " ignored (help)
  2. „Биографија на Славко Матовски“. mok.org.mk. Посетено на 2020-08-18.[мртва врска]