Мура

Координати: 46°17′54″N 16°53′9″E / 46.29833° СГШ; 16.88583° ИГД / 46.29833; 16.88583
Од Википедија — слободната енциклопедија
Мура
Долината на Мура кај Тамсвег, Австрија
Изворно имеMura / Mur
Местоположба
Физички особености
Извор 
 • местоВисоки Таури кај Мур, Австрија
 • координати47°7′48″N 13°20′49″E / 47.13000° СГШ; 13.34694° ИГД / 47.13000; 13.34694
 • надм. вис.1.898 м
Устие 
 • место
Драва кај Леград, Хрватска
 • координати
46°17′54″N 16°53′9″E / 46.29833° СГШ; 16.88583° ИГД / 46.29833; 16.88583
 • надм. вис.
130 м
Должина480 км
Големина на сливот13.824 км2
Проток 
 • просечен166 м3
Особености на сливот

Мура (хрватски, унгарски и словенечки: Mura; прекмурски: Müra[1] или Möra[1]; германски: Mur) — река во Средна Европа која извира од Високите Таури на Централните Источни Алпи во Австрија на надморска височина од 1.898 м и се влева во Драва во Хрватска.

Реката има вкупна должина од 480 км. Од нив, 330 км отпаѓаат на внатрешноста на Австрија; 95 км во и околу Словенија (67 км долж границите со Австрија и Хрватска, 28 км во внатрешноста на Словенија),[2] а остатокот ја образува границата меѓу Хрватска и Унгарија. Најголем град по течението на Мура е Грац (Градец) во Австрија. Сливот зафаќа површина од 13.800 км2.[3]

Поважни притоки на Мура се Мирц, Сулм, Шчавница, Ледава и Трнава.[2]

Течение[уреди | уреди извор]

Реката извира од тешко достапна долина во областа Лунгау на покраината Салцбург, Австрија. Тече на исток низ Тамсвег, па преминува во покраината Штаерска.

Меѓу Тамсвег и Унцмаркт-Фрауенбург, Мура тече низ стрмна долина, и напоредно со теснолиниската пруга наречена по неа (Мурталбан, 65 км). Од Унцмаркт натаму, реката продолжува во источен правец низ индустриските градови Леобен и Брук на Мура. Тука во неа се влева Мирц, па нагло свртува на југ и тече низ градот Грац.

Течејќи низ центарот на Грац, Мура минува под утврдената височина Шлосберг и крај стариот град. Некогаш реката била многу загадена од неколку фабрики за хартија крај брегот и железарницата кај Леобен, но почнувајќи од 1980-тите, квалитетот на водата е значително подобрен.

Од Грав реката продолжува на југ, одминувајќи го Лајбниц (Липница) и се спојува со Сулм, каде фаќа поисточен правец. Недалеку од Шпилфелд (Шпилје), реката ја образува границата меѓу Австрија и Словенија сè со Бад Радкерсбург (Радгона) и Горна Радгона, каде целосно преминува во Словенија.

Во Словенија Мура минува низ Раденци и Вержеј. Таму влегува во областите наречени по неа — Прекмурје („преку Мура“) во Словенија и Меѓимурје („меѓу Мура“) во Хрватска. На ова подрачје сè уште се среќаваат влечни скели и пловечки воденици.

Во Горно Меѓимурје реката често го менува течението, полека движејќи се на север од левата страна. Тука се среќава шумата Муршчак, помеѓу Домашинец и Долен Храшчан. Примајќи ја последната значајна притока Трнава, Мура се влева во Драва кај Леград во Копривничко-крижевачката жупанија, Хрватска.

Ползување[уреди | уреди извор]

Пловечка воденица на Мура во Вержеј, Словенија.

Мура стопански се ползува уште од стариот век. Познато е дека во IV век п.н.е. на нејзините брзаци работеле пловечки воденици, технологија подоцна наследена од Словените и Маѓарите. Многу од ваквите воденици работеле и во 20-тите и 30-тите години на XX век, од кои денес е активна Бабичевата воденица (Бабичев млин) кај Вержеј во Словенија.[4]

Реката носи помали количества злато кои не се доволни за современа експлоатација, но сепак се собрале во подалечното минато. Организираното испитување и ползување на златото и другите месни ресурси отпочнало во 1772 г.

Во Австрија, Мура има неколку хидроелектрични брани.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Novak, Vilko. 2006. Slovar stare knjižne prekmurščine. Ljubljana: ZRC SAZU, pp. 262, 269.
  2. 2,0 2,1 „Reke, dolge nad 25 km, in njihova padavinska območja“. Statistical Office of the Republic of Slovenia. 2002. Архивирано од изворникот на 2007-10-20. Посетено на 2017-01-07.
  3. Острошки, Лилјана, уред. (декември 2015). Статистички годишник на Република Хрватска 2015 (PDF). Државен завод за статистика. стр. 49. ISSN 1333-3305. Посетено на 27 декември 2015.
  4. „Milling as Remembrance of Times Past in Prekmurje“. slovenia.si. May 2008. Посетено на 26 March 2015.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]