Потеклото на малтешкиот јазик се припишува на доаѓањето на доселеници од соседна Сицилија, во почетокот на 11-ти век, каде што се зборувал сицилиско-арапски јазик.[1] Ова е потврдено со генетски испитувања, кои покажуваат дека денешните Малтежани имаат заедничко генетско потекло со Сицилијанците и Калабријците, со мал генетски влез од Северна Африка и Левантот.[2][3]
Норманската инвазија на Малта во 1091, проследена со протерувањето на муслиманите, кое завршило до 1249, трајно го изолирало народниот говор од арапскиот извор, создавајќи услови за создавање на посебен јазик.[1] За разлика од Сицилија, каде што сицилиско-арапскиот јазик изумрел и бил заменет со сицилиски, народниот јазик во Малта продолжил да се развива заедно со италијанскиот, на крајот заменувајќи го како официјален јазик во 1934, заедно со англискиот.[1] Првата позната пишана референца за малтешкиот јазик е од еден тестамент од 1436, каде што се нарекува lingua maltensi. Најстариот пишан текст на малтешки јазик, Il-Kantilena (Xidew il-Qada) од Пјетру Каксаро, потекнува од 15-ти век.[4]