Прејди на содржината

Корисник:Bjankuloski06/Вулканизам во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Вулкански области[уреди | уреди извор]

Територијата на Република Македонија во текот на неогенот се одликува со значајна вулканска активност. Одредени вулкански активности се следат од времето на олигоценот, миоценот, плиоценот, па сè до квартерот. Во геолошката литература се издвојуваат следните области на згасната вулканска активност.

  • Осоговско-малешевска вулканска област
  • Кратовско-злетовска вулканска област
  • Кумановско-светиниколска вулканска област
  • Бучимско-боровдолско-дамјанска вулканска област
  • Кожуфска вулканска област
  • Мариовско-кајмакчаланска вулканска област
  • Охридско-коселска вулканска област

Осоговско-малешевска вулканска област се протега од селото Луке на север преку Деве БаирТораницаСасаДелчевоПехчево. Вулканите се одликувале со лава со преоден хемиски состав. Како последица на вулканската активност и ерозијата многу ретко се сочувани вистински вулкански купи. Како потипични во денешно време може да се споменат Буковик и Бело Брдо кај Пехчево. Староста на оваа вулканска активност е олиго-миоценска, а за оваа област е поврзана и минерализацијата на оловото и на цинкот во областите на Саса и на Тораница.

Кратовско-злетовска вулканска област е најголемата згасната вулканска област на нашата територија. Се простира меѓу планината Козјак на север, реката Брегалница на југ, Овче Поле на запад и Осоговските Планини на исток. Вулканските избиви биле копнени и подводни и се одликувале со силна екпслозивна фаза со производство на голема количина на лава и пирокластични материјали. Во денешно време во релјефот се истакнуваат повеќе поранешни вулкански купи (Злетовска, Маричанска и Црн Врв). Од поствулканските појави се познати: мофети, фумароли и термоминерални извори (Кочанска Бања, Боровиќ и др.). За оваа вулканска активност се поврзани и минерализациите на олово и цинк.

Кумановско-светиниколска вулканска област се наоѓа меѓу селото Нагоричане, Кумановско до Свети Николе. Вулканите биле од линеарен тип, кои се наоѓале на местата на длабоките структури и од нив се излевала базична лава, а вулканските избиви биле следени и со послаби експлозии. Лавата, која се продуцирала на површината на Земјата, градела сливови и плочи од базична лава што се наредени еден преку друг. Во одредени фази на работата на вулканите се произвела и одредена количина на пирокластични материјали што се наталожени преку сливовите на лави. Староста на оваа вулканска активност е на границата на олигоценот и на миоценот.

Бучимско-боровдолско-дамјанска вулканска област е просторно сместена меѓу Штип и Радовиш. Како морфолошки облици се забележуваат вулканските купи и кратери: Пилав Тепе, Трескавичка Чука и др. За оваа вулканска активност е поврзано и оруднувањето на бакар во Бучим и во Боров Дол и одруднувањето на железо во Дамјан.

Мариовско-кајмакчаланска вулканска област се протега меѓу селото Витолиште на север и планината Ниџе со Кајмакчалан на југ. Вулканската активност била проследена со силна производство на пирокластични материјали. Ова условува овој дел од теренот да е препокриен со: туфови, бречи и агломерати. Во одделни фази имало и производство на поголема количина на лава, која денеска се манифестира со појава на вулкански карпи во определени месности како што се: Камила, Црна Тумба, Кравица и др.

Кожуфска вулканска област е најмладата вулканска област во Македонија. Нејзината старост е одредена како миоценско-плиоценска до квартерна. Се наоѓа меѓу Кавадарци на север и планината Кожуф на југ со продолжеток кон Егејка Македонија. Вулканската активност се карактеризирала со експлозивна работа на вулканите и производство на голема количина на пирокластични материјали, кои, во периодот од плиоцен до квартер го заполниле Тиквешкото Езеро. Денес во морфологијата на планината Кожуф се забележуваат бројни остатоци од некогашните вулкани како што се: Васов Град, Коприва, Прашник, Цврстец, Острец, Дудица и Момина Чука. Со оваа вулканска област се поврзани и минерализациите: на бакар, на олово и на цинк на Дудица, како и минерализациите на: арсен, антимон, злато и талиум во Алшар.

Охридско-коселска вулканска област се наоѓа северно од Охрид. Тука вулканската активност е поврзана за систем на раседи од кои најпознат е Коселскиот Расед. По должината на раседните структури кај селата: Песочани, Вапила, Косел, Велгошти се појавуваат поствулкански појави како што се мофетите. Најпозната е солфатарата-мофета кај селото Косел.

Од Македон. енцик.[уреди | уреди извор]

На терените на Македонија, интензивна вулканска дејност се вршела во времето на протерозоикот, во јурскиот и терциерниот период. Од протерозоиска старост вулканско-седиментна област претставува метагабро-дијабазен комплекс, наречен и дијабаз-филитоидна формација од рифеј-камбриска старост, кој е распространет на Осоговско- малешевските Планини и Плачковица. Остатоци од една мошне широко распространета јурска вулканска област на просторот на Вардарската зона денес се сочувани во офиолитскиот масив Демир Капија–Гевгелија, кај Клепа–Велешко и кај Липковско на Скопска Црна Гора. Карпестите маси се тип на океанска кора, изградена во долните нивоа од разновидни габрови, преку кои лежат масивни базалти и пилолави од спилит-базалти. Со терциерната магматска активност се создадени Кратовско-злетовската вулканска област, во источните делови на Вардарската зона, појасот Тораница–Саса–Делчево– Пехчево и помалата Бучим-боровдолска вулканска област. Сите се од горно-олигоценска – средно-миоценска старост, и изградени се од андезити, латити, кварцлатити. Со овој вулканизам се создадени олово-цинкови, златоносни, бакарни и неметални наоѓалишта (Злетово–Добрево, Саса, Тораница, Бучим). Кожуфската вулканска област е од мио-плиоценска старост, има андезит-латитски и кварцлатитски состав и во неа се јавуваат оруднувања на антимон, арсен, талиум, злато и вулкански стакла.

Палеовулкански релјеф[уреди | уреди извор]

На подрачјето на Македонија, интензивниот горноалпски (неотектонски) вулканизам со мали прекини почнува уште во еоценот и олигоценот, но со поголем интензитет се манифестира во миоценот и плиоценот, па сè до квартерот. Во Кратовско, злетовската вулканска област во овој период е исфрлена вулканска маса (лава и пирокластичен материјал) со зафатнина од околу 700 км3, во Кожуфско-витачевската — 250-300 км3, а во останатите подрачја − меѓу 50 и 70 км3. Ваквите податоци покажуваат дека од пазувите на Земјата е исфрлен материјал што би можел да ја покрие целата територија на Република Македонија со слој дебел околу 40 м. Кај вулканските маси се издвоени различни петролошко-минеролошки типови, меѓу кои преовладуваат: андензити, дацити и латити, додека базалтите се помалку застапени. Геолошко-морфолошки траги од терцијарниот и долноквартерен вулканизам се јавуваат во повеќе области во Македонија, но релјефно се најизразени во Кратовско-злетовската, Кожуфско-витачевската, Шопурско-дамјанската и Нагоричанската област.

Кратовско-злетовска палеовулканска релјефна област[уреди | уреди извор]

Кратовско-злетовска палеовулканска релјефна област — најголема и релјефно најдобро изразена палеовулканска релјефна област во Македонија, сместена во североисточниот дел на земјата. Активноста започнала во олигоценот, пред 32-29 милиони години. Траги од оваа најстара терцијарна вулканска активност просторно се наоѓаат во долината на Злетовска Река, поточно кај с. Јамиште и источно од Турско Рударе. Вулканската активност, која со одредени прекини траела речиси 25 милиони години, завршила во почетокот на плиоценот. За тој период, вулканските жаришта од североисточните делови на областа, постепено се поместувале кон југозапад. Присуството на кисели до интермедијарни вулканити: андезити и дацити, нивни туфови и бречи, укажува на експлозивен тип на избиви, така што покрај изливи на лава, е исфрлено значително количество вулканокластичен материјал.

Според литолошката структура и морфолошките показатели, утврдено е дека постарите избиви (во почетокот на вулканската активност, до долниот миоцен) биле помирни и со поголемо количество исфрлена лава (дацити-игнимбрити во источниот дел на областа), во однос на помладите, кои биле поексплозивни. Земено во целина, вулканската активност била од мешан тип (мирни избиви со излевање на лава, повремено пратени со жестоки експлозии и исфрлање на вулканокластичен материјал). Вулканските појави обично биле од континентален тип, со тоа што од среден миоцен до плиоцен се јавувале фази на таложење и изедначување на материјалот од избивите (особено туфовите) во околните неогени езера (Кумановско на северозапад, Славишко на север и Кочанско на југ).

Денес, од некогашната бурна вулканска активност во Кратовско-злетовската вулканска област, останале малку сочувани морфолошки остатоци. Тоа се обично силно видоизменети и еродирани вулкански купи, а многу поретко остатоци од кратери во облик на разорени калдери. Морфолошки, јасно се издвојуваат дваесетина заоблени возвишенија што наликуваат на вулкански купи. Тие, според Цвииќ (1906), меѓу Злетово и Кочани се распоредени во низи, а меѓу Кратово и Злетово се распоредени во групи. Ако подробно се анализира теренот, ќе се увиди дека овие купести возвишенија претставуваат: а) вистински вулкански купи, кои се претежно од стратотип; б) псевдоеруптивни купи, настанати со втиснување на магмата близу до површината; в) вулкански некови, кои, поради побрза селективна ерозија на околниот терен, добиле купест облик и г) возвишенија обликувани со флувиоденудациони процеси. Што се однесува на просторната разместеност на некогашната вулканска активност, во областа можат да се издвојат неколку маркантни вулкански центри. Од нив, најдобро морфолошки изразени се: Лесновската купа и калдера, купата на Плавица, двојната калдера на Рајчански Рид, вулканскиот нек Здравчи Камен и вулканските купи околу с. Добрево. Релативно добро се сочувани купите (нековите) кај Уво-Буковец и Орлова Чука и калдерата кај Преслап, северно од с. Пантелеј.

Морфолошки подобро изразени вулкански купи во областа се: Плавица (1297 м), Уво (1472 м), Голем Рид (1532 м), Лесновска купа (Илин Врв, 1127 м), Куновска Чука (1347 м) и др. Нивната релативна височина во однос на околниот терен, изнесува 200-400 м, а пречникот во основата е 1-3 км. Тие се претежно од стратотип, при што слоевито се сменува лавичен материјал (андезитско-дацитски лави, игнимбрити), со пирокластичен материјал (андезитски и дацитски туфови). Околу наведените маркантни купи, често се јавуваат помали, секундарни или паразитски купи. Така, само околу Плавица има 7 паразитски купи со релативна височина од 50 до 150 м: Кундинска Чука (817 м), Марчинска Чука (1044 м), Кала (798 м), Градиште (995 м), Уши (1205 м), Баба (908 м) и Гро (1023 м). По неколку паразитски купи има и околу вулканските центри: Уво, Лесново, Преслап и др. Паразитските купи често се помлади од главната купа, што укажува на полифазноста на вулканската активност. Меѓу главните и паразитските купи се создадени мали превали, остатоци од расчленети интерколински депресии. Самите интерколински депресии, по престанокот на вулканската активност послужиле како склоност за формирање на кратки речни долини, а интерколинската депресија меѓу Плавица (1297 м) и палеовулканската купа Кундинска Чука (817 м), го предиспонирала создавањето на малото Кундинско Езеро. Интересна морфолошка одлика на купите е нивната стрмност, а причина за тоа е густата (тестеста) дацитско-андезитска лава, која се консолидирала од врвот (кратерот) кон подножјето. Доста стрмни се и вулканските некови составени од андезитска лава, како резултат на побрзата (селективна) ерозија на туфовите во подножјето. Поради долготрајните флувиоденудациони процеси и помладите тектонски движења во областа, вулканските купи се доста снижени, еродирани и редуцирани, така што не е можно да се реконструира нивниот иницијален облик и височина. Особено се уништени врвовите на купите, каде што се наоѓал кратерот. Купите се засечени со помлади речни долини, кои ѕвездесто се разидуваат кон подножјето. Интересно е што некои вулкански купи, во поствулканскиот период не само што не ја намалиле, туку ја зголемиле својата релативна височина, но сега поради интензивно всекување на блиските речни долини во интерколинските депресии. Од претходното произлегува дека по престанокот на вулканската активност до денес, вулканските купи се значително морфолошки модифицирани, обично како резултат на ерозивните процеси (во одредена мерка и на подоцнежните радијални тектонски движења). Зеремски (1959), ваквите палеовулкански купи, кои се доста променети со ерозивноденудациони процеси, ги нарекува полигенетски − термин што е прифатлив за најголем дел од вулканските купи во Република Македонија.

Без оглед на слабата сочуваност, палеовулканските купи се значајна одлика на релјефот во западниот (Кратовско-злетовски) дел на Осоговскиот масив. За разлика од купите, кратерите во најголем дел се целосно уништени. Во истражуваната област може да се идентификуваат остатоци од четири кратери во вид на ерозивни калдери. Добро е сочувана калдерата на врвот од Лесновската купа, а послабо се сочувани калдерите на Рајчанската, Шталковичката и Плавичката купа.

Кожуфско-мариовска палеовулканска релјефна област[уреди | уреди извор]

Кожуфско-мариовската палеовулканска релјефна област е втора по големина во Македонија. Се протега покрај границата со Грција од селото Коњско на Кожуф до Ниџе, а на север го зафаќа платото Витачево. Вкупната површина покриена со пирокластичен и изливен вулкански материјал изнесува околу 600 км2, со средна дебелина преку 400 м, така што вкупната маса на ефузивен материјал изнесува околу 300 км3. За разлика од Кратовско-злетовската област, која има полифазен карактер, односно вулканизмот се одвивал во повеќе фази и во долг временски период, вулканската активност во Кожуфско-мариовската палеовулканска област се одвивала во многу кус период, само во горен плиоцен и долен квартер. Тоа е најмлад вулканизам од андензитски состав во овој дел на Балканскиот Полуостров. Тој бил со изразито експлозивен карактер, поради што вулканската пепел од ветровите била разнесувана на големо растојание во Тиквешкиот Басен и во Пелагонија. Вулканскиот релјеф покрај Македонско-грчката граница е претставен со низи од купи и вулкански некови, кои се извишуваат во релјефот. Тие, како изолирани вулкански форми, се одвоени една од друга со длабоко всечени водотеци, односно долинки и суводолици. Имаат посебни имиња, како: Момина Чука, Дудица, Шарена, Власов Град, Острец, Соколовец и др. Изградени се од кисели андензитски лави кои се носители на оруднувања од: бакар, арсен, олово, никел и други многу ретки минерали карактеристични само за овој регион. Северниот дел од оваа палеовулканска област, посебно платото Витачево, е изградено од вулкански туфови, кои лежат речиси хоризонтално со благ пад кон север. Нивната длабочина се движи од 2 до 20 м и се стратифицирани што укажува дека тие настанале во водена средина како лимниска вулканогена фација. Во оваа туфогена маса има вклопено крупни блокови − вулкански бомби од различни димензии.

Дамјанско-бучимска палеовулканска релјефна област[уреди | уреди извор]

Дамјанско-бучимското палеовулканско подрачје зазема мала површина од само околу 26 км2. Кај Дамјан во релјефот се јавуваат вулкански купи познати како Пилав Тепе и Плоча, составени од андензитски лави. Околу нив, посебно во јужен правец има напласти на вулкански бречи и туфови, кои зафаќаат површина од 12 км2. Староста на овој вулканизам е дефинирана како миоценска (Арсовски, 1997). Бучим, пак, претставува еден пробој од вулкански нек во средишниот дел на еден блок. Од наведеното може да се констатира дека квартерната вулканска активност во Република Македонија била доста жива. Таа започнала кон крајот на еоцен или во олигоцен, а завршила во плиоцен. Вулканските ерупции во почетокот биле помирни, обично со исфрлање на лавичен материјал, а кон крајот на миоценот се засилиле и станале поинтензивни. Вулканските ерупции биле претежно континентални, но кон крајот на вулканската активност, консолидацијата и таложењето на материјалот од ерупциите, делумно се вршеле во веќе создадените езера. Најактивните вулкански центри во областа се предиспонирани со регионалните и локалните дислокации (СЗ-ЈИ), кои ја одвојуваат Вардарската зона од Српско-македонскиот масив и од Пелагонот. Самите жаришта најчесто се на пресекот на споменатите примарни и напречни секундарни раседни линии.

Покрај динамичната вулканска активност, нејзините морфолошки манифестации слабо се сочувани и тешко се реконструираат. Во споменатите области се јавуваат триесетина купести возвишенија, од кои дел се вулкански купи со уништен кратер, дел се остатоци од вулкански калдери, а има и такви кои претставуваат разорени остатоци од вулкански некови. За сочуваноста на палеовулканскиот релјеф, во предвид треба да се има и поствулканскиот период од 2 до 30 милиони години на интензивно егзогено уништување и преиначување. Всушност, во активната фаза, купите биле многу повисоки, а кратерите (калдерите), многу појасно изразени. Поради големата старост на вулканскиот релјеф и долготрајната изложеност на ерозија истиот е значително изменет и уништен, така што има полигенетски карактер.

Значајни палеовулкански купи, калдери и плочи во Р. Македонија[уреди | уреди извор]

Како посебно значајни и впечатливи палеовулкански форми во релјефот на Република Македонија се истакнуваат:

  • Лесновската купа и калдера, кај с. Злетово,
  • Плавичката купа и калдера, меѓу Кратово и Пробиштип,
  • Вулкански купи Уво-Буковец, источно од Кратово,
  • Вулканска купа и калдера Црни Врв, западно од Кратово,
  • Вулканки нек Здравчи Камен, северно од Кратово,
  • Вулкански нек Татиќев Камен кај с. Кокино,
  • Базалтни плочи кај с. Младо Нагоричане (Кумановско),
  • Вулкански купи Пилав Тепе и Плоча кај с. Шопур (Радовишко),
  • Вулканска купа Васов Град кај с. Конопиште,
  • Вулканска купа Буковик кај Пехчево.

Лесновска купа и калдера[уреди | уреди извор]

Околу 5 км југоисточно од Плавица, кај с. Лесново, се наоѓа една од најдобро сочуваните палеовулкански структури во Кратовско-злетовската област и воопшто во Република Македонија. Станува збор за вулканска купа со површина од 12 км2 и изразита калдера на врвот. Купата има стрмни страни и над околниот релјеф се издига за 400 м. Таа морфолошки особено јасно е изразена од јужната и југозападната страна. Од источната страна е пресечена со долината на Злетовска Река, а од западната со долината на Добревска Река. На врвот од Лесновската купа е впечатлива, добро сочувана калдера, со пречник од 1,5 км и длабочина во средишниот дел од 150-200 м. Околу центарот на калдерата, прстенесто се распоредени 7-8 купести возвишенија т.е. вулкански некови. Од нив најмаркантен е северниот нек Илин Крст (1127 м), кој веројатно бил главен вулкански центар, од каде што избивало најголемо количество на лава и вулканокластичен материјал. На јужната и источната страна се јавуваат уште 3 изразити нека: Св. Троица (1012 м), Нушева Чука или Горно Брдо (1025 м) и Гумички Рид (1048 м). Лесновската калдера е добро морфолошки изразена освен од југозападната и североисточната страна, каде што е пресечена со Лесновски Поток. Иницијалниот изглед на кратерот бил значително поинаков ако се има предвид дека структурата му припаѓа на постариот вулканизам во областа. Тоа произлегува од староста на дацитската лава (дацитски игнимбрити), која според Серафимовски (1993) е олигоцена. Всушност, Лесновската калдера има полигенетски карактер, бидејќи за нејзиното современо обликување, големо значење имале подоцнежните ерозивно-денудациони процеси.

Околу Лесновската купа и во самата калдера се забележани траги на радијално течење на лавата, особено во јужен правец. Дацитските лави денес се изложени на селективни ерозивни процеси, при што во релјефот се создадени бројни мали денудациони форми (остенци, чашки, стапалки и др.). На одредени засеци по должината на патот с. Добрево − с. Лесново се забележува дека дацитските лави лежат врз туфови, што укажува дека Лесновската купа претставува стратовулканска структура. Слично како кај останатите вулкански центри и околу Лесновската купа се распоредени неколку паразитски купи, високи 50-100 м. Такви се купите источно од с. Добрево, потоа Дебели Рид (773 м) над Пробиштип, Волујак (623 м), Драч и др. Според карактерот (видот) на исфрлениот материјал, произлегува дека овие паразитски купи имаат слична (олигоцена) старост како главниот вулкански центар.

Вулканска купа и калдера Плавица[уреди | уреди извор]

Меѓу Кратово и Пробиштип се наоѓа највпечатливиот палеовулкански центар во областа, а тоа е Плавица (1297 м). Oд јужната страна има изглед на вулканска купа, која над околниот релјеф се издига за 400-500 м, а пречникот е 3-4 км. Околу главната купа, концентрично се издигаат неколку помали возвишенија, кои претставуваат паразитски купи со височина од 50 до 150 м. На падините на Плавица, кои се изградени од андезитски карпи, дацити, игнимбрити и туфови, има траги од течење на лавата и тоа посебно во јужен и југоисточен правец. Според лавичниот и пирокластичниот материјал, овде веројатно се сменувале фази на мирни и експлозивни ерупции, а самата купа е од страто тип. Повисокиот дел на Плавица (над 1000 м) има полукружна форма и наликува на уништен и преиначен кратер, поточно ерозивна калдера. Оваа калдера од северната страна е пресечена и значително уништена со изворишните делови на левите притоки на Кратовска Река (Шлеговска Река), од западната страна − со изворишниот дел на Кундинска Река, а од јужната страна длабоко е засечена (еродирана) со Марчинска и со Добревска Река.

Oколу Плавица, се распоредени повеќе паразитски купи и тоа: Марчинска Чука (1044 м), Уши (1205 м) источно од Плавица, Гро (1023 м) над с. Приковци, Кундинска Чука (817 м) источно од с. Кундино, Баба (908 м) кај Шлегово и др. Заедно со Плавица, споменатите купи сочинуваат една сложена прстенеста структура, која се протега на површина од речиси 30 км2. Секундарните купи укажуваат на долготрајноста − полифазноста на вулканските ерупции и поместувањето на вулканското жариште. На некои од нив, се забележуваат траги од течење на лавата, обично во правец на најголемиот пад. Овие паразитски купи денес се доста заоблени и снижени. Тие, исто како Плавица, се подложни на интензивна деструкција.

Што се однесува до периодот на вулканска активност, најверојатно вулканизмот започнал во олигоцен. Андезитите и туфовите кои потекнуваат од околните паразитски купи (Марчинска, купите околу Шлегово и Приковци), се со горномиоцена или долноплиоцена старост, бидејќи делумно се измешани или ги пробиваат езерските миоцени седименти јужно од Плавица. Тоа значи дека за време на езерската фаза имало силна вулканска активност.

Вулкански купи Уво-Буковец[уреди | уреди извор]

Околу 4 км источно од Плавица, над селото Близанци, во релјефот маркантно се издигаат две купести возвишенија: Буковец (1423 м) на запад и Уво (1472 м) на исток. Тие меѓусебно се оддалечени само 1 км и се раздвоени со плитко седло, предиспонирано со расед во правец ССИ-ЈЈЗ. Купите имаат доста симетричен изглед, а нивната релативна височина е околу 250 м.

Според морфолошките елементи не може точно да се утврди дали претставувале единствена целина на чиј врв постоел кратер (подоцна уништен со раседната структура) или пак станува збор за главна и паразитска купа со сопствен механизам на дејствување (полифазност). По страните на купите се забележуваат траги од течење на лавата и тоа радијално, особено кон јужната и кон југозападната страна. Овде вулканската активност е претставена обично со лавични изливи од дацити (дацитски игнимбрити). Од паразитските купи подобро се изразени Куновска Чука (1347 м) на исток, Лески (1073 м) на север и неколку други послабо изразени. Купата Куновска Чука, набљудувана од долината на Злетовска Река е особено импозантна, бидејќи стрмно се издига над долинското дно околу 600 м. Но ваквата релативна височина, всушност е последица на длабокото всекување на Злетовска Река од источната страна, многу подоцна од формирањето на купата. Целата структура Уво-Буковец, заедно со паразитските кратери, се протега на површина од околу 10 км2, а лавично-вулканокластичниот материјал, е распространет на површина од 35 км2. Староста на оваа структура веројатно е олигоценска. Поради тоа, палеовулканските форми значително се уништени и преиначени со подоцнежните флувиоденудациони процеси.

Вулкански нек Здравчи Камен[уреди | уреди извор]

На левата долинска страна на Кратовска Река, јужно од с. Живалево, се издига впечатливиот вулкански нек Здравчи Камен (844 м). Тој се протега меридијански и тоа на југ до с. Шлегово, во должина од 2,5 км, а широчината му изнесува 0,5-0,8 км. Некот е изграден од андезитски карпи, кои при истиснување низ вулканскиот канал, добиле столбесто лачење. Околу некот се дебели напласти на туфови, кои се доста еродирани со флувиоденудационите процеси.

На источната страна Здравчи Камен длабоко е пресечен од Кратовска Река, а на западната − од Шлеговска Река. Инаку јадрите цврсти андезити, поради селективната ерозија, се издигаат во релјефот и на целата структура и даваат изглед на добро сочувана вулканска купа, со релативна височина од 300 м. Со механичко разорување, во андезитските карпи се изградени интересни денудациони форми, особено остенци, чашки, стапалки и др. Во највисокиот дел се сочувани остатоци на езерска тераса од 780-800 м.

Рајчанска купа и калдера[уреди | уреди извор]

Најјужната морфолошки подобро изразена вулканска структура во Кратовско-злетовската област се протега меѓу селата: Врбица, Соколарци, Спанчево и Рајчани. Целата структура зафаќа површина од околу 25 км2. Денес од некогашната купа со големи димензии останале две калдери, надворешна и внатрешна, (подобро морфолошки сочувани од северната страна).

Надворешната калдера ја чинат гребените на Рајчански Рид (867 м) на север и Илиица (803 м) на запад.

Внатрешната калдера е подобро изразена во релјефот и ја сочинуваат сртовите на Блатец (835 м) на север, Божурњак (767 м) на исток и неколку помали возвишенија на запад. Двете калдери од јужната страна се пресечени со изворишните делови на Змијарник и Соколарска Река, што ја отежнува нивната морфолошка реконструкција. Трагите од течење на андензитската лава, подобро се воочливи на северната страна. Вулканокластичниот материјал е претставен со вулканоседиментни бречи и во помала мерка андезитски туфови, претежно таложени во водена средина. Нивната положба и состав укажуваат на долноплиоцена вулканска активност. Инаку пространите калдери и моќниот вулканокластичен материјал се доказ за жестоките ерупции на овој простор. Околу Рајчанските калдери се забележани неколку ниски возвишенија, кои претставуваат мали паразитски купи. Тоа се: Св. Ѓорѓи (570 м), Голак (559 м) од јужната страна; Баково (596 м) над с. Трипатанци на запад и др.

Базалтни плочи кај Куманово[уреди | уреди извор]

Базалтните плочи кај с. Младо Нагоричане, Кумановско, претставуваат единствна појава од таков вид на Балканскиот Полуостров. Станува збор за 8 конусовидни, на врвот зарамнети возвишенија, кои се протегаат меридијански и верижно, во должина од околу 5 км. Тие се остатоци од некогаш единствената вулканска плоча, формирана со излевање на базалтна (типично вискозна) лава на овој простор пред околу 7-8 милиони години. Возвишенијата се зарамнети на врвот, сите со слична надморска височина од 480 до 505 м. Од нив најистакнати се „Костоперска Карпа“ и „Вујовска Карпа“, високи 80 до 100 м, непосредно покрај магистралниот пат Куманово – Крива Паланка.

Покрај уникатниот изглед на „вулкански купи“, на зарамнетите делови од плочите има интересни микроформи во вид на вдлабнатини, чашки, карпести корита и сл., кои во влажниот период се исполнети со вода. Тие настануваат под влијание на селективна механичка, хемиска и биогена ерозија на понеотпорните минерали и карпести партии. Освен масивна базалтна лава, кај плочите се среќава и лесна сунѓереста лава настаната со излевање во водена (езерска) средина. Поради своето значење, Базалтните плочи се заштитени со закон како споменик на природата. За жал, и покрај законската заштита, на нив се поставени телекомуникациски предаватели, со кои е нарушена севкупната вредност на појавата. На најјужната плоча, пак, Зебрњак, чиј природен изглед уште од поодамна е променет со изградба на голем споменик, сè уште се одвива експлоатација на базалт. Важно е да се напомене дека освен природна, плочите имаат изразита културно-археолошка вредност.

Вулканска купа Васов Град[уреди | уреди извор]

Васов Град е најмаркантна палеовулканска купа во Кожуфско-витачевската палеовулканска релјефна област. Се издига на западните падини на планината Кожуф југоисточно од с. Мрежичко. Купата составена главно од андезитска лава е висока 500-600 м над околниот релјеф, а највисоката точка − врвот е на 1401 м н.в. Околу купата има напласти на туфови и пирокластичен материјал, што укажува на експлозивниот тип на ерупции. Околу Васов Град има неколку паразитски купи како: Острец (1550 м), Цврстец (1535 м) и други.

Вулкански купи Пилав Тепе и Плоча кај Шопур[уреди | уреди извор]

Вулканските купи Пилав Тепе и Плоча се наоѓаат во клисурата на Маденска Река, десна притока на Крива Лакавица, на околу 12 км западно од Радовиш. Купите се во склоп на Дамјанско-бучимската палеовулканска област, која зафаќа површина од 26 км2. Пилав Тепе е од десната страна на Маденска Река и има типичен конусест изглед, со релативна височина од околу 100-120 м и апсолутна височина од 566 м. Составена е од мошне цврсти, компактни андезити, што укажува на експлозивен вулканизам, кој е одреден како миоценски.

На 1 км јужно од Пилав Тепе се наоѓа втората карактеристична вулканска купа во форма на нек, позната како Плоча. Релативната височина и е околу 150-200 м, а апсолутната е 658 м. По состав е иста како Пилав Тепе, односно од компактни андезитски лави. Речиси од сите страни околу Плоча се наоѓаат напласти од пирокластичен материјал – вулкански бречи и туфови, посебно на ЈИ страна кон с. Дамјан. Двете купи се пресечени со долината – клисурата на Маденска Река, поради што нивната истакнатост и релативна височина во квартерниот период е зголемена. Поради селективната ерозија, на Плоча има речиси вертикални карпести отсеци, кои во поново време се користат за алпинизам. Самиот врв, пак, на двете купи е релативно зарамнет, посебно на Плоча, поради што веројатно и името.

Освен наведените, на 1 км источно од Пилав Тепе има уште едно конусно возвишение, кое најверојатно е паразитска купа на главниот вулкански центар.

Вулканска купа Буковик кај Пехчево[уреди | уреди извор]

Вулканската купа Буковик се наоѓа на 3 км североисточно од Пехчево. Таа е единствената јасно изразена, палеовулканска релјефна структура во Сасо-тораничко-пехчевската област и во овој краен источен дел на Република Македонија. Купата има пречник од околу 3,5 км, а површина од 8 км2.

Од јужната страна е длабоко пресечена со долината на Пехчевска Река, додека од северната, со изворишниот дел на Желевица. Релативната височина на купата изнесува околу 600-700 м, а највисок врв е Орловец (1723 м). На исток од овој врв, преку плитко седло, Буковик се поврзува со билото на Влаина и нејзиниот највисок врв Кадиица (1932 м). На самата купа, која е изградена од кварцлатити, не се забележува јасна прстенесто-кратерска структура. Затоа пак се присутни траги од лавични текови, особено кон западен правец. Пирокластичниот материјал најверојатно е однесен со флувијалната ерозија.

Што се однесува до староста, на вулканската купа и вулканизмот во Пехчевско, според Арсовски (1997), таа веројатно е горномиоцена. Попрецизното детерминирање на крајот на вулканската активност е проблематично, бидејќи вулканитите во овој дел никаде не контактираат (не се во суперпозиција) со неогените седименти.