Прејди на содржината

Мозаик (музичка група)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Мозаик (Mosaique) - е бенд од Скопје формиран во ноември 1998 година. Првите членови биле Александар Станковски (Крива Паланка) на гитара и Веле Солунчев (екс Чиста околина) како вокал. За кратко време им се придружиле и Панче Бујуклиев (екс Sethstat) на синтисајзер, Петар Младеновски (Суперхикс) на бас, Оливер Дуев (екс Тони Китановски Трио) на тапани и Славе Спировски, грамофони.

Музиката што оваа група ја создала е фузија од различни стилови (хип-хоп, џез-фјужн, џез-фанк). Бендот не е определен жанровски или стилски, туку секоја идеја, тема, грув што им се допаѓал на членовите го вметнувале во своите песни, па логичнo и симболично го земале името Мозаик.

Историја[уреди | уреди извор]

Првиот самостоен концерт Мозаик го имал во декември 1999 година во Културно-информативниот центар „Салон 19.19“ во Скопје. На тој концерт, бендот го претставил целиот свој дотогашен материјал, а одличниот фидбек од публиката бил потврда за насоката во која членовите на Мозаик сакале музички да се движат. И следниот настап го имале: Александар, Веле, Славе и Панче, на бендот му се приклучиле и Дeјан Милосављевиќ-Дино на тапани, Ѓоко Максимовски-Џоле на бас, Владан Дробицки на тромбон, Васко Бојаџиски на саксофон, Александар Николовски на труба и Јане-DJ SMJ на грамофони. Концертот изобилувал со гости, меѓу нив и Тони Китановски на гитара. Овој настап бил снимен, а песните подоцна се нашле на деби-албумот на групата. Интересно е дека песните на кои имаат гости нема да бидат поместени на албумот.

Самиот концерт, а следствено на тоа и албумот се снимени од Ален ХаџиСтефанов од радиото „Jazz FM“, а како продуценти на материјалот се појавуваат Александар и Веле. Дизајнот на обвивката е на Дејан Спасовиќ, а промоцијата на албумот била на 26.6.2000 година. Албумот бил објавен како прво издание за издавачот „Дом на млади“, издавачката куќа на Енис Хаџиќ-Енко (Last Expedition), кој се појавува и како извршен продуцент и промотер на бендот.

Во текот на таа 1999 година, бендот го имал и своето прво и единствено влегување во студио. Всушност, членовите на бендот направиле ремикс на темата Апатија во студиото „Тра Ла Ла“ на Мите Димовски, која подоцна се нашла на компилацијата на дневниот весник „Дневник“.

Во својата кратка кариера снимиле и два видеоспота, првиот за песната Зборот, а вториот, анимиран, за нумерата Зајко ну погоди, по што следувале многу телевизиски гостувања и настапи.

Од поголемите концертни преставувања, вредни за одбележување се настапите на „Таксират 2“ одржан на 25.11.2000 на Скопски саем, фестивалот „Music Jam“ во Софија, како предгрупа на „Stereo MC’s“ на 29.8.2002 на Скопско Кале, како и клупскиот настап на 21.3.2002 во „Lady Blue“ во Скопје, но и неколку клупски концерти во Тетово, Прилеп, Велес. Во периодот до 2002 година, бендот интензивно го свирел материјалот од својот деби-албум. Но на некои од последните настапи, членовите на Mosaique започнале да свират и нови теми што планирале да ги издадат во својот втор албум. До повторно влегување во студио не дошло, бендот престанал да постои во септември 2002 година.

Александар, денес се занимава со обезбедување и живее во Крива Паланка. Во 2014 започнал нова музичка авантура со музичари од Крива Паланка (Мартин Николовски, Александар Краљевски, Александар Михајловски и Милош Краљевски) под името RGB. Деби-албумот Мамурни Утра го објавиле во октомври 2017 година. Веле е монах во манастирот Зрзе, а останатите и понатаму се дел од музичкиот свет, во најголем дел членови на Sethstat.