Елена Ристеска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Елена Ристеска
Ристеска во октомври 2009 година
Ристеска во октомври 2009 година
Основни податоци
Роден(а)27 април 1986(1986-04-27)(37 г.)
Скопје, Македонија
Жанр(ови)Поп
Занимање/њаПејачка
Продукциска куќа/ќиМ2 продукција
Мрежно местоhttp://www.elenaristeska.com/

Елена Ристеска (р. 27 април 1986 во Скопје) — македонска пејачка и текстописец на популарна музика. Претставник е на Македонија на изборот на песна за Евровизија за 2006 со песната „Нинанајна“ на Дарко Димитров и Раде Врчаковски.

Животопис[уреди | уреди извор]

Рани години[уреди | уреди извор]

Елена Ристеска е родена на 27 април 1986 година во Скопје, Македонија (тогаш СР Македонија во составот на СФР Југославија). Родена е како второ дете во домот на Деса и Ацко Ристески. Таа уште во своите рани години покажала интерес кон музиката и уметноста. Таа своите први чекори во музиката ги прави во раните школски денови. Подоцна се приклучува кон КУД „Кочо Рацин“ во одделот за народни ора и танци. Со ова културно уметничко друштво гостува во неколку европски земји.[1]

Во 1996 година таа започнува и да пее во училишниот хор. Нејзиното меѓународно претставуваше со хорот било во Бугарија. Во 1998 година таа започнала и со цртање и при тоа се здобила со повеќе награди. Во 2000 година заедно со играорната дружина била на турнеја во Бугарија, Чешка и Турција.

Средно училиште завршила во Гимназијата Никола Карев.[2]

Професионален почеток[уреди | уреди извор]

Елена официјално позната на Македонската публика и стана со победата на музичкото-реалити шоу - Плеј - потрага по ѕвезди. Нејзиниот деби сингл „Она Другото“, на авторскиот двоец - Дарко Димитров (музика, аранжман и продукција) - Александар Принц (текст), за која веднаш е реализиран и видео-спот, станува инстантен хит во Македонија. Како резултат на тоа произлегува нејзиниот деби албум насловен како „Ден и Ноќ“. Албумот вклучува неколку песни кои исто така стануваат успешни хитови во Македонија и соседните земји. Ристеска освен како пејач се покажува и како текстописец и пишува за ѕвезди како 4Плеј, Ламбе Алабаковски, Александра Пилева, Маја Саздановска, Роберт Билбилов, Верица Пандиловска и др.

Заедно со големиот успех на нејзиниот деби албум, Елена почнува да се промовира и надвор од Македонија. Во 2004 година таа учествува на „Голден Стаг“ фестивалот во Романија, а во 2005 година со нејзиниот хит „Ни на небо, ни на земја“ се претставува на Сунчане Скале во Херцег Нови. Нејзините видеа често време беа вртени по МТВ Адриа, а со тоа нејзината популарност сè повеќе се зголемува.

Евровизија 2006[уреди | уреди извор]

На 4 март 2006, Елена Ристеска победува на македонскиот „Избор на песна за Евровизија“ со песната „Нинанајна“. Со извојуваната победа таа го добива правото да ја претставува Македонија на финалниот избор на „Евросонг 2006“ во Атина, Грција. Во Атина успева да биде една од десетте изведувачи во полуфиналето (18 мај 2006) кои обезбедуваат пласман на финалната манифестација. Во финалето одржано на 20 мај 2006, Елена добила 56 бода и го освоила 12-то место. Дванаесеттото место било најдобриот пласман за земјата на Евровизија до 2019 година, кога Тамара Тодевска го освоила седмото место.

По Евровизија 2007[уреди | уреди извор]

Во јули 2006 г, Елена настапува со песната „Не Могу“ (на српски) на Сунчане Скале. Песната е дело на Калиопи и Дарко Димитров. На крајот завршува на 10 место. Истата година во септември патува за Ереван, Ерменија да присуствува како гостин на концертот на претставникот на Ерменија на Евровизија 2006 Андре. Таа е добро пречекана од публиката во Ерменија што е и очекувано затоа што „Нинанајна“ станува летен хит и популарен рингтон таму. Во октомври таа реализира нов сингл насловен како „Есен Во Мене“. Песната е дело на Дарко Димитров.

После нејзините безбројни хитови во претходната година, вториот албум на Елена насловен како 192 е реализиран во декември 2006. Албумот ги содржи „Нинанајна“, „Есен Во Мене“, македонската верзија на „Не Могу“ насловена како „Не Можам“ и нов материјал.

Во 2007 таа зема дел во Скопје Фест 2007, но сега не како натпреварувач туку како специјален гостин и автор на текстот на „Бело е се“, песната на Ламбе Алабаковски. На Евровизија 2007 таа ги презентираше гласовите од Македонскиот телевотинг во финалната вечер.

Елена учествува на српскиот Радијски Фестивал на 15 декември 2007 изведувајќи ја песната „Кревета Два“ или српската верзија на нејзината песна „Има Ли Крај“. Елена завршува на второто место кое го дели со нејзината колешка и идол Каролина Гочева. Елена исто така добива и уште две награди, една за најдобра интерпретација, а другата од Радио ОСМ Пале. Кон крајот на 2007 година таа ја реализира и Српската верзија на албумот 192, насловена како „Милионер“.

Од 2008[уреди | уреди извор]

За Елена Ристеска 2008 година започнува професионално. Таа го реализира првиот самостоен сингл на англиски јазик и тоа со видеоклип. Тоа е за песната насловена како „Million Dollar Player“ (или англиската верзија на „Милионер“). Видеото е продукција на „Corrino Media Group“, а режисер на видеото е Мајк Статик. Покрај Елена во видеото се појавува и Лирој Чемберс кој всушност е и автор на текстот за оваа песна.

После тоа Елена се навраќа на некои постари проекти. Таа снима видео за песната „Некаде Далеку“ од албумот 192. Покрај македонската верзија таа снима видео и за српската верзија која е насловена како „Bye bye“ и дел од албумот „Милионер“. Режисер на видеото е Александар Ристовски - Принц. Во меѓувреме снима нова песна, односно дует со групата „Паркети“ под насловот „Сакам да те галам“ која исто така се здобива со видео реализација.

На 19 декември таа го одржува и нејзиниот прв солистички концерт. Одржан е во „Метрополис Арена“. На концертот како гости се појавија Ламбе Алабаковски, Туна, Паркети како и Босанскиот бенд „Регина“ со коишто Елена има дует.

На почетокот на 2009 година, таа снимила спот за песната „Усни како темно мастило“. Воедно тоа бил последниот проект поврзан со албумот „192“.

На 28 декември 2015 година, Елена Ристеска го претставила албумот „Без шминка“, снимен со финансиска помош на „Македонски телеком“. На албумот се наоѓаат постари осум песни, меѓу кои и „А можевме“ (напишана од Тоше Проески) и „Доживотно“, како и пет нови песни, и тоа: „Без шминка“, „Вети“, „На крај на свет“, „Немаш право ти да ми судиш“ и „Како да се радувам“. За промоција на албумот бил снимен видео-спот за песната „Доживотно“.[3]

Албуми[уреди | уреди извор]

  • И јас сакам да бидам ѕвезда (на сите учесници од потрагата на нова М2 звезда) (2002)
  • Ден и ноќ (2003) (прв студиски албум)
  • 192 (2006)
  • Милионер (2008)
  • Без шминка (2015)

Спотови[уреди | уреди извор]

Спот Година Режисер
Ден и Ноќ 2003
Рај и пекол 2003 Дејан Милиќевиќ
Не сакам да кријам 2003 Division production
Ни на небо, ни на земја 2004
Come and get me 2005
Нинанајна 2006
Љубав није за нас 2006
Есен во мене 2006
Милионер 2007
Million Dollar Player 2007
Некаде далеку 2008
Сакам да те галам 2008
Усни како темно мастило 2009
Доста 2009
Сакам по добро да те памтам 2010
Најдобро до сега 2011 Tomato Production
Опасно време 2012 Даниел Јовески
Доживотно 2015 Tomato Production
Како да се радувам ? 2016 Tomato Production
Још ме плашиш 2017 Васил Христовски, „Gotiva” produkcija
Текила и лемон 2017 CleanCut Production
Снаге за крај 2018
Срца се погреше 2019 Милош Шаровиќ
Superstar 2019 Дејан Димковски

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Елена::::M2::::Официјален Web Site:::::“. web.archive.org. 2003-08-14. Архивирано од изворникот на 2003-08-14. Посетено на 2020-10-05.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  2. „Елена Ристеска“. web.archive.org. 2012-05-31. Архивирано од изворникот на 2012-05-31. Посетено на 2020-10-05.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  3. Ѓорге Стојанов, „Се бориме за животот на татко ми, сите сме големи оптимисти“, Дневник, година XIX, број 5952, вторник, 29 декември 2015, стр. 21.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Претходник
Мартин Вучиќ
Македонија на Евровизија
2006
Наследник
Каролина Гочева