Социјална психологија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Социјалната психологија претставува интердисциплинарна наука помеѓу психологијата и социологијата која што проучува како мислите, чувствата и однесувањето на луѓето се под влијание на актуелното, замисленото или имплицитното присуство на другите.[1] Во оваа дефиниција, под научна се мисли на емипирискиот метод на истражување. Под термините мисли, чувства и однесување се мисли на сите психолошки променливи кои можат да се мерат кај човекот. Со тврдењето дека туѓото присуство може да е замислено или имплицитно се сугерира дека ние сме подложни на социјално влијание дури тогаш кога никој друг не е присутен, на пример при гледање телевизија или при следење на повнатрешнети културни норми. Социјалните психолози типично го објаснуваат човечкото однесување како резултат на интеракција на ментланите состојби и социјалните ситуации.

Социјалните психолози затоа се справуваат со факторите кои нè водат да се однесуваме на одреден начин во присуство на други лица, и ги следат условите под кои одредени однесувања/акции и чувства се појавуваат. Социјалната психологија се занимава со начинот на кој овие чувства, мисли, верувања, намери и цели се конструираат и како такви психолошки фактори, пак, влијаат врз нашите интеракции со другите.

Социјалната психологија е дисциплина која традиционално ги поврза психологијата и социологијата. Во текот на годините веднаш по втората светска војна имало чести соработки помеѓу психолозите и социолозите.[2] Сепак, двете дисциплини станаа сè повеќе специјализирани и изолирани една од друга во последниве години, со социолозите фокусирајќи се на "макро променливи" (на пример, социјална структура), во многу поголема мера. Сепак, социолошкиот пристапи на социјалната психологија останува важен партнер на психолошки истражувања во оваа област.

Главен интерес на социјалната психологија е човековото социјално однесување. Ова опфаќа повеќе нешта – однесувањето на поединецот во прируство на други луѓе, процесите на социјална интеракција помеѓу две или повеќе лица како и односот помеѓу поединецот и групата на којашто и’ припаѓа. Но, социјалната психологија не ја изучува само природата на социјалното однесување туку и причините за таквото однесување. Причинско-последичните поврзаности помеѓу променливите се важни градбени единици на секоја теорија, а од друга страна, теоријата е клучна за предвидување и контрола на социјалното однесување. Социјалното однесување, социјалните психолози го проучуваат на систематски начин. Тие се повикуваат на формалната истражувачка методологија како што е експериментот, посматрањето и друго.

Клучни интереси на социјалната психологија[уреди | уреди извор]

Друг начин да се одговори на прашањето "Што претставува социјалната психологија?" е да се опишат појавите кои социјалните психолози всушност ги проучуваат. Секако дека социјалните психолози го проучуваат човековото однесување, но нивен примарен интерес е човековото однесување во социјалниот контекст. Има четири основни истражувачки области во рамките на социјалната психологија:

(1) влијанието коешто еден поединец го има врз друг поединец,

(2) влијанието коешто групата го има врз членовите,

(3) влијанието коешто поединечните членови го имаат врз групите на коишто им припаѓаат и

(4) влијанието коешто една група го има врз друга група.

Влијанието на поединецот врз другите поединци

Поединецот е под влијание на другите поединци на многу начини. Во секојдневието, комуникацијата што ја остваруваме со другите луѓе може значително да влијае врз тоа како една личност ќе го поима социјалното опкружување. Убедувањата од страна на другите може да ги менува уверувањата на поединецот за светот воопшто како и неговите ставови кон другите лица, групи или предмети. Покрај влијанијата и убедувањата, исходите од однесувањето на поединците често се производ од дејствијата на другите лица. На пример, ако некој се затекне во некоја опасна ситуација, помош може да му биде пружена од некој алтруистички минувач. Во друга пак ситуација, истата таа особа може да биде нападната од некој агресивен минувач.

Социјалните психолози ја истражуваат природата и потеклото и на алтруизмот и на агресијата, но и на други меѓучовечки активности како што се соработката и натпреварувањето. Исто така, релевантни тука се и разните интерперсонални сентименти. Еден поединец може да развие тврди ставови кон друг (сакање, одбивност, мразење) врз основа на тоа кој е другиот и што тој прави. Социјалните психолози ги испитуваат овие прашања со цел да откријат, на пример, зошто одредени поединци развијат позитивни ставови кон некои, а негативни кон други луѓе.

Влијанието на групата врз поединецот

Втората област од интерес на социјалната психологија е влијанието на групата врз однесувањето на нејзините поединечни членови. Бидејќи поединците припаѓаат на многу различни групи - семејства, работни групи, семинари и клубови – тие поминуваат многу часови во интеракција со другите членови од групата.

Групите влијаат и го регулираат однесувањето на своите членови, обично преку воспоставување норми или правила. Еден производ од ова е конформизмот - процес преку којшто членот на групата го прилагодува своето однесување со цел да го доближи или изедначи со нормите на групата.

Групите, исто така вложуваат значително долгорочно влијание врз своите членови преку социјализацијата - процес кој им овозможува на групите да го регулираат она што нивните членови ќе го научат. Социјализацијата претпоставува дека членовите ќе бидат соодветно оспособени да играат улоги во групата и во поширокото општество. Таа го обликува знаењето, вредностите и вештините на нејзините членови. Еден од резултатите на социјализацијата се јазичните вештини; политичкото и верското уверување, ставовите, нашето поимање за себе итн.

Влијанието на поединецот врз групата

Третата област од интерес на социјалната психологија е влијанието на поединците врз групните процеси. Како што секоја група влијае на однесувањето на своите членови, така и членовите може да влијаат на самата група. На пример, поединците придонесуваат за продуктивноста и донесувањето одлуки што ќе произлезат од групата. Понатаму, некои членови може да посакаат да ја водат групата, да вршат функции како што се планирање, организирање и контрола, неопходни за успешност на групата во целина. Без делотворно водство и координацијата меѓу членовите, групата ќе стагнира, ќе се уназадува или ќе пропадне. Исто така, поединците и малцинските коалиции често иновираат промени во групната структура и групните процеси. И водството и иновациите зависат од иницијативата, увидот и преземањето ризици од страна на поединците.

Влијанието на групата врз другите групи

Четвртата област од интерес на социјалната психологија е влијанието на една група врз структурата и активностите на друга група. Односите помеѓу две групи може да бидат пријателски или непријателски, соработливи или натпреварувачки. Овие односи, кои во дел се засноваат на идентитетот на членовите и може да вклучуваат и групни стереотипи, може да влијаат на структурата и активностите на секоја група. Од посебен интерес се меѓугрупните конфликти со нивните придружни тензии и спротивставености. На пример, помеѓу две тинејџерски улични банди може да избувне насилство оспорувајќи си ги територијалните права. Помеѓудве или повеќе етнички групи може да се разгори нетрпение борејќи се за своите граѓански права или работни места. Конфликтите од овој тип влијаат на односите помеѓу групите, но и во рамките на секоја група. Социјалните психолози веќе долго време ја проучуваат појавата, опстојувањето и решавањето на меѓугрупните конфликти.

Социјалната психологија и сродните науки[уреди | уреди извор]

Социјална психологија е тесно поврзана со неколку сродни области особено социологијата и психологијата. Социологијата е наука за човековото општество. Таа ги проучува општествените установи (семејството, религијата, политиката...), стратификацијата во рамките на општеството (класната структура, расата и етничката припадност, родовите улоги...), основните социјални процеси (социјализацијата, девијантното однесување, општествената контрола...) и структурата на општествените единици (групите, мрежите, формалните организации, бирократијата...). Спротивно на тоа, психологијата е наука за поединецот и неговото однесувањето. Иако ова однесување може да биде социјално по својот карактер, тоа не е секогаш такво. Психологијата обработува теми како што се човековото учење, перцепцијата, меморијата, интелигенцијата, емоциите, мотивацијата и личноста. Социјална психологија ги спојува социологијата и психологијата. Всушност, таа се смета за интердисциплинарна наука.

И социолозите и психолозите придонесуваат за збогатување на сознанијата во социјалната психологија. Социјалните психолози кои повеќе се приклонети кон социолошката традиција се потпираат првенствено на истражувања со примероци и опсервациски техники за прибирање на податоци. Овие истражувачи се најзаинтересирани за односите помеѓу поединците и групите на коишто тие им припаѓаат. Тие ги нагласуваат процесите како што се социјализацијата, конформизмот и девијантното однесување, социјалната интеракција, себеприкажувањето, водството, регрутирањето на членство како и соработката и конкуренцијата. Социјалните психолози кои повеќе се приклонети кон психологијата во голема мера се потпираат на лабораториската експериментална методологија. Нивниот примарен интерес е како однесувањето на поединецот и неговите внатрешни случувања/доживувања се афектирани од страна на социјалните стимули (најчесто од другите луѓе). Тие вообичаено зборуваат за теми како што се себството, восприемањето на другите лица и придавањето, ставовите и нивното менување, разликите во однесувањето помеѓу поединците, социјалното учење и моделирањето, алтруизмот и агресијата и интерперсоналното привлекување. Така, социолошки ориентираните и психолошки ориентираните социјални психолози се разликуваат во нивните погледи и интереси за појавите. Како што може и да се очекува, тоа води до формулирање различни теории и спроведување различни истражувачки програми. Сепак, овие разлики многу почесто се надополнуваат отколку што се спротивставуваат меѓу себе. Затоа и социјалната психологија како научно поле е побогата токму заради различните придонеси на двата пристапи.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Allport, G. W (1985). „The historical background of social psychology“. Во Lindzey, G; Aronson, E (уред.). The Handbook of Social Psychology. New York: McGraw Hill.p.5
  2. Sewell, W. H (1989). „Some reflections on the golden age of interdisciplinary social psychology“. Annual Review of Sociology. 15: 1–17. doi:10.1146/annurev.so.15.080189.000245.

Литература[уреди | уреди извор]

DeLamater, J. D. & Myers, D. J. (2011). Social Psychology, 7th ed., Belmont, CA: Wadsworth Cengage Learning, стр. 3 – 5.