Местоположба на европските институции

Од Википедија — слободната енциклопедија

Владеjачките институции на Европската унија (ЕУ) не се концентрирани само во еден главен град, туку се распространети во три градови (Брисел, Луксембург и Стразбур), каде што се сместени и другите агенции и тела на ЕУ. Меѓутоа, Брисел стана главно седиште, бидејќи во овој град се наоѓаат поважните институции, а сега и Европскиот совет е целосно или делумно сместен таму.

Седиштата на институциите станаа политички спор, откако државите не успеаја да постигнат договор за основање на Европската заедница за јаглен и челик во 1952 година. Меѓутоа, во 1992 година беше постигнат конечен договор, подоцна додаден на Договорот од Амстердам. И покрај тоа, прашањето за седиштето на Европскиот парламент остана спорно. Работата на Парламентот е поделена помеѓу трите главни градови, што изгледа како проблем поради големиот број членови на Европскиот парламент, персонал и документи што треба да се префрлат. Поради тоа што локациите на главните седишта се заштитени со договорите на Европската унија, Парламентот нема право да одлучува за своето седиште, за разлика од другите национални парламенти.

И одредувањето локации на нови тела не е без политички спорови. Седиштето на Европската централна банка (ЕЦБ) треба да ја означува нејзината независност од политичка контрола и затоа таа е сместена во град во којшто нема национална влада или европска институција. Од 2004 година, исто така, сместени се нови агенции во Источна Европа, со цел да ја урамнотежат распределбата на агенции низ ЕУ.

Локации[уреди | уреди извор]

Во договорите на Европската унија се наведени локациите на следниве институции: Европскиот парламент, чие седиште е во Стразбур, е домаќин на дванаесет месечни пленарни седници (вклучувајќи ја и седницата за буџетот). Брисел е домаќин на дополнителни седници и комитети (вклучувајќи ги и тие од септември 2008 година за вообичаени заседавања кога домот во Стразбур беше оштетен). Луксембург е домаќин на Секретаријатот на Европскиот парламент. Седиштето на Советот на Европската унија е во Брисел, освен во текот на април, јуни и октомври, кога состаноците се одржуваат во Луксембург.

И седиштето на Европската комисија се наоѓа во Брисел, иако Луксембург е домаќин на некои нејзини оддели. Европскиот суд на правдата, Судот од прв степен и Судот на ревизори се наоѓаат во Луксембург , заедно со Европската инвестициска банка. Економскиот и социјален комитет и Комитетот на региони се целосно сместени во Брисел, Европската централна банка се наоѓа во Франкфурт, а Европол е единствената агенција чие седиште е одредено од договорите и се наоѓа во Хаг.

Договорот од Ница го утврди Брисел како место на сите формални самити на Европскиот совет по 2004 година. Меѓутоа, некои вонредни седници понекогаш се одржуваат надвор од градот. Седиштето на Европскиот совет е утврдено со декларација, а не со протокол, што значи дека е помалку обврзувачко од другите седишта.

Неутврдени седишта[уреди | уреди извор]

Постојат голем број тела и агенции чиишто седишта не се утврдени со договори. Брисел е домаќин на Европската агенција за одбрана (бидејќи НАТО и Западноевропската унија се, исто така, во градот). Луксембург е домаќин на Центарот за преведување за телата на Европската унија и Европската инвестициска банка. Во Стразбур е канцеларијата на Европскиот народен правобранител. Другите агенции се распространети низ Европа и од проширувањето во 2004 година, има стремеж повеќе агенции да се лоцираат во новите земји – членки за да се постигне поеднаква распределба.

Меѓуота, произлегоа проблеми во врска со основните агенции во источните земји. На пример, ФРОНТЕКС, новата гранична агенција, има проблеми при наоѓањето квалификуван кадар, бидејќи многу луѓе не сакаат да живеат во градот – домаќин на агенцијата, Варшава, поради многу ниските плати и нискиот животен стандард. Дополнително, плановите за сместување на седиштето на системот за навигација “Галилео” во Прага се соочија со спротивставувања во врска со безбедноста, односно се сметаше дека градот не е доволно безбеден за таква важна агенција.

Оддели на Комисијата[уреди | уреди извор]

Иако Комисијата главно е сместена во Брисел, со договорот од 1965 година беше потребно некои од нејзините оддели да бидат сместени во Луксембург и тоа: финансиските оддели на ЕЗЈЧ, Генералниот директорат за кредит и инвестиции, одделот што го собира данокот на ЕЗЈЧ и одделите за додатни сметки, Официјалната канцеларија за објави со поврзаните служби и преведувачки услуги, Статистичката служба на ЕЕЗ и одделот за обработка на податоци, одделите на ЕЕЗ и ЕЗЈЧ за хигиенска и индустриска безбедност, Генералниот директорат за ширење информации, Генералниот директорат за здравје, Генералниот директорат за заштита на Евроатом и каква било соодветна управна и техничка инфраструктура за овие оддели.

Со текот на годините, одделите се менуваат, некои од нив се укинати или споени и најмногу оддели, главно, се наоѓаат во Брисел, а останатите во Луксембург. Меѓутоа, има некои оддели што се сè уште во градот, според договорот од 1965 година. Луксембуршките канцеларии на Комисијата се сметаат како непожелно место за работа и служат како казна за непожелните членови на администрацијата.

Главен град[уреди | уреди извор]

Во договорите или декларациите на ЕУ не се наведува ниту еден град како “главен град” на ЕУ во која било форма. Но, неформално, овој збор најде примена и покрај тоа што не се усогласува со нормалните сфаќања на една меѓунационална/наднационална единка. Брисел е често предмет на натписи, особено во изданијата од локалните власти, Комисијата и печатот. Навистина, Брисел го толкува договорот за седишта од 1992 година (види детали подолу), во којшто Брисел се прогласува за главен град. Властите во Стразбур и организациите сместени таму, пак, го сметаат Стразбур за “главен град” на Европа (често поширока Европа поради тоа што и седиштето на Советот на Европа е таму), а исто така и Брисел, Стразбур и Луксембург се однесуваат на заеднички главни градови на Европа, на пример во врска со проектот “Eurocap−rail”, железница што би ги поврзала “трите европски главни градови”.

Историја[уреди | уреди извор]

За основањето на Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ), државите не можеа да се согласат кој град треба да биде домаќин на институциите на новата заедница. Луксембург беше избран за привремен домаќин на сите институции, освен на Собранието (Парламентот), коешто требаше да биде сместено во Стразбур. Во 1957 година беа формирани уште две заедници и повторно во еден привремен договор се наведуваше дека Собранието ќе се состанува во Стразбур, Судовите во Луксембург, а Комисиите и Советите ќе бидат поделени помеѓу Луксембург и Брисел. Подоцна овие институции започнаа да се концентрираат во второспоменатиот град.

Со постигнувањето различни договори, активностите од Луксембург постепено се преместија во Брисел и Парламентот, иако беа обврзани да останат во Стразбур, и започнаа со работа во Брисел, а судовите останаа во Луксембург. Конечниот договор од 1992 година го постави сегашниот договор, вклучувајќи ја и поделбата на работата на Парламентот помеѓу трите градови. Во 2002 година, Европскиот совет, којшто претходно се менуваше во трите градови, одлучи да се лоцира во Брисел.

Почеток[уреди | уреди извор]

Поранешното седиште на Врховната власт во Луксембург

ЕЗЈЧ е основана со Договорот од Париз (1951 година), но не беше одлучено каде да се лоцираат институциите на новата заедница. Со договорите беше дозволено да се одлучи за седиштата со заедничка согласност на владите, но на конференцијата на членовите на ЕЗЈЧ, што се одржа на 23 јули 1952 година, не се одлучи за постојано седиште .

За седиште беа земени предвид Лиеж, Луксембург, Стразбур и Торино. И покрај тоа што Сарбрикен имаше статус на “европски град” (европско присуство и контрола), поради тековниот спор околу покраината Сар овој град беше проблематичен избор. Брисел ќе беше прифатен во тоа време, но поради поделбите помеѓу тогашната нестабилна белгиска влада, таа можност беше исфрлена.

За да најде решение, Џозеф Бех, тогашниот Премиер на Луксембург, предложи Луксембург да биде привремено седиште на институциите (вклучувајќки ги и Советот и Врховната власт), додека да се постигне постојан договор. Но, наместо тоа, беше одлучено Заедничкото собрание, кое подоцна стана Парламент, да се лоцира во Стразбур, каде што веќе беше сместен и Советот на Европа, во Домот на Европа. Домот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, можеше, исто така, да му служи на Заедничкото собрание, а така беше до 1999 година, кога беше изграден нов комплекс згради наспроти Палатата од другата страна на реката.

Привремен договор[уреди | уреди извор]

Со формирањето на Европската економска заедница (ЕЕЗ) и Европската заедница за атомска енергија (ЕЗАЕ или Евроатом) во 1957 година, се формираа нови исти институции на ЕЗЈЧ (освен Парламентарното собрание и Судот на правдата, кои ги делеа). На 7 јануари 1958 година, беше одлучено Брисел, Луксембург и Стразбур повторно да бидат привремени седишта, до донесувањето конечна одлука. Стразбур го задржа Собранието, Луксембург Судот, а во Брисел и Луксембург се одржуваа средби на Советите и Комисиите (или Врховната власт). Дискрецијата за точното место на средбата му беше доделена на Претседателот на Советот. Во практика, тоа беше во “Замокот на долината на војвотката” ( Castle of the Valley of the Duchess), до есента 1958 година, кога се премести на улицата “2 Rue Ravensteinstraat” во Брисел. Во меѓувреме, Советот на ЕЗЈЧ сè уште беше сместен во Луксембург и ги одржуваше своите средби во Општинскиот круг на вооружените сили. Неговиот секретаријат се преместуваше во градот за бројни настани, но во периодот помеѓу 1955 и 1967 година, беше сместен во реонот Ферлоренкост.

На 21 јуни 1958 година, Парламентарното собрание му препорача на Советот седиштето на Собранието да биде на исто место со другите институции, иако прифаќаше пленарните седници да се одржуваат и на друго место. Исто така, Собранието предложи три градови за седишта на институциите (Брисел, Стразбур и Милано), но не беше постигнат постојан договор.

Привремениот договор беше повторен на 8 април 1965 година со Одлука за привремена локација на одредени институции и оддели на Заедниците”. Ова беше по Договорот за спојување, којшто ги спои извршните власти на трите Заедници во единствена институционална структура. Меѓутоа, со спојувањето на извршните власти, Комисијата и повеќе оддели беа групирани заедно во Брисел, а не во Луксембург. Прво, Комисијата беше сместена на булеварот Avenue de la Joyeuse Entrée/Blijde Inkomstlaan, пред да биде преместена во зградата Брејдел на Шумановиот кружен тек, а нејзината сегашна локација е во зградата Берламонт. Секретаријатот на ЕЗЈЧ, од Луксембург, се премести во секретаријатот на Советот сместен во бриселската зграда Равенштајн. Во 1971 година, Советот и неговиот секретаријат се преместија во зградата Шарлемањ, веднаш до зградата на Комисијата, Берламонт. Брзо се покажа дека овие простории се недоволни и управниот сектор на секретаријатот се премести во една зграда на улицата 76 Rue Joseph II/Jozef II-straat. За време на 1980-тите години, одделите за јазици се преместија во зградите Нервиенс, Фрер Орбан и Гуимард.

Луксембург спроведе некои одредби, со цел да ја надомести загубата на Комисијата и Советот. Најпрво, според одредбите, Судот на правдата би останал во градот. Некои оддели на Комисијата и Собранието, вклучувајќи го и Секретаријатот на Собранието би останале заедно со Европската инвестициска банка (понатаму, особено финансиски, институциите, исто така, би имале предност за Луксембург). И Советот би одржувал седници во Луксембург за време на април, јуни и октомври. Тој, исто така, го потврди Стразбур за седиште на Парламентот. Со предноста на Луксембург за идните институции, во 1977 година Судот на ревизори беше привремено сместен во Луксембург.

Договорот од Единбург[уреди | уреди извор]

Парламентот изграде полукружна сала во Брисел за да биде поблизу до другите институции

И покрај договорот од 1965 година, седиштето на Парламентот и понатаму остана извор на недоразбирања. Поради желбата да биде поблиску до активностите во Брисел и Луксембург, неколку пленарни седници на Парламентот беа одржани во Луксембург, наместо во Стразбур (против желбите на Франција), во периодот помеѓу 1967 и 1981 година, а во 1981 година Парламентот продолжи да одржува седници во Стразбур. Претходната година тој неуспешно им издаде ултиматум на националните влади, обидувајќи се да ги принуди да постигнат договор. Така, Парламентот премести некои од своите одлучувачки тела во Брисел, заедно со својот комитет и средбите на политичките групи, а во 1985 година изгради дом за пленарни седници во Брисел, за некои краткотрајни седници. Сите обиди на Парламентот во оваа област беа предизвикани од земјите−членки.

Како одговор, Европскиот совет донесе конечен договор за седиштата, на 12 декември 1992 година, во Единбург. Според одлуката за локација на седиштата на институциите и на одредени тела и оддели на Европските заедници, Парламентот требаше да биде сместен во Стразбур, каде што би бил обврзан да одржува “12 месечни пленарни седници, вклучувајќи ја и седницата за буџетот”. Меѓутоа, можеше да се одржуваат дополнителни седници во Брисел, каде што требаше да се состануваат и комитетите, а секретаријатот остана во Луксембург.

Договорот, исто така, предвидува Судот од прв степен да биде сместен во Луксмебург, каде што остана и Судот на правдата. Меѓутоа, овој договор ја изостави одредбата од одлуката од 1965 година, со која му се дава предност на Луксембург за нови судски и финансиски тела. Како одговор, Луксембург даде еднострана изјава, во која наведе дека не го отфрла овој член. Но, го отфрли секое тврдење во врска со седиштето на судскиот Одбор за жалби на Управата за усогласување на внатрешниот пазар, преку Договорот од Ница.

Парламентот ја предизвика одлуката што ги спои неговите работни обврски, изјавувајќи дека поделбата на неговите активности помеѓу три држави е против договорите и правата на Парламент избран со директно право на глас, тврдејќи го правото да одлучува сам за своите работни задачи. Како одговор, водачите ја додадија одлуката во Договорот од Амстердам, вклучувајќи ја во договорите.

Централна банка[уреди | уреди извор]

Франкфурт стана седиште на ЕЦБ во 1993 година

Во одлука на Советот од 29 октомври 1993 година, во однос на локацијата на Европските агенции, се наведува дека Европскиот монетарен институт (подоцна Европската централна банка) ќе биде сместен во Франкфурт. Франкфурт мораше да се натпреварува со голем број други градови, вклучувајќи ги Лондон, Париз, Амстердам, Луксембург, Лион, Барселона, дури и Базел (во Швајцарија, којашто е надвор од Европската унија).

Франција дури го поврза проблемот за седиштето, со тековниот спор во врска со седиштето на Европскиот парламент. Франкфурт беше критикуван поради тоа што бил ознака за германска доминација, и покрај тоа што германската Бундесбанка делотворно ги водеше валутите на Заедниците претходните години, а банкарската традиција на Луксембург не беше толку внимателна. Лондон беше отфрлен, бидејќи Обединетото кралство остана надвор од евро зоната. Изгледаше дека е важно да се лоцира банката во град што не е домаќин на национална влада или институција на ЕУ, со цел да се нагласи нејзината независност. Некои, како што е поранешниот директор на Бундесбанката, повеќе сакаа мала земја со стабилна валута. Предностите да се биде домаќин на банката беа спор и за некои економисти. Според некои, тоа беше неважно во однос на привлекување други банки и финансиски институции, а други сметаа дека ќе влијае на тоа кои градови ќе бидат финансиски центри во иднина.

Понова историја[уреди | уреди извор]

Во текот на 1995 година, Советот на Европската унија се премести во Домот „Јуст Липсиј“ во Брисел, сега дом и на Европскиот совет, за време на обновувањето на Берламонт за да се отстрани азбестот. Меѓутоа, неговиот персонал се зголемуваше и Советот продолжи да ја изнајмува зградата Фрер Орбан за да ги смести одделите за финскиот и шведскиот јазик, а подоцна почна да изнајмува и други згради во Брисел. Проектот за обнова на Берламонт одзеде повеќе од планираното време, но во 2004 година, Комисијата се врати назад и Комисијата на Баросо ги концентрира своите активности таму, со Претседателот и салата за состаноци на тринаесеттиот кат. Во 2007 година, Комисијата зафаќаше 865.000m2 во 61 зграда ширум европскиот град Брисел. Поради влегувањето на нови земји−членки во 2004 и 2007 година, се зголеми персоналот и беа потребни дополнителни 35.000m2 канцелариски простор. Ова можеше да доведе до дополнителна изградба и многукатни згради. Дополнително, Résidence Palace, зграда до „Јуст Липсиј“, во моментот се обновува како идно седиште на Советот и Европскиот совет од 2013 година.

Во 2002 година, исто така, беше одлучено Европскиот совет да се лоцира во Брисел. Советот беше основан во 1960−тите години како неформална средба на државните водачи и немаше утврдена локација, туку ги одржуваше своите состаноци во државата во која се наоѓаше Претседателството на ЕУ. Меѓутоа, со претстојното проширување, со Договорот од Ница се утврди дека една средба на Советот за претседателство ќе се одржува во Брисел. По проширувањето со 18 земји−членки (до мај 2004 година), сите деловни активности се одржуваа таму, со исклучок на некои вонредни седници што сè уште се одржуваа и на друго место. Во Брисел, Европскиот совет ја делеше истата зграда со Советот на Европската унија.

Во 2007 година, новата ситуација предизвика извор на расправи, бидејќи Европскиот совет сакаше да го потпише Договорот од Лисабон во Лисабон. Белгиската влада, којашто не беше подготвена да постави преседан, настојуваше тековната средба да се одржи во Брисел, како и обично. Ова значеше дека по потпишувањето, фотографирањето и формалната вечера, целиот самит ќе се префрли од Лисабон во Брисел, за да продолжи со вообичаените деловни активности. Идејата, отсликана со “подвижниот циркус” (види подолу) на Европскиот парламент, предизвика протести од страна на групи од животната средина, кои ја опишуваа дволичноста на барањето за помало испуштање јаглерод при патувањето ширум Европа за истиот самит, од политички причини.

Седиштето на Европскиот парламент сè уште беше спор во текот на овој период, и покрај тоа што Советот го пишуваше тоа во договорите. Во текот на 1990-тите години, се дискутираше за спорот секоја година и во 1999 година, 250 членови на Европскиот парламент потпишаа писмо, со кое не го одобруваа договорот и стразбуршките објекти. Следната година, Парламентот изгласа решение со кое ќе има право да одлучува за своите работни локации. Обидите, да се вклучи ова во следните договори од 2000 и 2007 година, не успеаја. Меѓутоа, во септември 2008 година, Парламентот ја одржа својата прва целосна пленарна седница во Брисел, по срушувањето на покривот на Стразбуршкиот дом за време на годишниот одмор, со што тој беше принуден привремено да се премести.

Европски парламент[уреди | уреди извор]

Парламентот е обврзан да одржи “12 месечни пленарни седници”, вклучувајќи ја и седницата за буџетот, во Стразбур, а дополнителните седници и комитети се во Брисел. Секретаријатот е во Луксембург. Додека поделените договори за другите тела имаа прилично мало влијание, големиот број членови на Парламентот и нивната концентрација на работни задачи значеше дека овие прашања се многу поспорни од оние на другите институции. Покренато е и демократско прашање во Европскиот парламент, којшто е еден од неколкуте парламенти во светот што не можат да одлучат за своето место на средби, а исто така, е и единствениот парламент што има повеќе од едно седиште.

Критичарите го опишуваат договорот на трите градови како “подвижен циркус” што чини дополнителни 200 милиони евра за една локација. Заштитниците на седиштето во Стразбур, како членот на Европскиот парламент за Германија, Бернд Поселт, тврдеа дека цифрата е околу 40 милиони евра, односно 8 центи по граѓанин на ЕУ. Кога Парламентот беше принуден да се состане во Брисел во септември 2008 година, поради срушениот покрив во Стразбуршката зграда, се процени дека Парламентот заштедил околу 3 или 4 милиони евра, иако е тешко да се пресмета точната цифра. Бидејќи Комисијата, исто така, се состанува во Стразбур кога Парламентот е надвор од Брисел, трошокот на комесарите што се преместуваа изнесуваше до 9.5 милиони евра во периодот помеѓу 2002 и 2007 година. Зелената партија го забележа еколошкиот трошок, во студија водена од страна на Жан Ламберт, член на ЕП и Каролина Лукас, член на ЕП, со којашто се покажа дека покрај дополнителниот финансиски трошок, имаше над 20.268 тони дополнителен јаглерод диоксид, што ја нарушуваше еколошката положба на институцијата и Унијата. Жан – Петер Бонд, поранешен водач на групата “Независност и демократија”, во 2007 година, изјави дека ако не се реши спорот со седиштето, ќе биде невозможно да се зголеми излезеноста на гласачи на изборите, бидејќи преместувањето на седиштето најчесто беше прашање покренато од страна на гласачите. Тој, заедно со Моника Фраскони, (од Зелената партија) повика дискусија за спорот, којашто беше блокирана од страна на Претседателот Ханс – Герт Потеринг.

На патувањата помеѓу градовите јавноста гледа како на “патување на државна сметка уживано од страна на новинари, членови на ЕП и истражувачи”, а тоа всушност е “патување на државна сметка подготвено од страна на новинари и истражувачи”, според Гари Титли, член на ЕП, кој изјави дека нема да се кандидира на повторните избори поради спорот со двете седишта. Титли наведе дека не може “повеќе да го толерира целосното преместување на Парламентот во Стразбур по една недела во месецот...Тоа е мизерно патување и е секогаш проблем”, наведувајќи ги проблемите со изгубениот багаж. Како и со потценување на целите на ЕУ во врска со климатските промени, тој ги критикуваше седниците во Стразбур, иако нивните договори биле веќе склучени, доведувајќи до формално гласање поврзано со ’’дебатите велат дека ние сме против гревови.’’ Титли, исто така, наведува дека, поради тоа што патувањата одземаат многу време, комитетите во Брисел што ги извршуваат главните задачи, немаат доволно време за работа. Титли не е единствениот што се откажува поради спорот. Членот на ЕП, Еланед Морган, нема да се кандидира во 2009 година од слични причини, особено поради давачката што ја има со нејзиното семејство за преместувањето, а и Симон Марфи, поранешен член на ЕП, даде отказ од работата - водач на Социјалистите, во 2002 година, поради неправилностите на договорот.

Брисел како посебно работно место[уреди | уреди извор]

Седиштето на Парламентот во Брисел

Брисел е заштитен од некои, бидејќи веќе е седиште на две други политички институции, Комисијата и Советот на министри (вклучувајќи го и Европскиот совет). Дополнително, Парламентот веќе смести три четвртини од својата активност во градот. Во Брисел се сместени и организации на трети страни, вклучувајќи и НВО, трговски унии, работнички организации и највисока концентрација на новинари во светот – поради присуството на НАТО во градот и голем број институции на Унијата. Додека стразбуршките агитанти сметаат дека лоцирањето во Стразбур претставува помош за независност на членовите на ЕП, според бриселските агитанти тоа не е ништо друго, освен намалување на влијанието на институцијата со нејзино прогонување од другите главни институции.

Исто така, Брисел има подобри превозни врски, со помало плаќање за граѓанските службеници, што ги намалува трошоците. Некои коментатори нагласуваат дека ноќниот живот во Стразбур е поздодевен и членовите на ЕП кои сакаат да се опуштат по долгиот и напорен работен ден, немаат многу можности за тоа. Про-бриселските агитанти беа забранети кога позицијата во Стразбур претрпе мал удар во 2006 година, кога на виделина излегоа обвинувања од страна на градот Стразбур за згради што ги изнајмувал Парламентот. Расправата заврши, кога Европскиот парламент одлучи официјално да ги купи зградите, на 24 октомври 2006 година.

Во мај 2006 година, Сесилија Малмстрем, член на ЕП, започна онлајн петиција, oneseat.eu, која повикуваше да има само едно седиште на Парламентот, сместено во Брисел. До септември истата година, целта на петицијата беше постигната со еден милион потписи, а според една одредба во Европскиот устав, петиција, потпишана од страна на милион граѓани, треба да биде разгледана од Комисијата. Но, постоеше сомневање за целосната важност на петицијата, поради тоа што беше на интернет и се користеа адреси на електронски пошти, наместо адреси на улици. Дополнително, мнозинството потписи беа концентрирани во Северна Европа, особено Холандија (40%). Без оглед на тоа, про - бриселските групи ја сметаа петицијата за важен симбол. Еден од потписниците на петицијата беше заменик - претседателката на Комисијата, Марго Валштром, која ја поддржа кампањата, наведувајќи дека “нешто што еднаш претставуваше многу позитивен симбол на ЕУ со тоа што повторно ги обедини Франција и Германија, сега стана негативен симбол – симбол на арчење пари, бирократија и неразумност на Бриселските институции”.

Стразбур како посебно работно место[уреди | уреди извор]

Некои агитанти сакаа да ја видат концентрацијата на активностите на Парламентот пак во Стразбур ( кампањата наречена “Здружување за европска демократија”, започната на 15 март 2007 година). Ова се сметаше симболично за децентрализацијата на ЕУ од Брисел. Ема Николсон, единствениот британски член на ЕП што го поддржуваше Стразбур, се изјасни дека ако Парламентот е веднаш до Советот на Европа, тоа ќе им дозволи на членовите на ЕП да одржуваат контакти со делегатите од останатите делови на Европа, како Русија, а ако Парламентот биде сместен во Брисел, ЕУ ќе биде оддалечена од таквите влијанија. Про-стразбуршките агитанти се изјаснија дека Стразбур му нуди поголема независност на Парламентот од другите институции и лоби групи во Брисел.

Ако Парламентот беше целосно сместен во Стразбур, медиумските новости не би можеле повеќе да користат кратки најави како “Брисел одлучи...”, туку ќе се дискутира за деталите на оние кои ги донесуваат одлуките. И медиумите би биле сместени во Стразбур, со што би се овозможила поголема застапеност на Советот на Европа. Стразбур беше подобар и од историски причини, поради тоа што Франција и Германија си “подале рака” пет пати во периодот од 1870 до 1945 година. Се расправаше и за тоа дека Брисел веќе не претставува добар симбол за Европско единство, земајќи ги предвид неодамнешните политички спорови во Белгија.

Претседателот Џозеф Борел Фонтељес ја поддржа оваа положба, иако тој доби критики кога изјави дека важноста на Стразбур во однос на Втората светска војна не треба да се сфаќа на истиот начин како што се сфатени Франција и Германија од “Скандинавските земји” (упатување до еден член на ЕП од Шведска кој ја почна петицијата за едно седиште). Еден француски член на ЕП, Бриџит Фур, започна про – стразбуршка петиција, one-city.eu, во 2008 година (како спротивставување на бриселската петиција), која доби само околу 4200 потписи до април 2009 година.

По објавувањето (на 21 октомври 2010 година) за основање "студиска група за неформално седиште" од страна на британскиот член на ЕП, Едвард Мек Милан−Скот (либерал−демократ), што изгледаше како напад на Стразбур од страна на општината, Роланд Рис и Кетрин Траутман изјавија енергетска заедничка декларација за одбрана. На 9 ноември 2010 година, општинскиот совет го одобри проектот (предвиден од април истата година) за формирање “Место за Европа” (lieu d′Europe) – голем центар за луѓе кои се љубопитни за Европските институции во Стразбур, во поранешната, архитектонски скапоцена, но сега (2010 година) запуштена палата од 18 век , во близина на Европскиот суд за човекови права и зградата Агора на Советот на Европа.

Мислење и дејства[уреди | уреди извор]

Со гласање на членовите на Европскиот парламент, организирано од страна на член на ЕП, Александер Нуно Алваро, про−бриселски агитант, се откри дека 89% од гласачите се за едно седиште и дека 81% сакаат тоа да биде Брисел. Иако сите членови на ЕП беа испитани, само 39% од нив одговорија на прашањата. По советувањето со гласачките фирми, Алваро изјави дека ова претставуваше голема излезеност на гласачи во едно вакво гласање за изразување јавно мислење, независно од тоа дали е целосно застапено. Еден парламентарен магазин беше принуден да не го објавува ова гласање на почетокот, бидејќи ја одразуваше чувствителната природа на прашањето. Истиот месец, спроведена беше друга анкета од страна на Симон Хикс од Универзитетот во Манчестер и Роџер Сколи од Универзитетот во Абериствит, со која се добија 68% поддршка за едно седиште. Во нивната анкета одговорија 272 од 732 испитаници. По секое заседавање во Стразбур, стотици членови на ЕП потпишуваа петиција за намалување на времето во Стразбур, иако, Паскал Мангин, заменик градоначалник на Стразбур, не веруваше дека мислењето на членовите на ЕП е важно. Сепак, во јануари 2009 година, Парламентарна писмена изјава, во која се повикуваше за едно седиште во Брисел, не успеа да добие доволна поддршка. Таа доби 286 потписи, а беа потребни 393 за истата да биде разгледана. Бриселските агитанти наведија дека тоа беше лошо одбрано време, со француски и германски водачи на Парламентот и главните две групи им наредија на нивните членови да не го поддржуваат движењето. Агитантите се заколнаа дека ќе ја продолжат борбата, додека градоначалникот на Стразбур, Роланд Рис, во тој период ја поздрави “мудроста на парламентарците” и рече дека таа ја сигнализира нивната желба само Стразбур да биде домаќин на институцијата.

Анкета за ставовите на граѓаните, спроведена во мај 2006 година, опфати две прашања во врска со проблемот за седиштето на Парламентот. Во просек, 32% од народот од сите земји−членки ја поддржаа политиката за две локации, а 68% беа против. Мажите дадоа поголема поддршка за една локација отколку жените, а исто и луѓето над 35 години, отколку оние под 35. Поддршката за две локации беше за еден процент пониска во 10−те земји кои станаа членки во 2004 година од 15−те поранешни членки, а ниедна група немаше повеќе од 40% поддршка за две локации. Од оние кои беа против две седишта, 76% го поддржаа Брисел, а 24% Стразбур. Поддршката за Брисел беше 6% повисока во 10−те нови земји – членки кај жените и кај оние под 35 годишна возраст. Стразбур доби најголема поддршка од луѓето над 35 години, кои го поддржаа со 28%. Граѓаните на Стразбур, секако, беа силни поддржувачи на тоа, Парламентот да биде сместен во Стразбур, со што секоја седница вредна четири милиони евра ќе придонесува во економијата на градот. Во септември 2008 година, стразбуршката влада усвои предлог, сите активности на Парламентот да бидат повторно сместени во градот.

Овие гласања не влијаеја на положбата на Франција, која можеше да го забрани секое такво движење, а францускиот претседател Николас Саркози изјави дека неговото седиште е “непреговарачко”. Без оглед на тоа, владата изјави дека спорот може да биде решен ако Франција понуди нешто со еднаква вредност. Самиот Совет лично најави дека ќе дискутира за седиште во Стразбур, само ако Парламентот му даде знак за тоа, бидејќи тој нема сам да преземе иницијатива. Меѓутоа, неколку луѓе сакаа да дискутираат за спорот, додека тековните уставни спорови сè уште беа присутни. Иако политичките партии немаа формална положба, Зелените, Либерал−демократите и Социјалистите беа отворени за тоа, Брисел да биде постојано седиште.

Алтернативна улога на Стразбур[уреди | уреди извор]

Во јануари 2003 година, Даниел Кон−Бендит, член на ЕП, предложи стразбуршкото седиште да стане “Европски универзитет”. Подготувајќи го ова во 2008 година, тој сфати дека во таков универзитет ќе се изучуваат сите предмети и ќе биде директно финансиран од ЕУ помеѓу 15.000 и 20.000 студенти. Истата идеја, во јануари 2006 година, ја предложи и полскиот министер и поранешен дисидент, Бронислав Геремек, во статија изворно објавена од списанието Le Monde. Во отворено писмо до Кон – Бендит, Роланд Рис, градоначалникот на Стразбур, го потсети дека меѓународната привлечност на стразбуршкиот универзитет е поврзана со присуството на Европските институции во Стразбур и дека тоа нема да се подобри, туку ќе се наруши со заменување на една од најголемите институции со друг и многу помал универзитет.

Претходната година, предложениот Европски институт за технологија беше рекламиран за универзитетот да ја преземе зградата. Беше предложено Институтот да се спои со Европскиот истражувачки совет и да се лоцира таму. Заменик−канцеларите на трите универзитети во Стразбур предложија спојување за да се формира “Европски универзитет”. Исто така, се предложи и Стразбур да биде домаќин на средбите на Европскиот совет, помалите институции или институциите на предложената Средоземна унија. Зелената партија предложи Стразбур да биде дом на нов “Европски самит”.