Пилот (Хаус)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Пилот“ или „Секој лаже“ е првата епизода од американската телевизиска серија Хаус. Епизодата беше премиерно емитувана на мрежата Фокс на 16 ноември 2004 година. Во неа е претставен ликот на д-р Грегори Хаус (го глуми Хју Лори) - неконформистички, недруштвен доктор и неговиот тим дијагностичари во измислената болница за подучување Princeton-Plainsboro во Њу Џерси. Во епизодата се прикажани обидите на Хаус да ја дијагностицира болеста на воспитувачка во детска градинка која колабирала за време на часот.
Хаус го создал Дејвид Шор, кој идејата за намќоресто име на главниот лик ја добил од една посета од доктор. На почетокот, продуцентот Брајан Сингер сакал Хаус да го глуми американец, но аудицијата на британскиот глумец Хју Лори го убедила дека улогата може да ја игра странски глумец. Шор го создаде Хаус по пример на Шерлок Холмс - обајцата се зависници од наркотици, резервирани и немаат пријатели. Продуцентите на серијата сакале Хаус да биде на некој начин хендикепиран, па ликот има оштетена нога како последица на несоодветна дијагноза.
Генерално, епизодата доби позитивни критики. Ликот на Хаус беше насекаде забележан како уникатен аспект на епизодата и серијата, иако некои критичари како Шервин Нуланд од Слејт веруваа дека таква сурова личност не би се толерирала во вистинскиот живот. Другите поплаки од епизодата содржеа критики како стереотипни ликови и неуверливи претпоставки. Првиот пренос на „Пилот“ беше проследен од приближно седум милиони гледачи, со што стана 62-ро најгледано шоу на неделата.

Заплет[уреди | уреди извор]

Кратко по почетокот на часот, воспитувачката во детска градинка Ребека Адлер (Робин Тани) добива напад на дисфазија (пречки во говорот), паѓа на подот и добива напади. Д-р Џејмс Вилсон (Роберт Шон Леонард) се обидува да го убеди мизантропот Грегори Хаус да ја лекува Адлер, но Хаус го одбива, сметајќи дека случајот ќе биде досаден. Бидејќи Вилсон тврди дека пациентката му е братучетка, Хаус се согласува да го прифати случајот. Управничката на болницата Лиза Кади (Лиза Еделстајн) му приоѓа на Хаус во лифтот и го убедува да си ги изврши своите обврски со редовните прегледи во болницата, задача која му е одбивна на Хаус бидејќи најчесто случаите се едноставни. Хаус одбива, убедувајќи ја Кади дека не може да го отпушти поради тоа што рокот на вршење на службата сè уште не е поминат, и набрзина заминува. Кога тимот на Хаус се обидува да ја сними Адлер на магнетна резонанца, открива дека дозволата на Хаус за дијагностицирање е повлечена. Кади ќе му ја врати дозволата, ако тој си ги изврши обврските со редовните прегледи.

Хју Лори

Грлото на Адлер се затвора за време на магнетната резонанца, поради што двајца членови на тимот на Хаус, д-р Роберт Чејс (Џеси Спенсер) и д-р Алисон Камерон (Џенифер Морисон) мораат да извршат трахеотомија. За време на прегледите во клиниката, Хаус прегледува десетгодишно момче, на коешто мајка му му дозволува да користи астматичен инхалатор само повремено, а не секојдневно како што му е препишано. Хаус ја прекорува мајката да не донесува такви драстични медицински одлуки пред да научи нешто повеќе за астмата. Во текот на неговиот монолог, Хаус доаѓа до една идеја и брзо заминува кај Адлер. Тој дијагностицира мозочен васкулитис, иако нема никаков доказ за тоа. Почнува да ја лекува со стероиди, што во голема мера ја подобрува нејзината состојба, но, сепак набрзо таа се разболува уште повеќе.
На инсистирање на Хаус, неврологот д-р Ерик Формен (Омар Епс) и Камерон провалуваат во домот на Адлер за да побараат нешто што би можело да ги предизвика нејзините симптоми - напади, дисфазија и пречки во дишните патишта. Во кујната тие наоѓаат отворено пакување шунка што не е приготвена според еврејската традиција, според која Формен заклучува дека Вилсон го лажел Хаус за да го убеди да ја лекува Адлер, бидејќи Вилсон е Евреин, а тие јадат само посебно месо. Хаус ја отфрла лагата и заклучува дека Адлер боледува од цистична инфекција (cysticercosis) од конзумирање на недоварено свинско месо. Кога тенијата се размножила во неа, нејзините ларви се апсорбирале во крвотокот и го нападнале мозокот. Адлер, сакајќи да умре со достоинство, одбива понатамошни лекувања освен ако има докази дека дијагнозата е точна, но Хаус се обидува да ја убеди во спротивното. Во текот на разговорот, Адлер го прашува Хаус зошто куца на десната нога. Тој ѝ открива дека имал инфаркт на мускулите на бутот што довело до нивно умртвување, што би можело да се избегне доколку неговиот доктор ја донел правилната дијагноза. Хаус продолжува, тврдејќи дека смртта е грда и дека Адлер не може да умре со достоинство, но таа и понатаму го одбива лечењето. Хаус е подготвен да го отфрли случајот, кога Чејс добива идеја за неагресивен доказ за инфекцијата од тенијата на Адлер. Со рендген на нејзината нога, Хаус докажува дека Адлер е нападната од тении и дека нејзината состојба е излечива. Откако Адлер ќе го види доказот, радо се согласува да ги зема лековите за уништување на тениите.

Продукција[уреди | уреди извор]

Концепт и снимање[уреди | уреди извор]

Творецот на серијата - Дејвид Шор; Ја напишал „Пилот“ со јасно сеќавање на една посета од доктор.

Творецот на серијата Дејвид Шор својот концепт за Хаус го следел по своето искуство како пациент во болница за подучување. Шор се сеќава „Знаев дека штом ќе ја напуштам просторијата, тие ќе ме исмеваат за мојата неупатеност, па сметав дека ќе биде интересно да се види лик којшто ќе го прави тоа уште пред пациентите да ја напуштат просторијата“. Во 2004 година, Шор и извршните продуценти Кети Џејкобс и Пол Атанасио ја промовираа Хаус во Фокс како медицински-детективско шоу - болнички детективски роман, во кој докторите се душкала што го бараат изворот на симптомите. Идеите за ликот на Хаус биле додадени откако Фокс ја откупиле серијата. Шор ја напишал „Пилот“ со јасно сеќавање на една посета од доктор. Тој еднаш морал да чека две недели за да закаже термин за болка во колкот, која дотогаш исчезнала. И покрај тоа, Шор изјавил дека докторите се „неверојатно љубезни“. Тој, подоцна изјави дека, додека ја создавал „Пилот“, се заљубил во лик којшто, како доктор, всушност би прашал „Зошто ви го трошам времето?“.
Централен дел од идејата за шоуто бил главниот лик да биде хендикепиран. Првичната идеја била Хаус да биде во инвалидска количка, но Фокс ја одбиле оваа претстава (за што екипата подоцна била благодарна). Идејата за инвалидска количка преминала во лузна на лицето на Хаус, за крајниот резултат да биде повредена нога со неопходно користење на бастун. Во оригиналното сценарио Хаус имал 34 години, меѓутоа, Шор подоцна објаснил дека не сака ликот да биде толку млад.
Епизодата е напишана од творецот на серијата Дејвид Шор и снимена во Канада, а наредните епизоди ќе бидат снимени во Калифорнија. Шор изјавил дека написите на Бертон Руше, писател од персоналот на Њујоркер (анлиски: The New Yorker) којшто водел хроника за фасцинантни медицински случаи, го инспирирал за содржината на „Пилот“ и на неколку од првите епизоди.

Кастинг[уреди | уреди извор]

Продуцентот Брајан Сингер најпрво барал американски глумец да ја игра улогата на Хаус. Според него, колку повеќе странски глумци ги гледал на аудицијата за улогата, сè поубеден бил дека им е потребен американец. За време на кастингот, Хју Лори го снимал филмот Летот на фениксот. Тој снимил видеолента за аудицијата во тоалетот од хотел во Намибија, единственото место со доволно светлина и се извинил за неговиот изглед (што Сингер го споредил со „видеолента од Бин Ладен“). Лори импровизирал со користење на чадор наместо бастун. Сингер бил импресиониран од изведбата на Лори и коментирал колку добро „американскиот глумец“ го доловил ликот, без да сфати дека Лори е британец.

Продуцентот Брајан Сингер на почетокот мислел дека глумецот Хју Лори е американец


Лори на почетокот сметал дека Хаус е само „потрчко“ на Вилсон, бидејќи во сценариото Вилсон бил опишан како доктор со „детински“ изглед. Тој не сфатил дека Хаус е главниот лик сè додека не ја разгледал целата телевизиска претстава. Според Шор „лесно е да направиш идиотски лик - непривлечен. Тешко е истиот да го направиш интересен за гледање. И тогаш дојде Хју кој внесе сè што беше потребно во улогата, дрскоста и сите политички некоректни работи. И сепак, сакате да го гледате, сакате да поминете време со него“.
Во пилотот се појавуваат сличности помеѓу Хаус и славниот измислен детектив Шерлок Холмс. Шор објаснува дека отсекогаш бил обожавател на Холмс и неговите траги на незаинтересираност кон клиентите ги сметал за уникатни. Хаус и Холмс имаат само еден вистински пријател (Вилсон и Вотсон, соодветно) којшто го поврзува мозочниот херој со човековите грижи. Оваа динамика помеѓу Холмс и Вотсон е она што го барале продуцентите во ликовите на Хаус и Вилсон, особено во поглед на хемијата.
Роберт Шон Леонард (д-р Џејмс Вилсон) ги прочитал пилот сценаријата за Numb3rs и планирал да се пријави на аудиција за улогата, но го привлекла аудицијата за Хаус бидејќи уживал во улогата „ликот на кој секогаш смета главниот лик“, како и поради сличностите со Шерлок Холмс. Леонард сметал дека не поминал добро на аудицијата и дека неговото долгогодишно пријателство со Сингер му помогнало да ја добие улогата. Кога го прашале во интервју зошто неговиот лик би бил некогаш пријател со Хаус, Леонард одговорил:

Мислам дека Вилсон го трпи Хаус од истата причина поради којашто милиони луѓе го гледаат секоја недела. Мислам дека е навистина динамичен и забавен и смел и самопотценувачки. Сите тие работи кои мислам дека им се привлечни на луѓето, и тој кажува сè како што е. Работите како парите, кои тој не планира да ти ги врати, но, јас имам многу такви пријатели. Затоа не го сметам тоа како некоја мистерија. Мислам дека Хаус е многу интересен лик. Мислам дека многу луѓе би сакале да бидат пријатели со него.
- Роберт Шон Леонард, интервју со Buddy TV.

Менаџерот на австралискиот глумец Џеси Спенсер му предложил да се пријави за улогата на Чејс, но тој се колебал, стравувајќи дека шоуто ќе биде слично на „Општа болница“ (англиски: General Hospital). Откако глумецот го видел сценариото, се предомислил. Тогаш Спенсер ги убедил продуцентите да го сменат ликот во Австралијанец. Омар Епс, којшто го глуми Формен, забележа влијание од неговата улога како проблематичен стажист во телевизиското шоу „Итна помош“ (англиски: ER). Епс и партнерката во филмот Џенифер Морисон го прочитале сценариото и сметале дека шоуто или ќе биде хит или утка.

Прием[уреди | уреди извор]

Премиерната епизода на Хаус е општо добро прифатена. Критичарите реагираа позитивно на ликот на Хаус, Том Шејлс од Вашингтон Пост го нарекува „најнаелектризираниот лик во години што станал хит на телевизиските екрани“. Магазинот Њујорк ја нарекува серијата „медицинска телевизија на најзадоволително ниво“, и изјавил дека улогите ги играат „професионални глумци коишто глумат доктори што се грижат за своите пациенти“, а Метју Гилберт од Бостон Глоуб го вреднува тоа што епизодите не ги филува недостатоците на ликовите да го ублажи стравот на гледачите од „производите на HMO (приватна здравствена организација во САД)“. Алесандра Стенли од Њујорк Тајмс изјавила дека иако ликовите можеби им се одбивни на дел од гледачите, убиствената и „деривативна дрскост“ на шоуто е позитивна за љубителите на процедурални драми, а според Мет Руш од TV Guide Хаус е „невообичаен лек за вообичаените медицински драми“. Критичарите од The A.V. Club ја нарекоа Хаус „најбескрупулозната“ црна комедија на Фокс уште од краткотрајната телевизиска серија Профит од 1996 година. Критичарите сметаат дека серијата е светла точка во распоредот на емитување на телевизиски емисии на Фокс кои се засновани на реалноста.
Видот на епизодата е спореден со конкурентната телевизиска серија Медицинска истрага (англиски: Medical Investigation). USA Today го фаворизирал Хаус изјавувајќи дека е водена од ликовите, за разлика од Медицинска истрага која повеќе се освртува на заплетот, а во Сан Франциско Кроникл (англиски: San Francisco Chronicle) сметаат дека Хаус е подобро шоу поради водечкиот лик. Во меѓувреме, Брајан Лори од Variety изјавил дека сериите се премногу слични и дека Хаус не се совпаѓа со останатите програми на Фокс. Дел од другите поплаки се и стереотипите како што се млади, привлечни доктори. Шервин Нуланд од Слејт им дал на првите епизоди од серијалот многу негативни критики, изјавувајќи „Од сите медицински печатни грешки во оваа серија (има и огромни), најголемата е дефинитивно замислата дека лекар, толку резервиран, толку неодговорен и крајно суров како Грегори Хаус би бил толериран во која било болница“. Кеј Мекфаден од Сиетл Тајмс (англиски: The Seattle Times) смета дека интерпретацијата на Лори го очовечува ликот на Хаус, но исто така и го открива најголемиот недостаток на шоуто: ... Друга замерка е недостатокот од опис на споредните ликови во првите неколку епизоди.
Премиерата привлече приближно седум милиони гледачи во Соединетите Американски држави, со што шоуто стана 62-ро по гледаност во неделата од 15-ти до 21 ноември 2004 година. Емитувањето на премиерата во Велика Британија се случи на 9 јуни 2005 година, на Каналот 5 (Channel Five) и имаше десет проценти удел (1.8 милиони гледачи). Кристофер Хоаг, којшто ја компонирал музиката за „Пилот“ и првата сезона на Хаус бил номиниран во Ударните Еми награди во 2005 година за Извонредна музичка композиција за епизодата. Шор бил номиниран за Наградата Хуманитас за пишувањето на епизодата, но изгубил од Џон Велс, којшто ја напишал епизодата „NSF Thurmont“ од серијата Западно крило (англиски: The West Wing).