Луле

Од Википедија — слободната енциклопедија
Делови на лулето: (1) чашка, (2) комора, (3) испуст, (4) дршка, (5) жлеб, (6) вметок, (7) шип, (8) писка, (9) усница и (10) провод.
Луле направено од корен од дрвенест врес (Савинели, Италија)

Луле — направа за пушење на согорливи супстанци како тутун и канабис. Лулето обично се состои од мала чашка со кмора (празнина) за согорување на супстанцијата што се пуши и тенко стебленце кое на крајот завршува во писка.

Лулињата се прават од различни материјали, од кои најчести се (по користеност):корен од дрвенест врес, пченкарен клип, мершаум, африкански блок-мершаум, бела глина, црешово дрво, други дрва, стакло, лејки и разни други материјали како морта и метал. Неретко се среќаваат и уметнички изрезбани лулиња.

Тутуните за луле се третираат и мешаат за да се добијат нијанси на арома кои инаку не можат да се најдат кај другите тутунски производи. Многу од овие мешавини се состојат од основни сорти на тутун како берли и вирџинија, кои се прво се сушат на неколку можни начини, па потоа се мешаат со тутуни за зачинување од ориентален или балкански тип, латакија (тутун за зачинување од Кипар и Сирија, сушен врз оган), перик (расте само во округот Сент Џејмс во Луизијана, САД) или мешавини од вирџинија и Берли, тутуни од африканско, индиско и јужноамериканско потекло. Традиционално, највеќето американски мешавини се прават од Burley со додадени засладувачи и ароматизери за да се добие „ароматичен“ тутун, додека „англиските“ мешавини на основа на природни тутуни како вирџинија збогатени со ориентални и други природни тутуни. Во последно време во светот постои тенденција кон „природни“ тутуни кои ја добиваат својата арома по пат на вешто мешање на основни со исклучиво посебни тутуни за зачинување и се сушат по традиционални методи. Лулињата можат да бидат рачно или машински изработени. Рачно изработените лулиња можат да бидат обични или поединечни творби на врвни мајстори и претставуваат високоценети колекционерски парчиња

Материјали и изработка[уреди | уреди извор]

Некои можни облици на лулиња (од асортиманот на Питерсон, Ирска)

Материјалот и обликот на лулето имаат големо влијание врз естетиката на пушењето.

Корен од дрвенест врес[уреди | уреди извор]

Најголемиот број на лулиња денес, рачно или машински изработени, се прават од коренот на дрвенестиот врес (ботаничко име erica arborea) кое најчесто се наоѓа во каменестите и песокливите предели на Медитеранот, но расте и во југоисточна Европа (Македонија, Србија и др.)

Мершаум[уреди | уреди извор]

Мершаум (Meershaum) (хидриран магнезиум силикат), е минерал кој се ископува од плитки минерални пластови околу градот Ескисехир во централниот дел на Турција и е ценет заради неговата пластичност, благодарение на која истиот може да се обработува во најразлични облици . Овој материјал почнал да се користи во 17 век и бил главен материјал за изработка на лулиња сè до 19 век, кога корен на дрвенестиот врес го заменил по важност и употреба. Зборот „meerschaum“ значи „морска пена“ на Германски и се користи заради сугестивно белата боја на материјалот. Но meerschaum-от е истовремено и доста порозен материјал кој ги апсорбира тутунските компоненти при процесот на пушење и малку по малку ја менува бојата од бела во златеникаво-жолта. Познавачите посебно ги ценат старите добро-испушени лулиња заради нивната фина боја.

Бела глина[уреди | уреди извор]

Во овој случај, под „глина“ се подразбира многу фина бела глина . Нискоквалитетни „глинени“ лулиња се всушност направени од калапен порцелан. Тие се одликуваат со многу низок квалитет, порозност и апсорбираат многу несакани супстанци од тутунот. Врвни глинени лулиња бараат макотрпна изработка: истиснување на воздухот од смесата, рачно валкање пред калапење, прободување со фина жица и внимателно печење. Глинените лулиња обично не се емајлираат. Истите при пушење се вжештуваат повеќе отколку другите типови на лулиња, така што многу пушачи ги одбегнуваат. Обожувателите велат дека ваквото луле дава 'чист' вкус, без додатните дрвени ароми кои вресовите лулиња ги оддаваат.

Калабаш[уреди | уреди извор]

Шерлок Холмс со својот „калабаш

Калабаш е вид на лејка од која се изработуваат лулиња во комбинација со чашка направена од мершаум или порцелан која се вметнува одкога ќе се изрезба лулето. Ваквите лулиња бараат многу макотрпна работа и затоа денес се ретки и прилично скапи.

Калабашот е свиткан по облик, со една надолна кривина која завршува во уште една, нагорна кривина каде што е чашката. Нискиот центар на рамнотежа на лулето му ги ослободува рацете на пушачот бидејќи дозволува истото да биде држено во забите без значителен замор. Таа предност највеќе ја имаат искористено актерите кои играат некој лик кој треба да пуши луле, но истовремено и да прави нешто со рацете. Затоа Шерлок Холмс, кој инаку никогаш не пуши такво луле во расказите, е стереотипно прикажан со калабаш, главно како резултат на замислата на ликот при филмувањето на раните епизоди и копирање на истиот имиџ подоцна.

Пченкарен клип[уреди | уреди извор]

Лулињата од пченкарни клипови се евтини и ефективни иако могу луѓе ги сметаат за неелегантни. Прво клиповите се сушат две години и потоа се длабат за внатре да добијат форма на чашка. Како следна фаза, истите се потопуваат во гипсена смеса или се лакираат од надворешната страна, па се вметнуваат писки од борово дрво. Ваквите лулиња се доста популарни денес заради тоа што се евтини и за разлика од вресовите лулиња, не бараат период на разработка. Заради овие две причини лулињата од пченкарни клипови се препорачуваат на почетници. Поискусните пушачи исто така ги користат за пробање на разни видови на тутун без да си ги замирисуваат своите вообичаени лулиња .

Употреба[уреди | уреди извор]

Пушењето на лулето бара повеќе прибор и техника отколку пушењето на цигари или пури. Покрај самото луле и ќибритот или запалката, потребни се алатка за луле за полнење, дотерување и празнење на тутунот во чашката, како и постојана залиха на чистачи за луле.

Полнење[уреди | уреди извор]

Типична алатка за луле - отворена: Од лево надесно: чепкалка, гребалка и тапкало.

Тутунот за луле може да се најде во неколку облика, кои се разликуваат по вкус (што доведува до многу мешавини, или можноста на пушачот да си прави свои мешавини) и по физичкиот изглед и големина на пресечениот тутун. Многу тутуни по изглед се слични на тутуните за цигари, но се многу повлажни (и затоа мора да се чуваат во херметички кутии), и се режани покрупно. Некои видови се режат во облик на долги, тесни ленти, додека други се пресуваат во цврсти рамни „колачи“ кои потоа се сечат. Лиснатиот тутун (кој се добива од овие по нивно сечење) мора да се истрла меѓу прстите додека не стане доволно растресит за да може да се полни. Некои пушачи ги сецкаат крупните тутуни за полесно полнење.

Во секој од овие случаи, тутунот мора да се става на неколку наврати при полнењето на лулето, и на секој наврат тутунот мора да се втисне доволно добро за да се добие размномерен проток на воздух (ова бара искуство). Ова може да се изврши со палецот, но луѓето најчесто користат алатка за луле бидејќи е истото се врши полесно со неа и од причина што лулето мора да се притиска барем два-трипати додека гори. Доколку тутунот треба да се олабави (за да стане порастресит) при пушењето, се употребува метална чепкалка (обично дел од алатот) или нешто слично на неа.

Палење[уреди | уреди извор]

Тутун за луле на ленти во лимена кутија

Ќибритот, или посебно запалени бориноци, се сметаат за подобри по запалките. Некои луѓе велат дека запалката му дава несодветен вкус на тутунот. Поради тоа што запалката мора да се држи странично, држејќи ги прстите многу поблиску до пламенот, тие се потешки за употреба од ќибритот. Меѓутоа, постојат и посебни запалки за лулиња кои го минимизираат овој проблем. При употребата на ќибрит, ќибритчето се остава да погпори некоја секунда за да може да изгори сулфурот од главата, и за добивање на поголем пламен. Потоа пламенот се движи во кругови над тутунот, пафкајќи го лулето. По неколку секунди загорениот тутун лесно се тапка надолу (зарамнува), за да се добие заштитна површина со која лулето подобро се пуши. Потоа лулето се пали повторно, но овој пат палењето е многу полесно.

Пушење[уреди | уреди извор]

Повторно палење на лулето од време-на време е совршено нормална работа. Едно луле може да трае меѓу 15 минути и 2 часа (зависно од големината и обликот на лулето, како и од видот на тутунот). Ако лулето се пуши премногу бавно, ова гаснење ќе зачести. Ако пак се пуши преногу брзо, тутунот дава непријатна влажност и сок, и самото луле оддава шумолив звук. За негово сушење се употребува чистач за луле. Чашката на лулето исто така може да биде неудобно врела, зависно од материјалот и брзината на пушење. Токму од овие причини глинените лулиња се држат за стебленцето.

Чистење[уреди | уреди извор]

Пепелта и последните остатоци од неизгорен тутун мораат да се исфрлат по секое пушење, а самото луле треба да се чисти барем на две користења. По извесно време на ѕидовите на чашката се напластува црна догореница. Оваа догореница е добра за контрола на топлината на лулето, но доколку стане премногу дебела треба да се изгребе до саканата дебелина.

Лулето како мотив во уметноста и во популарната култура[уреди | уреди извор]

Некои облици на лулиња[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. 102-105.