Печалбари

Од Википедија — слободната енциклопедија
Печалбари
Плакат за претставата „Печалбари“ од 27.IX.1936 во Скопје
Плакат за претставата „Печалбари“ од 27.IX.1936 во Скопје
АвторАнтон Панов
ЗемјаМакедонија Македонија
Јазикмакедонски
Жанрдрама
Издадена
1936 г.
МедиумПечатена
Страници72
Награда од српските власти за драмата на Панов
Антон Панов

Печалбари — најпознатата драма на македонскиот драматург Антон Панов. Тоа е дело во која ни се презентира љубовна приказна меѓу двајца млади (Костадин и Симка) кои се лудо влубени, но припаѓаат на различни сталежи, тој е сиромашен – а таа богата.

Оваа противречност му била потребна на авторот за да го развие драмското дејство. Љубовта ќе биде главен двигател во драмското дејство, но и кочничар во развојот на љубовта меѓу младите. На нивната голема љубов ќе влијаат непишаните правила според кои двајца млади од различни класи не си припаѓаат еден на друг. Панов тука го вметнал и бунтот како средство со кое ќе се искаже незадоволството и ќе се постигне бунтот.

Љубовта е таа што двајцата влубени ќе ги води напред. Но за жал, нивната среќа нема да биде целосна бидејќи посегнувањето по парите и стремежот за исконската печалба трајно ќе уништи едно семејство.

Во оваа драма Панов ги запазува драмските фази и класичното драмско дејство. При преминот од чин во чин, од појавата од појава во појава авторот не води низ дејство за да го доведе читателот до кулминација на случувањата каде зетот заминува на печалба.

Јордан во драмата е лик кој најмногу ги сака парите. Претставен е како чорбаџија кој е мек на зборови но тврдоглав на дела, среброљубец кој гледа низ призмата на парите. Секогаш бил загрижен за мислењето на другите луѓе, а тоа најмногу се гледа кога ја „продал“ својата ќерка, сметајќи оти таков бил адетот. Но бидејќи Симка се заљубила во сиромашниот Костадин, се договориле да му ја даде ќерка си поставувајќи му услов да замине на печалба, туркајќи го во смрт.

Јордан стапува на сцена во оној момент кога младите очекуваат принова и кога за нив започнуваат новите обврски. Но, тој е бескорисен, не знае да ги покаже чувствата бидејќи за него пред сè се парите.

Јордан донесува одлука која ќе ја плати прескапо, можеби не со својот, но со нечиј друг живот. Наспроти ликот на Јордан, стои Костадин, прикажан као млад човек кој има многу напредни сфаќања во споредба со времето во кое живеел. Како бунтовник, со своите постапки сакал да уништи дел од напишаните правила, како што била печалбарската традиција „...Ех црна и крвава е нашата печалба, мајко! Уште покрвава е сиромаштијата што нè гони таму!“ Сфаќајќи ги причините за тоа општествено зло, цврсто стоел на ставот дека печалбата носи и несреќа и смрт.

Божана, мајка на Костадин, е жена која робува на патријархалните традиции. Таа е жена која останала млада вдовица. Но, сепак знаејќи дека печалбата е несреќа, го наговара синот и тој да биде печалбар. Таа знае како е да се живее без пари, да се одгледува дете без татко, но воедно справува и срамува што ќе рече светот и како ќе излезе пред другите со крената глава. Велејќи му на Костадин дека мора поради Јордан да оди на печалба, Костадин враќа со зборовите:

Дали чорбаџи Јордан ќе чуе таму во туѓина? Далеку, може дури преку море... На секого си туѓ... Нема со кого збор да промениш, солза да размениш! И не година, не две. Години, години да изврват, скотски да живееш, пари да збереш, додека да имаш лице дома да си дојдеш!... Ако паднам болен дали чорбаџи Јордан ќе праша за мене? Дали ќе има кој потта да ми ја избрише, кошула да ми размени, јорган да ми фрли?... Ех, црна и крвава е нашата печалба, мајко? Уште покрвава е сиромаштијата, што нè гони таму! Проклет да ѝ е коренот!... И големо има лечко нишан носи од неа за цел век!... Гледај, што направи од нас таа пуста печалба! Маж – роб! Жена – роб! Син - роб! Ќерка – роб! А мајките, само за солзи се родени!...

Овие се најтажните зборови што ги проговорил некој печалбар во македонската драма. Во овој цитат Костадин ја насетува својата судбина. Можеби Панов намерно ова го направил сè со цел да го стави читателот на размислување, каков е животот на печалбарите и низ каков тежок период поминуваат на печалба за да заработат парче леб. Кога Костадин мислел дека ја остварил својата цел, кога со Симка живееле убав живот и чекале принова, иднината ја нарушува Јордан кој доаѓа по своите пари. Нивната средба не е нималку пријатна бидејќи меѓу нив двајца доаѓа до конфликт. И покрај тоа што Костадин го моли Јордан да го остави барем уште една година да се порадува со својот пород, да сети таткова радост, тој е немилосрден велејќи дека не е негово да мисли на пелени, туку на пари.

Костадин заминува на печалба, но не по своја желба. Надвор од селото. Во природата. Големо старо дрво. Планинска патека води на печалбарската чешма. Тоа е место на печалбарската разделба. Кога завесата се крева, десно веќе седнала мала група печалбари, прва пристигната на местото на разделбата; седам, пијам и замислено пеам.

Во наредниот чин Костадин веќе се спрема за на печалба. Се збогува со Симка и со Божана. Прима од нив совети, но и ги прекорува и остава аманет детето што ќе се роди да го носи името на неговиот татко. Испратен е со песна впрочена како што тоа бидува со традицијата. За традиционалното испраќање на печалбарот поканува и моментот кога `рснува тапанот и зурлата, кога се прават и последните адети пред тргнувањето Тука е и размислувањето на Корама Атенас кој најубаво ја пишува тежината на печалбата. “...Разделба е разделба!... И камен на шијата полесно се носи од пустата печалба!“

Четвртиот чин дава најдобра слика на печалба кога веќе Костадин е во Белград. Таму болен од туберкулоза небаре од црна чума. Со пот и мака спечалил парите, но платил со сопствениот живот. Печалбата за него била многу кобна, тој не успева да го издржи товарот на тешката работа, но желбата да го види Коле, неговиот син е поголема од сè. Тажи за својата мајка, за Симка. Свесен е дека ја доживува судбината на татка си, кого никогаш и не го видел. Судбината се повторува со него и тој повеќе никогаш нема да се врати дома. Овде смртта е нормална последица. Но дали вреди по секоја цена да се оди на печалба, да се жртвува сопствениот живот и животот на тие што чекаат дома, да се вратат печалбарите.

Структура на драмата[уреди | уреди извор]

„Печалбари“ е драма во четири чина и драмско дејство развиено во пет етапи. Таа е битово-социјална драма со мотиви од печалбарскиот живот. „Битово“ значи дека е опфатен начинот на живеење, обичаите на Македонците; „социјален“ - судирот меѓу богатите и сиромашните и печалбарството - како нужност да се спечали. Темата во драмата е љубовта на двајца млади, поради која момчето е принудено да оди на печалба. Во драмата се испреплетуваат неколку мотиви: мотивот на парите, мотивот на љубовта, на традицијата и на печалбарството. Парите се сепак движечкиот мотив, тие се средство за живот, за богатење, за купување невеста, за уништување на семејството, за одење на печалба и смисол за живеење (на Јордан му се и срце и душа). Идејата е да го прикаже животот на Македонците во првата половина на XX век. Дејствието се случува во едно село во Западна Македонија (освен една сцена во Белград) кон крајот на триесеттите години од XX век.

Содржина[уреди | уреди извор]

Сцена од претставата „Печалбари“, со Ристо Шишков во главната улога

Прв чин[уреди | уреди извор]

На почетокот од драмата е претставена богата македонска куќа, домот на девојката Симка. Преку разговорот на Симка со своето помало братче Стојче, авторот нè воведува во светот на драмата. Таа му дава да јаде и го распрашува што дознал. Тој кажува дека уште утрото се најавиле стројници од две страни: од Ѓурѓиновци за Јован (од богато семејство) и од Итромановци за Костадин (сиромашен, но Симка го сака). Братчето е наклонето кон побогатите бидејќи тие ќе му дадат повеќе подароци, на што Симка му одвраќа:

Магаре ниедно! Уште од малечко со татковите очи гледа...

Јордан е нивниот татко, богат лихвар, кој гледа се низ призмата на парите. Во куќата доаѓа прво Божана, мајката на Костадин. Во разговорот со Рајна, мајката на Симка, дознаваме дека таа е вдовица и дека Костадин е нејзиното единствено дете за кое би направила сè. Се појавува Јордан, кој е многу љубезен со Божана. Таа веднаш му кажува за што е дојдена - да ја побара Симка за Костадин. Јордан се согласува, го пофалува Костадин како млад, здрав и работлив, но споменува дека тој не бил на печалба, па веројатно нема пари за да гледа семејство и да си ја откупи невестата. Тој ја кажува цената - триесет лири, облека, појас, сребрен саат. итн. Божана го пренесува ставот на Костадин, дека тој не сака да плаќа за невестата, сака да го одмине тој ред. Тој би ги направил сите адети, но да не ја купува невестата. Јордан не сака ни да слушне. Веднаш по заминувањето на Божана доаѓа Ѓорше, сиромашен селанец, кој бара пари на заем од Јордан. Тој му дава, го запишува во лихварскиот тефтер и се договара по печалба да му ги врати со камата. Стојче, синчето, му помага на својот татко, му го носи тефтерот и всушност го учи занаетот. На крајот од првиот чин доаѓа стрико Кољо, како стројник за Јован. По вообичаените поздрави и понудената ракија, Кољо го тера редот и кажува за Јован. Го фали - здрав, млад, работлив, кој е сè уште во Белград на печалба. Јордан веднаш се сложува да ја даде Симка за него, повторно ја кажува својата цена, малку се ценкаат и на крај си подаваат рака. Ја повикуваат Симка, која заради редот ја прашуваат дали сака да се омажи за Јован. Таткото знае дека таа го сака Костадин, но за него тоа ништо не значи. Со солзи во очите, ќерката послушно прифаќа и стрико Кољо ја дарува. Нејзините другарки ја започнуваат обредната песна за свршувачка со што се доловува фолклорниот амбиент.[1]

Втор чин[уреди | уреди извор]

Во сиромашната куќа на Божана и Костадин, мајката и синот разговараат за Симка. Костадин не може да се помири дека нема да живее со неа и ги проколнува парите - кои се најважни во светот на Јордан. Костадин како носител на новото сфаќање ги искажува следните зборови:

Не, не сакам жена за пари! Јас милувам, Симка од чиста милост да ми дојде, не за пари! Сакам со неа век да векувам како со жена, не како со платен добиток. Ме разбираш ли? Јас сакам и таа да се праша! Зашто навистина ако таа се праша, право ќе си каже: Костадина го сакам! Сега дали е јасно? Сакам жена, не роб...

Мајката го советува да оди на печалба, да заработи, за да може да ја оствари својата цел, но Костадин одбива. Не сака и тој како неговиот татко да ги остави коските на печалба. Го искажува својот став кон печалбарството - зло на сиромашните, кое од нив прави робови. Доаѓа пријателот на Костадин, Зафир, кој му кажува дека ја свршиле Симка за Јован. Костадин, изреволтиран, трга да ја грабне Симка. Симка, патријархално воспитана, не сака да бега, не сака да се посрамоти, му кажува дека сега е свршена, но сепак љубовта кон Костадин победува, и покрај се таа решава да избега за него. Но, во тој момент се појавува Јордан кој го спречува грабнувањето и се пазари со Костадин. Јордан му позајмува пари, а Костадин прифаќа поради молбите на Симка.[1]

Трет чин[уреди | уреди извор]

Претставена е семејната хармонија во домот на Костадин, љубовта меѓу младоженците и среќата заради бебето што го очекуваат. Доаѓа Божана која најавува дека Јордан сака да ги посети. Тоа предизвикува вознемиреност кај младите. Неговото доаѓање и однесување кулминира во ужасна расправија. Тој си ги сака своите пари по секоја цена. Не му е важна среќата на ќерката, ниту се сожалува на молбите од Костадин да почека уште малку за да го види барем бебето кога ќе се роди. Расправијата го достигнува својот врв на крајот од оваа слика:

Костадин: Ти немаш срце, Јордане!

Јордан (потсмешливо): Море, парите ти се и срце и душа! Без нив ништо не можеш!... Секој чесен печалбар си ја стега торбата...

Костадин: Молчи, не зборувај!... Тие се толку чесни, та дури и не знаат дека за тебе работат, долг да ти отплатуваат. Молчи, Јордане! Засрами се!

Јордан: Зошто да молчам, пред кого да молчам, бре? Пари, пари ми требаат!...

Костадин: Трај! Во домот си ми!

Јордан: Не траам! Јас, или ти имаш за давање?...(скокнува) Море пари, пари, бре голтар! (крева рака на Костадин).

Костадин (го зграпчува за гуша): А, куче чорбаџиско! Си дошол огништето да ми го растуриш!...

Јордан (и тој го фаќа Костадина за гуша): Пари, пари, бре!...

Костадин, немоќен, заради Симка и бебето, решава да оди на печалба. Втората слика од овој чин го претставува обичајот на заминувањето на печалба, како и разделбата на Симка и Костадин. Надвор од селото, во природа, покрај прошталната чешма се собира групата печалбари и нивните блиски кои ги испраќаат. Пеат песни и пијат. Групата се зголемува, а водачот, стрико Марко ги собира на едно место, да јадат и да тргнат. На крајот ги испраќаат солзите на жените и девојките. Костадин се поздравува со жена си, која ја наведнала главата, не може ни да зборува од насобрани солзи и тага, и и ги кажува последните зборови:[1]

Ех, Симке, Симке!...

Четврт чин[уреди | уреди извор]

Првата слика е слика на печалбарскиот живот и се случува во една фурна во Белград. Поминале пет години, а Костадин лежи, облеан во пот и болен од туберкулоза. Неговите другари се грижат за него колку што можат, но лекови не можат да купат, бидејќи за нив треба пари. Суровиот газда Арангел сака да го избрка од фурната, велејќи му дека тоа не е болница. Тој воопшто не чувствува вина за неговата болест која ја добил од неподносливите услови за работа. И тој како Јордан мисли само на парите и загубата што ја трпи чувајќи болен човек кој не може да работи. Последните зборови на Костадин се носталгични, со желба за последен пат да ја види Симка, но и малку и префрла велејќи:

Костадин: (силно возбуден): Ах, Симке!... Не се согласи на бегање!... Не, не си ти крива... Требаше на сила!... (Се закашлува. Другарите се загрижуваат за него)

Зафир: (Му помага на Костадина).

Костадин: Што ми прави таа, мајка ми?

Зафир: Мисли на тебе.

Костадин: И плаче... Плаче Зафире... Плаче тивко, со неведена глава... Плаче и солзи рони...

Зафир: И ти плачеш...

Костадин: Дали ќе ја видам? Дали таа ќе ме види?... (Се закашлува силно. Другарите се стрчуваат кон него).

Последната слика е враќањето на печалбарите дома, со песна и радост. Коле, синчето на Костадин со нетрпение го очекува татка си кој никогаш не го видел. Но, пред куќата на Костадин пеењето престанува. Тоа значи само едно - дека печалбарот умрел. Коле не сфаќа што се случило и кога Зафир, другарот на Костадин, влегува во куќата да ги даде спечалените пари, детето се стрчува кон него, го прегрнува за колената, мислејќи дека тоа е неговиот татко.[1]

Коле (трча кон Зафира радосно): Еве го татко, мамо!... (Му ги опфаќа колената на Зафира. Молчење).

Божана (како не со свој глас): Каде ми е син ми Костадин?...

Зафир (Молчи. Потем го вади од торбата појасот Костадинов и ќесето со пари; ги предава).

Симка (го прима ќесето и појасот): Ела, Коле... (Го прегрнува Колета). Татко ти не ќе си дојде... Никогаш не ќе си дојде... Ти пратил пари да го викнеш дедо ти Јордан на задуша...

Божана (со шепот кон Зафира): Умре?

Зафир: Умре...

Елементи на драмското дејство[уреди | уреди извор]

Етапите во драмата се:

  • експозиција - запознавање со ликовите и Јордан како носител на семејната трагедија;
  • заплет - Костадин, како носител на новите сфаќања - против купување на невестата и против печалбарството;
  • кулминација - доаѓањето на Јордан да си ги земе парите;
  • перипетија - печалбарскиот живот, болеста и смртта на Костадин;
  • расплет - враќање на печалбарите, предавањето на парите и судбината на печалбарската жена.[1]

Ликови[уреди | уреди извор]

  • Јордан - богат чорбаџија, лихвар, кој се гледа низ призмата на парите. За него не претставува ништо среќата на ќерка му, важно му е само да платат за неа. Суров, бесчувствителен, бездушник, кој нема да дозволи ќерка му да оди бегалка, застапник на старите патријархални сфаќања.
  • Костадин - претставник на новите сфаќања. Тој пред сè не сака да ја купува невестата со пари, зашто смета дека таа не е стока, дека и нејзиниот глас треба да се слушне. Љубовта за него е поважна од традицијата и старите закоравени правила. Исто така, тој е против печалбарството, против оставањето на својата татковина, на домот и семејството. Смета дека и тука може да се заработи за живот и да не се жртвува животот за пари.
  • Симка - патријархално воспитана, покорна ќерка, која не смее да му се спротивстави на таткото. Ги потиснува своите желби за да ги оствари желбите на татка си. Иако е вљубена во Костадин таа не прави ниту еден храбар чекор за да ја оствари таа љубов. Не сака да побегне за него, бидејќи како бегалка ќе го посрамоти семејството, го тера Костадин да ја прифати нагодбата иако знае дека тоа ќе ја унесреќи и на крајот го тера да оди на печалба - сама жртвувајќи се да биде бела вдовица. Нејзината трагедија е уште поголема кога останува без маж, без човек кој ќе се грижи за семејството. Историјата се повторува, таа е иста како свекрва и Божана.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 „„Печалбари" од Антон Панов“. Македонски јазик.

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Печалбари“ од Антон Панов
  • За матуранти“ од Билјана Богданоска
  • Литература за втора година“ од Георги Сталев
  • Учебник за трета година по македонски јазик“ од Наташа Аврамовска

Надворешни врски[уреди | уреди извор]