Горан Тренчовски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Горан Тренчовски
Роден 24 април 1970
Струмица, Македонија Македонија
Познат по режијата на:
Словенски Орфеј
Вампирџија
Златна петорка
Игра и спас
Занимање режисер и писател

Горан Тренчовски (роден на 24 април 1970 во Струмица) — македонски режисер и писател.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Доцент д-р Горан Тренчовски е роден на 24.4.1970 година, во Струмица. Дипломирал режија на Академијата за уметност во Нови Сад во класата на проф. д-р Боро Драшковиќ. По завршувањето на студиите, непосредно по распадот на СФРЈ, станaл еден од најмладите и најплодни режисери во Југоисточна Европа и на Балканот, како и првиот струмичанец - професионален режисер со диплома за високо академско образование. Бил на стручна специјализација во Прага и посетувал постдипломски студии на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што ја одбранил магистерската теза „Кинестетичните раскази на Солев и Чинго: низ филмските адаптации на Русомир Богдановски“. Одбранил докторска дисертација за односите помеѓу литературата и филмот, под наслов: „Интермедијалните верификации на романите Црвениот коњ од Ташко Георгиевски и Нежниот варвар од Бохумил Храбал“. Во својот уметнички опус Тренчовски има режирано во сите драмски медиуми. Режирал во МНТ, Драмски театар, Турскиот театар (Türk Tiyatrosu - Üsküp), театрите во Битола, Штип, Прилеп, Велес, Струмица. Потписник е на 100-тина професионални креативни уметнички проекти. Објавил над 300 текстови во печатот и периодиката (Млад борец, То јест, Нова Македонија, Современост, Сум, Акт, Премин, Наше писмо, Кинопис, Сцена, Театарски гласник, Денес, Македоника, Медиантроп), а во Македонската радио-телевизија режирал над 500 ТВ-емисии од најразлични програмски жанрови [серии, документарци, докудрами, радиодрами]. Преку своите режии овозможил претставувања на Адамов, Ајсхил, Арабал, Бекет, Бихнер, Виткаци, Ибзен, Јонеско, Плавт, Хавел, како и на драми или сценарија од Андоновски, Гарванлиева, Коцевски, Манчев, Маџунков, Мирчевска, Насев, Плавевски, Стефановиќ, Ташковски, Чашуле, Чернодрински и др. Неговите кусометражни и среднометражни филмови се освежување во третманот на урбаната и на новомитската балканска иконографија [Клошари и плакати, Мултилевел, Езерската земја на Никола К., Андер, Духот на татко ми, Игра и спас...]. Ја режирал првата македонска урбана играна серија Бумбари, документарецот Верувам во Македонија префрлен на 35 мм, како и Вампирџија – прв македонски игран ТВ-филм снимен на дигитална техника. Повеќето претстави му се инвентивни парафрази на европската драматика на апсурдот [Крајот на играта, Звучни слики, Словенски Орфеј, Часови по злостор, Луна прима, Либрето Вагнер, Адска машина, Од првиот здив, Питачка опера, Духот на лименката, Суво дрво од Вавилон, Крајот на кралот, Партáле, Кабинетот на проф. Тарана...]. Автор е на седум книги есеи на македонски и една на англиски јазик. Неговите проекти се изведувани и прикажувани во Австралија, Велика Британија, Европа, Индија, Канада, Русија, САД, Турција. Работел и како драматург во Народниот театар „Антон Панов“, координатор на Академската театарска лабораторија, раководител на сектор по режија во националната телевизија, селектор на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, уредник и супервизор на списанија, менаџер и меѓународен културен активист. Има плодно искуство и како продуцент, организатор и издавач. Заедно со сопругата Софија Тренчовска е основоположник на меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“, а ја иницирал и Тивериополската филмска алијанса. Учествува на манифестации, симпозиуми, конференции и научни собири, членува во меѓународни стручни жирија. Држи предавања и мастеркласови од областа на филмот, театарот и интермедијалноста. На Универзитетот за аудиовизуелни уметности - Европска филмска, театарска и танцова академија ЕФТА – Скопје ги предавал предметите Режија, Историја и теорија на режијата, Анализа на филмско дело и Театрологија. Тој ја воведува и промовира "поетиката на (де)тронизација". Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2010. Член на Европската филмска академија и Британската асоцијација за компаративна литература. За неговите режии и проекти повеќепати е високо оценуван, вреднуван и наградуван од домашната и меѓународната јавност, како и од стручната критика. Последни проекти во режија на Горан Тренчовски се долгометражниот игран филм Златна петорка кој го обиколи светот и претставата Идиот според Достоевски. Неговата последна книга на македонски Кинестетични наративи на мултидисциплинарен начин го препознава феноменот фи во граничните сфери на филмот, фикцијата и филологијата. Живее и работи во Велика Британија.

Творештво[уреди | уреди извор]

Филмографија
  • "Алтер варијации", 1987.
  • "Временик", 1993.
  • "Клошари и плакати", 1994.
  • "Бумбари" (ТВ серија во 8 епизоди), 1994.
  • "Јиржи Менцел и чешкиот филм", 1999.
  • "Кречо", 2000.
  • "Мултилевел", 2000.
  • "Македонска емиграција", 2001.
  • "Вампирџија (ТВ филм)", 2002.
  • "Ден шести", 2002.
  • "Клевета", 2002.
  • "Чекор пред времето", 2003.
  • "Андер", 2004.
  • "Бајколенд", 2005.
  • "Кандидати" (ТВ серија во 5 епизоди), 2006.
  • "Езерската земја на Никола К.", 2006.
  • "Мартин од скалите" (ТВ серија во 6 епизоди), 2006.
  • "Adieus", 2007.
  • "Верувам во Македонија" (за Борис Трајковски), 2007.[2]
  • "Претседателот", 2009.
  • "Духот на татко ми" (за Ристо Шишков), 2010.[3]
  • "Игра и спас", 2013.[4]
  • "Златна петорка", 2016.
  • "Љубов и предавство" (сериски филм во 5 епизоди), 2017.
Театрографија
Книги

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

  • Авторска награда "Војдан Чернодрински" за современа драматизација и адаптација
  • Награда за уметнички сценски израз во Стоби
  • Гран при за ТВ филм на Сараевскиот филмски фестивал
  • Награда за ТВ продукција во Москва
  • Номинација за документарец во Вашингтон
  • Специјална награда за документарец во Новогард
  • Најдобра алтернативна претстава во Македонија
  • "Св. 15 Тивериополски свештеномаченици" за долгогодишен придонес во филмот и театарот
  • "Скрипт фест" за повеќегодишен успех во полето на филмската уметност
  • Златен Грифон за најдобар странски филм во Перуџа
  • Гран при за филм во ЈИЕ во Париз
  • Најдобар Балкански дух во Поградец
  • Најдобар странски игран филм во Мумбај
  • Гран при (најдобар игран филм) во Њу Џерси
  • Најдобар странски филм во Кардиф

Наводи[уреди | уреди извор]

Литература[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]