Господарот на прстените (книга)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Господарот на прстените (англиски: The Lord of the Rings) — најважното епско [1] и најпродавано дело[2] во Толкиновиот Легендариум, но и едно од најпознатите дела на светската литература од XX век. Своевидно продолжение на неговото претходно дело Хобитот, Господарот на прстените претставува раскажана сага во која се забележани настаните и пресвртите во еден свет во еден, за него, мрачен период. Пишувана долга низа години (1937-1949), а конципирана веројатно и многу порано, оваа книга е издадена во три тома во периодот 1954-1955:

Првото издание на „Господарот на Прстените“
  • Том 1: Дружината на Прстенот (The Fellowship of the Ring)
  • Том 2: Двете кули (The Two Towers)
  • Том 3: Враќањето на кралот (The Return of the King)

Некои претпочитаат томовите да ги нарекуваат делови, на што се противел и самиот Толкин, зашто книгата била обмислена како единствено, а не поделено дело. Книгата е издадена во три тома само поради недостигот на хартија во повоените години и пониската цена на секој том посебно. Подоцна, книгата излегува онака како што и е замислена: како единствено дело.

Во изданието на третиот том, Враќањето на Кралот, се вклучени и „Додатоците“ (The Appendices), каде се дадени сите потребни појаснувања со цел темелно и точно да се разбере текстот.

Настаните и ликовите од книгата се плод на фантазијата на авторот, но се засноваат на митологиите на повеќе народи, меѓу кои: англиската, прагерманската, грчката, па дури се среќаваат и елементи од христијанството.

За Господарот на прстените (секако и за останатите дела на Толкин) се врзани неколку многу битни факти; имено, за своите потреби, Толкин буквално создава (конструира) сопствен свет со повеќе раси и јазици, митологија, различни цивилизациски и општествени норми и вредности, степени на развиеност, и најважно од сѐ: свет со сопствена, многу добро елаборирана и усогласена историја.

Ова многу популарно дело има големо влијание во светски рамки. Доказ за тоа е и трилогијата снимена според ова дело: Господар на прстените (филм).

Вовед во приказната[уреди | уреди извор]

Настаните забележани во Господарот на прстените се всушност (само) последица, продолжение, кулминација на многу постари процеси. Сите тие се одвиваат во Светот (The World), кој е создаден од божествените суштества наречени Валари (the Valar, еднина: Vala). Откако го создале светот и се населиле во него, тие ги создале Елдарите (the Eldar), попознати како Виленици (the Elves, еднина: Elf, според својата убавина и мудрост своевиден пандан на самовилите од словенската митологија) и ги населиле во Бесмртните Земји или Валинор (the Undying Lands или Valinor). Покрај Вилениците, Валарите имале свои „слуги“ наречени Маи (the Maiar, еднина: Maia).

Како течело времето, еден од Валарите наречен Моргот (Morgoth, забележан е и како Мелкор - Melkor) поведен од љубомора и завист, од Феанор (Fëanor), своевремено најспособниот Елдар, ги украл трите скапоцени камења наречени силмарили, ги уништил Дрвјата на Светлината кои ги имал направено самиот Феанор и се одметнал од останатите Валари засолнувајќи се во Средната Земја (Средниот Свет, Меѓуземјето; анг. Middle-earth), во својата тврдина Тангородрим (Thangorodrim).

Феанор, следен од поголем дел од неговиот народ, заминал во прогонство во Средната Земја каде започнал војна против Моргот Непријателот. Таму Вилениците, потпомогнати од Едаините или Луѓето (the Edain или the Men) после долгогодишни очајни борби успеале да ја добијат војната против Тангородримските орди, а Валарите го „исфрлиле“ самиот Моргот од границите на Светот. По ова, повеќето Виленици се вратиле во Валинор, а Луѓето како награда за помошта го добиле островот Нуменор (Númenor) кој се наоѓал далеку на запад од Средната Земја и „од чија највисока точка можеле да се видат Бесмртните Земји - Валинор“. Тука, под менторство на Елдарите, кралството на Луѓето цветало многу години и тие имале долг животен век. Единствено им било забрането да се обидат да допловат до Бесмртните Земји (иако им биле на видик), што тие го почитувале. Со пропаста на Моргот Непријателот и основањето на Нуменор, завршило Првото Доба или Првото Раздобје (the First Age).

Но Вилениците кои останале во Средната Земја не добиле мир. По соборувањето на Моргот, во Средната Земја се појавил Саурон еден од Маите и слуга на Моргот. Претставувајќи се како Господар на Даровите, им помогнал на виленичките ковачи да го совладаат начинот за изработка на волшебни прстени, наречени Прстени на Моќта или Велики Прстени (the Rings of Power или the Great Rings). Вилениците со помош на Саурон исковале најпрво девет, а потоа уште седум или вкупно шеснаесет такви прстени, додека по заминувањето на Саурон, Келебримбор (Celebrimbor), водач на виленичките ковачи, исковал уште три прстени, помоќни од сите претходно исковани. Сите овие прстени биле исковани со цел да се чини добро, но Саурон повлекувајќи се во земјата Мордор (Mordor), во огнот на Проклета Планина или Ородруин (Mount Doom или Orodruin) исковал уште еден прстен создаден со умисла да ги „надвладее“ носителите на шеснаесетте (бидејќи самиот Саурон не знаел за Трите Виленички Прстени). Но кога бил искован овој Прстен (наречен и Единствениот Прстен или Владејачки Прстен или просто Единствениот - the One). Претчуствувајќи дека наближува зло, Трите Прстени биле скриени од Саурон (за нив знаеле само оние кои ги носеле, а тоа биле најголемите виленички мудреци) кој започнал војна против целата Средна Земја запленувајќи ги шеснаесетте првоисковани. Деветте им ги дарувал на Кралевите на Луѓето од Средната Земја (не на Нуменореанските Луѓе!) кои потпаднале под негова власт, постанувајќи Сеништа на Прстенот или Назгули (the Ringwraiths или the Nazgûl), додека Седумте ги добиле владетелите на Џуџињата, уште една раса од Средната Земја. Војната одела лошо за Вилениците, сè додека Нуменореанските Луѓе не притекнале во помош допловувајќи со огромна флота на бреговите на Средната Земја, така што Сауроновите војски го напуштиле својот господар, а самиот Саурон бил заробен и одведен во Нуменор, понесувајќи го со себе Единствениот, за чие постоење, по сѐ изгледа, не биле свесни Нуменореанските Луѓе.

Единствениот Прстен, заедно со написот на него - како што е покажано во филмот: горе, во рацете на Изилдур; во средина, во рацете на Фродо; долу, во лавата на Проклета Планина

Користејќи ја моќта на Едниствениот, Саурон набрзо станал советник на кралот на Нуменор и го советувал да ја прекрши забраната на Валарите и отплови кон Бесмртните Земји и ги освои, зашто „кој владее со Бесмртните Земји, тој има вечен живот“, а Нуменореанците иако живееле долго, сепак биле смртни. Согласувајќи се со овој совет, кралот изградил огромна флота и запловил кон Бесмртните Земји; но мал број Луѓе кои не се согласувале со ваквата одлука на кралот запловиле кон Средната Земја - во прогонство. Кога Нуменореанците се приближиле до Бесмртните Земји, островот Нуменор наеднаш се потопил во морето, додека Бесмртните Земји исчезнале од лицето на Светот. При ова загинале сите Нуменореански Луѓе, освен оние кои заминале во прогонство во Средната Земја, додека духот на Саурон заедно со Единствениот, носен на мрачни ветришта се вратил во Средната Земја, каде прогонетите Нуменореанци веќе основале две кралства: Арнор на север и Гондор на југ.

Саурон повторно им наметнал војна и на Луѓето и на Вилениците, па тие го формирале Последниот Сојуз на Вилениците и Луѓето и успеале да ги поразат војските на Саурон во Битката на Дагорладското поле и да го опсадат Барад-дур (Barad-dûr, Темната Кула; наречен и Lugbúrz), сауроновото утврдување во Мордор. По седумгодишна опсада, самиот Саурон излегол да се бори покрај своите војски во очајнички обид да ја разбие опсадата. Биејќи се со Саурон загинуваат виленичкиот крал Гил-галад (Gil-galad) и Елендил (Elendil), Кралот на Луѓето. Во битката се крши мечот на Елендил - Нарсил, а неговиот син, Изилдур, со остатокот од мечот успева да го отсече Единствениот Прстен од раката на Саурон. По ова Саурон го загубил телесниот облик, а Сојузот извојувал победа. Но, наместо да го уништи Единствениот (што може да се стори само на местото каде што е искован: во огнот на Проклета Планина) и да се ослободи од злото за навек, Изилдур го задржува прстенот, на противење на Елронд наречен Полувиленик, голем мудрец и достоинственик. Две години подоцна Изилдур е убиен во опсада поставена од Орци кај Галаденските полиња, а Единствениот Прстен се лизнува од неговиот прст потонувајќи во Андуин - Големата Река (Anduin) и Орците го убиваат. Знаењето за Прстенот бледнее сѐ додека не мине толку време што преминува тоа во мит. Но слугите на Саурон, полека закрепнувајќи од доживеаниот пораз, неуморно го бараат прстенот за да му овозможат на својот господар повторно да земе телесен облик и продолжи со своите зли намери: да владее со сета Средна Земја. Со поразот на Саурон завршува Второто Доба (the Second Age).

Во Третото Доба имало долг период на мир, но по него продолжил теророт на сауроновите слуги. Се појавуваат Назгулите и непрестајно ги напаѓаат Арнор и Гондор. Околу илјада години по почетокот на Третото Доба во Средната Земја доаѓаат Волшебниците или Истари (the Wizards или Istari), вкупно пет. Тие се всушност Маи - слуги на Валарите; најпознати од нив се Саруман Белиот или Курунир Лан (Saruman the White или Curunír Lán), најмоќниот меѓу нив, и Гандалф Сивиот, Олорин или Митрандир (Gandalf the Grey, Olórin или Mithrandir), обично именуван како најмудриот. Нивна задача било да помогнат во борбата против злото. Но иако нивното присутство е значајно, сепак моќта на Кралствата на Луѓето од Нуменор во прогонство опаѓа. Најпрвин пропаѓа Арнор (Северното Кралство), а по него, околу 2050. година од почетокот на Третото Доба е убиен и последниот крал на Гондор (Јужното Кралство) - Еарнур (Eärnur). По ова управата над Гондор минува во рацете на Намесниците (или Домостроителите, the Stewards) кои треба да владеат „сѐ додека Кралот повторно не се појави“, зашто Еарнур умира под сомнителни околности. Околу 2.500 години по почетокот на Третото Доба, Единствениот Прстен доаѓа во рацете на Смеагол-Голум (Смигол, Sméagol-Gollum), кој го добива убивајќи го својот роднина Деагол (Дигол, Déagol). Самиот Деагол сосема случајно го наоѓа Прстенот на дното на Андуин, ловејќи риба. По убиството, Смеагол-Голум е изгонет од своето семејство и се засолнува во подножјето на Магливите Планини (the Misty Mountains), каде долго време живее ловејќи риби со помош на прстенот. 500 години подоцна, речиси случајно, хобитот Билбо Багинс најпрвин го наоѓа, а потоа и го добива Прстенот, на една од своите авантури, победувајќи го Смеагол-Голум во играта на загатки. Така, Единствениот Прстен лежи „мирен“ кај Билбо, продолжувајќи му го животниот век. Апсолутно никој, па дури ни Гандалф, кој воедно е и близок пријател на Билбо, не се сомнева дека тоа е токму Сауроновиот Прстен! За сето време, моќта на Саурон расте, а Прстенот кој има своја волја почнува да „посакува“ да се врати на раката на својот господар.

Шеесетина години подоцна, на својот 111. роденден, Билбо, со тешко срце, посоветуван од Гандалф, му го остава прстенот на својот внук Фродо Багинс како наследство и заминува кај Вилениците; токму чудното однесување на Билбо на разделбата го побудува сомнежот на Гандалф во врска со потеклото на самиот прстен...

Од овој момент (прославата на 111. роденден на Билбо), почнува дејствието како што е забележано во Господарот на прстените.

Она што следи[уреди | уреди извор]

  1. Chance, Jane (1980) [1979]. „The Lord of the Rings: Tolkien's Epic“. Tolkien's Art: A Mythology for England. Macmillan. стр. 97–127. ISBN 0-333-29034-8.
  2. Wagner, Vit (16 April 2007). „Tolkien proves he's still the king“. Toronto Star. Архивирано од изворникот на 9 March 2011. Посетено на 8 March 2011.