Сердарот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Сердарот
АвторГригор Прличев
Изворен наслов'Ο Αρμάτωλος'
ПреведувачГеорги Сталев
ЗемјаГрција
Јазикгрчки
Жанрпоема
Издадена
прво издание: 1860 година во Грција

Сердарот (грчки: Ο Αρματωλός) — најпознатото дело на македонскиот поет и преродбеник Григор Прличев. Делото е напишано во 1860 година, а на 25 март истата година тоа учествува во натпреварот за најдобра поема на грчки јазик (што секоја година се одржувал во Атина), и ја добива наградата Ловоров венец, како и парична награда. Поради силниот впечаток што ја оставила оваа поема, Прличев бил наречен „Втор Хомер“.[1] Наградата не останува долго во негови раце, затоа што одбива да се изјасни како Грк, и да ја прифати стипендијата за студии во Берлин или Оксфорд [1]. За успехот што го направил со „Сердарот“, Прличев во својата „Автобиографија“, ќе каже:

... тогаш усетив во мене неописиво волнение, какво што никогаш не сум осетувал. Тогаш никој не би ме познал: бев надвор од себеси. Очигледно, мој беше венецот [1]

Поемата е оригинално напишана на грчки јазик, под насловот „О Арматалос“ (Ο Αρματωλος), но при крајот на животот Прличев ќе направи обид да ја преведе на македонски јазик [1]. Единствениот зачуван дел од авторовиот превод се следниве стихови (се гледаат јасни остатоци од старословенскиот јазик):

Плачам тътнет Галешник народным.
Кто зло вас, братие, постигло?
Иль плоды вам град побил немирный,
иль стада вам звере потребили?
Ни плоды нам град побил немирный,
ни стаса нам звере потребили,
нь сгубили люты арнауты
наша слава Кузмана Сердара,
десна ръка Джеладимбегова,
и нам тъпчят скверными ногами
гъсты горы, прежде непристъпны.
Така с рыданъем инвари вещали
и жены их драпали си лица
с писком....

Содржина[уреди | уреди извор]

Поемата Сердарот (Ο Αρματωλός) издадена во Атина во 1860 година

Во основа, во „Сердарот“ се раскажува за смртта на македонскиот херој Кузман кој ги заштитувал селаните од бандите на Гегите. Дејството во оваа поема се случува кон средината на XIX век, во Западна Македонија, односот регионот помеѓу Галичник, Река (област), и селото Стан. Писателот Борис Вишински во својот предговор кон второто издание на „Арматолос“ истакнува:

Тоа е поезија на еден народ што се бори против угнетувањето и против силите на злото. Поемата е проткаена со љубов кон татковината и со дух на самопожртвување... Живо ги одразува страдањата на своите сонародници, кои се борат против бандите на ограбувачите во услови на отоманскиот гнет[2]

Поемата е составена од стихови во јамбови петнаесетерци што се заменуваат со осмерци. Поради тоа заменување по ред на бројот на слоговите (15 и 8) и на местото на метричкиот акцент, кој во непарните стихови паѓа на претпоследниот слог, додека пак на парните паѓа на последниот слог и со тоа Прличев успеал да ја избегне монотонијата во ритмот. Други два елемента што внесуваат варијации се трохејските стопи со кои започнуваат многу стихови како и пречекорувањата што ја менуваат строгата звучна шема на стиховите. Последен важен елемент за одбележување на стихотворната способност на поетот е квалитетот на римата. Зборовите со еднаков звук на крајот, ретко спаѓаат во истиот граматички вид на зборови. По правило тие се од разни зборови и во различни падежи, што е мошне тешко да се постигне [2].

Примери:

  • συμφορά (симфорá) — е именка од женски род, во номинатив еднина
  • γοερά (гоерá) — е прилог што не се менува
  • ακρίς (акри́с) — е именка од женски род, номинатив еднина
  • βερείε (вари́с) — придавка од машки род, акузатив во множина
  • Γέγης (Гéгис) — е именка од машки род, номинатив еднина
  • στέγης (стéгис) — е именка од женски род во генитив еднина

Структура[уреди | уреди извор]

Структурата на оваа поема е навистина структура на угледно уметничко дело [2]. Прличев успеал на еден драматичен начин да ги кондензира сите детали од поемата во еден чувствителен момент, потчинувајќи го вистинското време, на барањето на уметничката инспирација. Сета поема се движи во рамките на едно попладне, но Прличев успева во тие рамки да вклучи сè што му претходело, достигнувајќи до предците на херојот, и уште сè што претстои да се случи, благодарение на заклетвата што мајката на херојот им ја наложува на албанските напаѓачи, а исто така и благодарение на овековечувањето на неговиот спомен што го прикажува како личен план (со секојдневната посета на свршеницата на гробот на херојот), така и на општествен план (со годишната процесија на девојките од Река, кои се собираат околу гробот за да ги воспеваат и прославуваат неговите подвизи, и уште на духовен план, со народниот пејач, кој е слеп и ја пее епиката, одејќи низ разни краишта [2].

Естетски елемент[уреди | уреди извор]

Од естетска гледна точка е значајна распределбата на делото на спротивни полови, кои заемно се урамнотежуваат и претставуваат зрачење од неговото централно јадро. Значајни мотиви на спротивност се:

  • Тиранија - борба за слобода
  • Неправда - борба за справедливост

соодветствуваат нивните персонификации:

  • многубројни напаѓачи, непријатели - малубројната група на Кузман
  • потчинети орачи - непокорната и бестрашна мајка на Кузман
  • веста во почетокот на делото - епилог на неговиот крај
  • бессолзната Цвета - големиот плач на мајката
  • молчењето на свршеницата пред таткото - нејзиното огорчено плачење кога останува сама, итн.

Во врска со естетиката на поемата Костас Кулуфакос истакнува:

Разгледувајќи го од естетска гледна точка Арматолос е епска поема. Зашто подвизите и страдањата што ги раскажува поетот не се однесуваат на едно или на две одделни лица, туку на сета заедница на која се однесува делото. И чувствата што се раѓаат од тие подвизи и страданија се заеднички, односно во нив учествуваат сите членови на заедницата [2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Заснована врз мотивот на народната песна за Кузман Капидан, темата на поемата се развива во девет делови. Првиот дел, од девет четиристишија, со рима по двојки (по два стиха) е веста. Известува за смртта на херојот и битката. Во вториот дел се јавува мајката на Кузман Капидан и таа очекува да се врати нејзиниот син. Таа е вознемирена, зашто сонувала како ѝ се руши куќата. Во третиот дел, непријателите ги носат посмртните на херојот и започнува плачот и се слушаат пискотници од Галичник во Река (алузија на жалоста на народот):

Пискотници се слушаат од Галичник во Река.
Што тешка несреќа ги збра,
и мажите и жените та гласи тажна ека
и навева сал коб и зла?

а тоа ги потресува и непријателите. Во четвртиот дел е прикажана борбата на Кузман кој ги растерал напаѓачите и неговата смрт. Во петтиот дел напаѓачите му одаваат почит на Кузман со тоа што се заколнале дека нема да го напаѓаат неговиот дом. Мајката на Кузман ја отфрла заклетвата и бара од напаѓачите да не го напаѓаат повеќе народот на Река. Непријателите се согласиле на барањето. Во шестиот дел е оплакувањето на мајката на Кузман и преку неа се дознава родословното дрво на херојот. Во овој дел се забележува лицето на калуѓерката Цвета, која без солзи го мие и кити херојот, како спротивен елемент на ликот на мајката.

Годините не ја намалиле онаа убост;
на лице свежест се гледа,
младешката сочност
не ја беше сменила грубост.
Таа е кутрата Неда,

Во седмиот дел е мајката на Кузман наредува да се донесат и другарите на херојот и тие да се закопаат со сите почести. Во осмиот дел сцената се одвива во домот на свршеницата на Кузман. Обичаите ѝ налагале да се воздржи од лелеци поради загинувањето на херојот пред нејзиниот татко. Но штом таа останала сама и плачот одекнува горчлив и девојката се откажува од сè овоземно за да стане калуѓерка. Деветтиот дел е крајот на делото, во која се истакнува овековечената слава на Кузман во иднината, преку посетите на неговиот гроб од страна на неговата свршеница и преку пеењето на слепиот пејач.

На гусла двоструна свирејќи, покрај патот седнал,
го пее ова просјак сед;
а јас, пак, прост запишувач, минејќи тука еднаш
го запишав од ред до ред.

Контрадикторности[уреди | уреди извор]

Трите белешки (симиоси)[уреди | уреди извор]

Во македонските изданија на „Сердарот“ низ годините што минувале не се објавени трите кратки белешки (симиоси) што се наоѓале во првото оригинално издание на „Сердарот“ (Атина, 1860 година). Треба да се истакне дека првпат и единствен пат овие белешки се објавени во Сердарот од 1983 година, печатено од „Македонска книга“, под наслов „Мартолозот“ и овие белешки се наоѓаат на страна 116, меѓутоа се дадени само во грчкиот оригинал (факсимилно) ѝ недостасува македонски превод. Најверојатно овие белешки не се објавени поради нивната содржина [3] Гане Тодоровски во однос на необјавените белешки истакнува:

... голем грев спрема личноста и делото на Прличев... недозволена грешка. Сето тоа претставува повод за најразлични коментари и фрла сенка врз сите убави досегашни постигања на македонската литературно-историска наука... тоа испуштање... имплицира нејаснотии, наложува еднострани толкувања и интерпретации, влече кон површни судови, воопшто комплицира, усложнува, замаглува [3]

Во следните редови ќе бидат дадени трите оригинални белешки, кои се наоѓале во првото издание, првпат преведени на македонски јазик и објавени од страна на Гане Тодоровски во текот на научниот симпозиум на темата „Животот и делото на Григор Прличев“ одржан на 10 и 11 мај 1985 година во Скопје.

Сим. Алфа[уреди | уреди извор]

Под името Река се разбираат околу 20 села на североисток од Дебар, населени од горди Албанци, коишто речиси единствени ја сочувале чистата и негибната источноправославна вера, наследена од дедовците. Обиколени отсекаде од Турци (мисли секако на муслимани - Г. Тододоровски) како овци сред волци, тие живеат страдалнички живот и стенкаат постојано под насилствата на Гегите од Дебар и неговите околии. Навистина, тие поначесто добиваат дозволи од владата да се бранат со оружје од разбојниците, но што ли можат да сторат многубројните земјоделци пред мажи диви, безбројни, кои живеат од мали со оружје во рацете? Затоа не чудно што сите Албанци се отстапници од верата [3]

Сим. Вита[уреди | уреди извор]

Мнозина Албанци, кога е за даноци, се јавуваат како Турци, а кога е за воена служба - (одеднаш) како (крстени) христијани. Кај мнозина други сопствените имиња се отомански, а татковските (прекарите) се христијански, та сведочат за она време, кога нивните дедовци се одметнале. А трети, неоти поитри, тајно се чисти христијани, а јавно - чисти Турци. Тие имаат и двојни имиња: едното се дава (на рулчето) од имамот со тржество и парада и со него си служат во општествениот живот, а другото - од попот, којшто без бавење се повикува втората вечер да го изврши (преоблечен) крштелното таинствено скрито. Ова име служи за во домашниот живот. Оваа вавилонија царува и при други (религиозни) обреди. Овие обичаи постојат по краишта и села, исцело или делумно [3]

Сим. Гама[уреди | уреди извор]

Сите живеачи на Албанија, по мисли, изглед, облека, нарави и обичаи личат јасно дека не се ништо друго освен Елини, воопшто сите се обдарени со голема великодушност (т.е. гордост), остроумност и благородство. Гостопримливи се и верни како никој друг народ. За свештена клетва ја имаат туѓата сол, чесни се, крајно слободољубиви и бестрашни во битките, ако не се земе под внимание варварството и беззаконието, истата одлика ја имаат и Турците, коишто впрочем не се ништо друго освен христијани што се одметнале под гнетот (камшикот) на тиранијата, како што излегува од реченото (белешката Вита). Го примиле мохамеданството, затоа што само тоа може да го олесни овој слободољубив народ од тежината на тогаш силното турско господство. Турскиот јазик уште останува непознат во Албанија. Турците и христијаните зборуваат еден општ јазик - албанскиот, воинствен јазик, освен поцивилизираното племе на Тоските, коишто често го претпочитаат грчкиот јазик и неговата писменост. Пожелно е зналците на албанскиот јазик да се позанимаваат со темелното филолошко прашање за родството на албанскиот со староелинскиот, за да се покаже и на тој начин братството на Албанците со Елините, чијашто погибел ја оплакува Елада како древната Ниобе лишена од своите деца [3]

Две поеми: Ο Αρμάτωλος и Сердарот[уреди | уреди извор]

Германската научничка Доротеја Кадах во серија на статии објавени првенствено на германски јазик во Минхен, истакнала дека врз основа на двете постоечки верзии на поемата „Сердарот“ (грчката и македонската), треба да дојде до нова интерпретација на целата поема [4]. Доротеја при своите истражувања открила суштински разлики како во метриката и обемот, така и во основната народносна насоченост на двете варијанти [4]. Таа укажува на фактот дека во грчката верзија (оригиналот) на поемата се опишани борбите на две албански групации - христијани и мухамеданци, додека пак во преводот (преработката) на Прличев во новата македонска верзија на поемата (од 1870 година) која требало да му биде испратена на Јосип Јурај Штросмајер во стихот 397 главните херои се означени како Бугари, т.е. македонски Словени [3].

Прличев ги смета македонските Словени, тогаш, за Бугари или поточно за интегрален дел на бугарската етничка општост. Такви се: Кузман, мајка му Неда, Стајко и други, наречени од Прличев кротки Бугари [3]

Врз основа на оваа околност како и врз фактот дека грчката и македонската варијанта немаат ист број на стихови, односно преработената верзија има 145 стиха помалку во однос на првата верзија која има 912 стиха вкупно, Доротеја Кадах заклучува дека е потребна нова интерпретација на целата поема [4] и дека постојат две поеми: Ο Αρμάτωλος и Сердарот [3][5]. За разликите меѓу грчката и македонската верзија Тодор Димитровски истакнува:

... искажав мисла дека на македонската верзија на Сердарот не треба да се гледа како на безуспешен обид на нејзиниот автор да се доближи до својот грчки оригинал. Напротив треба само да се вникне во јазичниот медиум со кој се служи поетот, па да се почувствува дека таа македонска верзија на Сердарот има свои достоинства. Во неа се чувствува напорот на Прличев да користи елементи (фонетски, морфолошки, синтаксички, лексички) од други словенски јазици (бугарски, црковнословенски, руски, српскохрватски) но нивниот број не е толкав што да е потисната македонската јазична основа на поемата [5]

Критики[уреди | уреди извор]

Григор Прличев кога ја создал првата верзија на поемата Сердарот, себеси се сметал за припадник на хеленското племе и бил фанатизиран вљубеник на грчкиот јазик и литература и затоа бил критикуван од своите современици како што биле: Кузман Шапкарев, Димитар Миладинов, архимандритот Антонин и други. Конкретни податоци за овие критики можат да се најдат во Автобиографијата на Прличев [3].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Григор Прличев, Автобиографија, Библиотека атлас, Македонска книга, Скопје, 1967
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Костас Кулуфакос, Прличев му припаѓа на човештвото, Животот и делото на Григор С. Прличев, Зборник на трудови, Гоце Делчев, Скопје, 1986
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Гане Тодоровски, За потребата од едно ново читење на Прличевата поема Сердарот, Животот и делото на Григор С. Прличев, Зборник на трудови, Гоце Делчев, Скопје, 1986
  4. 4,0 4,1 4,2 Dorothea Kadach, Armatolos und Serdarot zur grichischen und slavischen Fassung von Grigor S. Prlicevs epischen Gedicht. In: Beitrage zur Sudosteuropa - Forschung. Analablich des II Internacionalen Balkanologen Kongresses in Athen, 7.V.1970, Munchen, 1970.
  5. 5,0 5,1 Тодор Димитровски, Разлики меѓу македонската и грчката верзија на поемата Сердарот, Од Пејчиновиќ до Рацин, Култура, Скопје, 1982