Француска книжевност

Од Википедија — слободната енциклопедија

Француската книжевност го претставува развојот на книжевноста и создавањето на книжени дела на француски јазик. Нејзиниот развој може да се следи од XI век на територијата на Франција па сè до развојот во Канада, Белгија и Швајцарија. Таа се развивала (и се развива) на територијата на денешна Франција.

Според српскиот поет Јован Дучиќ, Французите секогаш биле под туѓо влијание. Така, во времето на ренесансата, француските поети биле под влијание на латинската книжевност, а Ронсаровата школа залудно се обидела да ја хеленизира француската книжевност. Подоцна, и во периодот на Луј XIV, книжевноста била поблиска до латинизмот отколку до хеленизмот, а и поетите од XVIII век продолжиле да ги имитираат латинските поети. Тоа продолжило до моментот кога како книжевни примери биле прифатени Шекспир и Гете. Оттука, според Дучиќ, иако се генијални, Французите отсекогаш ги имитирале имитаторите.[1]

Зачетоците и јуначките песни[уреди | уреди извор]

Од VI век потекнуваат некои меморијални песни за пејачи и некои песни на народен јазик. Постојат и неколку хагиографии од IX и X век кои немаат некоја уметничка вредност, но Животот на свети Алексиј од XI век е вистинско книжевно дело.

Од XI век се развива и богата херојска поезија, т.н. шансон де жест (фр. јазик: chansons de geste), како резултат на расположението и аспирациите на военото феудално општество. Песна за Роланд (околу 1100 година), со околу 4.002 стихови во својот најстар ракопис, е најдобар пример за таа поезија, од која се сочувани околу милион стихови.

Љубовна лирика и епика (од XII век)[уреди | уреди извор]

Од XII век, покрај херојската поезија, за високото општество се создава и љубовната лирика и епика. Покрај некои романи со херои од античкиот свет (Александар III Македонски, Енеј и други), во оваа епика спаѓаат итн. бретонски романи или романите на Тркалезната маса, најнапред во стих, чии херои поаѓаат во авантури за да ја добијат наклоноста на некои дами. Главен претставник на таа куртоазна (дворска) литература е Кретјен де Троа. Романот Тристан и Изолда, исто од ова време и напишан во оваа традиција опева различна, страствена љубов.

XIII, XIV и XV век[уреди | уреди извор]

Со напредокот на граѓанскиот сталеж, особено во XIII век, се негуваат нови литературни родови: политичка и сатирична лирика, шеговити приказни во стих (т.н. fabliaux), приказни од животинското царство (на пример, Роман за лисецот), алегорични поеми (прочуениот Роман за ружата) и други. На импровизираните театарски сцени се изведуваат литургиски драми, а се појавуваат и дела со светска содржина, понекогаш изведувани со пеење и играње (како Играта на Робен и Марион од Адам де ла Ал). Историографијата е застапена во делата со литературна вредност (од Вилардуен и Жолервил). Во XIV и XV век, по политичките и општествените потреси (промена на династиите, селски буни), големите епидемии на чума и пустошењето на стогодишната војна, феудалното општество е во распаѓање, а литературната дејност опаѓа (притоа исчезнуваат многу стари дела). Меѓутоа, тие и тогаш покажувале виталност. Драмата станува омилениот литературен род и се збогатува со многубројните миракули и мистерии со религиозен дух, како и дела со светска содржина во кои преовладува комиката (моралитети, сотии и лакрдии). Најпозната лакрдија е Адвокатот Патлен. Во лириката на XV век се истакнува Франсоа Вијон со својот прочуен спев Заветување.

XVI век (време на ренесансата)[уреди | уреди извор]

Франсоа Рабле.

Од XVI век, со зајакнувањето на кралската моќ, организирањето на државата, збогатувањето на граѓанскиот сталеж и со општиот културен и материјален напредок, во идејниот и литературниот живот на Франција настанува преобразба означена како ренесанса. Таа веќе настапила во Италија, по чиј пример се водат Франција и останатите земји од Западна Европа. Во припремата и изведувањето на тие големи обнови, значајна улога играат хуманистите, кои, отфрлајќи ги средновековните методи на коментирање, пристапиле кон директно и сестрано проучување на античката литература и мисла.

Во првата половина на XVI, поезијата сè уште не се ослободила од средновековните формули (Клеман Маро). Прозата целосно ги одразила огромните промени кои настапувале во тоа време. Франсоа Рабле повлекол силна разлика помеѓу старите сфаќања и новите стремежи во литературата, науката, религијата, моралот, воспитувањето и политиката. Жан Калвин се одвоил од хуманистите, и иако бил црковен реформатор, остро ги напаѓа претставниците на новите идеи. Целосна преобразба на поезијата почнува да настапува дури од 1549 година, кога излегол манифестот на новата поетска школа „Плејади“, чиј најпознат претставник е Пјер де Ронсар, еден од најголемите француски поети. Во втората половина на XVI век се јавува големиот уметник и моралист Мишел де Монтењ, кој со својата богата и заводлива мисла значајно ќе влијае на идните книжевници.

XVII век[уреди | уреди извор]

Пјер Корнеј.

На почетокот на XVII век настапува нова фаза во развојот на француската книжевност во која постепено се формира нов стил, се изнесува ново сфаќање на книжевната постапка, се применува нова поетика, со еден збор, се формира новата книжевна школа позната како класицизам. Францускиот класицизам претставува доктрина, збир на елементи кои создаваат нов систем на поими и квалитети кои се заеднички за француските автори од XVII век. Во прв ред, класицизмот е време на хиерархиска потчинетост, кога во сè и пред сè се бара ред. Притоа, во книжевноста се наметнале строго утврдени принципи кои поаѓале од сфаќањето дека уметноста не е ниту фантазија ниту забава, туку таа има дидактичка намена, т.е. треба да служи за поука и воспитување. Проблемите на моралот со кои се занимавале писателите од XVII век ги одвеле во подробно анализирање на човечката душа при што на разумот му се дава централна улога во откривањето на човековиот карактер. Оттука, речиси целата книжевна постапка од ерата на класицизмот се сведува на анализата - драмската анализа на страстите кај Пјер Корнеј, Жан Расин и Молиер, моралната анализа кај Ларошфуко и Лабриер, религиозната анализа кај Босие и Блез Паскал итн. Речиси целата книжевност од ерата на класицизмот го проучува човекот, кој се смета за единствен објект на поезијата, додека надворешниот свет е само рамка и декор. Притоа, тогашните писатели сметале дека способноста на разумот е универзална, така што се залагале да ја откријат универзалната вистина која важи за сите народи и за сите времиња. Поради таа универзалност, книжевноста од класицизмот се одликува со извесна здрвеност, изнасиленост и апстрактност. Тоа е псоледица на тогашното сфаќање дека постои универзална убавина, така што сите уметници се стремеле да го достигнат идеалот на совршенството.[2]
Стремежот кон совршената убавина резултирала во примена на строги правила што се однесувале на формата на уметничкото дело. Тоа особено се однесувало на драмата каде важело правилото за трите единства (времето, местото и дејството), формулирано според погрешно сфатените поставки на поетиката на Аристотел. Според некои историчари на книжевноста и книжевни критичари, ова правило претставува израз на сервилност и осиромашување на поетската инспирација, додека други сметаат дека тоа е одраз на стремежот кон дисциплина и хармонија, во контекст на потрагата по совршената убавина.[3]

Теоријата на класицизмот била формирана веќе кај со Малербо, но во потполност се применувала за време на апсолутистичката власт на Луј XIV. Рене Декарт со својот нов метод на расудување и теоријата на волјата се појавил во исто време кога Пјер Корнеј ги создал своите силни ликови во театарот. Строгиот, јансенистички морал на Блез Паскал и неговите внатрешни драми пронашле извонреден уметнички израз. Истовремено се појавиле и спротивните тенденции во редовите, т.н. либертени (слободни мислители), кои не се помируваат со духовните, моралните и литературните стеги (Скарон, Гасенди, Сирано де Бержерак и други). Класичниот идеал се остварил во потполност во 1660 година, кога книжевните дела добиле посовршен облик. Иако ја познавале италијанската литература, Жан де Лафонтен и Жан Батист Поклен Молиер и понатаму се потпирале врз француската традиција; Ларошфуко и Босје го изразиле својот поглед на светот преку грижливо дотераната проза; трагедиите на Жан Расин се сметаат за најсовршени остварувања на францускиот театар; додека Фенелон и Ла Бријер ги навестиле новите тенденции.

XVIII век[уреди | уреди извор]

Франсоа-Рене де Шатобријан.
Жермен де Стал (Мадам де Стал).

Во XVIII век, под влијание на Декартовиот рационализам, се јавува критичкиот и научниот дух, а литературата често обработува прашања од областа на општествените и природните науки. Покрај тоа се негуваат и традиционалните литературни родови (комедијата ја негуваат Рењар и Мариво, а трагедијата Франсоа Мари Аруе Волтер и Кребијон, опатот Прево и Ласаж романот, додека најоскудна е лирската поезија), но главни претставници на литературата се филозофи кои тежнеат со своите идеи да влијаат на преобразбата на општеството. Покрај Волтер, кој имал највеќе дела, се истакнале и Монтескје, Бифон, Дени Дидро, Д'Аламбер и други. Жан Жак Русо, кој заедно со Дидро соработувал на Енциклопедијата, се одделил од својот пријател бидејќи имал други филозофски и литературни сфаќања. Со неговото истакнување на чувствата, станал претходник на романтизмот, а со своите идеи во општеството влијаел на револуционерите. Во очи на самата револуција, Бомарше доживеал голем успех со своите духовити и бунтовни комедии. За време на самата француска револуција, Андре Шеније напишал неколку лирски песни поради кои подоцна ќе биде присвоен од романтичарите.

Во времето на револуцијата и царството, литературата станува борбена и пригодна. Политичките и воените потреси и коренитите општествени промени влијаат на нејзиниот натамошен развој. Мадам де Стал придонесува во напорите за распространувањето на новите литературни сфаќања, а Шатобријан влијае на создавањето на новите духовни расположенија.

Време на романтизмот[уреди | уреди извор]

Романтизмот, за чиј развој придонесуваат и странските влијанија, ја ослободува литературата од стегите на класицизмот, ги разбива старите ограничувања и правила и им дава предност на чувствата и мечтите, а го збогатува и поетскиот јазик. Ламартин ја издава првата збирка на песни во 1820, но романтичната школа се формира дури по неколку години подоцна, така што околу 1830 таа извојува победа во сите литературни родови. Виктор Иго станува неспорен водач на француските романтичари, а со него се истакнуваат и Ламартин, Алфред де Вињи, Алфред де Мисе, Александар Дима и други. Во периодот на романтизмот се обновува историјата (Тјери, Мишле и други). Некои писатели, како Стендал, Оноре де Балзак и Мериме, иако не останале на страната на романтизмот, се развиваат на друг начин и стануваат претходници на новите правци.

Според српскиот поет Јован Дучиќ, чудно е како романтизмот се развил кај Французите, кои немале чувство за него, туку тој бил увезен од странство. Притоа, француските уметници го прикажувале туѓиот романтичен живот и на тој начин настанал францускиот романтизам. Всушност, бидејќи Французите биле помалку романтични од другите народи, кај нив романтизмот се развил во XIX век, подоцна од другите.[1]

Време на реализмот[уреди | уреди извор]

Виктор Иго.

Околу 1850 во филозофијата владее позитивизмот, а во литературата се јавуваат нови струи. Реализмот ги добива своите поборници (Шамфлери), а ремек-дело на тој правец е Гистав Флоберовата Госпоѓа Бовари (1856). Во поезијата се формира објективната Парнасовска школа, чиј претходник е Теофил Готје, а главен претставник е Леконт де Лил. Од Парнасовската школа се Шарл Бодлер, Верлен, Маларме, кои се развивале оригинално, а со Рембо придонеле за појавата на симболизмот.

Во романот преовладува спротивна тенденција: натурализам (Емил Зола, Ги де Мопасан), кој произлегол од реализмот. И театарот исто така поминал низ овие фази, од Александар Дима (синот) и Ожје до Бека и Ростан.

Кон крајот на XIX век, од симболистите, кои се нарекуваат и декаденти, се издвојува и Романската поетска школа (Жан Мореас, Морас и други), но набрзо се јавуваат и неосимболистите (Жам, Клодел итн.). Во другите литературни родови имало заеднички тенденции, но не и формирани школи. Постанувајќи главен литературен род, романот станува сè побогат и поразновиден (Бурже, Лоти, Берес, подоцна Жид, Ромен Ролан итн.).

Уште пред Првата светска војна, после појавата на унанимистите, се запазуваат длабоки промени во поезијата (Аполинер и други), а за време на војната, под влијание на странските поети се јавува дадаизмот, додека по војната стапува надреализмот (Андре Бретон, Арагон, Елијар). Надреалистите тежнеат да ја ослободат поезијата од сите традиции, давајќи му поттик на ирационалното. Наспроти ова, Пол Валери верува во интелектот и бара строги форми, иако во почетокот бил симболист. Наспроти „булеварските“ театри, помеѓу двете војни, се основаат чисти уметнички театри со нови сфаќања на режисерите Копо, Дилен, Бати, Жуве. Во нив постигнуваат успех со своите дела и романописците како Жироду, а по Втората светска војна и Моријак и Монтерлан. Во романот има најмногу остварувања (Марсел Пруст, Мартен ди Гар, Жил Ромен, Моријак, Малро и други). Литературната критика, многу разновидна и активна, е застапена и во дневниот печат. За време на Втората светска војна се развива т.н. Литература на отпорот со антифашистички тенденции.

Егзистенцијализмот[уреди | уреди извор]

По Втората светска војна, егзистенцијализмот со своето песимистичко сфаќање за човекот и животот ја освоил, по филозофијата, и книжевноста (Жан Пол Сартр). Меѓутоа, неговото влијание слабеело (се одвојува Албер Ками), но и понатаму бил присутен. Литературната критика барала нови методи, а лирската поезија нови патишта, додека во театарот (Франсоа Бекет, Жан Јонеско) и романот (Роб Трије, Натали Сарот) се извршувале интересни книжевни експерименти.

Новиот роман[уреди | уреди извор]

Францускиот „нов роман“ во прв ред претставува експеримент, разновиден и индивидуално определен кај секој писател посебно: Ален Роб Грије, Клод Симон, Натали Саро, Маргерит Дирас итн. Експериментот во нивното творештво е поттикнат од феноменолошкото барање за враќање кон нештата и тоа е единствениот заеднички именител кој ги поврзува припадниците на „новиот роман“. Долго време, ова движење останало затворено во својата експериментална лабораторија, интересно само за тесниот круг на интелектуалците и луѓето од книжевноста. Важна одлика на „новиот бран“ е тоа што тој настанал под силно влијание на законите на филмската камера и нејзината супериорна способност за раскажување. Притоа, монтажата е онаа постапка која ја разурнува класичната постапка на раскажување, а припадниците на ова движење настојуваат монтажата да ја применат во книжевноста. Имено, монтажата обезбедува лесно и брзо воспоставување на времето и просторот на самото дело, така што романот ја воспоставува а не ја раскажува стварноста. Оваа постапка Дирас ја нарекува „écriture courante“, т.е. лизгачко пишување кое потсетува на лизгањето на филмската камера. Овој книжевен процес најмногу е изразен во познатиот роман на Дирас, „Љубовникот“ во кој брзата монтажа на раскажувачките секвенци се доближува до поетското.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 283.
  2. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 5-7.
  3. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 7-8.
  4. „Od eksperimenta do dokumenta“, во: Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 193-194.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]