Том и Џери

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лого на Том и Џери 2014 година
Лого на Том и Џери 2014 година

Том и Џери (англиски: Tom and Jerry) — серија, кратки анимирани кино филмови создадени од Вилијам Хана и Џозеф Барбера за продуцентската куќа Метро-Голдвин-Маер (МГМ) (анг. Metro-Goldwyn-Mayer). Серијата е заснована на вечното соперништво меѓу еден домашен мачор (Том) и еден глушец (Џери), чии брканици и тепачки честопати подразбираат насилство прикажано на смешен начин. Хана и Барбера напишаа и изрежираа 114 цртани филмови „Том и Џери“ во студиото на МГМ во Холивуд, Калифорнија во периодот меѓу 1940-1958 година, пред одделот за анимација да биде затворен. Оригиналната серија остана запаметена по тоа што беше добитник на 7 Оскари за најдобар краток анимиран филм и го дели првото место по бројот на добиени статуетки во оваа категорија заедно со серијата цртани филмови „Смешна симфонија“ на Волт Дизни. Покрај тоа, запаметена е и по најпознатото и најдолготрајното соперништво во историјата на американската кинематографија. „Том и Џери“ има публика низ целиот свет, серијата ја сакаат и млади и стари. Во 2000 година магазинот „Тајм“ (анг. ‘’’Time’’’) ја вброи оваа серија меѓу најдобрите телевизиски програми на сите времиња. Серијата се прикажува од 10 февруари 1940 година до ден денес. Почнувајќи од 1960 година, како дополнување на првата серија беа издадени нови епизоди, направени во Источна Европа, во продукција на „Рембренд Филмс“ (анг. Rembrandt Films), под режисерската палка на Џин Дич. Во 1963 година продукцијата на „Том и Џери“ се врати во Холивуд, овој пат под водство на Чак Џоунс и продуцентската куќа „Сиб-Тауер Твелв Продакшнс“ (анг. Sib-Tower 12 Productions). Оваа серија траеше сè до 1967 година и се состои од 161 епизода. Познатиот мачор и глувчето повторно се појавија во ТВ- цртани во текот на 1970-тите, 1980-тите и 1990-тите години, во продукција на тандемот Хана-Барбера и продуцентската куќа „Филмејшн Студиос“ (анг. Filmation Studios) , а потоа и во филмот „Том и Џери": Филмот“ во 1992 година. Најновиот цртан филм со овие ликови, „Карате чувар“, направен по сценарио и режија на ко-творецот Џо Барбера, се појави во кината во Лос Анџелес на 27 септември 2005 година. Денес, авторските права врз „Том и Џери“ ѝ припаѓаат на продуцентската куќа „Тајм Ворнер“ (анг. Time Warner).

Приказна[уреди | уреди извор]

Серијата „Том и Џери“ е мошне популарна поради смешните тепачки меѓу двајцата вечни непријатели, еден обичен куќен мачор и глувче. Обично приказната на секоја епизода се врти околу бројните обиди на Том да го фати Џери и на општиот хаос што настанува притоа. Со оглед на тоа што Том ретко се обидува да го изеде Џери, и тоа што во некои епизоди тие двајца дури и добро се сложуваат, не е јасно зошто Том толку многу го брка Џери. Некои од причините се можеби вообичаеното непријателство меѓу мачка и глушец, обврската што мачорот ја има кон својот сопственик, тоа што Џери се обидува да ја расипе секоја работа што Том ќе ја започне, тоа што Џери краде од храната на сопственикот или го уништува секој обид на Том да заведе некоја мачка, потоа, одмазда, натпревар со друг мачор, или поради обидите на Џери да спаси некоја жртва на Том (на пример патка, канаринец или златна рипка). Том ретко успева да го фати Џери, затоа што Џери е паметен, снаодлив и има среќа. Интересно е тоа дека на повеќето најавни шпици, Том и Џери се прикажани како се смеат еден кон друг, што укажува дека тие во исто време и се сакаат и се мразат, иако во секоја епизода се мошне бесни еден на друг. Постојат неколку сцени во кои е прикажано искреното пријателство помеѓу нив („Пролет за Томас“) и загриженоста за доброто на другиот, како на пример во епизодата „Џери и Лавот“, каде што Џери се преправа дека Том го погодил со куршум, па Том веднаш трча по приборот за прва помош.

Оваа серија е позната по некои од најнасилните сцени во историјата на филмската анимација: Џери го сече Том на половина, му ја фаќа главата со вратата или со прозорецот, му ја става опашката под пеглата, во цедалката за алишта или во штекерот, го шутнува во фрижидерот, го удира со боздоган, чекан или со палка, сече дрво или бандера која паѓа врз Том и го закопува во земја, става запалени чкорчиња меѓу прстите на Том и сл. Од друга страна, пак, Том користи сè и сешто во своите обиди да го убие Џери: секири, пиштоли, екплозиви, стапици, отров... И покрај својата популарност, „Том и Џери“ честопати биле критикувани поради тоа што се премногу насилни. Но, иако има многу насилство, во ниту една сцена од првата серија нема крв. На почетокот на „Том и Џери: Филмот“ кога Том е исечен на парчиња, јасно се гледа крв, но тоа е една од мошне ретките сцени од ваков тип. Понатаму, честопати ја гледаме сцената кога Џери го удира Том, а тој чувствува болка дури по некое време (откако ќе види дека е повреден), и обратно, или кога Џери застанува на сред брканица како да бара тајмаут, пред да направи нешто, обично да го повреди Том. Цртаниот филм е забележителен и по тоа што користи одредени стереотипи, како на пример поцрнети лица после експлозија или користењето на големи и страшни сенки, како на пример во „Д-р Џекил и г-дин Глушец“. Музиката е мошне битен дел од секој цртан филм, бидејќи го нагласува дејството и внесува емоции во сцените. Музичкиот директор Скот Бредли создаде сложени мелодии, кои се комбинација од џез, класична и поп-музика. Тој има користено и модерни поп песни, како и песни од филмовите во производство на МГМ, како што се „Волшебникот од Оз“ и „Се гледаме во Сент Луис“. Вообичаено нема дијалози, бидејќи Том и Џери ретко зборуваат, но затоа пак споредните ликови не се ограничени во тој поглед. Така на пример, Бабата има реплики во сите епизоди во која се појавува, освен во „Малото сираче“. Повеќето од звуците кои ги испуштаат Том и Џери се всушност гласна смеа или врескање, кои можат да се добијат со помош на труба или други музички инструменти.

Ликови[уреди | уреди извор]

Главни ликови[уреди | уреди извор]

Мачорот Том и глувчето Џери[уреди | уреди извор]

Том е сино-сив Британски долговлакнест мачор кој живее удобен живот. Тој е главниот протагонист, а во исто време и главниот антагонист во приказната. Џери, пак, е мало кафеаво куќно глувче кое е секогаш некаде во близина на Том. Тој е вториот протагонист во приказната. Том е типично американско име за мачор, а покрај тоа ликот на Силвестер од цртаните филмови на Ворнер Брос (анг. Warner Bros.) во почетокот се викал Томас. Во првата епизода, „Мачорот добива отказ“, Том се викал Џаспер, а Џери бил Џинкс. Том е многу избувлив и лесно се лути, додека симпатичното глувче Џери е независно и ја користи секоја шанса што ќе му се укаже. Џери исто така е неверојатно силен за неговата големина, па може да подигне чекан со голема леснотија, а и да ги поднесе силните удари од иститот. Иако се очекува мачорот да го изеде глувчето, сепак, Том ретко се обидува да го изеде Џери. Иако е мошне енергичен и решителен, Том не може против паметниот и досетлив Џери. Вообичаено, на крајот на секоја епизода Џери излегува како победник,а Том е прикажан како губитник. Но, постојат и епизоди кога Том победува, обично кога Џери е тој што напаѓа или претерува во своето однесување. Најдобар пример за ова е епизодата „Мачорот милионер“, каде Џери, откако дознава дека Том ќе го изгуби богатството ако нападне некое животно, почнува да го нервира сè додека на Том не му пукне филмот и не го нападне. Понекогаш, пак, и двајцата губат, обично кога Џери ќе се фати во сопствената стапица, откако претходно се фатил и Том. Понекогаш на крајот тие стануваат пријатели, но секогаш нешто се случува и Том пак почнува да го брка Џери. И двата лика уживаат да го мачат другиот, но кога некој од нив се наоѓа во смртна опасност, било да е тоа во некоја опасна ситуација или поради некој трет лик, другиот секогаш го спасува. Во повеќе епизоди е прикажано дека тие можат многу лесно да се сложуваат еден со друг и да соработуваат кога е тоа потребно, обично против трет лик кој ги мачи и понижува и двајцата. Иако пет епизоди завршуваат со наводната смрт на Том, овој лик никогаш сосема не исчезнува. Во епизодата „Дневникот на Џери“ тој дури чита за сопствената смрт. Во епизодите „Глувчешка неволја“ и „Воинствениот глушец“, Том умира во екплозија, по што е прикажан во рајот, додека во епизодата „Двајцата мускетари“ му ја сечат главата на гилотина, но тоа не е прикажано на екранот. Иако многу од споредните ликови зборуваат, тоа не важи за Том и за Џери. Како што е познато, Том пее додека ѝ се додворува на некоја мачка. Така на пример, во епизодата „Љубовна серенада“ од 1946 година, Том ја пее песната „Is You Is Or Is You Ain't My Baby“ од Луис Џордан. Во неколку епизоди, при додворувањето Том пее со француски акцент, а гласот му е сличен на оној на глумецот Шарл Бојер. На крајот на епизодата „Мачорот милионер“, откако повторно почнува да го брка Џери, Том вели дека губи милион долари, но дека е среќен. Повеќето звучни ефекти за Том и Џери се дело на режисерот Вилијам Хана. Негово дело се и најпознатите звучни ефекти од оваа серија – врескањето на Том (кое е добиено така што е снимено врескањето на Хана, а потоа се избришани почетокот и крајот, па останува само најгласниот дел) и подголтнувањето на Џери. Епизодата „Блузот на тажниот мачор“ од 1956 година е прераскажана од Џери (гласот му го позајмува Пол Фрис). Исто така, Том и Џери зборуваат во повеќе наврати во епизодата „Осамениот глушец“ од 1943 година. Прво и досега единствено издание во кое мачорот и глувчето постојано зборуваат е „Том и Џери: Филмот“.

Споредни ликови[уреди | уреди извор]

Спајк и Тајк[уреди | уреди извор]

Честопати додека го брка Џери, Том мора да се справува со Спајк (познат и како Килер- „убиец“), лош и бесен, но и мошне глупав булдог, кој го напаѓа Том бидејќи му додева на неговиот син Тајк (или Јуниор). Во почетокот Спајк немал име и не зборувал ништо, туку само лаел и ’ржел и не бирал кого ќе нападне- дали Том или Џери, иако обично го напаѓа Том. Во подоцнежните епизоди Спајк често зборува и притоа ги користи изразите и тонот на комичарот Џими Дуранте, а гласот му го позајмува најпрво Били Блечер, а подоцна и Доус Батлер. Низ годините, бојата на крзното на Спајк се менувала од сива до кремаста. Ликот на Тајк, воведен кон крајот на 1940-тите години ја прикажа и добрата страна на Спајк, а воедно донесе освежување на серијата. Повеќето епизоди со Спајк имаат типична приказна: обично Спајк се обидува да направи нешто (на пример да си направи куќичка или да заспие), а Том и Џери го спречуваат во тоа, па Спајк (најверојатно како очекувана реакција) го смета Том за виновник и му се заканува дека ако се повтори тоа, ќе му направи „нешто многу страшно“. Џери го наслушува тоа и потоа прави сè и сешто за да го прекине Спајк во неговата работа, додека Том едвај успева да го спречи Џери, па притоа добива секакви повреди. На крајот секогаш Џери успева да избега и да го намести Том, па тој мора да се бори со Спајк и, нормално, да изгуби. Не е прикажано директно на екранот како го тепаат Том, но на крајот на епизодата тој е прикажан целиот во завои, додека Џери успева да се извлече без влакно да му фали. Но, сепак, во една епизода („Кутрето ика“) Том му помага на Спајк, па тој му ветува дека никогаш веќе нема да го брка, а Џери преплашен ја напушта куќата и бега некаде далеку.

Буч и Тудлз Галор[уреди | уреди извор]

Буч е куќен црн мачор кој исто така сака да го фати и да го изеде Џери. Тој е најголемиот непријател на Том. Сепак, во повеќето епизоди во кои се појавува, Буч се натпреварува со Том за Тудлз Галор. Во некои епизоди, пак, Буч е пријател на Том и го предводи неговото друштво, во кое сè уште и Билдерот и Палавко. Том е заљубен во неколку мачки. Неговата прва љубов е Шики која во епизодата „Костумираниот мачор“ зборува арогантно, а во епизодата „Глувчето доаѓа на вечера“ му се обраќа со „Томи“. Втората, а и најголемата љубов на Том е Тудлз Галор, која не зборува во ниту една епизода од серијата.

Бабата[уреди | уреди извор]

Уште од самиот почеток на серијата, Том мора да се справува со Бабата (во оригинал „Mammy Two Shoes“ ; гласот ѝ го позајмува Лилиен Рендолф), стереотипна куќна помошничка со африканско потекло. Во постарите епизоди Бабата е прикажана како куќната помошничка која се грижи за отмената куќа во која живеат Том и Џери. Подоцна, пак, серијата се одвива во самата куќа на Бабата. Нејзиното лице никогаш не се гледа, освен во епизодата „Мачка во сабота навечер“ од 1950 година, кога лицето ѝ се гледа сосема на кратко додека трча кон камерата, и таа обично го тепа мачорот со метла ако направи некоја беља. Во серијата се имаат појавено и други луѓе, прикажани обично само од вратот надолу. Бабата се појавува во серијата сè до 1952 година. Во подоцнежните епизоди Том и Џери се прикажани како живеат со типичен среќен и заљубен брачен пар од 1950-тите години. Малку потоа, сите луѓе во серијата се прикажуваат целосно, т.е. им се гледаат и лицата.

Пуфче[уреди | уреди извор]

Пуфче (порано Грицко) е глувче кое е поврзано со Џери. Понекогаш е прикажано како внук на Џери, а понекогаш како сираче. Во многу епизоди Пуфче многу јаде (бидејќи тој секогаш е гладен). Во првата епизода во која се појавува, неговите родители го оставаат на прагот од куќата на Џери бидејќи премногу јадел. Честопати Пуфче е заедно со Џери и тогаш Том ужива да ги брка и двајцата. Интересно е тоа што во епизодата „Том и Џери: Волшебниот прстен“, Пуфче (во случајов, Грицко) е обично глувче во продавница за домашни миленици, кое Џери воопшто и не го познава. Со помош на прстенот на Џери, тој станува голем и почнува да го брка Фреди, кој пак е претворен во сирење. Во неколкуте епизоди со мускетари, Пуфче зборува на француски и на англиски. Во овие епизоди тој не е внук на Џери, туку е син на глушецот Франсоа кој не се појавува во серијата, но неговото име се спомнува во две писма во епизодата "Готово си, маче!“.

Ква-Ква[уреди | уреди извор]

Друг спореден лик во серијата е пајчето Ква-Ква, кое подоцна, под режисерската палка на Хана-Барбера е преадаптирано во ликот Јенки Дудл. Овој лик се појавува во епизодите „Пајчето Ква-Ква“, „Докторот за патки“, „Само пајче“, „Тажното пајче“, „Пајче преселниче“, „Ене ја мама“, „Безгрижното пајче“ и „Невидливата патка“. Во споредба со Том и Џери, Ква-Ква многу зборува. Во многу епизоди тој е единствениот што зборува. Тој е пријател на Џери, но неговите мотиви и должности во серијата се непознати.

Палавко[уреди | уреди извор]

Палавко се појавува само во неколку епизоди. Понекогаш е сив, понекогаш кафеав, но најчесто е жолтеникав. За првпат се појавува во епизодата „Малото маче“, а за последен пат во „Џез мачори“. Во епизодата „Професор Том“, пак, Палавко повеќе се спријателува со Џери отколку со Том.

Билдерот[уреди | уреди извор]

Во своето прво појавување во серијата, во епизодата „Страдни мачки“, Билдерот беше противник на Том и се обидуваше прв да го фати и да го изеде Џери. Во „Малото маче“, тој, Буч и Палавко го задеваат Том зашто едно девојче го облекло како бебе. Тој е член и на маалската банда. Може да се каже дека „Малото маче“ е последната епизода во која се појавува овој лик, бидејќи потоа е заменет со Молњата. Билдерот се појавува и во „Летечката вештерка“.

Молњата[уреди | уреди извор]

Молњата е понова верзија на Билдерот. Тој е куќен мачор и е член на маалската банда чиј водач е Буч. Во серијата за првпат се појавува во епизодата „Стариот добар Том“ како главен негативец. Во епизодата „Том Спанкото“ е прикажано како се здружуваат со Том. Молњата исто така се појавува во ди-ви-ди филмовите „Том и Џери: Волшебниот прстен“ и „Том и Џери: Приказна за Оревокршачката“. Не е познато кој му го позајмува гласот во серијата. Во почетокот, Молњата има црн нос, а подоцна црвен.

Епизодни ликови[уреди | уреди извор]

Глушецот Мускулер[уреди | уреди извор]

Мускулерот е братучед на Џери, со кого многу си личат, само што Мускулерот носи фустан и шапка. Мачките многу се плашат од него поради неговата необична силина. Во епизодата „Братучедот на Џери“ тој е силен и злобен глушец. Во епизодата „Том и Џери: Волшебниот прстен“, пак, тој е некој друг глушец, кој не се познава со Џери и кој мисли дека Џери е крал поради прстенот на неговата глава. Во оваа епизода тој се вика Фреди и ужива да го малтретира Грицко, но подоцна ќе биде претворен во сирење, па големиот Грицко ќе го брка него.

Мачорот Џорџ[уреди | уреди извор]

Тој е братучед на Том кој многу се плаши од Џери и цело време бега од него. Неговото единствено појавување е во „Плашливото шарено маче“. Во оваа епизода Том кова план да го збуни Џери така што наизменично му се појавува тој, па Џорџ, кој се преправа дека не се плаши од глувци.

Чичко Пекос[уреди | уреди извор]

Тоа е чичкото на Џери, со каубојска капа, мустаќи, чизми и гитара. Се појавува во „Штетникот Пекос“ како глушец-пејач, кој му ги кине мустаќите на Том за да си направи жици за гитарата. Се појавува и во „Предај се“.

Канаринецот[уреди | уреди извор]

Тој е птица која е пријател на Џери. Се појавува во „Заробено маче“, „Летечкиот мачор“ и „Да се живее со Том“. Том цело време се обидува да го фати да го изеде Канаринецот.

Тутси[уреди | уреди извор]

Мачката во која е заљубен Том и која се појавува во „Мачорот и мачката“, „Костумираниот мачор“ и „Глувчето доаѓа на вечера“.

Мравките[уреди | уреди извор]

Ја имаат главната улога во сите епизоди во кои се појавуваат. Ги има во епизодите: „Кутрето на пикник“, „Пикник-збрка“ и „Мачешка дремка “, но секаде се противници на главните ликови.

Џоан и Џорџ[уреди | уреди извор]

Џоан и Џорџ се среќен брачен пар кој за првпат се појавува во „Палавото милениче“. Во оваа епизода не им се гледаат лицата, но тоа не е случај со останатите епизоди во кои се појавуваат. Тие ја заменуваат Бабата, која оди во пензија.

Џени[уреди | уреди извор]

Млада девојка, дадилка на синчето на Џоан и Џорџ. Таа почесто зборува на телефон отколку што го чува детето. Ги мрази и Том и Џери и мисли дека тие сакаат да го повредат или да го малтретираат детето. Се појавува во епизодите „Вредни момци “ и „Дадилки“.

Бебето на Џоан и Џорџ[уреди | уреди извор]

Нема име бидејќи се појавува само во две епизоди, исто како и Џени. Бебето прави Том и Џери да запаѓаат во уште поголеми неволји. Секогаш кога Џени зборува на телефон, тоа бега од дома и скита низ улицата, а Том и Џери го бркаат и се обидуваат да го вратат дома. А кога Том го враќа бебето во креветчето, Џени помислува дека го закачка.

Топо[уреди | уреди извор]

Топо е глушец од Неапол кој се појавува во епизодата „Глушецот од Неапол“. Тој е голем обожавател на Том и Џери, кој се спријателува со нив и ги гости со локални специјалитети.

Клинт Клобер[уреди | уреди извор]

Клинт Клобер е сопственикот на Том. Тој е мошне злобен и избувлив човек. Дефинитивно треба да оди на часови за контрола на лутината. Обично го истура својот гнев врз Том. Се појавува во: „Нокаутирање“, „Големи стекови“ и „Бедно сафари“.

Мечката што игра[уреди | уреди извор]

Се појавува во епизодата „Мирна мечка“. Тоа е мечка која побегнала од циркусот. Веднаш штом ќе чуе музика почнува да игра.

Орелот[уреди | уреди извор]

Се појавува во епизодата „Кокетната птица“ како соперник на Том, кој исто така се обидува да го изеде Џери.

Зелениот ѓавол[уреди | уреди извор]

Тоа е господарот на Џери, кој има зелена кожа. Раскажува случки од последната средба на Том и Тудлз. Се појавува во „Пролет за Томас“ и „Затресканиот мачор“ и му кажува на Џери што треба да прави.

Кучето[уреди | уреди извор]

Кучето се појави единствено во епизодата „На ти го- дај ми го“ и беше главниот антагонист. Тој се обидува да го украде педигрето на Спајк и Тајк, со што тие би биле одведени од шинтерите.

Негативци[уреди | уреди извор]

Снежниот глушец[уреди | уреди извор]

Се појавува во епизодата „Снежниот глушец“ од серијалот „Приказни за Том и Џери“. Тој живее во снежна шума и постојано спие сè додека Том не го разбуди обидувајќи се да го извади Џери од неговата уста. Почнува да го брка Том додека тој го брка Џери низ снежната шума, но наидуваат на извори на топла вода, па снежнот глушец се топи и се смалува, па Том и Џери буквално го разнесуваат бушавиот глушец.

Зелениот преобразувач[уреди | уреди извор]

Тоа е суштество дојдено од друга вселена и може да се преобрази во кое било животно или човек. Се појавува во епизодата „Инвазија на Опседнувачите“ од серијалот „Приказни за Том и Џери“. Се обидува да ја заземе куќата на Том и Џери, претворајќи се прво во Том, а потоа и во Џери, но мачорот и глувчето бегаат со неговиот вселенски брод и одат во друга вселена. Суштеството се претвора во Том и се преправа пред Бабата.

Вештерките[уреди | уреди извор]

Тоа се вештерките кои се појавуваат во епизодата „Вештерка, вештерка“ од серијалот „Приказни за Том и Џери“. На сината и зелената вештерка им била фрлена магија пред многу години и и двете ги принудуваат Том и Џери да бидат еден против друг. На крајот на епизодата, Том и Џери успеваат да ја оттргнат магијата од вештерките и да им го вратат стариот изглед. Вештерките стануваат кучиња (како што биле порано) и почнуваат да ги бркаат Том и Џери.

Пираната[уреди | уреди извор]

Пираната се појавува во епизодата „ Бакни ја пираната“ од серијалот „Приказни за Том и Џери“. Додека Том се обидува да ѝ се додворува на Тудлз Галор, пираната му ја отежнува работата бидејќи го каса насекаде по „мачешкото крзно“. Покрај Том ќе настрада и Џери.

Верминатор 7000[уреди | уреди извор]

Бабата го заменува Том со овој робот, бидејќи Том не може да фати едно обично мало глувче (Џери). Џери се нервира бидејќи роботот постојано го исфрла од куќата, па тој и Том се здружуваат за да се отарасат од роботот. Го тераат да направи хаос во куќата за да може Том да се врати дома.

Тигарот[уреди | уреди извор]

Тоа е еден бесен тигар кој ги брка Том и Џери во зоолошката градина. Подоцна се дознава дека тоа е некое друго животно кое мајмунот го обоил како тигар, бидејќи му бил лут на Том што му ги уништил уметничките дела. Но, се појавува вистинскиот тигар и почнува да ги брка Том и Џери. Сето ова се случува во епизодата „Тигрестиот мачор“ од серијалот „Приказни за Том и Џери“.

Мачињата[уреди | уреди извор]

Тие се посвоени од Бабата. Се викаат Флаф, Маф и Паф. Така се викаат и трите удавени мачиња во епизодата „Рајски мачор“ од 1949 година, што е всушност нивно прво појавување. Во епизодата „Тројна неволја“ тие се злобни мачиња кои ги малтретираат Том и Џери, па дури и Бабата. Том и Џери се здружуваат против нив, им го пијат млекото, па им го плукаат в лице, а потоа ги бркаат со количката за купување и ги смачкуваат. Црното маче личи на Буч, портокаловото на Молњата, а третото маче, пак, е слично на Палавко.

Пиратот Чуднабрада[уреди | уреди извор]

Злобниот пират ги заробува Том и Џери и ги носи на својот брод. Том и Џери се натпреваруваат кој да стане собар за да не биде исфрлен од бродот. Ова се случува во првата епизода од серијалот „Шоуто Том и Џери“.

Непобедливиот[уреди | уреди извор]

Тоа е голем сиво-портокалов робот кој се обидува да ги вшмука сите луѓе и животни во својата правосмукалка, но Џери успева да го запре. Потоа, Спајк управува со роботот и го брка Том без некоја посебна причина. Ова се случува во „Том и Џери: Лансиран кон Марс“.

Историја и еволуција[уреди | уреди извор]

Ерата на Хана-Барбера (1940-1958 г.)[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 1930-тите години, Вилијам Хана и Џозеф Барбера беа дел од одделот на Рудолф Ајсинг во студиото за анимација на МГМ. Тимот составен од Барбера, сценарист и дизајнер на ликови и Хана, искусен режисер, почна да прави цртани филмови за Ајсинг. Првиот цртан филм беше „Мачорот добива отказ“ со познатиот мачешко-глувчешки тандем. Дејството на овој цртан филм, кој беше завршен на крајот на 1939 година и пуштен во кината на 10 февруари 1940 година, се врти околу Џаспер, еден сив мачор кој се обидува да фати еден неименуван глушец. Откако не сакајќи ќе скрши една саксија, Бабата (куќна помошничка со африканско потекло, подоцна сопственичка на Том) му се заканува дека ќе го исфрли ако скрши уште нешто во куќата. Нормално, глушецот го искористува тоа и почнува да крши чаши за вино, порцелански чинии, чајници...сè и сешто што е кршливо, за да го избркаат Џаспер. Претпремиерата и пуштањето на „Мачорот добива отказ“ помина без многу помпа, па Хана и Барбера продолжија со режирање на други цртани филмови, неповрзани со мачорот и глувчето. „Најпосле, доста беа цртани со мачор и глувче, нели?“, забележаа многу од вработените во МГМ. Тој песимистички став кон мачешко-глувчешкиот тандем се промени кога цртаниот филм стана омилен меѓу сопствениците на кината и Академијата за филмска уметност и наука, која во 1941 година го номинираше во категоријата најдобар краток анимиран филм, но Оскарот отиде кај „Млечниот Пат“ на Рудолф Ајсинг, исто така во производство на МГМ. Продуцентот Фред Кимби, раководител на студиото за анимација на МГМ, веднаш ги повлече Хана и Барбера од другите цртани филмови на кои работеа и нареди да се направи серија цртани филмови со мачорот и глувчето. Хана и Барбера направија интерен избор за нови имиња на тандемот, влечејќи ливчиња со предложени имиња. Аниматорот Џон Кар доби награда од 50 долари за својот предлог: Том и Џери. Серијалот „Том и Џери“ започна со „Полноќна трпеза“ од 1941 година. До крајот на својот ангажман во МГМ, Хана и Барбера речиси и да не режираа ништо друго освен цртаните филмови со мачорот и глувчето. Низ годините, физичкиот изглед на Том значително се менуваше. На почетокот на 1940-тите години, Том имаше бушаво крзно, многу брчки на лицето и белези на веѓите, кои до крајот на 1940-тите години беа направени поинаку за да се добие еден пореален мачор. Освен тоа, на почетокот Том одеше на четири нозе, за подоцна да почне да оди исклучиво на две нозе. За разлика од Том, изгледот на Џери остана речиси ист во текот на целиот серијал. Во средината на 1940-тите години, по предлог на Текс Ејвери, кој почна да работи во МГМ во 1942 година, серијалот доби еден побрз, поенергичен и понасилен тон. Иако темата на секоја епизода е навидум истата (мачорот го брка глувчето), Хана и Барбера направија безброј варијанти на таа тема. Илустрациите на Барбера комбинирани со синхронизацијата на Хана резултираа со најпопуларниот и најуспешниот серијал цртани филмови на студиото МГМ. 13 епизоди од серијалот, вклучувајќи ја и „Мачорот добива отказ“, беа номинирани за Оскар за најдобар краток анимиран филм. Седум од нив ја добија статуетката, со што беше прекината низата победи на Волт Дизни во оваа категорија. „Том и Џери“ освои повеќе Оскари од кој било друг анимиран серијал. „Том и Џери“ беа популарни цело време додека се прикажуваа, па дури и во 1950-тите години кога буџетот и темпото на работа почнаа да се намалуваат. Сепак, откако во 1950-тите години телевизијата почна да станува популарна, приходите од кино-благајните почнаа да се намалуваат. Во почетокот, МГМ се обидоа да го пребродат ова со репризирање на серијалот. Но, откако сфатија дека репризите им носат исти приходи како и новите епизоди, одговорните решија да го затворат студиото за анимација. Така, во 1957 година беше затворено студиото за цртани филмови на МГМ, а последната од 114те епизоди на Хана и Барбера, „Дадилки“, беше промовирана на 1 август 1958 година. Во 1957 година Хана и Барбера оформија свое сопствено телевизиско студио за анимација, „Хана-Барбера Продакшнс“ (анг. Hanna-Barbera Productions), кое продолжи да прави познати телевизиски шоуа и филмови.

Ерата на Џин Дич (1960-1962 година)[уреди | уреди извор]

Во 1960 година, МГМ склучи договор со чешката продуцентска куќа Рембренд Филмс (анг. Rembrandt Films) за производство на нови епизоди од серијалот „Том и Џери“, но производството да се одвива во Прага, Чехословачка, под водство на продуцентот Вилијам Л. Снидер и режисерот Џин Дич, а цртаните да се прикажуваат на каналот Си-Би-Ес. Дич ќе рече дека отсекогаш чувствувал одбивност кон „Том и Џери“ бидејќи „биле пример за непотребно насилство, исмевање на болката, напад и одмазда...а што да се каже, пак, за невкусната употреба на обезглавената црна жена која е стереотип за слугинка“. Членови на новоформираниот тим на Дич беа продуцентот Вилијам Л. Снидер, композиторот и музичар Степан Коничек кој беше избран поради неговото искуство како диригент на Филмскиот симфониски оркестар, потоа, асистент композиторот Вацлав Лиди, Ларц Бурн, Крис Џенкинс и Ели Бауер, која беше сценарист на многу епизоди, и Ален Свивт кој им го позајми гласот на повеќето ликови. Овој тим имаше задача да направи 13 епизоди, од кои повеќето се со надреалистички особини. Со оглед на тоа што тимот на Дич и Снидер имал видено само неколку епизоди од првиот серијал „Том и Џери“ и тоа што буџетот им беше ограничен на само 10.000 долари по епизода, цртаните филмови се необични и по многу нешта чудни. Движењата на ликовите се прават пребрзо, па има заматување на сликата, а анимацијата е неповрзана и не делува убаво. Музиката е оскудна, се употребуваат футуристички звучни ефекти, дијалозите повеќе личат на мрморење отколку на зборување и премногу се употребува ехо. Првиот од серијата цртани филмови на Џин Дич, „Замена на мачиња“ содржи многу вознемирувачки, пискави и хипнотизирачки звучни ефекти, додека еден од последните, „Најверни пријатели“ се одликува со „марсовски“ звуци и многу ехо, мошне извештачена музика и неповрзана анимација, која посебно се забележува во кулминационата сцена кога Џери се преправа во дух за да го исплаши Том. Обожавателите на Том ги критикуваа цртаните филмови на Дич бидејќи Том всушност никогаш не претставува закана за Џери, туку само се обидува да го повреди кога овој ќе му застане на патот. Освен тоа, новиот сопственик на Том, Клинт Клобер (крупен бел маж, инспириран од истоимениот лик од „Теритјунс“ на Дич) е многу побрутален во своето однесување кон Том во споредба со Бабата, па така тој го претепува Том, му го гори лицето со скарата и го тера наеднаш да испие цело шише газиран пијалак. Но, и покрај сите овие критики, епизодите од „Том и Џери“ на Џин Дич сѐ уште се прикажуваат на каналот Картун Нетворк. Но, главниот продуцент Џо Вогел ненадејно беше отпуштен од МГМ, па тимот на Дич мораше што побргу да ги заврши и да ги промовира цртаните филмови, што се одрази на нивниот квалитет. Така, последната од тринаесетте епизоди, „Ајде, Кармен! “ беше промовирана на 1 декември 1962 година. Поради тоа што студиото се наоѓаше зад Железната завеса, прикажувањето на серијалот на Дич беше ограничено на територијата на Европа и Азија.

Општо земено, серијалот на Дич е најслабо примен споредено со останатите серијали. Во еден напис во списанието „Комикмикс“ (анг. Comicmix), Пол Куперберг ги нарече овие епизоди „сосема ужасни“ и „пречесто прикажувани“, како и тоа дека се „резултат на евтина работна рака“. Самиот Дич, пак, смета дека неговите епизоди се подобри од оние направени подоцна од Чак Џоунс, но сепак, останува генералниот впечаток дека овој серијал има надреалистички одлики.

Ерата на Чак Џоунс (1963-1967 година)[уреди | уреди извор]

По премиерата на последната епизода на Дич, Џоунс, кој е отпуштен од студиото Ворнер Брос по триесетгодишна работа, оформува свое сопствено студио за анимација „Сиб Тауер твелв Продакшнс“ (анг. Sib Tower 12 Productions) во партнерство со Лес Голдмен. Почнувајќи од 1963 година, Џоунс и Голдмен започнуваат со производството на 34 нови епизоди „Том и Џери“ кои го имаа специфичниот стил на Џоунс и едно благо халуциногено влијание. На Џоунс му беше тешко да го прилагоди својот стил на хуморот типичен за „Том и Џери“, па така многу од епизодите ја фаворизираат сопственоста, личноста и стилот пред типичната приказна. Освен тоа, ликовите претрпеа мали измени: Том доби подебели веѓи во стилот на Борис Карлоф, поедноставен изглед, сиво крзно, поостри уши, и погусто крзно на образите, додека Џери доби поголеми очи и уши, посветла кафеава боја и посладок изглед. Некои епизоди од серијалот на Џоунс потсетуваат на едно од неговите дела, „Којотот и Брзата птица итрица“. Сцените со онесвестување и паѓање од високо се всушност инспирирани од овој цртан филм. Генерално, се смета дека Џоунс повеќе се потрудил околу серијалот отколку Дич, а покрај тоа ќе остане запаметен и по незаборавната најавна шпица каде Том е затворен во буквата О од неговото име. Иако Џоунс успеа да долови дел од магијата на првиот серијал, оној на Хана и Барбера, МГМ реши да го заврши производството на „Том и Џери“ во 1967 година. Дотогаш продуцентската куќа „Сиб Тауер твелв Продакшнс“ веќе беше станала „Студио за анимација и визуелни уметности“ на МГМ.

Том и Џери на телевизиските екрани[уреди | уреди извор]

Почнувајќи од 1965 година, серијалот на Хана и Барбера почна да се прикажува на телевизија во видоизменета форма. Беше побарано од тимот на Џоунс да ја извади Бабата од сите епизоди во кои ја има. Во повеќето епизоди беше заменета со слична дебела бела Иркиња, а понекогаш со витка тинејџерка. И на двата лика гласот им го позајмува Џун Фореј. Сепак, во некои понови ТВ- изданија, како и на верзиите кои се прикажуваат на каналот Бумеранг, Бабата сѐ уште постои, но со поинаков, помалку стереотипен глас (позајмен од Теа Видал).

Том и Џери надвор од САД[уреди | уреди извор]

Во Обединетото Кралство, цртаните филмови „Том и Џери“ се прикажуваат на телевизија од 1967 година, обично на Би-Би-Си и не се цензурирани поради насилството, а задржан е и ликот на Бабата. Освен стандардното прикажување по програма, „Том и Џери“ имаат и друга функција: да ги пополнат прекините на програмата во живо и на тој начин да го задржат вниманието на поголемиот дел од публиката, која инаку би го променила каналот. Од неодамна, по жалбите на родители, можно е да се цензурираат сцените во кои Том пуши пури. Со оглед на тоа што нема многу дијалози, „Том и Џери“ беше мошне лесно преведен на неколку странски јазици. „Том и Џери“ почна да се прикажува во Јапонија во 1964 година. Интернет-анкетата спроведена во 2005 година од јапонската телевизија Асаи го смести серијалот „Том и Џери“ на 58то место на листата од 100 најдобри анимирани филмови на сите времиња. Тоа беше единствениот нејапонски анимиран филм на листата. Во Германија овој серијал беше популарен долго време. Цртаните филмови беа синхронизирани со римуван текст на германски со кој се објаснува што се случува на екранот и кој ги прави цртаните уште посмешни. Во Индија, Југоисточна Азија, на Средниот Исток и во земјите од Латинска Америка и Источна Европа, каналот Картун Нетворк, како и локалните телевизии, сѐ уште секојдневно ги прикажуваат цртаните филмови со Том и Џери. Овој серијал е еден од ретките кои доаѓаат од запад, а биле прикажувани во комунистичките земји пред падот на комунизмот во 1989 година.

Контроверзии[уреди | уреди извор]

Како и повеќето анимирани филмови произведени во 1940-тите, 1950-тите и 1960-тите години, и „Том и Џери“во подоцнежните години беше сметан како политички некоректен. Барем за 24 епизоди се смета дека содржат расизам. На пример, тука спаѓаат епизодите во кои после некоја експлозија лицата стануваат црни. Во некои земји овие сцени се исечени од цртаните, а во некои, пак, се задржани. Исто така и ликот на Бабата се смета за расистички, бидејќи таа е прикажана како сиромашна црна жена која се плаши од глувци. Затоа, во средината на 1990-тите години беа преснимани нејзините реплики, овојпат со гласот на Тарнер, за да звучат помалку стереотипно (беа направени со ирски акцент). Епизодата „Неговиот глувчешки петок“, пак, речиси воопшто не се прикажува на телевизија поради човекојадците. Дури и кога се прикажува, дијалозите на човекојадците се извадени од звучната лента. Од друга страна, пак, самите измени во оригиналните цртани филмови се исто толку контроверзни, бидејќи се одзема дел од оригиналното уметничко дело поради кое цртаните всушност станале популарни. Репликите на Бабата се сметаат за расистички и стереотипни, но треба да се има предвид дека гласот го позајмува Лилиен Рендолф, една од малкуте уметници со африканско потекло кои во тоа време биле вработени во забавната индустрија.

Нови епизоди и специјални изданија[уреди | уреди извор]

Во 1975 година, тандемот Хана-Барбера започна со производство на 48 нови „Том и Џери“ епизоди наменети за утринската програма на каналот Еј-Би-Си. Во овие цртани, Том и Џери стануваат пријатели кои заедно одат во авантура и повеќе не се тепаат. Сето ова е поради строгите правила за контрола на насилството во програмата за деца. И продукциските куќи „Филмејшн Студиос“ и МГМ се обидоа да направат нови епизоди. Нивната верзија, наречена „Комичното шоу на Том и Џери“, беше премиерно прикажана во 1980 година. Беа направени 30 епизоди, многу поразлични од оние на Хана и Барбера, бидејќи ги вратија старите добри брканици, но со малку поинаков хумор. Во периодот помеѓу 1980-тите и 1990-тите години се појави тренд на т.н „бебификација“ на старите, класични ѕвезди од цртаните филмови, па така, на 8 септември 1990 година на каналот Фокс Кидс почна да се прикажува серијалот „Том и Џери бебиња“, во копродукција на „Тарнер Ентертејмнт“ (анг. Turner Entertainment) и „Хана-Барбера Продакшнс“ (анг. Hanna-Barbera Productions). Во овие епизоди ги гледаме бракниците на малечките мачор и глувче. Тука Џери носи црвена машничка, а Том црвено капче. На 1 октомври 1992 година се случи меѓународната премиера на „Том и Џери: Филмот“ во кината низ Европа, а на 30 јули 1993 година се случи и премиерата пред домашната публика. Критичарите и публиката го критикуваа овој мјузикл поради тоа што е предвидлив и што тандемот има реплики и песни во текот на целиот филм. Како резултат на ова, филмот не доживеа успех на кино-благајните, но стана култен филм меѓу редовните кино-посетители и љубителите на овој жанр. Во 2000 година на каналот Картун Нетворк беше промовирано новото телевизиско специјално издание со наслов „Том и Џери: Куќниот мачор“, каде Џо Барбера го позајми гласот на сопственикот на Том чие лице никогаш не се гледа. Во овој цртан филм Џери живее во куќичка и е третиран како домашно милениче, исто како и Том, и сопственикот постојано го потсетува Том „да не го обвинува глувчето за сè“. Во 2001 година продикциската куќа „Ворнер Брос“ го промовираше првиот ди-ви-ди филм со мачорот и глувчето, „Том и Џери: Волшебниот прстен“. Тоа ќе биде последниот „Том и Џери“ проект на кој заеднички ќе работат Хана и Барбера, бидејќи Вилијам Хана починува кратко по премиерата на филмот. Четири години подоцна, Бил Коп напиша и изрежира уште две епизоди за студиото „Ворнер Брос“- „Том и Џери: Лансиран на Марс“ и „Том и Џери: Брзи и крзнести“, вториот заснован на приказна од Барбера. И двете епизоди беа издадени на ди-ви-ди во 2005 година, како дел од одбележувањето на јубилејот 65 години од појавувањето на „Том и Џери“. На 16 декември 2005 година во кината во Лос Анџелес беше промовиран уште еден филм за Том и Џери, „Карате чувар“, по сценарио и режија на Барбера и Спајк Бренд, во чест на 65-годишнината од појавувањето на „Том и Џери“. Овој цртан филм ја доживеа својата телевизиска премиера на 27 јануари 2006 година на каналот Картун Нетворк. Во првата половина на 2006 година беше направен нов серијал наречен „Приказни за Том и Џери“, во производство на студиото за анимација на „Ворнер Брос“. Серијалот се состои од 13 получасовни епизоди, а секоја епизода од три цртани. Серијалот беше за првпат прикажан во февруари 2006 година во Обединетото Кралство на каналот Бумеранг, а потоа и во САД на каналот Си-Даблју фор кидс (анг. The CW4Kids). Ова е всушност првото телевизиско издание на „Том и Џери“ во стилот на оригиналните епизоди, кое го вклучува дури и насилството. Во 2006 година се појави уште еден ди-ви-ди филм, „Том и Џери: Ми се тресат мустаќите“, во кој тандемот треба да соработува за да го најде богатството. Барбера го напиша сценариото за наредното издание, „Том и Џери: Приказна за Оревокршачката“, а негова беше и идејата за синхронизирање на дејството со музиката од балетот „Оревокршачка“ на Чајковски. Барбера починува во декември 2006 година и ова е воедно неговиот последен „Том и Џери“ проект.

Филмографија[уреди | уреди извор]

Забележителни епизоди[уреди | уреди извор]

Цртани филмови добитници на Оскар за најдобар краток анимиран филм: - 1943: „Воинствениот глушец“ (анг. The Yankee Doodle Mouse) - 1944: „Глувчешка неволја“ (анг. Mouse Trouble) - 1945: „Тишина, молам!“ (анг. Quiet Please!) - 1946: „Мачешко кончерто“ (анг. The Cat Concerto) - 1948: „Малото сираче“ (анг. The Little Orphan) - 1951: „Двајцата мускетари“ (анг. The Two Mouseketeers) - 1952: „Глушецот Јохан“ (анг. Johann Mouse) Цртани филмови номинирани за Оскар за најдобар краток анимиран филм, но кои не ја добиле наградата: - 1940: „Мачорот добива отказ“ (анг. Puss Gets the Boot) - 1941: „Ноќта спроти Божиќ“ (анг. The Night Before Christmas) - 1947: „Д-р Џекил и г-дин Глушец“ (анг. Dr. Jekyll and Mr. Mouse) - 1949: „Не кажувај за бељите“ (анг. Hatch Up Your Troubles) - 1950: „Братучедот на Џери“ (анг. Jerry's Cousin) - 1954: „Готово си, маче“ (анг. Touché, Pussy Cat!)

Цртани филмови номинирани за наградата Ени во категоријата Поединечни достигнувања: анимација на лик, но кои не ја добиле наградата: - 1946: „Пролет за Томас“ (анг. Springtime for Thomas) - 1955: „Ене ја мама“ (анг. That's My Mommy) - 1956: „Том Билдерот на плажа“ (анг. Muscle Beach Tom) - 2005: „Карате чувар“ (анг. The Karate Guard)

Телевизиски шоуа[уреди | уреди извор]

- „Шоуто на Том и Џери“ (анг. The Tom and Jerry Show) (канал Еј-Би-Си, 1975 година) - „Комичното шоу на Том и Џери“ (анг. The Tom and Jerry Comedy Show) (канал Си-Би-Ес, 1980–1982 година) - „Том и Џери бебиња“ (анг. Tom and Jerry Kids) (канал Фокс, 1990–1993 година) - „Приказни за Том и Џери“ (анг. Tom and Jerry Tales) (канал Си-Даблју, 2006–2008 година) Специјални телевизиски изданија - „Јаба даба ду- прослава: 50 години Хана-Барбера“ (канал Ти-Ен-Ти, 1989 година) - „Том и Џери: Куќниот мачор“ (канал Картун Нетворк, 2000 година)

Филмови[уреди | уреди извор]

- „Том и Џери: Филмот“ (во производство на Turner Pictures/Film Roman/WMG/Live Entertainment/Miramax, 1992 година) - „Том и Џери“ (во производство на Warner Animation Group/Warner Bros., 2021 година)

Ди-ви-ди филмови[уреди | уреди извор]

- „Том и Џери: Волшебниот прстен“ (Warner Home Video, 2001 година) - „Том и Џери: Лансиран на Марс“ (Warner Home Video, 2004 година) - „Том и Џери: Брзи и крзнести“ (Warner Home Video, 2005 година) - „Том и Џери: Ми се тресат мустаќите“ (Warner Home Video, 2006 година) - „Том и Џери: Приказна за Оревокршачката“ (Warner Home Video, 2007 година) - „Том и Џери: Запознајте Шерлок Холмс“ (2009 година)