Лимфен систем

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лимфен систем
Човечкиот лимфен систем
Податоци
Назнаки
Латинскиsystema lymphoideum
TAA13.0.00.000
FMA7162 FMA:74594, 7162

Лимфниот систем — вториот циркулаторен систем на ‘рбетниците, покрај крвоносниот. За разлика од него, лимфниот систем е од отворен тип. Овој органски систем има дренажна улога, односно тој ја враќа крвната плазма која не се вратила во крвните садови при процесот на размена на материите во клетките. Освен тоа, лимфниот систем е главен транспортер на поголемиот дел од масните материи кои се ресорбираат во тенкото црево. Тој е најдобро развиен кај цицачите.

Лимфниот систем се состои од лимфни садови кои се формираат по принцип на собирање, лимфни јазли и лимфоидни органи низ кои постојано циркулира лимфата. Лимфата е друго име за крвната плазма кога таа ќе навлезе во лимфните садови. Лимфните капилари и вени (лимфни садови) ги има скоро во сите ткива и органи во кои има и крвни садови. Лимфниот систем започнува со лимфни капилари, слични на крвните капилари, кои се разликуваат само по тоа што започнуваат слепо во ткивата и што имаат поголем пречник. На лимфните капилари се надоврзуваат лимфни вени, за да на крај најголемите садови се сведат на два до четири, кои се влеваат во крвоносните вени, на тој начин враќајќи ја лимфата во крвта и срцето.[1]

Движење на лимфата во лимфниот систем[уреди | уреди извор]

Лимфата се движи низ лимфниот систем благодарејќи на пасивните контракции на лимфните садови, како и под дејство на контракциите на мускулатурата и притисокот на соседните органи.

Освен кај цицачите, кај сите останати ‘рбетници во лимфните садови постојат пулсативни мускуловидни проширувања кои исто така предизвикуваат циркулација на лимфата. Поради ова, тие се наречени лимфни срца, а се сместени во различни места на организмот, но најчесто на местата каде лимфните садови се влеваат во вените

Лимфни капилари[уреди | уреди извор]

Лимфните капилари имаат еден слој од плочести епителни клетки, наречен ендотел. Овој слој овозможува лесно поминување на растворливите материи и водата. Отворите меѓу овие клетки овозможуваат влегување и на белковини и други релативно големи суспендирани честички. Спротивно од крвните капилари, лимфните капилари почнуваат слепо, односно кај нив нема потреба од мостови за свезување на големите садови. Наместо тоа, со едниот нивен крај, тие едноставно лежат во телесната течност, а со другиот се поврзуваат со големите лимфни садови.

Лимфни садови[уреди | уреди извор]

Лимфните садови имаат тенки ѕидови, а на одредени места имаат проширувања како меурчиња каде се сместени залистоците. Овие залистоци спречуваат течење на лимфата во обратна насока, исто како во некои вени.

Лимфните садови можат да се наоѓаат до површината и да се наречени површински, или длабоко во организмот и се наречени длабински лимфни садови.

Лимфните садови се нарекуваат според местото каде што се наоѓаат. На пример: лимфните садови во дојката се наречени млечни лимфни садови, во натколеницата бутни лимфни садови, а во ногата ножни лимфни садови. Сите лимфни садови создаваат сплетови. Постојаните места во кои лимфата се носи се регионални лимфни јазли.[2]

Лимфни јазли[уреди | уреди извор]

Во лимфниот систем, наместа се наоѓаат и жлездовидни сферични или овални проширувања наречени лимфни јазли. Тоа се групи од лимфни фоликули (меурчиња), опкружени со мрежа од сврзно ткиво. Во нив се образуваат леукоцити и лимфоцити. Тие се и своевидни механички и биолошки филтри во кои се врши филтрација и фагоцитоза на микроорганизмите и туѓите честички што продреле во лимфните садови. Кај човекот, јазлите најмногу се наоѓаат на вратот, под пазувите, во градниот кош, во мезентерата на тенкото црево, како и на други места.

Речиси целата лимфа од горните екстремитети и од градите поминува низ пазувните лимфни јазли, а од долните екстремитети низ препонските лимфни јазли. Лимфните садови од регионалните јазли ја носат лимфата во еден од двата крајни лимфни садови, десниот лимфен канал или градниот канал.

Поделба на лимфни јазли[уреди | уреди извор]

Лимфните јазли, по правило се сместени во групи, а бројот во секоја група е различен од 2,3 до 100. Некои од овие групи се сместени длабоко во организмот, други се наоѓаат на површината на телото. Најважни лимфи јазли се:

Лимфни канали[уреди | уреди извор]

Десен лимфен канал[уреди | уреди извор]

Десниот лимфен канал е краток сад, долг околу 1,25 cm што собира лимфа само од горниот десен дел на човечкиот организам, и тоа од деесната страна на главата, вратот и градниот кош, а лимфата се излева во десната потклучна вена. Неговото отворање во оваа вена е заштитено со два џебовидни полумесечински залистоци кои спречуваат да влезе крвта во каналот.

Граден канал[уреди | уреди извор]

Градниот канал (ductus thoracicus) е долг околу 40 cm, а собира лимфа од сите делови на организмот со исклучок на оние од десната страна над дијафрагмата. Овој канал почнува во горниот дел на стомачната празнина, под дијафрагмата. Првиот дел од овој канал е проширен како цистерна, наречен цистерна хили (cisterna chyli). Градниот лимфен канал потоа продолжува нагоре низ дијафрагмата и по должината на ѕидот од грбот и градниот кош се качува до коренот на вратот на левата страна. Таму се сврзува со левите вратни лимфни садови од главата и вратот, левиот потклучен лимфен сад од горниот лев екстремитет и други лимфни садови од градниот кош и неговите делови. По должината на каналот има голем број на залистоци, а два залистока има и при неговото отворање во левата потклучна вена каде овој лимфен сад завршува со своето сврзување со крвотокот.

Движењето на лимфата низ лимфните садови е слично на движењето на крвта низ вените до срцето. Притоа во тој процес на движење помагаат и скелетните мускули кои се контрахираат во текот на движењето, при што, притискајќи ги лимфните садови, ја потиснуваат лимфата нанапред.[4]

Лимфно ткиво[уреди | уреди извор]

Лимфното ткиво, исто така е составен дел на лимфниот систем. Тоа е распространето низ целиот организам и е сместено во посебни органи на лимфниот систем.

Функции на лимфно ткиво[уреди | уреди извор]

Лимфоидни органи[уреди | уреди извор]

Во лимфниот систем се вбројуваат и неколку специјализирани лимфоидни органи: слезинката, градната жлезда (тимус) и крајниците.

Со групирање на лимфните јазли во слузницата на голтникот кај човекот и сите цицачи настанале крајниците (тонзили). Градната жлезда е скоро парен и издолжен орган, кој кај повеќето ‘рбетници е сместен по страните на вратот, а кај цицачите се наоѓа зад градната коска, поради што и е наречена градна жлезда. Таа е најважен лимфоиден орган што игра голема имунолошка улога. Слезинката (лиен) е голем лимфоиден орган сместен во стомачната празнина. Има повеќе функции: формирање на леукоцити, а разорување на старите еритроцити, неутрализација на штетните производи при различни заболувања и фагоцитоза на различни микроорганизми.

Крајници[уреди | уреди извор]

Крајници (тонзили) се изградени од лимфоидно ткиво и се сместени на двете страни на мекото непце зад носна празнина и задниот ѕид на грлото и во коренот на јазикот. Некои или сите крајници можат многу да се зголемат при инфекции, при што најчесто се препорачува нивно отстранување.

Градна жлезда[уреди | уреди извор]

Градна жлезда или тимус, исто така, се смета како дел од лимфниот систем. Таа е сместена во горниот дел на градниот кош, зад градната коска. Градната жлезда има клучно значење во развојот на имунолошки систем пред раѓањето и во првите неколку години од детството. Одредени лимфоцити пред да ги добијат нивните функции, во имунолошкиот систем мора да созреат во ова жлезда. Таквите лимфоцити што се развиваат под влијание на хормонот од градната жлезда, наречен тимозин, се наречени Т-лимфоцити. Градната жлезда е многу активна во текот на првите години од животот, а по пубертетот се намалува големината на лимфоидното ткиво и се заменува со сврзливо ткиво и масти.

Слезина[уреди | уреди извор]

Слезината е сместена под лажните ребра, горе, лево во стомачната празнина, под дијафрагмата. Таа е мека, со темна боја и малку сплескана, со должина од 12,5 до 16 cm, и широчина од 5 до 7,5 cm и обилно снабдена со крв. Овој орган е исполнет со мека срцевина (пулпа), која служи како филтер, наречена бела пулпа, а однадвор има обвивка од еритроцити наречена црвена пулпа. Слезината, исто така, содржи и фагоцити. Лимфоидното ткиво зафаќа значителен дел од слезината. Освен, тоа, слезината има и други посебни фунцкии, како што се:

Болести на лимфниот систем[уреди | уреди извор]

Лимфангитис[уреди | уреди извор]

Воспалението на лимфните садови или лимфангитисот се гледа како црвена линија по должината на екстремитетите, која обично почнува на местото на инфекцијата. Вака воспалените садови се лош знак, бидејќи покажуваат дека лимфните јазли не можат да ја совладаат инфекцијата. Следниот процес е влегувањето на патогените микроорганизми во крвотокот, каде предизвикуваат сепса.

Елафантијаза[уреди | уреди извор]

Елафантијазата е големо отекување на долните екстремитети како последица на блокирање на лимфните садови со ситни црви наречени филарија. Овие тенки паразити, во стадиум на ембрион или незрели облици ги пренесуваат инсекти, муви и комарци. Паразитите потоа како растат во лимфните канали и го спречуваат протокот на лимфата. Отекувањето на нозете, или, како што понекогаш се случува кај мажите, на скротумите, може да е толку големо што заболениот може да го направи неспособен да се движи.

Лимфаденопатија[уреди | уреди извор]

Зголемените лимфни јазли се општ симптом за многуте инфекции и канцерозни заболувања, наречени лимфаденопатија. Прв знак на инфекцијата со ХИВ-вирусот, кој предизвикува АИДС, е општа лимфаденопатија.

Спленомегалија[уреди | уреди извор]

Зголемувањето на слезината, наречено спленометалија, секогаш се поврзува со акутна заразна болест, вклучувајќи црвен ветер, тифусна треска, штитна треска и сифилис. Многу тропски паразитски болести предизвикуваат спленомегалија.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр. 122
  2. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр.122/123
  3. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр.124
  4. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр.123
  5. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр.125
  6. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр.126