Полчиште

Координати: 41°8′54″N 21°49′22″E / 41.14833° СГШ; 21.82278° ИГД / 41.14833; 21.82278
Од Википедија — слободната енциклопедија
Полчиште

Панорама на селото Полчиште

Полчиште во рамките на Македонија
Полчиште
Местоположба на Полчиште во Македонија
Полчиште на карта

Карта

Координати 41°8′54″N 21°49′22″E / 41.14833° СГШ; 21.82278° ИГД / 41.14833; 21.82278
Регион  Пелагониски
Општина  Прилеп
Население 6 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7506
Повик. бр. 048
Шифра на КО 20082, 20083
Надм. вис. 920 м
Слава Спасовден
Полчиште на општинската карта

Атарот на Полчиште во рамките на општината
Полчиште на Ризницата

Полчиште — село во Општина Прилеп, во областа Мариово.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Панорамски поглед на селото Полчиште
Поглед на дел од селото Полчиште

Селото Полчиште се наоѓа во прилепскиот дел на областа Мариово, во јужниот дел на Општина Прилеп. Поточно, Полчиште се наоѓа во ридско-планинскиот дел на Големо или Старо Мариово од десната страна на Црна Река, во подножјето на планината Козјак[2]. Полчиште е планинско село до расположено на надморска височина од 910 метри[2]. Сместено е во долот на Полчишка Река, лева притока на Бутурица, помеѓу височините Скрка со врвот Панделе (1344 м.н.в.) од југозапад, Гарван (1265 м.н.в.) од југоисток и познатиот превој Трибор (1442 м.н.в) на исток. Недалеку во источен правец од Полчиште се и највисоките врвови на планината Козјак, Балтова Чука (1822 м.н.в.) и Перун (1703 м.н.в.). Според ваквата местоположба селото Полчиште се наоѓа токму во средината помеѓу мариовските села Бешиште веднаш на запад, Градешница и Старавина на југ, Витолиште на север и раселеното село Мелница кај познатиот манастир „Св. Илија“ на северозапад.

До селото се стигнува од исклучувањето на регионалниот пат Прилеп - Витолиште непосредно пред манастирот во Мелница по асфалтиран, наместа уништен земјен пат, кој потоа од крстосницата за Бешиште кон лево продолжува како широк и натапкан земјен пат до самото село Полчиште. По овој пат до Полчиште води големата велосипедска тура на фестивалот Mariovo Off-Road Experience. Полчиште има мошне голем атар кој зафаќа простор дури од 83 км2, поради што тој се дели на Полчиште I и Полчиште II[2]. На него пасиштата заземаат површина од 3646 хектари, на шумите отпаѓаат 3096 хектари, а на обработливото земјиште 336 хектари[2]. На планинскиот источен дел на атарот кон Трибор и Витолиште постои многу густа и разновидна висококвалитетна зимзелена шума од која особено се истакнува црниот бор, додека нискостеблестата претежно дабова шума е застапена на ридскиот западен дел на атарот кон Бешиште.

Историја[уреди | уреди извор]

Споменикот на паднатите борци во НОБ

Најстариот запис во кој се споменува селото под името Полчишта потекенува од втората половина на XV век односно од турските пописни дефтери од 1476/77 кога во селото живееле 17 семејства, потоа во 1481/82 биле попишани 25 домаќинства, за потоа да бележат пораст на 58 домови во 1519 година, а потоа опаѓање на 35 домаќинства во 1528/29 и намалување на само 7 семејства во 1544/45 година[3]. Во овој период Полчиште спаѓало во нахијата Мориово во Прилепската каза[3]. Во овој средновековен период постоело и селото Костеново кое што според сочуваното народно предание се наоѓало јужно од Полчиште кај местото Костеник[3].

Во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за селото Полчиште запишал дека имало 55 куќи и стара црква[4].

Во однос на народно-ослободителната и револуционерната борба за слобода на Македонија од втората половина на XIX век па сѐ до НОБ во Втората светска војна, селото Полчиште со своите жители - борци и учесници, се истакнува во целото бунтовно Мариово. Кон крајот на XIX и почетокот на XX век во времето на револуционерните и народно-ослободителни борби во Мариово била многу засилена грчката црковно-просветна и вооружена пропаганда при што Полчште било до линијата на нејзината граница. Во 1899 година во селото Полчиште бил формиран првиот областен комитет на ТМОРО со Трајко Бешот како началник и познатиот Крсте Гермов – Шакир како сектретар. За време на НОВ од многу младинци од селото заминале во партизани, а својот живот за слободата на Македонија го положиле 3 млади борци во своите 20 години: Спасија Шаоска, Дано Јолевски и Ристе Трајкоски, во чија чест е подигнат споменик кај селските гробишта на влезот од селото.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото Полчиште потекнува и има значeње на македонски јазик и најверојатно доаѓа, односно е поврзано со местоположбата на селото. Имено, на север од селото кон запад во правец на Бешиште и кон исток се отвора доста пространа и широка зарамнета низнина при што и самите тие предели ги носат имињата Поле (на запад) и Долното Поле (на исток). Имајќи предвид дека селото се наоѓа во дол кој се отвора помеѓу овие две полиња, најверојатно неговото име настанало за означување на местото кое што се наоѓа меѓу двете полиња.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на атарот селото Полчиште има мешовита земјоделска функција. Најзастапена стопанска дејност во Полчиште и неговиот атар се сточарството и шумарството. Од сточарството најзастапено е одгледувањето на значаен број стада овци коишто преку целата година се напасуваат на бујните ливади непосредно околу селото, а во помал обем се одгледуваат и кози. Од добиените и помешани видови на млеко се прави познатото и прочуено мариовско биено сирење. Во сосема мали размери се одгледуваат жита претежно пченица, 'рж и јачмен и сточна храна. Дел од некогашните жители кои сѐ уште ги посетуваат и престојуваат во своите куќи и имоти, се занимаваат и со пчеларство и производство на ливадски мед, како и со одгледување на градинарски производи како пиперки, патлиџан (домат), кромид, краставица, марула во дворовите за тамошни сопствени потреби.

На големиот простран атар на Полчиште е застапено и шумарството односно сечата на дрва. Дрва за огрев и градежништво се сечат во квалитетните мешовити и зимзелени шуми источно од селото за што подружниците на Македонски шуми, „Црн Бор“ од Прилеп и „Бор“ од Кавадарци имаат и сопствен објект и пункт во соседното Витолиште. За сопствени потреби, мештаните и луѓе кои имаат куќи и имоти во Полчиште, сечат огравно дрво од дабовата шума крај патот западно од селото кон Бешиште. Во непосредната околина на Полчиште има големи наоѓалиштата на градежен материјал како гнајсеви, камен-травертин, грандиорити поради што крај патот кој води за селото има неколку ископи и еден производствен погон со стовариште.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948835—    
1953914+9.5%
1961824−9.8%
1971479−41.9%
1981193−59.7%
ГодинаНас.±%
199164−66.8%
199445−29.7%
200231−31.1%
20216−80.6%

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци.[5]

Според пописот од 1953 година во Полчиште живееле 914 жители. Според последниот попис од 2002 година, во Полчиште живеат 31 жител, сите Македонци.[6] Селото се наоѓа во фаза на раселување.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 696 800 835 914 824 479 193 64 45 31 6
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[7]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[8]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Полчиште отсекогаш па сѐ до денес во целост е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Поради оддалеченоста и непристапноста на целиот мариовски крај, речиси сите родови во селото се староседелски или пак потекнуваат од предци кои повремено се преселувале во разните околни мариовски села како Бешиште, Витолиште, Мелница, блиското и одамна раселено село Сатока, Чаниште и др. Македонски родови и семејства кои живеат и потекнуваат од Полчиште се: Суклески, Ќосески, Колонџоски, Чуруковски, Митковски, Црниколевски, Ракиџиоски, Севдикоски, Салилоски, Бешовски, Јовчески, Ѓуроски, Шаовци, Трајкоски, Јолевци.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Витолиште, во која влегувале сите села од прилепскиот дел на Мариово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Витолиште, во која покрај селото Полчиште, се наоѓале и селата Бешиште, Витолиште, Врпско, Живово и Манастир. Општината Витолиште постоела и во периодот 1950-1952 година.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1529 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на дом на месна заедница.[11]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 22 гласачи.[12]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Селските гробишта на Полчиште, сместени на почетокот на селото
Цркви[13]
Археолошки наоѓалишта[14]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Во селото редовно се одржува селската слава Спасовден. Секоја година кон крајот на мај велосипедистите од малата тура на фестивалот на отворено Mariovo Off-Road Experience го посетуваат селото Полчиште.

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во однос на спортот во рамки на фестивалот Mariovo Off-Road Experience селото Полчиште се посетува од велосипедистите на малата тура, каде што тие ја прават првата пауза со разгледување на селото пред да продолжат кон Бешиште и Витолиште.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Најмасовно селење на жителите од селото имало во 50-тите години од XX век. Населението најмногу се исселувало во Прилеп, Кавадарци и Битола, а голем дел се има исселено и во странство (Австралија, Канада).

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 240.
  3. 3,0 3,1 3,2 Стојаноски, Александар (1994). Мориово во XV-XVI век (Осврт на економско-општествените прилики). Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 65–73.
  4. Хаџи-Константинов - Џинот, Јордан (1987). Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници (Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници. изд.). Скопје (Цариград): Мисла (Цариградски весник).
  5. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  6. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  8. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  9. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  10. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  11. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  14. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Надворешни врски[уреди | уреди извор]