Светски ден на пантомимата

Од Википедија — слободната енциклопедија
Светскиот ден на пантомимата се одбележува на денот на раѓањето на Марсел Марсо - 22 март

Светски ден на пантомимата, познат и како Меѓународен ден на пантомимата — ден посветен на мимиката, пантомимата, немиот филм и невербалната комуникација, кој се одбележува на 22 март, денот на раѓањето на познатиот француски глумец и мимичар Марсел Марсо. Според Светската организација на пантомимичари, со овој ден пантомимата се празнува како „јазикот на мирот“.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Идејата за одбележување на „Светски ден на пантомимата“ потекнува од пантомимичарите Марко Стојановиќ, Офер Блум и Жан-Бернар Леклот.[2] Марко Стојановиќ и Офер Блум по нивното запознавање во 1998 година за првпат разговарале во врска со плановите за основање на Светска организација на пантомимичари и одбележување на Светски ден на пантомимата, кои тие во тоа време го нарекувале „Меѓународен ден на пантомимата“. Сепак, плановите на Стојановиќ и Блум останале нереализирани заради презафатеност со обврски во нивните кариери, така што идејата повторно била возобновена дури со основањето на Светската организација на пантомимичари во 2004 година.[3]

По смртта на познатиот француски пантомимичар Марсел Марсо во 2007 година, Стојановиќ и Блум решиле со денот да го чествуваат ликот и делото на Марсо, така што планирале како таков да го прогласат родениот ден на Марсо - 22 март. Во април 2011 година, францускиот пантомимичар Жан-Бернар Лаклот во допис со Марко Стојановиќ дошол до истата идеја за прогласување на „Меѓународен ден на пантомимата“ (француски: Journée mondiale du mime), со таа разлика што тој сметал дека е потребно да се одбележи денот на кој Марсо починал - 22 септември. Благодарение на иницијативата на Лаклот, на 22 септември 2011 година, во неколку земји во светот официјално бил одбележан првиот Меѓународен ден на пантомимата.[3]

Светската организација за пантомимичари го смета 22 септември 2011 година за прв Светски ден на пантомимата, по што одбележувањето на денот продолжило на 22 март.[3]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]