Гуѓаково

Координати: 41°17′3″N 21°47′52″E / 41.28417° СГШ; 21.79778° ИГД / 41.28417; 21.79778
Од Википедија — слободната енциклопедија
Гуѓаково

Поглед на Гуѓаково

Гуѓаково во рамките на Македонија
Гуѓаково
Местоположба на Гуѓаково во Македонија
Гуѓаково на карта

Карта

Координати 41°17′3″N 21°47′52″E / 41.28417° СГШ; 21.79778° ИГД / 41.28417; 21.79778
Регион Мариово
Општина  Прилеп
Население 0 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 20026
Гуѓаково на општинската карта

Атарот на Гуѓаково во рамките на општината
Гуѓаково на Ризницата

Гуѓаково — целосно раселено село во Општина Прилеп, сместено во областа Мариово, југоисточно од градот Прилеп.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Гуѓаково се наоѓа во крајниот источен дел на прилепско Мариово и Општина Прилеп во долината на реката Црна од нејзината лева страна, во стрмната Скочивирска Клисура. Сместено е на надморска височина од 580 метри[2] во длабокиот и стрмен Кленски Дол под преслапот Клен (990 м.) на југоисточната падина на планината Дрен, опкружено со густа листопадна дабова и зимзелена борова шума, поради што Гуѓаково е многу тешко пристапно место доста оддалечено од други населени места. До селото Гуѓаково не постои пат ниту сообраќајна врска со ниту едно поблиско соседно место, во поново време од превојот Клен во шумовитиот и стрмен дел е пробиен земјен шумски пат, кој сепак не стигнува до селото и престанува во шумата на околу 350-400 метри над селото. Во минатото до селото воделе пешачки и патеки за добиток (денес доста обраснати) до соседните, но доста оддалечени села, Врпско на спротивниот десен брег на Црна (каде имало и мост), и преку преслапите на планината Дрен како што се Клен (990 м.) за селото Дрен во и селата во долината на Раец и преслапот Никулица (1136 м.) за Вепрчани и Дуње во Мариово. Во селото Гуѓаково нема поврзаност со електрична струја, ниту покривање на мобилна телефонска мрежа. Ваквата многу тешка пристапност и оддалеченост придонеле селото да остане изолирано и релативно безбедно во минатото кога имало население, но и да биде едно од првите мариовски села кои се раселиле. Атарот на Гуѓаково е доста простран и зафаќа простор од 21,2 км2[2]. Во околината на Гуѓаково, на југ во неговиот атар, на околу 2 часа одење пеш, на самиот брег на реката Црна (315 м.) во месностите Дупките и Волчја јама избиваат познатите Гуѓаковски извори, кои се најголемите и најиздашни изворни на вода кои се влеваат веднаш во Црна Река. Овие извори со голема штедрост околу 1 м3 или 10 литри во секунда се познати на овчарите и рибарите, а во минатото на нив имало воденица и бачила. На околу 1 час или околу 1 километар на југ од селото Гуѓаково, во густата дабова и борова шума се наоѓа месноста и каменот Писаник на кој постојат исклесани и нацртани две фрески на Свети Никола и Света Недела.

Историја[уреди | уреди извор]

Најстарите записи за Гуѓаково се сретнуваат од турските дефтери од доцниот среден век, односно од XV и XVI век, кога тоа било дел од Мориовската нахија и за првпат во пописниот дефтер од 1481/82 е запишано дека во него живеело 1 христијанско македонско семејство, а во подоцнежните дефтери од 1519, 1528/29 и 1544/45 нараснало на бројката од 13 и 14 македонски христијански семејства[3]. Историски и етнографски селото Гуѓаково заедно со Галиште, иако се наоѓаат на левата страна на Црна, припаѓаат на Старо Мариово кое ги опфаќа селата десно од Црна. Густиот шумовит предел околу Гуѓаково бил прибежиште и за ајдутите и комитите кои се бореле против турската власт за слобода на Македонија. На 4 февруари 1905 во Кленски Дол над селото Гуѓаково во нерамноправна борба со турскиот аскер загинува легендарниот мариовски војвода Толе Паша заедно со уште 11 комити - соборци од неговата чета[4], меѓу кои неговиот син Велјан, Куле од Врпско, Петре Кормако со синот Јован од Маково,Петко од Маково, браќата Цветан и Петре од Шелеверци, Видан од Могила и Милан од Прилеп. За да се уверат дека војводата Толе Паша е убиен, турски офицери пресечената глава на Толета му ја однеле на валијата во Битола, при што валијата наредила главата пак да се врати кај Толевото тело[4], кое пред да биде пренесено во родното село Крушевица долго време почивало со спомен плоча која сѐ уште постои и е обновена во Кленски Дол над Гуѓаково. Демографски статистики за селото Старавина во османсликиот период:[5]

Османлиски дефтер Домаќинства Неженети Вдовици Годишен приход
Дефтер бр. 4 од 1476/77 г. Ненаселено
Дефтер бр. 16 од 1481/82 г. 1 31
Дефтер бр. 73 од 1519 г. 13 1 1086
Дефтер бр. 149 од 1528/29 г. 13 1 1086
Дефтер бр. 232 од 1544/45 г. 14 3 886

Во XIX век Гуѓаково било село в Прилепската каза на Мариовската Нахија на Османлиското Царство.

Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Гуѓаково (Будјаково) било село со 27 домаќинства и 105 жители христијани (Македонци).[6]

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото Гуѓаково во пишаните документи се среднува и како Годјаково и Гудјаково . Потеклото на името е непознато, но тоа е со словенско потекло од македонскиот јазиј. Можно е тоа да потекнува и да е облик на името на птицата гугутка (Гугтјаково?) која секако е застапена во густиот шумовит предел во кој се наоѓа селото.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот на Гуѓаково изобилува со шума, а во помал дел и пасишта, заради што тоа во минатото имало изразит сточарски и шумарски карактер, а на нивите во зарамнетите предели јужно од селото се одгледувале и планински жита како 'рж, јачмен, пченка и пченица. Во денешно време во околината на Гуѓаково има само еден овчар[7]. Со активното бачилото на преслапот Клен, во околината и во Гуѓаково има 2 сточари со над 400 глави овци и 250 грла крупен добиток. Во минатото, крај Гуѓаковските извори постоеле и воденици кои мелеле жито, а населението се занимавало и со пчеларство и производство на биено сирење.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948119—    
1953133+11.8%
1961132−0.8%
197141−68.9%
19814−90.2%
ГодинаНас.±%
19911−75.0%
19940−100.0%
200200.00%
202100.00%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Гуѓаково живееле 280 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Гуѓаково имало 240 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Гудјаково се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 40 куќи.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.[11]

Во 1961 година селото има 132 жители, сите Македонци, додека во 1981 година живеат само четири жители, Македонци.

Според пописот од 1994 година, селото е целосно раселено по 1991 година, кога имало само 1 жител, Македонец.

Според пописот од 2002 година, во селото Ѓуѓаково немало жители.[12] Истото било потврдено и на пописот од 2021 година.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 280 240 119 133 132 41 4 1 0 0 0
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови[уреди | уреди извор]

Ѓуѓаково е македонско село.

Гуѓаково во целост било населено со родови на Македонци православна христијанска вероисповед. Родови и семејства кои живееле во Гуѓаково се: Макрески (имаат иселеници и во Витолиште), Митрески, Митановски, Тодороски.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1526 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на приватна куќа. на селото Вепрчани.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 6 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Луѓе од Гуѓаково
Починати во Гуѓаково

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 89.
  3. Стојаноски, Александар (1994). Мориово во XV-XVI век (Осврт на економско-општествените прилики). Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 72.
  4. 4,0 4,1 Босеовски, Трајко (1994). Револуционерни песни во Мариово сврзани со мариовскиот војвода Толе Паша. Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 264.
  5. Празен навод (help)
  6. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 80-81.
  7. Според кажување на Ристе Рожденов, овчар од Вепрчани. Забележале Марио Шаревски и Зоран Костадинов на 18.03.2019
  8. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 247.
  9. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 148-149.
  10. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 23.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. http://www.oldprilep.com/lazar-ristovski/

Надворешни врски[уреди | уреди извор]