Илинденското востание и врховистите

Од Википедија — слободната енциклопедија

По Солунскиот конгрес Иван Гарванов, Христо Матов и Христо Татарчев започнале преговори со Иван Цончев и неговите приврзаници. Од овие прегови произлегол договор со кој двете страни се договориле да ги тргна настрана постојните недоразбирања, а Цончев и врховистите да земат учество во востанието кое било подготвувано од Македонската револуционерна организација. Бидејќи влијанието на врховистите било ограничено само во еден дел од територијатана Македонија, тие реално можеле да учествуваат во востаничките дејствија кои се одвивале на територијата на Серскиот револуционерен округ, каде соработувале со Јане Сандански.

Преговори[уреди | уреди извор]

Иван Гарванов
Дел од темата
Македонски комитет
Печат на Македонскиот комитет

По Солунскиот конгрес, Централниот комитет ги ополномоштил Иван Гарванов (Давид) и Велко Думев (Орлеански) да заминат во Софија и усно да ја соопштат одлуката за востание, како и да побарат поткрепа. ЗП го поканил Михаил Герџиков да се сретне со нив, бидејќи Гоце веќе заминал за Македонија. Гарванов и Думев заминале од Солун на 10 јануари 1903 година, а меѓу другото планирале да се сретнат и со членовите на ВМОК, за да се постигне помирување помеѓу двете организации.

Во Софија, Гаравнов истакнал: ... решението било бесповратно, бидејќи тоа веќе било пропагирано насекаде... основен мотив за решението било опасноста од ново врховистичко востание и влошената положба во земјата... [1] Меѓутоа, Христо Татарчев истакнува дека: Гарванов како сентиментална природа делумно се беше подал на странични влијанија. [2] Гарванов, Христо Матов и Христо Татарчев во Софија имале средба со Димитар Петков, бугарски министер за внатрешни работи. Тој им ветил полна морална и материјална поткрепа за идното востание, под услов да престанат да го компромитираат Кнежевството и каузата со грабање на оружје од бугарските арсенали и воени демонстрации во пограничните реони. Според Николај Гирс, руски дипломатски претставник во Солун, Гарванов и Думев се вратиле со изјава дека со ВМОК на Цончев не е постигнато помирување, но дека двете страни се согласиле да дејствуваат независно една од друга, без да си пречат како во минатото.[1]

По враќањето на Гарванов во Солун, Централниот комитет ги известил сите реони дека: 1. Организацијата решила да крене востание и со сите сили и средства да се бори за извојување на човечки права. 2. Организацијата ги осудува сите стремежи на официјалните и неофицијалните фактори во Бугарија, кои без нејзина согласност настојувале и настојуваат да го вовлечат населението во востание, бидејќи со тоа свесно или несвесно ја поткопуваат каузата на македонскиот роб и со своите дејства давале колорит на надворешно потикнување, факт кој бил силно експлатиран од Турција и европската дипломатија. 3.Организацијата изјавува дека до денот на востанието ќе се бори со сите комитети, корпорации и надворешни лица, кои со своите постапки ќе ја фрлат во борба и предвреме ќе го осуетат планот за дејство. Таа ќе води сметка за сите што ќе се обидат да ја искористат нејзината борба за други цели. 4. По објавувањето на востанието, сите кои се готови да го поткрепат ќе бидат прифатени. Притоа била пожелна претходна согласност од Организацијата.[3]

Со ова известување, била официјализирана одлуката за кревање на востанието, а истовремено биле предупредени и поканети Цончев и неговите приврзаници да земат активно учество во Илинденското востание.

Дејност на бугарската влада[уреди | уреди извор]

Александар Протогеров

Откако прашањето за востанието било решено во самата Македонија, бугарската влада презела мерки за забрана на ВМОК, со цел да ја симне одговорноста од себе. ВМОК сепак бил навремено предупреден, за да може да се прилагоди на новите ислови. На 28 јануари 1903 година, Александар Протогеров го предупредил Цончев: Од се што се случува... може да се заклучи дека Внатрешната организација (ВО) неодложно напролет ќе крене востание заедно со Сарафов. Од разговорите со еден нивни човек, разбрав дека владата им содејствува да влезат сите внатре и да го објават востанието за да се каже дека дека востанието го објавила ВО, а бугарската влада да ја симне одговорноста. Претпоставувам дека до 15.02.1903 внатрешните ќе си внесат се, и дотогаш контролата на владата по границата и тука, ќе биде слаба. Потоа владата ќе ја засили контролата на границата, ќе почне да ги интернира сите наши луѓе главно на Комитетот, дури може да го растури Комитетот, за да им докаже на европските сили, главно пред Русија, дека таа ги исполнила нивните барања, но дека внатре востанало населението.[4] Протогеров му предложил на Цончев и тие со своите сили да влезат во Македонија до 15 март 1903 година, бидејќи потоа навлегувањето ќе биде невозможно. Протогеров бил беспрекорно информиран, а личноста од Внатрешната организација која го знаела ставот на бугарската владата и му го пренела, останува непозната.

Три дена подоцна Министерскиот совет на Бугарија, под закрила на кезот Фердинанд, го забранил ВМОК. Тогаш биле донесени следните мерки: 1. Растурање на ВК по администартивен пат, затворање на неговите клубови и конфискација на коресподенцијата; 2. Да се приведаат неговите водачи и да се предаат на судот; 3. Да се удвои контролата по границата и да се формираат подвижни жандармериски одделенија. На 1 февруари 1903 година. просториите на Врховниот комитет биле затворени, коресподенцијата запленета, а Цончев, Стојан Михајловски, Атанас Јанков и други биле уапсени. Неколку дена подоцна, Министерството за надворешни работи на Бугарија им наредило на своите службеници да немаат никакви контакти со ВМОК бидејќи тој бил надвор од законот.[5]

Подготовки[уреди | уреди извор]

Меѓутоа, ВМОК веќе во април 1903 година се созел од ударите на бугарската влада. Во април, Цончев се вратил во Софија, а весникот Реформи, повторно почнал да излегува под редакцијата на Илија Гологанов. Постепено, Врховниот комитет ја возобновувал својата структура во Бугарија, во форма на добротворни братства.

Во пресрет на востанието, врховистичките четите на чело со Цончев, полковникот Атанс Јанков и Стефан Николов почнале да се групираат на границата на Серскиот револуционерен округ. Бидејќи влијанието на врховистите било ограничено само во еден дел од територијата на Македонија, тие реално можеле да учествуваат во востаничките дејствија кои се одвивале на територијата на Серскиот револуционерен округ.

Врховистите во Серскиот револуционерен округ[уреди | уреди извор]

Иван Цончев
Генерал Иван Цончев со чета на Врховниот комитет.

Врховистите во Серскиот округ се сретнале со Јане Сандански и неговите приврзаници. Подготовките за востанието во Серско ги започнал Гоце, а по неговата смрт тие продолжиле под раководство на Сандански. Серскиот револуционерен округ бил слабо вооружен, отука биле преземени разни акции во тој правец. Востанието во Серскиот револуционерен округ требало да почне подоцна.

На 11 август (стар стил), ЗП го известило Сандански, како началник на воените сили во Пиринско дека востанието во Битолскиот округ започнало, а востанието го зафатило и II востнички округ-Кожув. Задграничното претставништво меѓу останатото истакнало дека: ... Врховистите веќе навлегуваат во Џумајско и во Кресна. Јанков со наше, и со одобрение на Чернопеев, можеби ќе влезе во Малеш. Дрвингов божем се токми за кон Беласица, а Стоенчев за Петричко... Со Врховистите формално овде помеѓу нив и нас ништо не е сторено, но откако се виде дека во Битолскиот крај се случуваат чуда, тие се најдоа излорирани и сами предложија: а) колку суми ќе соберат, нам, на Претставниците да ни се предадат; б) нема веќе Врховен комитет...[6]

На 12 август 1903 година ЗП испратило ново писмо до Серчани во кое известило: ... Во земјата навлегуваат и врховистичи чети, колку што ги има: треба да ви биде јасно и прифатливо ова што овде се случи меѓу нив и нас – тие се ставаат на наша полна услуга внесувајќи ги сите парични средства на наше располагање, дури и сите сили на нивните војнички тела таму. Ние овде нив ги сметаме како морална сила која што ќе му помогне на општото дело. Тие не претендираат на ништо особено; според тоа ние не можевме и немавме право да ги игнорираме нив како сила; зашто ќе пропуштевме еден случај кога можеме да го искористиме; а ќе им дадевме можност сами да навлезат, природно со претензии; а поради несовесноста ќе наштетевме на вистинските интереси на делото, намести да му служиме.[7]

Во август 1903 година, со претходна дозвола на ЗП, започнале да навлегуваат првите врховистичките чети. Првата поголема врховистичка групација броела 160 души и била под раководство на капетанот Јурдан Стојанов и Љубомир Стоенчев. По нив, пристигнале Цончев и Атанас Јанков со околу 350 до 400 души. Во Серкиот револуционерен округ се нашле околу 500 до 600 души под команда на врховистичките војводи. И покрај договорот за соработка, повторно на виделина излегле идејните разлики помеѓу двете страни.

Цончев, иако ги прифатил условите на Внатрешната организација, не можел да се ослободи од своите бугарски видувања на нештата. Иван Цончев во преписката со Пржеваљски истакнал: Целта е оваа, Македонија со своите партизански дејствија да ја исцрпи Турција, а потоа слободна Бугарија да удри со својата свежа, добро организирана армија.[8]

И повторно, како и во минатото, Сандански при средбата со врховистите ги претставил разликите помеѓу внатрешните и надворешните. Јане истакнал дека: вмешувањето на врховистите во македонското ослободително дело дало повод да се мисли дека тоа се потикнува и раководи од надвор, Кнезот Фердинанад и бугарската влада преку врховистичките чети сакаат да ја обезличаат Организацијата и да ја искористаат за свои цели.[9] Јане продолжил: Ние решително се спротивставивме на Вашите офицери зашто го знаевме нивното воспитание, нивните интимни замисли. Тие се луѓе кои дале клетва за верност на бугарскиот кнез и на бугарската држава, затоа тие не можаат да бидат друго, освен нивни слепи и послушни орудија. А, пак ние не сакаме да ја замениме турската тиранија и турските султани со други такви, дури ни со бугарската тиранија и бугарскиот кнез... Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна, Македонија на Македонците... вие ја сакате слободата на Македонија... како средство, како етапа за идно завојување и присоединување, а кај нас слободата, автономијата на Македонија е легална во основа како цел. Ете каде е големата разлика меѓу Нас - внатрешните и Вас – врховистите.[10]

На крајот, Јане побарал од врховистите да ги отстранат сите обележја на бугарската држава - грбови и офицерски нараменици. Цончев, по пристигнувањето, имал средба со Јане. На оваа средба, врховистите го прифатиле планот за дејствување усвоен од Серскиот конгрес, била извршена распределба на силите за зедничко дејствување, а во Главниот штаб влегле Димитар Стефанов и Цончев. Штабот требало да престојува во планинскиот дел на Банско.

Историски погледи[уреди | уреди извор]

За соработката помеѓу ВМОК и ТМОРО во текот на Илинденското востани, Христо Силјанов истакнува дека востанието го стави: Врховниот комитет во една особена состојба. Тој ги имаше сите услови да прославува... Луѓето кои претходната есен направија се за да ја дигнат на бунт Македонија, не можеа да седат на страна макар што востанието беше одлучено и прогласено од нивните противници...[11] Силјанов понатаму заклучува дека ВМОК немал време ни можност да дејствува со своите чети освен во сопстевните и погранични реони, а тоа значело дека врховистите требало да соработуваат со своите довчерашни непријатели. Христо Силјанов истакнува дека: ... Цончев ги понуди на Внатрешната организација своите услуги и почна... да организира чети. Од негова страна тоа беше патриотски и логично... Генерал Цончев се помири со таа неумолива неопходност, решен да ги направи од своја страна неопходните отстапки, за да постигне соработка со Сандански и со неговите другари.[12]

Христо Силјанов е во право кога вели дека Цончев решил да се стави во услуга на Внатрешната организација од патриотски побуди, но тие негови чувства била бугарски, тој не можел поинаку да гледа на револуционерното дело во Македонија. Од друга страна, Силјанов греши дека Цончев направил отстапка со која требало да се постигне соработката. Напротив, Јане Сандански и серчани ги тргнале настрана идејните разлики и прифатиле да соработуваат со врховистите.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт..., 467.
  2. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт..., 467
  3. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт..., 493-494.
  4. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт..., 490.
  5. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт..., 491.
  6. Ванчо Ѓорѓиев, ВМРО..., 435.
  7. Ванчо Ѓорѓиев, ВМРО..., 438-439.
  8. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт..., 519.
  9. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт..., 519-520.
  10. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт..., 520.
  11. Христо Силјанов, Ослободителните борби..., 382.
  12. Христо Силјанов, Ослободителните борби..., 383.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903, Табернакул - Филозофски факултет, Скопје, 2003
  • Ванчо Ѓорѓиев, ВМРО 1893-1903. Поглед низ документи, Матица Македонска - Скопје, 2013