Непостоечкиот витез

Од Википедија — слободната енциклопедија
Луј-Феликс Амиел - Карло Велики император на Западот (742-814)

„Непостоечкиот витез“ (италијански: Il cavaliere inesistente) е роман од италијанскиот писател Итало Калвино од 1959 година. Романот е дел од трилогијата „Нашите предци“.

Содржина[уреди | уреди извор]

Пред ѕидините на Париз е построена војската на Карло Велики, а меѓу нив се издвојува еден витез со беспрекорно бел оклоп. Кога царот доаѓа до него, витезот Аѓилулфо се претставува, но не го поткрева визирот за да го покаже лицето. На изненадување на царот, витезот му соопштува дека не постои, покажувајќи му дека во оклопот нема ништо.

Витезот Аѓилулфо е единствениот во војската на Карло Велики, кој е смирен и дисциплиниран пред борбата против Арапите. Тогаш, во логорот пристигнува кандидатот за витез Рамбалдо, кој сака да ја одмазди смртта на татко му. Рамбалдо е изненаден од безредието што владее во војската и се воодушевува од белиот витез Аѓилулфо, молејќи го да му биде ученик, но витезот се однесува воздржано кон него, впрочем, како и кон останатите. Утредента, пред борбата, војската здогледува еден идиот кого го нарекуваат со различни имиња (меѓу кои и Гурдулу) и, за да го понижи белиот витез, царот го назначува идиотот за коњушар на Аѓилулфо. Во текот на борбата против Сарацените, Рамбалдо е спасен од еден мошне вешт витез, за кого подоцна дознава дека, всушност, е жена - преубавата Брадаманте, во која веднаш се вљубува. Меѓутоа, таа не покажува никаков интерес за него, туку е вљубена во витезот Аѓилулфо.

На еден заеднички ручек, витезот Торисмондо ја оспорува витешката титула на Аѓилулфо, соопштувајќи дека ќерката на шкотскиот крал, Софронија, која пред 15 години ја спасил Аѓилулфо од рацете на двајца разбојници, воопшто не била девојка, туку таа е неговата мајка. Потоа, тој раскажува дека Софронија на тринаесетгодишна возраст останала бремена, поради што била избркана во шумата, каде го родила него. На тој начин, јунаштвото на Аѓилулфо повеќе не се важи (бидејќи спасената не била девојка) и, за да ја задржи витешката титула, тој мора да ја напушти војската и да ја докаже вистината. Така, Аѓилулфо и Гурдулу заминуваат во потрага по Софронија, а Торисмондо заминува да ги најде витезите на Светиот Грал, за кои тврди дека се неговите татковци. Дознавајќи за заминувањето на Аѓилулфо, Брадаманте набрзина тргнува во потрага по него, а Рамбалдо, исто така, ја напушта војската, одејќи по неа.

Патувајќи, непостоечкиот витез пристига до еден замок, каде една девојка му соопштува дека замокот е опколен со крволочни мечки. Аѓилулфо лесно ги победува мечките, а потоа го канат во замокот, каде господарката Пришила по секоја цена сака да води љубов со неа. Сепак, Аѓилулфо упорно го одложува љубовниот чин и утредента го напушта замокот, оставајќи ја да страда восхитената Пришила.

Конечно, непостоечкиот витез стигнува во манастирот каде се наоѓала Софронија (сестра Пармила), но во меѓувреме, манастирот бил разурнат, а Софронија била заробена и однесена како робинка во Мароко. Аѓилулфо не се откажува и тргнува да ја бара, но еден кит го преполовува бродот и Аѓилулфо потонува на морското дно. Сепак, тој пешки продолжува до Мароко, каде се заплеткува во мрежата на рибарите. Таму, тој дознава дека Софронија се наоѓа во харемот на султанот, кој еднаш годишно ги посетува своите жени, а вечерта треба да ја посети Софронија. Аѓилулфо им го соопштува својот план на рибарите, убедувајќи ги да го однесат кај султанот, кој оклопот ќе ѝ го поклони на Софронија. Така, тој доаѓа во нејзината соба и ја спасува, бегајќи со неа со брод, кој претрпува бродолом, па Аѓилулфо, Гурдуло и Софронија се засолнуваат во една пештера во Баскискиот Залив.

Аѓилулфо оди кај царот Карло Велики за да му соопшти дека неговата витешка титула е заслужена, бидејќи ја пронашол Софронија, која сè уште е невина. Но, во меѓувреме, во пештерата пристига Торисмондо, кој претходно успева да ги најде витезите на Светиот Грал, кои целосно го разочаруваат, така што тој ги напушта. Здогледувајќи ја Софронија, Торисмондо (кој не ја препознава) се вљубува во неа и тие имаат сексуален однос. Кога Аѓилулфо и царот пристигаат во пештерата, тие ги наоѓаат Софронија и Торисмондо во љубовниот чин. Засрамен од љубовниот чин со мајка му, Торисмондо бега од пештерата, а истото го прави и Аѓилулфо.

По некое време, во пештерата се враќа Торисмондо, кој раскажува дека Софронија била невина, па според тоа, таа не може да биде неговата мајка. Тогаш, Софронија ја кажува вистината: Торисмондо не е нејзин син, туку полубрат. Него го родила нејзината мајка, шкотската кралица, како вонбрачно дете и ја измислила приказната дека Софронија е мајката, па нив ја избркале во шумата. На тоа, Торисмондо соопштува дека Софронија е вонбрачно дете на шкотскиот крал, па според тоа, тие не се во никакво сродство.

Рамбалдо заминува да го побара витезот Аѓилулфо за да му соопшти дека не треба да се срами и дека може да ја задржи витешката титула. Во шумата, тој го наоѓа околопот, со порака дека Аѓилулфо му го поклонува нему. Рамбалдо го става оклопот на себе и оди кај царот, а утредента, тој се бори јуначки против Сарацените. По борбата, до него доаѓа Брадаманте, која, мислејќи дека се работи за Аѓилулфо, води љубов со него, но потоа ја открива измамата и ја напуштила војската.

Во меѓувреме, Гурдулу налетал на Торисмондо, кој го зел како свој коњушар. Торисмондо се оженил за Софронија и заминал во една земја, каде Карло Велики го назначил за гроф. Меѓутоа, кога пристигнал таму, жителите му кажале дека не го прифаќаат како гроф, туку му понудиле да остане како рамноправен граѓанин како нив.

Книгата завршува така што Рамбалдо пристигнува до еден манастир, барајќи ја Брадаманте. Таму му кажуваат дека тука живеат само калуѓерки, но една од нив, сестра Теодора (која цело време ја пишува книгата за случувањата на непостоечкиот витез), ја отфрла калуѓерската облека и му се придружува, кажувајќи му дека таа е Брадаманте и дека го сака.[1]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Во едно интервју, Калвино истакнува дека најмногу му лежи да пишува за спротивностите меѓу постоечкото и непостоечкото, меѓу празнината и исполнетоста, како и дека неговото искуство со фантастиката достигнало врв во делото „Непостоечкиот витез“ која ја опишува како една од неговите најомилени книги.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Italo Kalvino, „Nepostojeći vitez“ во: Naši preci, Paideia, Beograd, 2007, стр. 281-377.
  2. „Intervju s autorom“, во: Italo Kalvino, Kosmikomike: stare i nove. Beograd: Paideia, 2008, стр. 304.