Мишел Фајфер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мишел Фајфер
Фајфер во 2007 година
Роден(а)Мишел Мари Фајфер
29 април 1958(1958-04-29)(65 г.)
Санта Ана, Калифорнија, САД
ЖивеалиштеВудсајд, Калифорнија, САД
ЗанимањеГлумица
Активен период1978–досега
СопружникПитер Хортон (1981–1988)
Дејвид Е. Кели (1993–досега)
Деца2

Мишел Мари Фајфер (родена на 29 април 1958 година) — американска глумица. Нејзиното прво филмско појавување е во филмот Холивудски витези од 1980 година, но поголемо внимание привлекува со филмот Лице со лузна (1983 година). Taa била номинирана за Оскар за Најдобра споредна глумица за филмот Опасни врски (1988 г.) и како Најдобра глумица за филмовите Фантастичните браќа Бејкер (1989 г.) и Љубовно поле (1992 г.). Нејзините успеси најдобро се гледаат од филмовите Бетмен се враќа (1992 г.), Духови од минатото (2000 г.) и Лак за коса (2007 г.). Други филмови во кои глуми таа се: Брилијантин (1983 г.), Вештерките од Иствик (1987 г.), Мажена за мафијата (1988 г.), Време на невиност (1993 г.), Волк (1994 г.), Опасни умови (1995 г.), Јас сум Сем (2001 г.) и Темни сенки (2012 г.).

Животопис[уреди | уреди извор]

Фајфер е родена во Санта Ана, Калифорнија, втора од четирите деца на Ричард Фајфер, трговец со клима-уреди и Дона Таверна, домаќинка. Таа има еден постар брат, Рик (роден 1955 г.) и две помали сестри, Диди Фајфер, која е исто така глумица, и Лори Фајфер (родена 1965 г.). По татко и таа има германско, а по мајка и швајцарско и шведско потекло. Првобитно, нејзините родители живееле во Јужна Дакота, но подоцна, целото семејство се преселило во Мидвеј Сити, каде Фајфер го поминала нејзиното детство. Таа учела во средното училиште Фаунтин Вали, и го завршила во 1975 година. Работела во супермаркетот Вонс, а студирала на универзитетот Голден Вест. По краток престој на обука за судски стенограф, таа се одлучила за глумечка кариера. Победила на натпреварот за Мис на округот Оринџ во 1978 година, а потоа, истата година учествувала на натпреварот за Мис Калифорнија, на кој освоила шесто место. Потоа, таа најмила агент и започнала да посетува аудиции за филмови.

Кариера[уреди | уреди извор]

Први појавувања на филмското платно[уреди | уреди извор]

Првичните појавувања на Фајфер на филмското платно, вклучуваат улоги во филмовите Островот на фантазијата, Делта Хаус и Лоши мачки и неколку мали филмски улоги во Заљубувајќи се повторно (1980 г.) покрај Сузана Јорк, Холивудски витези (1980 г.) наспроти Тони Данза и Чарли Чен и клетвата на змејската кралица (1981 г.), но никој од овие филмови не се сретнал со особен успех. За нејзините филмски појавувања, Фајфер изјавила: Морав да научам како да глумам... во меѓувреме, глумев привлечна девојка и заработував за мојот изглед. Фајфер се појавува во телевизиска реклама за сапунот Лукс, а воедно земала часови по глума во театарот Беверли Хилс. Истовремено, таа снимила три филма: Кали и нејзиниот син (1981 г.) со Линдзи Вогнер, Децата што никој не ги сака (1981 г.) и римејк на Сјај во тревата. Потоа, таа ја добива својата прва голема улога како Стефани Зинон во филмот Брилијантин 2, продолжение на мега хитот Брилијантин. Филмот бил критички и комерцијален неуспех, иако Фајфер добила големо внимание, особено од Њујорк Тајмс. За неа, тие изјавиле: Иако е нова на екраните, Фајфер успева да изгледа многу побезгрижно и поудобно на сцената отколку било кој друг во глумечката екипа. И покрај одбегнувањето на острите критики, агентот на Фајфер подоцна признал дека нејзината поврзаност со филмот значи само едно: дека таа нема да добие работа, и дека никој не сака да ја одбере неа.

Пошироко внимание[уреди | уреди извор]

Гледајќи го Брилијантин 2, режисерот Брајан де Палма одбил да ја прифати за кастингот за Лице со лузна (1983 г.), но попуштил на инсистрирањата на продуцентот. Таа била на аудиција за улогата на Елвира Хенкок, зависник од кокаин. Повеќето критичари го сметале овој филм за крајно насилен, но сепак тој станал голем хит следните години. Фајфер добила позитивни критики за нејзината споредна улога. Ричард Корлис, за неа изјавил: Поголемиот дел од глумењето е добро. Мишел Фајфер се подобрила. Доминик Дун, пак, во статија за Венити Фер изјавил: Таа е на работ да добие статус на ѕвезда. Со друг начин на изразување, таа е сексипилна.

По Лице со лузна, таа прифатила неколку улоги: улогата на Дијана во комедијата на Џон Лендис Во ноќта (1985 г.) наспроти Џеф Голдблум, улогата на Фејт Хили во филмот Слатка слобода (1986 г.) на Алан Алда, наспроти Мајкл Кејн и улогата на Бренда Лендерс во еден дел од научно-фантастичната пародија Амазонка на месечината (1987 г.). Иако сите овие филмови се здобиле со скромен успех, сепак, и помогнале на Фајфер да се докаже како глумица. Со голема популарност се здобила со улогата на Суки Риџмонт во филмската адаптација на романот Вештерките од Иствик на Џон Апдајк, глумејќи покрај Џек Николсон, Шер и Сузан Сарандон. Во земјата филмот заработил 63.766,510 долари.

Успех кај критичарите[уреди | уреди извор]

Фајфер во 1985 година

Во 1988 година, Мишел Фајфер ја играла улогата на Анџела де Марко, вдовица на еден њујоршки гангстер, во комедијата на Џонатан Дем, Омажена за мафијата, заедно со Метју Модин, Дин Стоквел и Мерцедес Руел. За оваа улога, таа носела кадрава перика и била бринета, а воедно морала и да го извежба бруклинскиот акцент. Оваа улога и ја донела и првата номинација за Златен глобус за Најдобра глумица во мјузикл или комедија, започнувајќи ја шестгодишната последователна низа од номинации за Најдобра глумица. Потоа, Фајфер се појавува како Џо Ен Валенари, сопственичка на ресторан во Утро за очајни, заедно со Мел Гибсон и Курт Расел, но се соочува со професионални и лични разлики со режисерот Роберт Таун, кој ја опишува како „најтешката“ глумица со која некогаш соработувал.

Фајфер се приклучила на кастингот за филмот на Стивен Фриарс, Опасни врски, глумејќи покрај Глен Роуз и Џон Малкович, во улога на Мадам Мари де Турвел, чесна жена која е жртва на заведување. Нејзината изведба и донесе голема популарност; Хол Хинсон од Вашингтон Пост, за нејзината улога изјавил: Најмалку воочлива, но и најтешка. Нема ништо потешко од тоа да глумиш жена полна со доблести, а Фајфер е доволно паметна, што не вложува ни труд за да го постигне тоа. Таа е олицетворение на ликот. Порцеланската убавина на нејзината кожа и начинот на кој ја користи, прави да изгледа како тоа да е израз на нејзината духовност. Таа ја добила БАФТА наградата за Најдобра глумица во споредна улога и била номинирана за Оскар за Најдобра споредна улога.

Во 1989 година, Фајфер ја прифатила улогата на Сузи Дајмонд, во Фантастичните браќа Бекер,заедно со Џеф Бриџис и Бо Бриџис, кои ги глумеле браќата Бекер. За оваа улога, таа претрпела четиримесечно интензивно вежбање на гласот. Филмот имал скромен успех, заработувајќи 18.428,904 долари. Сепак, Фајфер добила многу пофалби за изведбата на ликот на Сузи. Џенет Маслин, од Њујорк Тајмс, за оваа изведба изјавила: Начинот на којшто Фајфер ја претставува силната, неодоливо прекрасна Сузи во светот на Бекерови, има такво влијание на филмот, како што кибритот би имал врз запалката. Роџер Еберт, пак, за оваа улога, ја споредил со Рита Хејворт во Гилда, и со Мерилин Монро во Некои претпочитаат да биде жешко, и го опишува овој филм како филм кој години подоцна, ќе биде искористен како доказ, кога ќе се започне со откривање на чекорите по кои Фајфер станала голема ѕвезда. Во текот на сезоните на награди, во 1989-1990 години, Фајфер доминирала во категориите за Најдобра глумица, и добила награди на Златен глобус, Националниот одбор за преглед на филмовите, Национално здружение на филмски критичари, Здружение на њујоршки филмски критичари, Награда за најдобра глумица од здружението на филмски критичари од Лос Анџелес, и од Здружението на филмски критичари од Чикаго. На доделувањето на Оскарите, таа била фаворит за добивање на Оскар за Најдобра глумица, но наградата ја добила Џесика Тенди за филмот Возејќи ја г-ца Дејзи. Друга поголема награда за која била номинирана, но не ја добила е БАФТА Наградата за најдобра глумица во главна улога, за филмот Фантастичните браќа Бекер, која исто така паднала во рацете на Тенди.

Меѓународен успех[уреди | уреди извор]

Фајфер на доделувањето на Оскарите, 1990 година

Фајфер го продолжила својот пат кон врвот на Холивуд, прифаќајќи, но и одбивајќи различни улоги, почнувајќи со главната улога во Убава жена (1990 г.). Главната улога во овој филм ја играла Џулија Робертс, која и донела номинација за Оскар за Најдобра глумица. Во 1990 година, таа ја играла улогата на Катја Орлова, во филмот на Џон ле Каре, Руска куќа, наспроти Шон Конери, улога која и налагала да го усвои рускиот акцент. За нејзиниот труд, таа била наградена со номинација на Златен глобус за Најдобра изведба на главна глумица во игран филм (драма). Следната година, Фајфер ја играла улогата на келнерката Френки во филмот на Гери Маршал, Френки и Џони. Во овој филм, таа повторно се среќава покрај нејзиниот соработник од Лице со лузна, Ал Пачино. Многумина сметале дека Фајфер е погрешен избор за оваа улога, бидејќи таа е многу убава за да игра улога на „обична“ келнерка. За ова, Фајфер изјавила дека ја прифатила улогата бидејќи „ова не е тоа што луѓето би го очекувале од неа“. За оваа изведба, таа уште еднаш била номинирана за Златен глобус за Најдобра глумица во игран филм (драма). Во овој период, таа ја одбила улогата на Кларис Старлинг во Кога јагнињата ќе стивнат ( улога која ја играла Џуди Фостер и за која освоила Оскар за најдобра глумица), улогата на Кетрин Тремел во Основен инстинкт, (улога која накрај ја глумела Шерон Стоун) и улогата на Луиз во филмот на Редли Скот Телма&Луиз (улога која била изведувана од 20 годишната глумица Сузан Сарандон).

За нејзината улога на Лорен Халет во драмата Љубовно поле (1992 година), таа била номинирана за Оскар за Најдобра глумица во главна улога и за Златен глобус за Најдобра изведба на глумица во игран филм (драма). Но, финансиски западнатата продуцентска куќа Орион пикчрс, привремено го одложила овој филм. Филмот конечно бил објавен во 1992 година. За Фајфер, во Њујорк Тајмс било напишано дека „таа повторно докажала дека е префинета, вешта и необична, исто толку колку што е и убава“. За улогата на домаќинка од Далас, таа ја добила наградата Сребрена мечка за Најдобра глумица, на Берлинскиот филмски фестивал.

Во 1992 година, Фајфер ја прифатила улогата на Жена мачка во филмот на Тим Бартон, Бетмен се враќа, играјќи наспроти Мајкл Китон и Дени Девито. За оваа улога, таа била обучувана за боречки вештини и вежбала кикбокс. Питер Траверс од Ролинг Стоун ја пофалил бидејќи покажала дека женските одмаздници можат да бидат и интелигентни и снаодливи. Списанието Премиер исто така ја пофали нејзината изведба. Овој филм постигна големи успеси и достигна заработка од 266 милиони долари на светско ниво.

Следната година, режисерот Мартин Скорсезе и ја доделил улогата на грофицата Елен Оленска во романтичната драма Време на невиност, покрај Даниел Деј Левис и Винона Рајдер. За оваа улога, таа се здобила со наградата Елвира Нотари на Венецијанскиот филмски фестивал, и номинација за Златен глобус за Најдобра изведба на глумица во игран филм. Истата година, таа ја добила Кристалната награда на Жени во филмот – Лос Анџелес, за нејзиниот придонес во филмската индустрија.

Изборите што следуваат во кариерата на Фајфер и донеле различни успеси. По Време на невиност, заедно со Џек Николсон го снимиле хорор-филмот Волк (1994 година), кој добил различни критички прифаќања. Филмот достигнал заработка и до 65 милиони долари на домашно ниво, и 131 милион долари на светско ниво. Следна нејзина улога е улогата на Луан Џонсон, наставничка во средно училиште, во филмот Опасни умови (1995 година). Таа се појавува како ликот од филмот и во музичкото видео за насловната песна од филмот – Генгстас Парадајз на Кулио. Верзија од ова музичко видео, која траела 60 секунди се емитувала на музичките канали, а еден исечок од 30 секунди се емитувал по другите мрежи. Оваа песна добила Греми награда за Најдобра соло изведба на рап музика во 1996 година, а видеото добило награда за Најдобро рап видео на МТВ Наградите за музички видеа.Во 1996 година, таа ја одбила улогата на добитничката на Златен глобус – Ева Перон, во биографскиот филм Евита, чија улога потоа ја играла Мадона. Потоа, Фајфер ја играла улогата на Сали Етвотер во романтичната драма Нешто сосема лично (1996 г.) наспроти Роберт Редфорд. Овој филм исцениран од сопружниците Џон Грегори Дун и Џоан Дидион, се планирало да биде биографија за кариерата на телевизиската водителка Џесика Савич, но сепак, финалната верзија немала речиси никаква поврзаност со животот на Савич. Тоа, всушност било едно разоткривање на 8 годишната војна на Дун со Холивудските продуценти.

Фајфер се појавува и во улогата на Џилијан Левис во За Џилијан на нејзиниот 37-ми роденден (1996 година), преработка од нејзиниот сопруг Дејвид Кели на истоимената драма. Потоа, во романтичната комедија Еден убав ден (1996 година) таа се појавува како извршен продуцент на филмот и во улога на разведена самохрана мајка која работи како архитект – Мелани Парк, глумејќи покрај Џорџ Клуни. Нејзините следни улоги се: Роуз Кук Левис во Илјада хектари заедно со Џесика Ленџ и Џенифер Џејсон Ли, потоа улогата на Бет Кападора во На дното на океанот (1998 г.) кој раскажува приказна за родители кои го наоѓаат своето дете, кое било киднапирано девет години претходно, улогата на Титанија во Сон во една летна ноќ (1999 г.) заедно со Кевин Клајн, Руперт Еверет и Стенли Тучи, и улогата на Кети Џордан во филмот на Роб Рејнер, Приказна за нас (1999 г.) заедно со Брус Вилис.

Во текот на 1990-тите години, Фајфер добила многу коментари низ медиумите за нејзината убавина. Во 1990 година, таа се појавува на насловната страна на списанието Пипл, во изданието 50-те најубави луѓе во светот. Повторно се нашла на насловната страна овој пат на годишното издание во 1999 година. Фајфер е првата славна личност која се појавила на насловна страница на годишно издание од списание, двапати, и единствената личност која во текот на 1990-тите години, двапати се нашла на насловна страница.

Потоа таа ја прифаќа улогата адвокатот Рита Харисон, во филмот Јас сум Сем (2001 г.) наспроти Шон Пен. Филмот добил неповолни критики, а за Фајфер, во Пост Интелиџенсер било напишано дека: Таа, најверојатно попречена од неинтересните клишеа кои ја потпираат нејзината врескава улога, ја прикажува нејзината најдосадна и најбезживотна изведба досега.

Фајфер се здобила со многу пофалби за нејзината улога на крволочна глумица, Ингрид Магнусен, во Бел леандер (2001 г.), покрај Алисон Ломан, Рене Зелвегер и Робин Рајт Пен. Кенет Туран, од Лос Анџелес Тајмс ја опишала Фајфер како „вжарена“, давајќи и на нејзината улога, моќ и цврста волја како мајка која е експерт во манипулирање, преку возбудлива, беспрекорна изведба. Таа е добитник на наградата за Најдобра глумица во споредна улога од Друштвото на филмски критичари од Сан Диего и од Друштвото на филмски критичари од Канзас. Овој период, Фајфер исто така го позајмила гласот за два анимирани филма, како Ципора во Принцот од Египет (1998 г.), во кој таа ја претставува песната Кога веруваш која е и добитничка на Оскар, и како Ерис во Синбад: Легендата за седумте мориња (2003 г.)

Враќање на филмското платно[уреди | уреди извор]

По четиригодишна пауза, во која се отргнала од јавноста за да се посвети на сопругот и на децата, таа ја одбила улогата на вештерката од фантазијата Хрониките на Нарнија: Лавот, вештерката и ормарот (2005 г.), која ја играла Тилда Свинтон. На екраните, Фајфер се вратила во 2007 година, со две улоги на негативец во два бестселери: како Велма фон Тисл во Лак за коса заедно со Џон Траволта, Кристофер Вокен и Квин Латифа, и како старата волшебничка Ламија во фантазијата Ѕвездена прашина наспроти Клер Дејнс, Чарли Кокс и Роберт де Ниро.

Потоа, таа прифатила уште неколку улоги: како Роузи во Никогаш нема да бидам твоја (2007 г.) во режија на Ејми Хекерлинг, заедно со Пол Руд и Серше Ронан, и како Линда во Лични ефекти (2009 г.), каде глумела наспроти Ештон Качер и Кети Бејтс. Во нејзиниот следен филм, Драги, таа повторно се соединува со режисерот Стивен Фриарс и продуцентот Кристофер Хемптон од Опасни врски (1988 г.) филм за кој сите тројца биле номинирани ( во случајот на Хемптон и добитник) на Оскар. Во овој филм, Фајфер ја играла улогата на Леа де Лонвал, покрај Руперт Френд во главната улога, со Кети Бејтс како негова мајка. Премиерата на овој филм, била на Берлинскиот филмски фестивал, во февруари 2009 година, и добил номинација за наградата Златна мечка. Лондонскиот Тајмс позитивно го оценил филмот, опишувајќи го сценариото на Хемптон како непрекинат проток на духовити одговори и зајадливи кратки шеги, а изведбата на Фајфер како привлечна и префинета, нејзината рамнодушност е маска за ранливоста и тагата. Во Чикаго Сан-Тајмс, Роџер Еберт напишал дека фасцинантно е да се гледа како Фајфер управува со нејзиниот глас и гримаси, додека доживува страшни болки. Кенет Туран во Лос Анџелес Тајмс ги пофалува оние сцени кои неможат да се опишат со зборови, сцени каде Леа е фатена ненадејно, каде што се гледа очајот и каењето, што таа се обидува да ги скрие од светот. Усовршенато и емоционално глумење, што Фајфер толку добро го изведува, е еден потсетник на тоа колку ни недостасуваше додека ја немаше.

После друга кратка пауза од филмот, таа се појавува во романтичната комедија на Гери Маршал, Новогодишна ноќ (Маршал исто така бил режисер и на уште еден филм во кој Фајфер се појавила - Френки и Џони од 1991 година) и во Луѓе како нас (2012 година) наспроти Крис Пајн. Таа глумела и во хоророт Темни сенки, во режија на Тим Бартон (со кој соработувала и во 1992 г. за филмот Бетмен се враќа), покрај Џони Дип, Хелена Бонам Картер и Клои Грејс Морец. Во овој филм таа ја игра улогата на Елизабет Колинс Стодард, матријарх на едно вампирско семејство. Во комедијата Малавита која започнала со снимање во август 2012, а ќе биде објавена на 13 септември 2013 година, Фајфер игра улога на строга мајка и жена на ликот на глумецот Роберт де Ниро. На 7 ноември 2012 година, Холивуд Репортер објавил дека Фајфер ќе глуми заедно со Тим Робинс (кој е и режисер) и Клои Грејс Морец во филм кој ќе раскажува приказна за едно њујоршко семејство, чии животи ќе се сменат откако нивна фотографија ќе заврши во Музејот на модерна уметност во Њујорк, и ќе ги направи славни личности.

Театар[уреди | уреди извор]

Својот прв настап во театар, Фајфер го имала во 1989 година, како Оливија во Шекспировата драма Дванаесеттата ноќ. Други глумци кои се појавуваат во оваа драма се Џеф Голдблум како Малволио, и Мери Елизабет Мастрантонио како Виола. Статијата на Френк Рич во њујоршки Тајмс доста ја критикувала режијата, пишувајќи дека: Фајфер прикажува една лекција за тоа како надарените ѕвезди со млади кариери, можат да бидат злоупотребени од страна на оние кои се позаинтересирани за да го искористат нивниот статус на ѕвезда, отколку да го потпомогнат нивниот развој како уметници. Рич ја пофалува изведбата на Фајфер во тогашниот нејзин најнов филм, комедијата Мажена за мафијата.

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Фајфер и нејзиниот сопруг, Дејвид Е. Кели на 47-мото доделување на Еми наградите

Додека земала часови по глума во Лос Анџелес, за Фајфер се грижел еден пријателски настроен пар, кој и помагал да прекине со пиењето алкохол, пушењето, и земањето дрога. Притоа, помагајќи и, овие луѓе преземале контрола врз целиот живот на Фајфер. Повеќето од парите кои таа ги заработувала оделе кај нив. Ми беше исперен мозокот. Им дадов огромна сума на пари – вели Фајфер. Несигурна во себе, таа чувствувала дека нема да може да живее без нив. На еден час по глума во Лос Анџелес, воден од Милтон Кацелас, Фајфер се запознала со младиот глумец Питер Хортон. Фајфер и Хортон започнале да се гледаат. Глумецот ги забележал страдањата на Фајфер и одлучил да се обиде да и помогне. Овој период, Хортон бил на кастинг за филмот Разделена слика. Додека вршел истражување за улогата во Сан Франциско, тој ја повел и Фајфер со себе. Ова искуство направило Фајфер да се почувствува доволно силна за да се одвои од парот.

Во 1981 г., Фајфер и Хортон се венчале во Санта Моника. На нивниот меден месец, таа дознала дека ја добила главната улога во продолжението на филмот Брилијантин. Хортон двапати и бил режисер на Фајфер. Еднаш во 1985 г. во серијата Еден е премногу, во кој таа глуми средношколка која му е девојка на еден студент алкохолочар (Вал Килмер), и вториот пат во 1987 г. во епизодата Болница од комедијата Амазонка на месечината, каде овој пар од вистинскиот живот глумел пар и на филмското платно. И покрај тоа, двајцата се разделиле во 1988 г., и две години подоцна се развеле. Хортон рекол дека причината за нивната разделба е преголемата посветеност на кариерата, отколку на нивниот брак.

По нејзиниот брак со Хортон, Фајфер имала тригодишна врска со глумецот и продуцент Фишер Стивенс.

Во јануари 1993 г., Фајфер била наместена да оди на „состанок на слепо“ со сценаристот и продуцент Дејвид Е.Кели. Една недела по нивното запознавање, Кели ја одвел на кино да го гледаат „Дракула“, и тие започнале сериозна врска. На 13 ноември 1993 година, тие се венчале. Од тогаш, Фајфер накратко се појавува во една епизода од телевизиската серија на Кели, и ја игра главната улога во „За Џилијан на нејзиниот 37-ми роденден“ за кој Кели го има напишано сценариото. Пред да го запознае Кели, Фајфер започнала процес за посвојување. Во март 1993 година, таа посвоила штотуку родена ќерка, Клаудија Роуз, која била крстена на нејзината венчавка со Кели. Во август 1994 година, Фајфер родила син, Џон Хенри.

Бидејќи била пушач околу десет години, и имала внука која десет години боледувала од леукемија, таа одлучила да се придружи на „Американското здружение за рак“.

Фајфер е вегетаријанец.

Филмографија[уреди | уреди извор]

Година Наслов Улога Забелешки
1980 Холивудски витези Сузи Ку
1980 Заљубувајќи се повторно Сју Велингтон
1981 Чарли Чен и проклетството на змејската кралица Корделија Фаренингтон
1982 Брилијантин 2 Стефани Зинон Номинирана—Наградата Млади глумци за Најдобра млада глумица во игран филм
1983 Лице со лузна Елвира Хенкок
1985 Во ноќта Дајана
1985 Дама-сокол Изабела Данжу Номинирана—Сатурн награда за Најдобра глумица
1986 Слатка слобода Фејт Хили
1987 Вештерките од Иствик Суки Риџмонт
1987 Амазонка на Месечината Бренда Ландерс
1988 Мажена за мафијата Анџела де Марко Номинирана за —Златен глобус за Најдобра глумица - Игран филм (Мјузикл или комедија
1988 Утро за очајни Џо Ен Валенари
1988 Опасни врски Мадам Мари де Турвел
1989 Фантастичните браќа Бекер Сузи Дајмон Златен глобус за Најдобра глумица - Игран филм (драма)
1990 Руска куќа Катја Орлова Номинирана за Златен глобус за Најдобра глумица - Игран филм (драма)
1991 Френки и Џони Френки Номинирана—Златен глобус за Најдобра глумица - Игран филм (Мјузикл или комедија
1992 Бетмен се враќа Селина Кајл/Жена мачка Номинирана—МТВ Филмска награда за Најпосакувана жена
1992 Љубовно поле Лорен Халет Сребрена мечка за Најдобра глумица
1993 Време на невиност Грофицата Елен Оленска Награда Елвира Нотари
1994 Волк Лора Алден Номинирана—Сатурн награда за Најдобра глумица
1995 Опасни умови Луен Џонсон
1996 Нешто сосема лично Сали Етвотер
1996 За Џилијан на нејзиниот 37-ми роденден Џилијан Левис
1996 Еден убав ден Мелани Паркер
1997 Илјада хектари Роуз Кук Левис
1998 Принцот од Египет Ципора Го позајмува гласот
1999 На дното на океанот Бет Кападора
1999 Сон во една летна ноќ Титанија
1999 Приказна за нас Кејти Џордан
2000 Духови од минатото Клер Спенсер Номинирана—Сатурн награда за најдобра глумица
2001 Јас сум Сем Рита Харисон Вилијамс
2002 Бел олеандер Ингрид Магнусен
2003 Синбад: Легендата за седумте мориња Ерис Го позајмува гласот
2007 Ѕвездена прашина Ламија Номинирана—Сатурн награда за Најдобра глумица во споредна улога
2007 Лак за коса Велма фон Тасл
2007 Никогаш нема да бидам твоја Роузи
2009 Лични ефекти Линда
2009 Драги Леа де Лонвал
2011 Новогодишна ноќ Ингрид
2012 Темни сенки Елизабет Колинс Стодарт
2013 Семејството Меги Блејк

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Викицитат има збирка цитати поврзани со: