Фјодор Михајлович Достоевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Фјодор Достоевски
Портрет на Достоевски од 1872
Роден/аФјодор Михајлович Достоевски
11 ноември 1821(1821-11-11)
Москва, Руска Империја
Починат/а9 февруари 1881(1881-02-09) (возр. 59)
Санкт Петербург, Руска Империја
НационалностРусин
ОбразованиеВоен инженерско-технички универзитет, Санкт Петербург
Период1846–1881
Жанрроман, расказ, новинарство
Книжевно движењереализам
Значајни дела
Сопруг/а
ДецаСоња (1868)
Љубов (1869–1926)
Фјодор (1871–1922)
Алексеј (1875–1878)
Потпис

Фјодор Михајлович Достоевски (руски: Фёдор Михайлович Достоевский; 11 ноември 18219 февруари 1881) — руски писател, една од главните ликови во руската книжевност. Достоевски е централна личност на книжевниот реализам во 19 век, и тоа не само во Русија.[1]

Детството и младоста[уреди | уреди извор]

Марија Фјодоровна Достоевскаја
Михаил Андреевич Достоевски

Фјодор Михајлович Достоевски e роден во Москва на 11 ноември 1821 година. Тој бил второ од седумте деца на Михаил и Марија Достоевски. Средното образование го стекнал во приватен пансион во Москва. Набрзо, откако неговата мајка умрела од туберкулоза во 1837 година, тој и неговиот брат Михаил биле испратени во воената академија во Санкт Петербург. Во 1839 година умрел и неговиот татко, пензиониран воен хирург и насилен алкохоличар, кој работел во болницата за сиромашни „Маринск“, во Москва. Се претпоставува дека Михаил бил убиен од страна на неговите кметови, за кои е познато дека во повеќе прилики биле огорчени од неговото однесување во пијана состојба. Се претпоставува дека го убиле така што го врзале и му истурале вотка во устата додека не се удавил. Според друга приказна, Михаил умрел со природна смрт, а објаснувањето за неговата насилна смрт ја измислил соседниот земјопоседник, со цел полесно да го купи неговиот имот.
На Фјодор не му одело баш најдобро во воената академија во Санкт Петербург, затоа што бил лош по математика, која ја мразел. Наместо тоа, тој се посветил на книжевноста. Тогаш, високо го оценил Оноре Де Балзак и во 1843 година дури и превел едно од неговите најголеми дела „Евгенија Гранде“ на руски. Истата година, неговиот брат Михаил добил дозвола за издавање на списанието „Епоха“, во кое објавувал и Достоевски.[2] Сепак, во 1841 година, тој бил унапреден во офицерски чин, а во 1843 година ја завршил академијата и ја започнал службата.[3]
Од идејна гледна точка, Достоевски се формирал под влијание на социјалистите-утописти и бил член на кружоците на Белински, како и припадник на левото крило на т.н „петрашевци“ (во 1847 година почнал да ги посетува состаноците кај Петрашевски),[3] т.е. дел од револуционерниот кружок на Н. А. Спешнев и Дуров. По илегалното читање на „Писмата на Белински до Гогољ“, Достоевски бил уапсен и затворен на 23 април 1849 година, под обвинение дека учествувал во револуционерните активности против царот Николај I. На 16 ноември истата година бил осуден на смрт поради делување против власта во склоп на интелектуалниот круг, т.н. „Петрашевски круг“, заедно со другите водечки членови на кружокот.[2]
По лажното стрелање, на 22 декември 1849 година, кога му биле врзани очите и бил оставен да чека на студеното време, Достоевски бил помилуван и во јануари 1850 година бил испратен на присилна работа во работничкиот логор „Каторга“ во Омск, во Сибир. Во овој период, тој бил погоден од бројни епилептички напади, за кои имал генетски предиспозиции. Во 1854 година бил пуштен од затвор и следните пет години ги поминал како поручник во седмиот баталјон, стациониран во тврдината во Семипалатинск, во Казахстан.[2] Во 1859 година, Достоевски заминал во Твер, а потоа во Петроград.[3]
Овој период се смета за пресвртница во неговиот живот. Достоевски веќе претходно ги напуштил револуционерните политички ставови и им се вратил на традиционалните руски вредности. Станал христијанин и голем противниик на филозофијата за нихилизмот. Во тоа време ја запознал Марија Димитриевна Исеава, вдовица на некој пријател од Сибир, со која потоа и се оженил.

Зрелите години и смртта[уреди | уреди извор]

Гробот на Достоевски во Санкт Петербург.

Во 1860 година, Достоевски се вратил во Санкт Петербург, каде со својот брат Михаил, започнал да ги издава книжевните списанија „Време“ и „Епоха“, но без успех.[4] Достоевски бил многу потресен од смртта на неговата сопруга во 1864 година и, веднаш потоа, од смртта на неговиот брат. Во овој период, тој бил во лоша финансиска состојба, а морал да ги издржува вдовицата и децата на неговиот брат. Оттука, потполно потонал во депресија, често губел пари на комар и се задолжувал.
Достоевски имал големи проблеми со комарот. Едно од неговите најпознати дела „Злосторство и казна“ било напишано во рекордно кратко време и брзо објавено, за да може да ги исплати своите долгови, а кога ги исплатил, тој повторно останал без пари. Во исто време, Достоевски ја напишал и книгатаКоцкар“ за да го исполни договорот со своите издавачи.
Достоевски патувал и во Западна Европа. Таму, најпрвин се обидел да ја обнови љубовната врска со Аполинара Суслова, млада студентка, но таа одбила да се омажи за него. Уште еднаш му било скршено срцето, но набрзо ја запознал Ана Грегоревна, дваесетгодишна девојка која работела како стенограф, со која се оженил во 1867 година. Од 1873 до 1881 година издавал, овојпат успешно, месечно книжевно списание со кратки статии и карикатури од актуелните настани. Списанието доживеало голем успех.
Пред крајот на животот, Достоевски живеел во градот Стара Руса (близу Санкт Петербург). Умрел на 9 февруари 1881 година од проблеми со белите дробови кои биле предизвикани од неговите епилептички напади. Погребан е на гробиштата „Тихвин“ во манастиротАлександар Невски“, во Санкт Петербург. Неговото тело до гробиштата било испратено од голема толпа луѓе (се проценува дека на неговиот погреб присуствувале 40.000 луѓе). На неговата надгробна плоча пишува: „Вистина, вистина ви велам, ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само, а ако умре, донесува многу плод.” (Евангелие според Јован XII, 24), што е и епиграф на неговиот последен роман „Браќа Карамазови“.

Творештво[уреди | уреди извор]

Во 1846 година се појавил првиот роман на Достоевски (напишан во форма на епистоларна драма), „Бедни луѓе“, кој добил одлична критика, а критичарот Висарион Белински ја дал следнава изјава: „Се роди новиот Гогољ!“. Истата година, неговиот брат Михаил добил дозвола за издавање на списанието „Епоха“, во кое објавувал и Достоевски.[2]

Последниот роман на Достоевски е „Браќа Карамазови“, објавен во продолженија, во списанието „Руски весник“, во текот на 1879 и 1880 година. Според идејата на Достоевски, романот требало да биде прв дел од епопејата во која имал намера да ја изрази својата „главна идеја“, како што се изразил во едно писмо. Првобитно, тој роман требало да се вика „Атеизам“, но подоцна насловот бил променет во „Животот на големиот грешник“. Тој замислен роман требало да биде животното дело на Достоевски. Така, во писмото до Аполон Мајков од 11 октомври 1868 година, Достоевски напишал: „... ќе го напишам овој роман, а потоа макар и да умрам - целиот ќе се изразам“, додека во писмото до А. С. Иванова од 14 декември 1869 година нагласил: „Таа идеја е сето она поради кое живеев.“ Во писмото до Мајков од 25 март 1870 година, Достоевски напишал дека главното прашање што ќе биде обработено во сите делови на романот е постоењето на Бога.[5]

Покрај со книжевноста, Достоевски се занимавал и со публицистичка работа. Така, од 1861 до 1863 година, заедно со брат му Михаил Михајлович, го издавал списанието „Време“ (Время), од 1864 до 1865 година го уредувал списанието „Епоха“ кое го основал самиот, а во периодот 1873-1874 година бил уредник на реакционерното списание „Гражданин“.[3] Исто така, во последната деценија од животот почнал да го објавува „Дневникот на писателот“ во кој давал коментари на разни настани што се случувале во Русија и во светот.[6]

Критички осврт кон творештвото на Достоевски[уреди | уреди извор]

Достоевски е писател-мислител кој настојува фактите од реалниот живот да ги генерализира, да ги сведе на општи принципи и да ги прикаже низ призмата на единствен поглед на светот. Секој поединечен настан тој настојува да го расветли од некое повисоко гледиште, од аспект на општата човечка психологија или како карактеристична појава на општетсвениот живот. Во секој роман, тој сака да каже нешто посебно, да изрази некоја своја идеја, така што секој негов роман може да се нарече роман со теза. Сепак, неговата филозофија нема спекулативен карактер, туку е непосредно поврзана со стварноста.[7] Иако во делата на Достоевски се нагласени идеолошките и мисловните елементи, тој е пред сè уметник кој, наспроти честите девијации во текот на кариерата, секогаш му останал верен на реалистичкиот метод изграден врз основа на Гогољевата „натурална школа“. Неговите мисловни тенденции никогаш не можеле да ја уништат уметноста кај Достоевски, затоа што тој никогаш не бил потполно убеден во исправноста на своите идејни погледи, туку постојано се колебал и токму уметничкото чувство за стварноста го спречувало конечно да прифати определени идеолошки позиции.[8]

Значење и влијание[уреди | уреди извор]

Уште при појавата на првиот роман на Достоевски, тој бил пречекан со блескави критики, а големиот критичар Белински напишал дека „никој од руските писатели така не ја почнал кариерата“, дека се работи за „необичен талент“[9] и дека се појавил новиот Гогољ.[10] И подоцна, бројни писатели и книжевни критичари искажувале пофалби за творештвото на Достоевски. Така, во 1879 година, во преписката по повод една глава од романот „Браќата Карамазови“, и големиот руски сатиричар Салтиков-Шчедрин го нарекол Достоевски „извонредно талентиран следбеник на Гогољ“.[11] Според српскиот поет Јован Дучиќ, заедно со Толстој, Достоевски е најголемиот пророк меѓу писателите во нашето време.[12]


Во расказот „Двојник“, аргентинскиот писател Хорхе Луис Борхес го опишува Достоевски како „рускиот мајстор“ кој „повеќе од сите останати навлегол во лавиринтите на словенската душа“.[13] Според сопственото признание, Достоевски извршил големо влијание врз американскиот писател Џон Апдајк, кој ги читал неговите дела како студент.[14] Уште еден американски писател, Чарлс Буковски, признава дека во младоста многу го сакал Достоевски,[15] а францускиот писател Албер Ками во младоста бил голем љубител на творештвото на Достоевски.[16] Во романот „Старите мајстори. Комедија“, австрискиот писател Томас Бернхард го нарекува Достоевски „еден од нашите најголеми пророци“.[17]

Српската рок-група Бјесови го добила името според истоимениот роман на Достоевски.[18]

Дела[уреди | уреди извор]

Достоевски како тема во уметноста и во популарната култура[уреди | уреди извор]

  • „достојевски ги гали децата на фпро“ - кус расказ на македонскиот писател Хигсов Бозон од 2011 година.[19]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Раде Силјан, Странски авиори&дела, Натица Македоонска, Скопје,2001, стр. 122.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 „Beleška o piscu“, во F.M. Dostojevski, Zapisi iz podzemlja. Beograd, BIGZ, 1984, стр. 119.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 „Напомене уз поговор“, во: Ф. М. Достојевски, Бедни људи. Београд, 1952, стр. 195.
  4. Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. XI.
  5. Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. VII-VIII.
  6. Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. X-XI.
  7. Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. X.
  8. Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. XXIV.
  9. Milosav Babović, „Bedni ljudi F. М. Dostojevskog“, Fjodor Dostojevski, Bedni ljudi. Beograd: Rad, 1960, str. 147.
  10. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. LIX.
  11. Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. XVII.
  12. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 379.
  13. Horhe Luis Borhes, Peščana knjiga. Beograd: Paidea, 2009, стр. 9.
  14. Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 365.
  15. David Charlson, Charles Bukowski: Autobiographer, Gender Critic, Iconoclast. Trafford Publishing, 2006, стр. 30. ISBN 1-4120-5966-6.
  16. Nada Marinković, „Alber Kami“, во: Stranac, Rad, Beograd, 89.
  17. Tomas Bernhard, Stari majstori. Komedija. Beograd: LOM, 2019, стр. 126.
  18. Discogs, Bjesovi (пристапено на 24.7.2021)
  19. Хигсов Бозон, Педерски Катахрезис, Темплум, Скопје, 2011.