Црква „Св. Никола“ - Штип

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Никола

Поглед на црквата

македонска православна црква
Епархија Брегалничка
Архијерејско намесништво Штипско
Парохија Штипска
Местоположба

Карта

Место Штип
Општина Штип
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Никола
Изградба XIX век
Завршено 1867
Осветување 10 мај 1867
Живопис Никола Дамјанов
Градител Ѓорѓи Новаков-Џонгар
Зограф поголем број (во текстот)
Архитектонски опис
Стил дамјановски

Свети Никола или Свети Николај“катедрална црква на Брегалничката епархија на Македонската православна црква. Сместена е во западниот дел на градот Штип, крај патот за соседно Ново Село.

Историја и архитектура[уреди | уреди извор]

Изградена била врз темелите на старата Сифиева црква „Св. Никола“ од 1341 година, по угледот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Ново Село.[1] Со нејзините димензии и раскош претставува значаен споменик на преродбеничкиот период. Дело е на прочуениот градителски мајстор Ѓорѓи Новаков-Џонгар, во стилот на истакнатиот мајстор Андреја Дамјанов.[2] Храмот е завршен и осветен на 10 мај 1867 г., во времето на ќустендилскиот митрополит Игнатиј, кога Штип бил дел од Ќустендилската епархија.[3]

Црквата претставува трикорабна базилика, заобиколена со чардаци од западната, северната и јужната страна, кои на горниот кат преминуваат во галерија. Средишниот кораб е нагласен и е покриен со три куполи, а страничните со полуцилиндрични сводови. Внатрешноста на црквата украсена со живопис на сводовите, фрескоикони по ѕидовите, голем иконостас со икони и резба.[2] Дело е на видниот зограф Никола Дамјанов, кој ја живописува и ги украсува вратите со балдахини во 1889 година.[4] Фрескоживописот и резбата со богато украсениот балдахин во олтарниот дел и владичкиот престол во коработ на црквата се дело на Костадин Иванов Вангелов од Штип и тројцата браќа зографи Никола, Вангел и Коста Атанасови од Крушево.

Олтарните икони се дело на прочуениот сликар Димитар Андонов Папрадишки, како и од други зографи: Захарие Самоковлија, Атанасие Хризу, Хаџи Костадин од Велес, Јован Прилепчанин, Јован Атанасов, Коста Крстев.

Галерија на икони[уреди | уреди извор]

Во 1990 година, катот од црквата бил претворен во Постојана галерија на икони. Во неа е сместен богат фонд на уметнички творечки дела (икони, сакрални предмети, стари печатени црковни книги, одежди и други предмети). Целокупниот фонд на постојаната изложба се дела на повеќе македонски познати зографи и непознати зографи, меѓу кои и познати зографи од Штип, кујунџии, копаничари и други мајстори кои работеле во црквите и манастирите во Источна Македонија од XVII до почетокот на XX век.[5]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Култура: Црква Свети Никола“. Општина Штип. Архивирано од изворникот на 2020-01-26. Посетено на 11 јуни 2015.
  2. 2,0 2,1 Културно историски водич на град Штип / Cultural Historical Book - Guide. CIP - Каталогизација во публикација, Народна библиотека „Гоце Делчев“ Штип. 2002. стр. 62.
  3. „Храм Свети Николај - Штип“. Брегалничка епархија. Архивирано од изворникот на 2014-02-21. Посетено на 2014-02-07.
  4. Ангелов, Валентин Ангелов (1998). Панорама на възрожденските приложни изкуства. София: Академично издателство „Проф. Марин Дринов“. стр. 34.
  5. Културно историски водич на град Штип / Cultural Historical Book - Guide. CIP - Каталогизација во публикација, Народна библиотека „Гоце Делчев“ Штип. 2002. стр. 63.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]