Социјалдемократија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Дел од темата Политика

СОЦИЈАЛИЗАМ

Red flag
Струи

АфриканскиДемократскиАрапски
ЗеленРеволуционерен
Социјален анархизам
СојузничкиСлободарски
СоцијалдемократијаКомунизам
Социјалистичка пазарна економија

Клучни теми и прашања

Типови
Историја
Економија
Држава
Критики

Организации и луѓе

Првата интернационала
Втората интернационала
Третата интернационала (Коминтерна)
Четвртата интернационала
Социјалистичка интернационала
Интернационална социјалистичка организација
Светска организација на демократска младина
Интернационален сојуз на социјалистичка младина

Сродни теми

Анархизам · Самоуправување
Класна борба
Диктатура на пролетеријатот
Егалитаризам · Equality of outcome
Impossibilism · Интернационализам
Марксизам · Пролетерска револуција

Социјалистички портал
Политички портал ·

Социјалдемократијата е политичка теорија која во минатото беше ориентирана кон замена на капитализмот со социјализам и тоа главно по револуционерен пат, но во понатамошниот развиток на социјалдемократската теорија прво револуционерниот пат кон социјализам беше заменет со исклучиво реформистичкиот, а потоа и социјализмот како цел беше заменет со градење на држава на благосостојба во рамките на капитализмот. Во последно време, социјалдемократите уште повеќе се откажуваат од своите корени и заедно со либералите притискаат во насока на намалување на економските и социјалните права кои се придобивка на државата на благосостојба.

Историја[уреди | уреди извор]

Социјалдемократијата како посебна политичка теорија и политички правец се појави во втората половина на 19-от век. Во првата фаза од својот развиток социјалдемократите беа застапници на марксизмот. Сепак единствените социјалдемократски партии во кои марксизмот тогаш беше доминантна идеологија на преминот од 19 во 20 век почнаа да се диференцираат внатре во себе помеѓу ортодоксните застапници на марксизмот (Карл Кауцки, Георги Плеханов, Роза Луксембург, меѓу поистакнатите) и оние што почнаа да доведуваат во прашање некои клучни поставки на марксизмот и кои беа наречени ревизионисти (во прв ред Едуард Бернштајн).

По почетокот на Првата светска војна и особено по избувнувањето на Октомвриската револуција во Русија, предвоената внатрешна поделба во рамките на социјалдемократијата драстично се продлабочи и премина во отворен расцеп. Значителен дел од левото крило на предвоената социјалдемократија се отцепи од матичните партии и, под идејно влијание на Октомвриската револуција и на Владимир Илич Ленин, формира комунистички партии. Десното крило од предвоената социјалдемократија, фрапирано од недемократските потези на руските комунисти, експлицитно го отфрлија револуционерниот пат кон социјализам и инсистираше на своето диференцирање во однос на комунистите, додека дел од предвоената левица и предвоениот центар на социјалдемократијата сакаше да ги помири двата закарани пола и сакаше да го зачува предвоеното единство на работничките и просоцијалистички сили, но не успеа во својата намера, пред сè поради непопустливоста на комунистите, и се приклони кон десното крило, кое го задржа стариот назив - социјалдемократија.

По Втората светска војна социјалдемократијата се откажа од замената на капитализмот со социјализам и се ориентира кон реформирање и хуманизирање на капиталистичкиот систем. Иронично, оваа преориентација на социјалдемократите по Втората светска војна е позната како демократски социјализам, иако токму со нејзиното прифаќање социјалдемократијата престана да биде просоцијалистичка сила. Формирајќи често влади во овој период, социјалдемократите во Западна Европа дадоа голем придонес за изградбата на држава на благосостојба со широки економски и социјални права, првенствено за сиромашните и непривилегираните.

По падот на комунизмот во Источна Европа и по пројавените дисфункционалности на моделите на држава на благосостојба во Западна Европа, многу социјалдемократи почнаа да ги напуштаат својата преференции кон сиромашните и непривилегираните, придружувајќи им се на либералите во кастрењето на социјалните програми и на државата на благосостојба. Оваа најнова преориентација на социјалдемократијата е најпозната како „Третпат“ и „Нов центар“, а нејзини главни застапници се Тони Блер и Герхард Шредер.

Разликата помеѓу социјалдемократијата и демократскиот социјализам[уреди | уреди извор]

Како што спомнавме, во периодот помеѓу Втората светска војна и 90-тите години од 20-от век социјалдемократите ја нарекуваат својата идеологија демократски социјализам. Во таа насока меѓународната организација на социјалдемократските партии, Социјалистичката интернационала, во својот Статут ќе напише: „Социјалистичката интернационала е сојуз на политичките партии и организации кои се стремат да воспостават демократски социјализам.“ Сепак, имајќи предвид од една страна дека социјалдемократијата токму со усвојувањето на „демократскиот социјализам“ го напуштија стремежот за изградба на социјалистичко општество, а од друга страна дека одредени социјалистички партии и групи внатре во социјалдемократските партии ја задржаа претходната цел на социјалдемократијата - изградба на социјалистичко општество кое ќе го карактеризира демократија - во најмала рака е заведувачка употребата на поимот „демократски социјализам“ од страна на социјалдемократите и, оттука, единственито легитимно право на овој поим имаат демократските социјалисти.

Социјалдемократијата во Македонија[уреди | уреди извор]

Во 90-тите години од 19-от век група македонски печалбари во Бугарија, на чело со Васил Главинов, се обидуваат да формираат македонска социјалдемократска група, а потоа и партија, но нивниот обид е осуетен од страна на бугарските социјалдемократи.

По Младотурската револуција во самата Македонија се прават обиди за формирање на социјалдемократска партија, но и овој обид, овојпат поради поделбата помеѓу тесните и широките социјалисти, која од редовите на тогашната бугарска социјалдемократија беа пренесени во круговите на македонските социјалдемократи, завршува со неуспех.

Помеѓу двете светски војни се прават одредени обиди за заживување на социјалдемократските идеи во Македонија, но поради диктаторскиот режим кој владееше тоа не наидува на плодна почва. По Втората светска војна во Македонија е воведен комунистички режим кој забрануваше постоење на други идејни опции, вклучително и на социјалдемократската, така што првото партиско организирање на социјалдемократите на почвата на Македонија се случи по воведувањето на партискиот плурализам кон крајот на 1989 година.

Така, во 1990 година беше формирана Социјалдемократската партија на Македонија, а дотогашната владејачка комунистичка партија на Македонија, Сојузот на комунистите на Македонија, ја замени својата дотогашна комунистичка идеологија со социјалдемократска. Следната година, тоа доведе и до промена на името на партијата во Социјалдемократски сојуз на Македонија. Во ноември 2005 година, Тито Петковски се отцепува од СДСМ и ја формира Новата социјалдемократска партија. Најнова партија која во својот назив ја содржи социјалдемократската ориентација е Социјалдемократската унија, која е една од двете партии кои се отцепија од НСДП.

Референтна литература[уреди | уреди извор]

  • Љубомир Данаилов Фрчкоски „Есеи за социјалдемократијата“ (1991)
  • Нано Ружин „Современа социјалдемократија“ (1999) [1]
  • Ентони Гиденс „Третиот пат: обнова на социјалдемократијата“ (1998, македонско издание 2002)
  • Здравко Савески „Отаде едноумието: повторно откривање на левицата“ (2006)
  • Ингвар Карлсон, Ан-Мари Линдгрен „Што е социјалдемократија?: книга за идеите и предизвиците“ (2008)
  • Ѓорѓи Спасов „Развојот на социјалдемократијата: кус историски преглед“ (2008) [2]
  • Ѓорѓи Спасов „Социјалдемократијата денес: 10-те одредници“ (2008) [3]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]