Свештеникот Садок

Од Википедија — слободната енциклопедија
Садок го помазуа Соломон, прикажан во гравура од 16 век

Свештеникот Садок“ (анг. Zadok the Priest, HWV 258) — свечена ода за крунисување од Георг Фридрих Хендл заснована на текстот на Библијата на кралот Јаков. Таа е една од четирите „Химни за крунисување“ на Хендл искомпонирани по повод крунисувањето на британскиот крал Џорџ II во 1727.[Note 1] Од тој момент, па до денес истите химни се изведуваат на секое крунисување на британскиот монарх, и тоа во текот на помазанието.

Текст[уреди | уреди извор]

Иако овие химни сочинуваат долга традиција на крунисување, текстот, како и музиката, е личен избор на Хендл, направен врз основа на најдостапниот опис на претходно крунисување, она на Јаков II во 1685 г.[1] Текстот е земен од библиската приказна за помазанието на царот Соломон. Овие зборови се користат на секое крунисување на англискиот владетел, уште од устоличувањето на кралот Едгар во Батската опатија во 973 г.[2]

Зборови[уреди | уреди извор]

Зборовите на песната се изведен препев од 3 Царства 1,38–40

Zadok the Priest, and Nathan the Prophet anointed Solomon King.
And all the people rejoic'd, and said:
God save the King! Long live the King!
May the King live for ever,
Amen, Allelujah.

Свештеникот Садок и пророкот Натан го помазаа Соломона за цар.
И сиот народ воскликнуваше, и извика:
Боже чувај го царот! Да живее царот!
Да живее вечно,
Амин! Алилуја!

Структура[уреди | уреди извор]

Химната „Свештеникот Садок“ е дело за хор (во обликот СС-АА-Т-ББ) и оркестар (две обои, два фагота, три труби, тимпани, жичени инструменти, континуо). Окрестралниот вовед нè подготвува за изненадување по пат на статично наслојување на меки текстури од гудалата, по што ненадејно избувнува форте тути, дополнето од три труби.

Средишниот дел, во кој се вели „And all the people rejoic'd, and said“ е имитативен танц во 3/4 такт, каде хорот претежно пее во созвучје, а жичените инструменти свират во ритам со нотни точки.

Последниот дел „God save the King“ итн. се навраќа на (4/4) такт, со тоа што самите зборови „God save the King“ се во созвучје, прошарано со извиците „Амин!“ придружени од полуосминки наизменично со шестгласовните делови (СААТББ), додека пак другите гласови во придружба пејат осминки во созвучје. Хорот завршува со плагална каденца на „Алилуја“ во ларго.

Музиката на оваа дело е искористена и во познатата Химна на УЕФА Лигата на шампиони.

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Другите „Химни за крунисување“ на Хендл се: „Царот ќе се весели“ (The King Shall Rejoice), „Прекрасни зборови извираат од моето срце“ (My Heart is Inditing) и „Да ти зајакне раката“ (Let thy Hand be Strengthened).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Химни за крунисување од Г.Ф. Хендл - Classical Archives (англиски)
  2. „Водич за крунисување“. Страница на Вестминстерската опатија. Лондон, Велика Британија: Декан и Капитол на Вестминстер. 2009. Архивирано од изворникот на 2010-12-05. Посетено на 20 август 2009. Во меѓувреме хорот ја пее химната „Свештеникот Садок“, чии зборови (преземени од библиската Трета книга Царства, или Прва по англиканското сметање) се пејат на секое крунисување уште од времето на кралот Едгар во 973 г. Од крунисувањето на Џорџ II во 1727 г, па наваму, секогаш се користи музиката на Хендл. (англиски)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]