Светска туристичка организација

Од Википедија — слободната енциклопедија

Светската туристичка организација при Обединетите нации (СТООН) е агенција на Обединетите нации што е одговорна за промовирање на одговорен, одржлив и универзално достапен туризам. Таа е водечка меѓународна организација во полето на туризмот, што го промовира туризмот како двигател на економскиот раст, вклучителен развој и еколошка одржливост и нуди раководење и поддршка на секторот за унапредување на знаењето и политиките на туризмот во целиот свет. Таа го одобрува спроведувањето на Глобалниот кодекс на етика за туризмот за максимално да се зголеми придонесот од туризмот во социо – економски развој, а да се намалат можните негативни влијанија од туризмот. Исто така СТООН се залага за промовирање на туризмот како инструмент во постигнувањето на Милениумските развојни цели (МРЦ) на Обединетите нации, што се насочени кон намалување на сиромаштијата и поттикнување на одржлив развој.

СТООН седиште, Мадрид

СТООН создава пазарно знаење, ги промовира конкурентските и одржливи политики и инструменти на туризмот, го поттикнува образованието и обуката за туризмот и работи за да се направи туризмот ефикасна алатка за развој преку проекти за техничка помош во повеќе од 100 земји ширум светот.

Членство во Светската туристичка организација при Обединетите нации имаат 156 земји, 6 територии и преку 400 здружени членки што го претставуваат приватниот сектор, образовните институции, туристички асоцијации и локални туристички надлежни органи. Седиштето на Светската туристичка организација при Обединетите нации се наоѓа во Мадрид, Шпанија.

Организациони цели[уреди | уреди извор]

Целите на Светската туристичка организација при Обединетите нации се да промовира и развие одржлив туризам за да придонесе во економскиот развој, меѓународното разбирање, мирот, просперитетот и универзално почитување и одржување на човековите права и основни слободи за сите, без разлика на раса, пол, јазик или религија. За да ги постигне овие цели, СТООН обрнува посебно внимание на интересите на земјите во развој во полето на туризмот.

Историја[уреди | уреди извор]

Потеклото на СТООН е во 1925 година кога се создаде Меѓународниот конгрес на службени туристички асоцијации за сообраќај во Хаг. Според други статии СТООН потекнува од Меѓународната унија на службени туристички организации за јавноста, иако СТООН тврди дека Меѓународниот конгрес на службени туристички асоцијации за сообраќај стана Меѓународната унија на службени туристички организации за јавноста во 1934 година.

Со крајот на Втората светска војна и со зголемувањето на меѓународните патници СТООН се реструктуира во Меѓународна унија на службени организации за патување (МУСОП). Како техничка, невладина организација, МУСОП беше составена од комбинација на национални туристички организации, вредности и потрошувачки групи. Целите на МУСОП беа не само да се промовира туризмот воопшто туку и да се извлече најдоброто од туризмот како меѓународна трговска компонента и како економска развојна стратегија за држави во развој.

Кон крајот на 1960-тите години, МУСОП ја сфати потребата од понатамошни трансформации за да може да се подобри нејзината улога на меѓународно ниво. Дваесеттото генерално собрание на МУСОП во Токио, кое се одржа во 1967 година, ја објасни потребата од создавање на меѓународно тело со потребните способности да работи на меѓународно ниво во соработка со други меѓународни агенции, особено со Обединетите нации. За време на постоењето на МУСОП се воспоставија блиски врски помеѓу оваа организација и Обединетите нации и имаше првични предлози за МУСОП да стане дел од Обединетите нации. Меѓутоа, со ширењето на нацрт – текстот на конвенцијата се појави концензус според кој секоја резултантна меѓувладина организација треба да биде во блиска поврзаност со Обединетите нации, но да ја зачува „нејзината целосна административна и финансиска автономија“.

Членови[уреди | уреди извор]

Членствто на Светската туристичка организација при Обединетите нации вклучува 156 држави, 6 придружни членки (Фламанската заедница (1997), Порторико (2002), Аруба (1987), Хонгконг (1999), Макао (1981), Мадејра (1995) и две земји – набљудувачи (Светиот престол (1979) и Палестина (1999). Седумнаесет земји – членки се повлекоа од организацијата во различни периоди во минатото: Австралија, Бахамите, Бахраин, Белгија, Канада, Костарика, Ел Салвадор, Гренада, Хондурас, Кувајт, Мјанмар, Латвија, Малезија, Панама, Филипини, Катар, Тајланд и Порторико (како придружен член). Повеќето од нив повторно се приклучија во организацијата. Холандските Антили беа придружен член на организацијата сè до нивното распаѓање.

Поранешни членови се: Белгија (до 1997), Канада (до 2012), Гренада (до 1997) и Латвија (2005-2012).

Земји што не се членки на оваа организација се: Антигва и Барбуда, Барбадос, Белгија, Белиз, Коморските острови, Данска, Доминика, Естонија, Финска, Гренада, Гвајана, Исланд, Ирска, Кирибати, Лихтенштајн, Луксембург, Маршалски Острови, Микронезија, Науру, Палау, Федерацијата Свети Кристофер и Невис, Света Луција, Свети Винцент и Гренадини, Самоа, Соломони, Сингапур, Сомалија, Јужен Судан, Суринам, Тувалу, Шведска, Тонга, Обединатите Арапски Емирати, Обединетото Кралство, САД.

Покрај тоа, постојат околу 400 придружни членки, кои го претставуваат приватниот сектор, образовните институции, туристичките асоцијации и локалните туристички власти, невладините објекти со посебен интерес во туризмот и трговски и нетрговски тела и асоцијации со активности поврзани со целите на Светската туристичка организација при Обединетите нации или целите кои спаѓаат во нејзината надлежност.

Генерални секретари[уреди | уреди извор]

1975 – 1985 – Роберт Лонати (Франција)

1986 – 1989 – Вилибалд Пар (Австрија)

1990 – 1996 – Антонио Енрикес Савигнац (Мексико)

1998 – 2009 - Франческо Франгиали (Франција)

2010 – до денес – Талеб Рифаи (Јордан)

Структура[уреди | уреди извор]

Генерално собрание[уреди | уреди извор]

Генералното собрание е главниот собир на Светската туристичка организација. Се среќава на секои две години за да го одобри буџетот и програмата за работа и да дискутира теми од особена важност за туристичкиот сектор. На секои четири години се избира Генерален секретар. Генералното собрание е составено од полноправните членки и придружните членки. Здружените членки и претставници на други меѓународни организации учествуваат како набљудувачи. Светскиот комитет за етика во туризмот е помошен орган на Генералното собрание.

Регионални комисии[уреди | уреди извор]

Светската туристичка организација има шест регионални комисии: Африка, Америка, Источна Азија и Тихоокеанија, Европа, Блискиот Исток и Јужна Азија. Комисиите се сретнуваат барем еднаш годишно и се составени од сите полноправни и придружни членки од тој регион. Израел е отстранет од регионот на Блискиот Исток и е член на европскиот регион. Здружените членки од регионите учествуваат како набљудувачи.

Извршен совет[уреди | уреди извор]

Извршниот совет е управниот одбор на СТО, и неговата одговорност е да се увери дека организацијата ја извршува нејзината работа и дека се држи до нејзиниот буџет. Одборот одржува средби барем двапати годишно и е составен од членки што се избрани од Генералното собрание во однос 1:5 полноправни членки. Како земја - домаќин на седиштето на Светската туристичка организација, Шпанија има постојано место во Извршниот совет. Претставниците на придружните и здружените членки учествуваат во средбите на Извршниот совет како набљудувачи.

Комитети[уреди | уреди извор]

Специјализираните комитети на членките на Светската туристичка организација советуваат за управувањето и содржината на програмата. Тоа се: Комитетот одговорен за програмата на организацијата, Комитетот за буџет и финансии, Комитетот за статистика и туристичка сателитска вредност, Комитетот за пазарот и конкурентноста, Комитетот за одржлив развој на туризмот, Светскиот комитет за етика во туризмот, Комитетот за намалување на сиромаштијата и Комитетот за преглед на пријавите за придружни членства.

Секретаријат[уреди | уреди извор]

Генералниот секретар Талеб Рифаи од Јордан раководи со Генералниот секретаријат, и тој ги надгледува 110 вработени лица со полно работно време во седиштето на СТО во Мадрид. Овие функционери се одговорни за спроверување на програмата за работа на СТО и ги исполнуваат потребите на членките. Придружните членки се поддржани од постојан извршен директор во седиштето во Мадрид. Исто така, секрератијатот има и канцеларија за регионална поддршка за Азија-Тихоокеанија во Осака, Јапонија, финансирана од јапонската влада. Службени јазици во Светската туристичка организација при Обединетите нации се арапскиот, англискиот, францускиот, кинескиот, рускиот и шпанскиот јазик.